Ново Село (Зелениковско)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ново Село
Novo Selo (Opstina Zelenikovo).jpg

Поглед на Ново Село

Ново Село is located in Македонија
Ново Село
Местоположба на Ново Село во Македонија
Ново Село на интерактивна карта

Координати 41°51′15″N 21°37′20″E / 41.85417° СГШ; 21.62222° ИГД / 41.85417; 21.62222Координати: 41°51′15″N 21°37′20″E / 41.85417° СГШ; 21.62222° ИГД / 41.85417; 21.62222
Општина Зелениково
Население 109 жит.
(поп. 2021)[1]

Шифра на КО 25096
Надм. вис. 215 м
Ново Село на општинската карта
Ново Село во Општина Зелениково.svg

Атарот на Ново Село во рамките на општината
Commons-logo.svg Ново Село на Ризницата

Ново Село — село во Општина Зелениково, во околината на градот Скопје.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Поглед на Ново Село

Ново Село се наоѓа во Таорската Клисура на левиот брег на реката Вардар, веднаш наспроти вливот на Кадина Река во Вардар. Од градот Скопје е оддалечено 32 километри[2]. Поврзано е со асфалтен пат со селата Пакошево и Зелениково, а до Ново Село оди автобусот 67а. Преку земјен пешачки пат е поврзано со селото Блаце и останатите села околу Катланово. Селото е ридско и лежи на надморска височина од 215 метри[2]. Селото има доста поволна положба искористувајќи ја плодната алувијална почва крај Вардар на запад и падините со песоклива почва на ридовите кон исток. Водата за пиење се добива од бунари, а денес и од водовод, додека порано жителите пиеле вода од реката Вардар[3]. Непосредни соседни села на Ново Село се: Пакошево и Зелениково на север, Блаце на исток, Кожле на југоисток, како и селата веднаш преку Вардар - Смесница на југозапад и Страхојадица на запад, со кои нема никакви сообраќајни врски.

Историја[уреди | уреди извор]

Подрачјето на Ново Село е населено уште од римско време, за што сведочат остатоците од населба на наоѓалиштето Селиште крај црквата „Св. Никола“.[4]

Најстариот запис за селото потекнува од манастирски поменици од XVI век[5]. Од историјата на селото, постои предание меѓу жителите, за една случка по која од тогаш големото село останале само 3 најстари родови во селото: Петревци, Батковци и Дојчевци (или Бојчевци или Дојчиновци). Во минатото Ново Село било големо село со 300 куќи, кои биле сместени крај Вардар и старата црква. Една ноќ во селото дошле некои патници-трговци, кои побарале да преспијат ноќта за утрото да го продолжат патот. Тие преспале во една куќа, а утрото кога заминале, на половина пат на ридовите кон селото Блаце забележале дека дел од златото им било украдено. Тогаш тие го проколнале селото да испусте и никој жив да не остане. По извесно време селото го зафатило некоја болест, од која починало голем дел од населението, а останале живи единствено родовите Петревци, Батковци и Дојчевци кои и до денес живеат во селото и се сметаат за најстари селски родови[6]. За ова предание дека во минатото селото броело 300 македонски куќи, па „се батисало“ од чума, во своите записи запишал и Јован Трифуноски[3]. Жителите на Ново Село еднаш во минатото доста умирале од колера, а источно од селото има гробови од селани кои тогаш умирале[3]. За да престане болеста, Ново Село морало да биде „заорано“: тоа го извршиле двајца браќа - близнаци со волови кои исто така биле близнаци[3]. Околу 1900 година, Ново Село имало само 18 македонски куќи[3]. Во времето на заминувањето на отоманската власт во 1912 година, селото било затечено како „вакавско село“ кое припаѓало на познатата Мустафа-пашина џамија во Скопје на која селаните ѝ давале 15% од житото и по уште 3 гроша од секоја куќа[3]. За време на Втората светска војна во селото се случила уште една интересна случка. Бидејќи дел од жителите на селото уште во минатото ја признале патријаршијата и во него имало српско училиште, бугарската фашистичка војска сметајќи го селото за „србоманско“ или „српско“ сакала да го расели и интернира да работи во логори во Бугарија, мислејќи дека жителите се доселеници-колонисти од Србија. Но, при посетата на селската црква бугарските службени лица, забележале дека таа е доста стара и заклучиле дека селаните се староседелци, при што селото се спасило од интернација и раселување[6].

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Најстариот запис за селото со името Ново Село потекнува од манастирски поменици од XVI век[5]. Поради тоа што во Скопско има неколку села со име Ново Село, имено во скопски Дервен, Средорек во Општина Ѓорче Петров, долината на Маркова Река, ова Ново Село во Општина Зелениково е познато и се нарекува и уште како Долно Ново Село или Ново Село на Вардар[3].

Стопанство[уреди | уреди извор]

Главна стопанска гранка и економски активности на населението на Ново Село се земјоделството и сточарството. Поради ридестиот предел со нискостеблеста грмушеста шума источно, севрено и јужно, во Ново Село најразвиено е сточарството посебно одгледувањето на кози од кои се произведува козјо млеко и сирење, а во помала мера и овци и крупен добиток како крави и волови. До крајот на Втората светска војна и забраната за чување на кози во времето на социјалистичкото уредување, жителите на Ново Село имале 20 трла со кози[3]. По забраната на козарството пасиштата на источната падина на Таорската Клисура биле слабо искористени[3], но денес тие сѐ повеќе и во сѐ поголем обем се користат за напасување на кози. Полјоделството е најповеќе развиено во плодната алувијална рамина веднаш до левиот брег на Вардар западно од селото. Од полјоделските култури најзастапни се житата односно пченицата и пченката, потоа индустриските и фуражните култури како детелината и зобот, градинарските култури, домат, пиперка, кромид, лук, зелка, марула на отворено и во оранжериско производство под пластеници. Мал дел од населението се занимава и со трговија или работа во услужни и занаетчкиски дејности во Зелениково и Скопје. Во минатото во водите на реката Вардар во голема мерка бил застапен и риболовот при што рибата се ловела со кошеви и мрежи[3]. До шеесеттите години на XX век, жителите на Ново Село во пазарните денови повеќе го посетувале Скопје, а помалку Велес[3].

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948398—    
1953367−7.8%
1961333−9.3%
1971243−27.0%
1981205−15.6%
ГодинаНас.±%
1991165−19.5%
1994149−9.7%
2002149+0.0%
2021109−26.8%

Ново Село е населено исклучиво со Македонци. Од минатото се познати податоците дека во 1900 година имало само 18 куќи, а во 1960 година 60 македонски куќи. Во селото живеат старински родови и родови доселени од околните и некои велешки села. Според пописот од 2002 година, селото броело 149 жители, сите Македонци.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 109 жители, од кои 100 Македонци, 1 Ром, 1 Србин и 7 лица без податоци.[7]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 135 320 398 367 333 243 205 165 149 149 109
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[8]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[9]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[10]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]

Родови[уреди | уреди извор]

Родовите во селото се делат на старински и доселени.

Според истражувањата од 1951 година, родови во селото се:

  • Староседелци: Батковци (4 к.), Петревци (3 к.), Близнаковци (3 к.), Каровци (6 к.) и Грујовци (1 к.).
  • Доселеници: Продановци (1 к.) по потекло се од селото Градовци на планината Мокра. Основачот на родот бил Продан. Тој дошол како домазет во селото; Манговци (4 к.) доселени се од селото Дреново во Велешко. Го знаат следното родословие: Тоде (жив на 100 г. во 1951 година) Апостол-Војин, основачот на родот кој се доселил во првата половина на XIX век; Араповци (5 к.) доселени се од некое село на планината Мокра. Овде живеат од првата половина на XIX век. Го знаат следното родословие: Славко (жив на 33 г. во 1951 година) Тонче-Никола-Малин- Трајче Арап, основачот на родот; Мартиновци (4 к.), Цинговци (2 к.), Кузманои (2 к.), Беќироски (1 к.), Стевановци (1 к.), Богдановци (1 к.), Дојчевци (4 к.) и Коле (1 к.) доселени се од селото Пакошево во 1909 година; Аџиоски (1 к.) доселени се од селото Зелениково.[3]

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Цркви[уреди | уреди извор]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Археолошки наоѓалишта[4]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Иселеници од Ново Село се забележани во Скопје и селата Петровец, Таор, Огњанци, ’Ржаничино, Идризово, Ново Село крај Лепенец, Инџиково[3].

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија. 213. Скопје: Патрија.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 Трифуноски, Јован. Сеоска насеља Скопске котлине - развитак села, порекло становништво и привредне одлике (српски). 5. Скопје: Филозофски факултет. стр. 109–111.
  4. 4,0 4,1 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 380. ISBN 9989-649-28-6.
  5. 5,0 5,1 Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Македонија. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 121.
  6. 6,0 6,1 По кажување на И.Маневски од родот Петревци жител на селото. Забележал Марио Шаревски, на 09.06.2011
  7. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  8. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  9. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  10. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  11. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]