Орешани
Орешани | |
![]() Поглед на селото Орешани од ридовите над село Таор | |
Координати 41°53′54″N 21°36′12″E / 41.89833° N; 21.60333° EКоординати: 41°53′54″N 21°36′12″E / 41.89833° N; 21.60333° E | |
Општина | Зелениково |
Население | 515 жит. (поп. 2002) |
Повик. бр. | 02 |
Шифра на КО | 25099 |
Надм. вис. | 230 м |
![]() |
Орешани — село во областа Блатија, во Општина Зелениково, во околината на градот Скопје.
Географија и местоположба[уреди | уреди извор]
Селото Орешани се наоѓа во јужниот дел на Скопската Котлина во составот на Општина Зелениково. Непосредно до селото тече реката Вардар, а исто така покрај селото поминува пругата Скопје - Велес на која се наоѓа стојалиште со името на селото (кое се наоѓа пред станицата Зелениково). Орешани лежи на надморска височина од 230 метри и е рамничарско село. Куќите се распослани на ниските ридчиња од десната страна на реката Вардар, од двете страни на железничката пруга Скопје - Велес. На ридскиот предел западно и северозападно од селото се изградени и се уште се градат голем број на викендички и вили за одмор на луѓе од Скопје, така што еден дел околу железничката станица „Јане Сандански“ од десната страна на патот пред селото се смета како викенд-населба „Јане Сандански“.
Историја[уреди | уреди извор]
Првиот помен за Орешани се сретнува во 1300 година кога е забележано дека ќелијната црква Света Петка од соседното село Морани имала земја во селото Ораши или Ворошах и тоа на четири места околу 100 каблови (житна и земјишна мерка) купени и 15 каблови околу Петровиот Крст, дарувани за друша[1]. За време на отоманското владеење Орешани било големо православно македонско село од кое на местото Јурија на селскиот собир оро играле 40 до 50 девојки[2]. Во XIX век селото го почифличиле турци-муслимани од Скопје кои во лето доаѓале во Орешани, а земјата на чифликот ја обработувале Македонците кои постојано живееле во селото[2]. Кон средината на XIX век Орешани се споменува од македонскиот просветител Јордан Хаџи-Константинов - Џинот кој во својот напис „Јужна страна скопска“ објавен во „Цариградски весник“ на 1 мај 1855 година за Орешани запишал дека е доброплодно село од сешто и неговите жители - славјани (Македонци) се премногу добри и вредни луѓе (родници), а најмногу гостољубиви и имаат црква Св. Атанасија[3].
Како и во соседното село Морани, така и во Орешани во втората половина на XIX век започнале да се доселуваат Албанци од блиското село Студеничани, кои лете доаѓале да ја работат земјата, а зиме се враќале во своето село[2]. За брзо време тие Албанци ја откупиле и дел ја приграбиле земјата од турските бегови, а со насилство, убиства и терор ги натерале незаштитените жители Македонци да се иселат, така што околу 1880 година селото било наполно раселено[1]. Од старите македонски родови кои се иселиле од Орешани во втората половина на XIX век се знаат следниве: Матеовци (еден дел од селските гробишта по нив го носи името Матеовски гробишта), Големовци (отишле во Скопје), Велковци (отишле во Скопје), Мартиновци кои биле најбогат селски род, а по приграбувањето на нивната земја целосно осиромашиле и со последниот машки потомок Лазо изумреле во Орешани, Велко Орешанец се иселил исто така во Скопје, а Блажо Чибуче една ноќ бил убиен во селото[2]. Во селото живееле голем број на други родови, меѓутоа запаметени се оние кои последни се иселиле или изумреле.
Орешани започнало да се обновува со доселувањето на Македонци, родовите Тошевци и Грнчаровци, кои дошле како наполичари да ја обработуваат земјата во туѓа сопственост[4]. Поради поволната положба и плодноста на земјата крај Вардар по отоманското владеење и ослободувањето по Втората светска војна во Орешани започнало да се доселува се поголем број на население, највеќе Македонци, од соседните села Таор, Зелениково, Градовци, како и од Скопје, Битола и Велес.
Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]
За потеклото на името Орешани, населението нема предание, но се смета дека тоа е многу старо „од бир земан“[4]. Сепак, може да се заклучи дека името Орешани потекнува од името на дрвото и плодот орев (лат. Juglandaceae), односно има значење на место каде што растат (има) ореви.
Стопанство[уреди | уреди извор]
Селото Орешани има главно полјоделска функција судејќи според составот на неговиот атар кој зафаќа површина од 3,7 км2 (192 ха обработливо земјиште, 79 ха шуми и 44 ха пасишта). Од полјоделските култури најмногу се одгледуваат житните растенија (пченица и јачмен), а застапени се и градинарските култури (домат, пиперка, краставица) како и полјоделски култури како лубеници, тутун[5], а на ридскиот предел многу се застапени и лозарството и овоштарството. Дел од населението се занимава и со сточарство (овци и крави) и млекото најчесто оди за преработка во сирење и останати млечни производи во блиската млекарница во Зелениково. Во последно време интересно е тоа што и покрај одалеченоста од градот Скопје во селото се населуваат и богати македонски стопанственици, трговци и инженери кои покрај своите куќи во Орешани ги регистрираат своите фирми и имаат свои погони. Во поново време изградени се фабриката и компанијата за електроника и електронски микро-чипови, производствениот погон за мебел и покуќнина „Бујото“, како и приватниот старечки дом “Панада“ кој се одликува со одлична опременост.
Население[уреди | уреди извор]
Според пописните списоци од 1961 и 1994 Орешани бележи пораст на бројот на своето население од 208 (1961 г.) на 429 жители (1994 година). Етничкиот состав на населението во 1994 година изгледал вака: 311 Македонци, 94 Албанци и 22 Срби.
Според листите од пописот од од 2002 Орешани бележи пораст на населението и брои 511 жители, од кои:
- Македонци 387 (75,74 %)
- Албанци 103
- Турци 1
- Роми 4
- Срби 12
- останати 8
Родови[уреди | уреди извор]
Најголемиот дел од населението на Орешани се православни Македонци. Македонски родови во Орешани се: Тошевци (од с. Драчево), Грнчаровци (од с. Карабуниште-Велешко), Грујовски или Зелјаровци (од с. Градовци, подалечно потекло од с. Карабуниште-Велешко), Меловски (од с. Галичник)[6]. Денес во Орешани живеат голем број на македонски семејства доселени од Скопје, соседните села Таор, Зелениково, Градовци, од градот Велес и околните села, како и од градот Битола (2 куќи) и околните села.
Општествени установи[уреди | уреди извор]
Цркви[уреди | уреди извор]
Редовни настани[уреди | уреди извор]
Православното македонско население ја прославува славата Свети Атансиј на 31 јануари. Во минатото на денот на Св. Атанасиј се колела жртва кај истоимениот крст во селото[7]. Сè до изградбата на црквата, Св. Атанасија била преслава, а селска слава немало, додека за верски потреби населението ги посетувало црквите во Таор и Драчево[7].
Иселеништво[уреди | уреди извор]
Наводи[уреди | уреди извор]
- ↑ 1,0 1,1 Трифуноски Ф.Јован. „Поречието на Кадина Река“. Филозофски факултет Скопје, 1952 г. стр.105
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 Трифуноски Ф.Јован. „Поречието на Кадина Река“. Филозофски факултет Скопје, 1952 г. стр.106
- ↑ Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници - приредил Блаже Конески - Скопје, Мисла, 1987 г. стр.82
- ↑ 4,0 4,1 Трифуноски Ф.Јован. „Поречието на Кадина Река“. Филозофски факултет Скопје, 1952 г. стр.107
- ↑ Трифуноски Ф.Јован. „Поречието на Кадина Река“. Филозофски факултет Скопје, 1952 г. стр.109
- ↑ Трифуноски Ф.Јован. „Поречието на Кадина Река“. Филозофски факултет Скопје, 1952 г. стр.107-108
- ↑ 7,0 7,1 Трифуноски Ф.Јован. „Поречието на Кадина Река“. Филозофски факултет Скопје, 1952 г. стр.108