ЈСП Скопје

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од ЈСП)
Јавно сообраќајно претпријатие Скопје
Видјавно претпријатие
Дејностјавен превоз
Основано1948
Седиштебул. Александар Македонски бр. 10, ,
Клучни личности
Александар Стојковски (ген. дир.)
Горан Илијевски (прет. на УО)
Производиавтобуски превоз, маркетинг, сервисирање на автобуси
Вработени
1,339[1] (2014)
ПодружнициЈСП Турс
Мреж. местоwww.jsp.com.mk

Јавно сообраќајно претпријатие Скопје (скрат. ЈСП Скопје или само ЈСП) — претпријатие за јавен превоз во Скопје, главно во таа дејност во градот, а и најголемото во Република Македонија со 70 милиони патници превезени во 2006 г. и 1.400 вработени. Во рамките на препријатието спаѓа и подружницата ЈСП Турс (препријатие за туристички и меѓуградски превоз) и жичницата „Милениумски крст“ на планината Водно.

Покрај тоа, претпријатието има и Музеј на стари автобуси, сместен во автобазата во населбата Ѓорче Петров. Основан е во јануари 2014 г.[2]

Историја[уреди | уреди извор]

Пред основањето на ова препријатие, автобускиот превоз во Скопје се одвивал од автобуското претпријатие на браќата Поповиќ, основано во 1925 г. додека пак во 1934 г. било основано поголемото Вардарско автобуско претпријатие (ВАП).[3]

ЈСП Скопје е основано по решение на Извршниот народен одбор на Град Скопје од 1947 на 17 јануари 1948 г. како „Градско сообраќајно претпријатие“. Работата започнала со седум автобуси и од марката ГАЗ и 15 возачи. Во првата година на работење биле превезени 375.000 патници.

Возачи пред автобус некогаш
Хала во автобаза на ЈСП

Работење[уреди | уреди извор]

Претпријатието го покрива како градот Скопје, така околниот реон со преку 100 градски и приградски линии[4], дење и ноќе. ЈСП Скопје располага со две автобази кои се сместени на спротивните краеви на градот. На источната страна се наоѓа автобазата „Автокоманда“, сместена во индустрискиот дел на истоимената населба, а на западната страна е автобазата „Ѓорче Петров“ и тие опслужуваат подеднаков број на возила и се релативно автономни во своето работење.

Автобаза Автокоманда[уреди | уреди извор]

Автобазата „Автокоманда“ располага со вкупна површина од околу 40.150 м2 од што околу 7.740 м2 изградени објекти, а останатото е коловоз, паркиралиште простор и зеленило. Во оваа автобаза е сместена дирекцијата на ЈСП Скопје и најголемиот дел од стручните служби. Исто така тука е сместен и Диспечерскиот центар. Меѓу поважните објекти во автобазата се Стар сервис, Нов сервис, Перална, Ремонт, Сервис за зглобни возила, Магацин за делови, Бензинска пумпа, Компресорска станица за природен на гас и други. Покрај ова, на почетокот на 2013 е направен и нов автоматизиран центар за одржување на возилата.

Автобаза Ѓорче Петров[уреди | уреди извор]

Автобазата „Ѓорче Петров“ има поголема површина од првата автобаза и зафаќа простор од околу 52.350 м2 од што 7.170 м2 изградени објекти. Оваа автобаза е изградена 1980 година и има многу поголема функционалност што се однесува до паркирањето и движењето на возилата во кругот. Опремена е со комплетна опрема и капацитети за целосно тековно и инвестициско одржување на возилата. Од објектите најзначајни се Дневна нега, Сервис, Линија за репарирање на возила, Хала за зглобни возила, Браварско, Фарбарско и други.

Возен парк[уреди | уреди извор]

Автобус од марката „Yutong“, посебно изработен за Скопје
Поворка од свечено украсени автобуси „ЛАЗ

ЈСП Скопје располага со голем возен парк од 312 автобуси. Од нив, 202 се двокатни автобуси од марката „Јутунг“, посебно изработени во скопски ретро-стил, 80 се нископодни еднокатни автобуси од марката ЛАЗ и 16 минибуси (исто така Yutong). Покрај ова, меѓу двокатните има 15 „панорамски“ автобуси со откриен покрив за туристичко разгледување.

Кадар[уреди | уреди извор]

Во ЈСП Скопје работат околу 1.400 работници, од кои мал дел се во управата, околу 600 се возачи на автобус распоредени во 11 Сектори и 3 Одделенија надвор од секторите. Покрај ова, претпријатието има стручен кадар што ги извршува сите зафати на возилата, каросерија, мотор, долен построј. Истите се овластени сервисери за возилата МАН, РАБА-МАН, Мерцедес, ФАП и минибус Ивеко 4910 ХДКП

Дел од процесот на одржување на возилата и нивна подготовка за вклучување во сообраќај се Сектор автобаза Автокоманда и Сектор автобаза Ѓорче Петров.

  • Одделение за сообраќај
    • Оддел за јавен превоз;
    • Оддел за одржување хигиена;
    • Оддел за одржување на терминал транспортен центар.
  • Одделение за ремонт и одржување
    • Оддел за планско одржување - сервис;
    • Оддел за мотори со подготовка;
    • Оддел за браварско и лимарско одржување;
    • Оддел за гуми, адитив за издувни гасови и антифриз;
    • Оддел за тековно одржување;
    • Оддел за автоелектричарско одржување, природен гас и климатизација;
    • Оддел за електромашинско одржување;
  • Одделение за техничка подготовка.

Покрај двата главни сегменти, возачите и механичарите, препријатието има и стручни сектори и стручни самостојни одделенија, и тоа: Сектор за поддршка на директорот, Сектор за сообраќај, Сектор за финансиско работење, Сектор за правни и општи работи, Сектор за информатичка поддршка, Сектор за јавни набавки, Сектор за инфраструктура, Сектор за продажба и маркетинг, Сектор контрола, Одделение за внатрешна ревизија, Одделение за управување со човечки ресурси и Одделение за внатрешна контрола.

Други услуги[уреди | уреди извор]

Освен градски превоз на патници, ЈСП врши и други услуги како: посебен линиски превоз, превоз за лица со посебни потреби (нископоден автобус), слободен (туристички) превоз на патници, поставување на реклами на своите возила и одржување и поправка на автобуси како и овластено сервисирање на типовите на возила кои ги поседува претпријатието.

Тарифен систем[уреди | уреди извор]

Електронски платежни картички „Скопска“ од неперсонализиран и персонализиран тип

Наплатата на превозните услоги на ЈСП-Скопје се врши со бесконтактни картички наречени „Скопска“[5], кои постојат во персонализирана и неперсонализирана варијанта, а воедно важат и за приватните превозници. Наплатата се врши на бесконтактен апарат во автобусите, а самите картички се набавуваат на продажни места низ градот и автомати за самоиздавање.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Извештај за следењето на примената на начелото на соодветна и правична застапеност за 2014 година“ (PDF). Народен правобранител на Република Македонија. април 2015. Архивирано од изворникот (PDF) на 2015-09-08. Посетено на 2015-08-18.
  2. Музејот на автобуси поставен во Ѓорче Петров Архивирано на 29 јануари 2014 г. — „Курир“
  3. Качева, Алла; Славица Христова и Татјана Ѓорѓиовска (2002). „Животот во Скопје 1918-1941 - Автобуси“. Музеј на Град Скопје. Архивирано од изворникот на 2008-02-15. Посетено на 29 август 2010.
  4. „Линии“. Транс Инфо - ЈСП Скопје. Посетено на 2 февруари 2017.
  5. „За кртичките „Скопска". Скопска.мк. Посетено на 4 септември 2015.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]