Дивље
Дивље | |
Поглед кон Дивље | |
Координати 41°55′36″N 21°46′0″E / 41.92667° СГШ; 21.76667° ИГД | |
Општина | Петровец |
Население | 3 жит. (поп. 2021)[1]
|
Шифра на КО | 25034 |
Надм. вис. | 670-690[2] м |
Дивље на општинската карта Атарот на Дивље во рамките на општината | |
Дивље на Ризницата |
Дивље исто познато како Дивле — село во Општина Петровец, во областа Блатија недалеку од Скопје.
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа во Општина Петровец, во областа Блатија, на 670-690 метри надморска височина[2], на Градиштанска Планина, или поточно западно од нејзиниот врв Венец. Опкружено од 7 ридови. Дивље е на 5,6 км (воздушна линија кон северозапад) оддалечено од Средно Коњари и единствено со ова населено место е поврзано со асфалтен пат, 5,3 км (воздушна линија кон северозапад) е оддалечено од Долно Коњари, 3,5 км (воздушна линија кон север) е оддалечено од Сушица, 4,8 км (воздушна линија кон исток) оддалечено од Крушица, 4 км (воздушна линија кон југоисток) оддалечено од Џидимирци, 4,9 км (воздушна линија кон југозапад) е оддалечено од Градманци. Дивље е на 28.8 км (воздушна линија) и на 35 километри (по пат) источно од средиштето на Скопје. Атарот на селото се наоѓа на висина каде што се гледаат четири региони: Скопско, Велешко, Кумановско и Светиниколско.
Месностите и местата во и околу Дивље се: Мечкоица, Котлина, Рамниште, Вртешки.
Сообраќај
[уреди | уреди извор]За поврзаност со Скопје, поточно до Транспортен центар, ЈСП има линија 69. На влезот на селото има автобуска станица која функционира од март до октомври. Во останатиот период патот не е прооден заради снег. Во еден момент, секој петок, сабота и недела имало автобус.
Етимологија
[уреди | уреди извор]Никој не знае зошто селото се вика Дивље, но претпоставуваат, како што им кажувале старите, затоа што се наоѓа во дивина.
Историја
[уреди | уреди извор]Во XIX век, селото е дел од нахијата Чаирско Поле (Блатија) во Скопската каза во Отоманското Царство.
Легенди
[уреди | уреди извор]Историјата на ова село е прилично нејасна. Постојат голем број кажувања од кои најраспространета е легендата за владетелот Дими. Се смета дека тој бил голем восјсководец во соседните села пред долго време (пред околу 300 години). Со својата војска, успеал да стигне до селото и да го освои, со што му припаднала најубавата девојка од Дивље позната под името Љупка.
Прв жител на селото, според приказните, бил некој поп од Прилеп, и живеел во старата црква „Св. Богородица“. Таа, според некои записи, е исто од XIV век, и претходно, во османлиско време, била под земја, бидејќи Османлиите не давале црквите да бидат градени над земја. Преданијата за попот, велат селаните, можеби се точни, бидејќи ден денес во дворот на црквата има стари гробови без имиња. А таму, можеби се закопани и монаси, бидејќи во овој крај најпрвин било развиено монаштвото.
Комитски период
[уреди | уреди извор]Како оддалечено и послабо контролирано место од османлиските власти, во Дивље било развиено комитското движење на ВМРО. Најистакнат комита од Дивље е Лазар Велков (1880-1924).
Стопанство
[уреди | уреди извор]Селото не се одликува со поважни стопански активности. Според старите жители Страшко и Санде кои објасниле во еден момент во 2010-тите години, во селото имало само 120 овци, за разлика од порано, кога не можеле да бидат избројани.
Во селото ако нешто вирее, тоа се само грав, компир или грашок. Гравот не е некоја вообичаена сорта, туку е оној т.н. чучавец што не бара многу вода. Некои селани прават биено сирење.
Порано во Дивље било одгледувано многу памук и афион. Селаните им го продавале афионот на дрогериите, но потоа, кога наркоманијата зела замав, државата станала свесна, па забранила да биде одгледуван.
Население
[уреди | уреди извор]Селото кое датира некаде од XIV век. сега е речиси празно. Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото било христијанско, каде имало 50 христијански домаќинства. На овој попис биле забележани 185 мажи христијани, со 19 новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 408 жители.[3]
Стефан Верковиќ во 1857 го бележи со 310 жители.[4]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија во 1931 година, селото имало 550 Македонци.[5]
Има многу викендаши. Повеќето куќи се распаѓаат. Градени се од камен и со тесни мали прозорчиња. Пред 1950 година, во селото имало 125 куќи, но постепено, а најмногу во 70-тите години, многу семејства се иселиле. Според мештаниот Гавро, кои објаснил во еден момент во 2010-тите години, за време на социјализмот се иселиле 368 семејства. Се иселиле од сиромаштија, и наводно немало вода во селото. Тогаш имало кампања за селење на луѓето од село во град, па ги собирале за да работат во индустријата. Најмногу од иселениете се вработиле во Железара - Скопје. По опаѓањето на работата на истата фабрика, па сега истите тие иселени доаѓаат понекогаш пак во Дивље и се занимаваат во земјоделство. Според старите жители Страшко и Санде кои објасниле во еден момент во 2010-тите години, имало во тој момент околу 35 луѓе кои се водат дека живеат во Дивље. Согласно 2023 година, во селото има малку мештани кои живеат постојано.
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според пописот од 2002 година, во селото живеат 28 жители, од кои 25 Македонци и 3 Срби.[6]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 3 жители, сите Македонци.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 455 | 720 | 661 | 653 | 576 | 250 | 121 | 73 | 60 | 28 | 3 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[7]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[8]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[9]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[10]
Родови
[уреди | уреди извор]Дивље е македонско село.
Според истражувањата од 1962 година, родови во селото се:
- Староседелци: Чолаковци (11 к.), Дранковци (2 к.), Прневци (1 к.), Шумаровци (1 к.), Дунѓерци (3 к.), Винчанци (2 к.), Џигеранци (3 к.), Ѓоревци (2 к.), Ристевци (6 к.), Бошковци (5 к.), Груљевци (1 к.), Кметовци (3 к.), Џеповци (3 к.), Бардевци (1 к.), Витановци (7 к.), Чистевци (1 к.), Петковци (14 к.), Руменинци (4 к.), Карабпци (6 к.), Шалевци (2 к.), Кутлевци (1 к.) и Домазетовци (3 к.) последниот род потекнува од домазет кој бил од селото Дивље.
- Доселеници: Пајевци (1 к.), Маѓеровци (1 к.) и Смилковци (1 к.) доселени се, но не знаат од каде.[11]
-
Стара куќа во источниот дел на селото
-
Стара куќа во источниот дел на селото
-
Стара куќа во источниот дел на селото
-
Стара припуштена куќа во источниот дел на селото
-
Нова куќа во источниот дел на селото
-
Стара куќа во средишниот дел на селото
-
Стара куќа во средишниот дел на селото
-
Стара куќа во северозападниот дел на селото
-
Стара куќа во северозападниот дел на селото
Општествени установи
[уреди | уреди извор]Порано постоело Основното училиште „Кирил и Методиј“. Согласно 2023 година, двете училишни згради се вон функција и се на забот на времето. Првичната и постарата училишна градба, позната како Долно училиште/школо се наоѓа на сретсело. Потоа училиштето било преместено во помалата градба (позната како Горно училиште/школо) на старата кралскојугословенска и бугарска полициска станица. Таа градба се наоѓа до црквата „Успение на Пресвета Богородица“, во источниот дел на Дивље. Со намалувањето на учениците, училиштето било затворено и подоцна градбата била пренаменета во планинарски дом.
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]Дивље важи за своевидна православна Мека, уште од XIV век кога во него се населил (како велат мештаните) првиот негов жител, некој си прилепски поп.
- Цркви
- Црква „Успение на Пресвета Богородица“ — главна селска црква
- Параклис „Св. Петка“
- Параклис „Св. Илија“
- Параклис „Св. Недела“
- Параклис „Пресвета Богородица“ - на неговото место веќе имало крст. За изграбата, му се сонило на некој пред многу години, дошол и го изградил. Сега истиот крстот е внатре во храмот. Човекот лежел затвор, затоа што во социјализмот не било дозволувано градење верски храмови.
- Крстови
Во околината на Дивље има 13 стари крстови кои повеќе се на тумбарки. Тие се најголемото обележје на Дивље. Секој од крстовите носи свое име „Св. Спас“, „Св. Илија“, „Св. Петка“, „Св. Атанас“, „Св. Недела“, „Св. Богородица“ и „Св. Кирил“. Крстовите, како што раскажуваат постарите, се ставани за да се обележи територија, односно, за да знаат и да видат сите дека во таа месност живеат христијани. Османлиите, порано, кога ќе освоеле некој рид, ги уривале крстовите, но мештаните, потоа, кога ќе ги истерале, пак ги граделе.
- Останато
- Братула - чешма североисточно од селото
- Локва - чешма западно од селото
- Долна Чешма - чешма сретсело
- Горна Чешма - чешма во јуозападниот дел на селото
- Чешма на Лазар Велков и Досе Смилевски - чешма на влезот во селото посветена на Дивљаните Лазар и Досе. На чешмата е поставена спомен плоча на Досе, а под неа има поставена слика од Лазар.
- Споменик на Лазар Велков - се наоѓа на влезот на селото
- Димиеви кули ― обележје кој е малку подлабоко во шумата близу селото
-
Братула
-
Локва
-
Долна Чешма
-
Горна Чешма
-
Чешма на Лазар Велков и Досе Смилевски
-
Спомен плочата на Досе Смилевски
-
Споменик на Лазар Велков
Редовни настани
[уреди | уреди извор]Во селото има редовни настани. На празникот на Св. Петка (Петковден на 8 август) илјадници луѓе се собираат во селото да го прослават овој празник кој е празник на целото село. Тогаш доаѓаат многу луѓе, но не само во црквата „Св. Петка“ туку и во старата црква „Успение на Пресвета Богородица“ и во една друга која е долу, на патот кон Средно Коњари, „Св. Недела“. Се готви во манастирот кој се наоѓа на едно брдо на север.
Личности
[уреди | уреди извор]Личности родени во Дивље:
- Досе Смилевски (1922—1945) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и учесник во НОВ
- Лазар Велков (1880—1924) — македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење
Култура и спорт
[уреди | уреди извор]Во селото постои планинарски дом и голманска школа.
Иселеништво
[уреди | уреди извор]- Градоначалникот на Општина Петровец, Борче Митевски (функција од 2021-), односно неговото семејство има корени од Дивље.
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Источниот дел на селото
-
Источниот дел на селото
-
Источниот дел на селото
-
Улицата која води сретсело
-
Сретсело
-
Јужниот дел на селото
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 Податоците се преку Freemaptools.com
- ↑ Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на христијанското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје: д-р Емил Крстески. 2021.
- ↑ Верковиќ, Стефан (1889). Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи. Санкт Петербург.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ Трифуноски, Јован (1964). Сеоска насеља скопске котлине. Скопје.