Драчево

Од Википедија — слободната енциклопедија
Драчево

Поглед на дел од селото и населбата Драчево, од патот кон Три Круши

Драчево во рамките на Македонија
Драчево
Местоположба на Драчево во Македонија
Драчево на карта

Карта

Координати 41°56′12″N 21°31′18″E / 41.93667° СГШ; 21.52167° ИГД / 41.93667; 21.52167Координати: 41°56′12″N 21°31′18″E / 41.93667° СГШ; 21.52167° ИГД / 41.93667; 21.52167
Општина Кисела Вода
Население 9.573 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1050
Шифра на КО
Надм. вис. 240 м
Слава Спасовден
Драчево на општинската карта

Атарот на Драчево во рамките на општината
Драчево на Ризницата

Драчево — населба во Општина Кисела Вода, во градот Скопје со 19.246 жители (2002 г.). Поради својата големина и бројот на жители Драчево е прераснато во градска населба на градот Скопје. Сепак, административно и статистички Драчево сè уште се дели на село и населба.

Потекло и значење на името Драчево[уреди | уреди извор]

Точното значење на името Драчево во нашата наука сè уште не е утврдено. Села со имиња Драчево, постојат во повеќе словенски земји: Русија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Бугарија, Србија. Името Драчево го носи уште едно село во Зихненско во Егејска Македонија, а во Македонија постојат и 2 села со имиња Драчевица (Демиркаписко и Скопско во непосредна близина на Драчево). Во Албанија постои градот Драч, а со коренот драч- постојат и други населени места во Македонија (Драчиште, Драче) и други земји.

Сепак постојат две главни претпоставки, односно теории за потеклото на името Драчево. Првата теорија смета дека во основата на името Драчево може да се наоѓа личното име Драче кое претставува деминутивно образување изведено од антропонимот Драгољуб, Драгомир, Драгослав.[2] Личното име Драче во Македонија е регистрирано во XVI век, а во XV век е забележано личното име Драчо, па оттука некои проучувачи сметаат дека името Драчево, означува „село кое му припаѓало на Драче“.[2] Втората теорија за потеклото на името се поврзува со растението што се вика драч или драча (драка) (лат. Paliurus aculeatus) и има значење на „место каде што има драч“.[2] Драчот бил име за сите бодликави грмушки, а до ден денес за изгребување или бодење се користат глаголите „дречи“, „драскање“. Втората теорија, дека името на Драчево означува место каде што има трнливи и бодликави грмушки е потврдена и во делата на истражувачите Петар Скок и Јован Трифуноски.[3]

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Поглед на дел од Драчево и дел од Скопската Котлина од манастирот Света Петка - Три Круши
Поглед на дел од селото Драчево со возвишението Марков Рид
Карта на Драчево

Драчево се наоѓа во јужниот дел на Скопската Котлина на 12 километри оддалеченост од центарот на Скопје (во југоисточен правец). Населбата е рамничарска и низ неа минува локален пат за повеќе скопски села. Со центарот и другите делови на Скопје, Драчево е поврзано преку автобуски линии, а исто така Драчево претставува и железничка станица на пругата Скопје - Гевгелија. Драчево е сместено на јужниот раб на Скопската Котлина во подножјето на планината Китка, дел од најголемиот македонски планински масив Мокра Планина, под возвишението наречено Марков Рид, на надморска височина помеѓу 240 и 250 метри[4]. Непосредно на запад Драчево е расположено на десниот брег на Маркова Река. На север, запад и исток од Драчево се простира пространата Скопска Котлина со соседните населени места Долно Лисиче и Под Станица на север, Студеничани и Морани на исток и југоисток, Пинтија и Усје на запад, Батинци на југ и југозапад и Горно Лисиче на северозапад. Од Драчево водат и регионални патни правци кон: Горно Количани и селата во подножјето на планината Китка (кон југ), Зелениково и селата по течението на Вардар кон Таорската Клисура (кон исток) како и кон Јурумлери, Илинден и Скопското Поле (кон север). Низ селото Драчево тече потокот Мала Рада.

Во селото Драчево постојат повеќе маала именувани по селските родови кои се распоредени горе и долу од главната улица „Драчевска“ како и околу улица „Китка“ која ја сече главната, а тоа се: Саве, Тоше и Кече Маала во горниот дел и Крко, Арсо, Крџе и Дашко Маало во долниот дел[5].

Историја[уреди | уреди извор]

Населба Драчево, изградена од оператива од Република Србија, подготвено за предавање во употреба (27 декември 1963)
Свечено предавање во употреба на новоизградената населба Драчево со 706 станови изведени од градежниците на СР Србија. Населбата ја предаде во употреба Арсов Љупчо, претседател на ИО на Главниот одбор на ССРНМ (27 декември 1963)

Во пишаните историски извори Драчево за првпат се споменува во 1300 година[6]. Во XV век Драчево било дел од Скопскиот санџак, а според пописот од 1452/53 година во Драчево живееле 40 семејства и тројца неженети (околу 200 жители), сите православни Македонци, со исклучок на само 1 муслиман[7]. Потоа во XV век Драчево од страна на турскиот султан Мехмед II било дадено на Исак-бег кој на 13 август 1466 го завештал на медресата и теќето во Скопје[6]. На следните пописи во XVI век бројната состојба на населението била следна: во 1528/59 година во Драчево живееле 127 македонски христијански семејства, 7 неженети и 4 муслимански семејства, во 1544/45 живееле 155 македонски христијански и 3 муслимански семејства, а во 1568/69 живелее 149 македонски христијански семејства и 59 неженети ергени, без муслимани[8]. Во тој период Драчево било едно од најголемите населени места во Скопската нахија и воедно едно од економски најнапредните места со највкалитетни земјоделски производи и обврска за плаќање на данок од 34909 акчиња годишно[8]. По овие записи долго време немало никакви споменувања на Драчево со до средината на XVIII век, при што може да се заклучи дека за време на турското владеење можно е Драчево во еден период да замрело со живот, па повторно да се обновило[9].

Како и повеќето скопски села, Драчево се раселило кон крајот на XVII век, во периодот по 1689 година Карпошовото востание и повлекувањето на австриската војска. Дел од жителите на Драчево се иселиле заедно со повлекувањето на австриската војска преку Дунав, а селото по овој период запустело[10]. Останатиот дел од Македонците од Драчево се преселиле во месноста (селото) Салаково (Бразда) на планината Караџица дел од масивот на Мокра Планина во околината на Драчево[11]. Во месноста Салаково која се наоѓа во непристапен шумовит предел на билото на Караџица, идеален предел за засолнување на незаштитеното население, пребегнатите жители на запустеното Драчево живееле еден век, сè до крајот на XVIII век и почетокот на XIX век, кога започнале повторно да се враќаат и населуваат на старите огништа на сегашното место долу во подножјето на планината и рамничарскиот предел на Скопското Поле[11]. Во овој предел на Караџица како сведоштво од засолнетите драчевци постои месноста-потегот наречен Драчевска Планина, на кој лете се напасувала стоката[11]. Поради својата големина и бројноста на македонското население за време на Отоманското владеење, Драчево никогаш не било почифлижено и не постоеле чифлизи на турски бегови и аги, туку жителите на Драчево биле слободни и имале свои поседи, при што имале обврска да плаќаат даноци.

План на Драчево во 1963
Говедариште, сретсело Драчево, со крстот на Три Круши во позадината

Македонскиот просветител Јордан Хаџи-Константинов - Џинот во својот напис „Јужна страна скопска“ објавен на 1 мај 1855 во „Цариградски весник“ за селото Драчево запишал дека е едно од богатите села кое со кромид и други градинарски производи и зеленчуци може да ги снабдува (храни) Скопје, Велес, Прилеп и Битола[12]. Џинот исто така запишал дека Драчево има нов црковен храм „Свети Спас“ и едно мало училиште кое пустее без учител.[12] Добрите, гостољубиви и богати драчевски селани биле изгубени во црквата поради тоа што им служел грчки поп, кој богослужел на грчки јазик, од што селаните ништо не разбирале.[12] Македонскиот револуционер Ѓорче Петров во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 година за Драчево запишал дека се наоѓа на 2 часа на југ од Скопје и 1/2 час од десниот брег на Вардар, расположено во полињата помеѓу две тумби, при што целото село и околината биле потонати во зеленило кое било одмор за очите[13]. Понатаму, Ѓорче Петров запишал дека на драчевските бавчи близу до Вардар се одгледувало кромид, грав, пипер со кои се снабдувало Скопје, а покрај земјоделството, градинарството било втор извор на богатство за селаните, а 20 до 30 куќи се занимавале и со грнчарство. Драчево било прво село по благосостојба и богатство во Скопско, а второ по големина (после с. Кучевиште), броело 150 куќи од кои најголемиот дел биле слободни и независни (не биле чифлигари во чифлизи на турските бегови и аги)[13]. За староста на Драчево, Ѓорче Петров, запишал дека тоа е ново село, додека старото било на полињата на Китка Планина и се викало Драчевицасо околу 10-15 куќи чии рушевини и камени огради сè уште постоеле во шумата, а се раселило поради својата положба меѓу торбешките села и изложеноста на разбојници[14]. Во времето на национално-ослободителното движење со својот македонски патриотски дух, жители на Драчево се приклучиле во скопската чета на ТМОРО (ВМРО) предводена од војводата Васил Аџаларски. Членови на скопската чета на ВМРО од Драчево биле: Спасе Шиндар, Велко Грчки, Ангелко и Панче Пормовски, Велко и Трпе Ашиковски, Блажо Павлевски, Трајче Китановски, Јане Велковски, Веле Домазетовски, а од нив прочуен по своите подвизи и храброст бил Блажо Павлевски кој го убил турчинот Алим и загинал во нерамна борва со Турците, при што овој подвиг бил опеан во народна песна од жителите на Сопиште каде што се криел одредено време[15].

По земјотресот во Скопје од 1963 година: изградба на станови во населбата Драчево, донација од Србија

Во XIX век, селото е дел од нахијата Каршијак во Скопската каза во Отоманското Царство.

Современа историја[уреди | уреди извор]

Поглед на главната улица „Драчевска“ и сретсело „Говедариште“

Поради својата големина и значајна местоположба, од времето по отоманското владеење, за време на српската и бугарската окупација па сѐ до периодот непосредно по Втората светска војна до шеесеттите години на XX век, Драчево било седиште на Драчевската општина.[16]

Во 1965 година, општината Драчево престанала да постои, а Драчево било припоено кон Општина Кисела Вода во рамки на градот Скопје каде што административно припаѓа и денес. По катастрофалниот Скопски земјотрес, 1963 година, со одлука на советот на тогашната Општина Драчево бил усвоен урбанистички план во договор со градот Скопје за изградба на приградската населба во непосредна близина на селото, во која требало да се вселат 3.000 семејства од Скопје кои ги загубиле своите домови во земјотресот[2]. Населбата Драчево била плански изградена со 2.100 ниски приземни монтажни бараки кои ги граделе градежни фирми од целата тогашна Југославија и набрзо почнало да се населува население од сите краишта на Македонија. За потребите на населбата биле отворени уште 2 основни училишта, а се отворило и средно училиште. Со изградбата на населбата, Драчево започнало да го добива денешниот свој лик и физиономија на посебно урбано населено место.

Археолошки наоѓалишта[уреди | уреди извор]

Археолошки наоѓалишта[17]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Драчево е економски високо развиено и активно населено место. Поради поволната географска положба во Драчево постои многу активен економско-стопански живот на населението. Населението на Драчево во најголем дел е вработено во фирми во Скопје и работи секундарни и терциерни стопански дејности, меѓутоа значаен дел од населението коешто живее во селото сѐ уште се занимава со земјоделство-полјоделство, односно градинарство. Во Драчево во сè поголем пораст е и приватното претприемништво преку отворање на сопствени бизниси и помали претпријатија на неговите жители.

Земјоделство и градинарство[уреди | уреди извор]

Геодетска карта на Драчево.
Одгледување на патлиџани (домати) со колци во Драчево
Поглед на нива посадена со млади кромитчиња (во позадината е возвишението Марков Рид со дел од гробиштата и капелата Св. Лазар)

Во Драчево, посебно во селото, сè уште значаен дел од населението се занимава со земјоделство, односно градинарство во најголема мера, а потоа и полјоделство, овоштарство и сточарство. Земјоделското производство, за разлика од минатото, денес претежно е за сопствени домашни потреби, но вишокот производи и натаму се продава на пазарите во Скопје и во населбата Драчево. Од вкупно 1145 ха обработлив површина на селото, 200 ха се државно земјиште, а 945 ха се приватна сопственост, 70% се во рамничарскиот, а 20% во ридестиот дел[4]. Од обработливата површина под градинарство се 338 хектари, под жита се 229 хектари, по индустриски култури 70 хектари, под фуражни култури 60 ха, а останатите 448 хектари се под лозја, овошни насади и необработено земјиште (утрини, за напасување)[4]. Најзастапени полјоделски култури се житните (пченица, пченка и јачмен) и градинарските (кромид и млад кромид, праз, домати, зелена и црвена пиперка, зелка, морков, марула, спанаќ, компир, краставици, тиква и др.), а во многу помала мерка и индустриските култури. Драчево отсекогаш, како и денес важело за место со најразвиено градинарство и раноградинарство во Скопско, посебно одгледувањето на кромид, лук, праз, марула, зелка кои и денес највеќе се одгледуваат во драчевските бавчи и ниви. Уште од минатото па и сè до денес Драчево е најпознато по производството на кромид и лук, од посебните високовалитетни драчевски сорти кои „траат од ново до ново“[18]. Градинарските култури се одгледуваат под пластеници, но во голем дел се одгледуваат и на отворено без оранжерискиот начин. Во минатото во Драчево се одгледувале и многу индустриски култури, најповеќе тутун, а во помала мера и коноп, лен, кои по Скопскиот земјотрес во 1963 биле напуштени и исчезнале[18]. Голем дел од населението на селото Драчево се занимава со расадничарство и продажба на расад за градинарски растенија како кромид, лук, марула, домат (познатата сорта скопски јабучар), млад кромид и лук (арпаџик), пиперки како и расад за овошки и цвеќиња. Продажбата на расад е најзастапена во пролетните месеци, кога на многу куќи во селото го нудат на продажба. Покрај полјоделството, доста застапени се и лозарството и овоштарството преку одгледување на овошки и лозја на ридскиот предел јужно од Драчево. Во селото Драчево доста е развиено живинарството, пред сè одгледување кокошки, а ситното сточарство е во многу мала речиси незначителна застапеност и највеќе се одгледуваат кози и овци за сопствени потреби. Повеќе семејства се занимаваат и со одгледување на расад за цвеќиња, а во селото Драчево работи приватната фирма за одгледување и расадник за цвеќиња „Китка“. Поради местоположбата и близината на други села, за потребите на земјоделството во селото Драчево работи земјоделска аптека, продавница на „Агроунија“ за семенски материјал и земјоделски вештачки ѓубрива, продавница за делови земјоделска механизација (трактори, комбајни) и техника. Покрај овие стопански субјекти во селото Драчево постојат и мелница за жито и брашно, фурна за производство на леб и бели печива, приватна поликлиника, занаетчиски дуќани (берберница) и други услужни објекти.

Занаетчиство[уреди | уреди извор]

Стара македонска куќа (чардаклија) во Драчево

Селото Драчево во минатото покрај градинарството и земјоделието, било надалеку познато во Скопско и по грнчарството и грнчарскиот занает, за кој доаѓале ученици и од Скопје, а во 1935 година се изградила и фабрика за тули и керамика[19]. Доказ за ова е родот Чапкуновци чиј предок од Скопје дошол да го изучи грнчарскиот занает во Драчево и така останал и го основал родот таму, а покрај нив со грнчарство се занимавале и други родови како Грначаровци, Дандаровци и други. Поради развиеноста на грнчарскиот занает, во минатото грнчарски производи од Драчево се продавале во околните села и на пазарот во Скопје. Покрај овој занает во минатото во Драчево биле развиени и фурнаџискиот, шивачкиот, ќурчискиот, коларскиот, берберскиот и чевларскиот занает. Со процесот на индустријализација, најголемиот дел од овие занаети згаснале, а денес преовладуваат современите модерни занаети како: автомеханичарство, автолакерство, автолимарство, пекарство, слаткарство, берберници и фризерски салони.

Индустрија, трговија и бизнис[уреди | уреди извор]

Драчево е сместено непосредно до индустриската зона југоисточно од Скопје. Покрај големите индустриски капацитети изградени во социјализмот, и денес активно се отвораат сè повеќе фабрики, погони, хали и магацини од двете страни на патот (ул. „Првомајска“) кој води кон Драчево. Во Драчево работат пазар и голем број на трговски и услужни дуќани. Економскиот живот на населбата Драчево е многу поинаков и голем дел од нејзиното население е вработено во секундарни и терциерни стопански дејности од областите на трговијата, индустриското производство, науката, безбедноста, просветата и културата. Во населбата Драчево постои трговски центар со огромен број на трговски претпријатија, продавници, аптека, продавници за компјутери и бела техника, занаетичски дуќани, ресторани, кафе-барови, спортски обложувалници, услужни претпријатија, механичарски работилници, вулканизери и авто-сервиси. Во самото Дрчаево или во непосредната близината се наоѓаат и голем број на индустриски капацитети од хемиската и металната индустрија (како „ОХИС“, „Тулана“ некогашно „ТИПО“, новоотворената фабрика за челични конструкции „Прототип Стил“), стоваришта, сервиси и работилници, пункт на шумското стопанство „Караџица“, бензинска пумпа на „Макпетрол“, салони за производство и продажба на мебел, градежни материјални ит

Население[уреди | уреди извор]

Вкупен број на жители на село Драчево низ поновата историја.

Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото било христијанско, со 104 христијански домаќинства. На овој попис биле забележани 375 мажи христијани, со 35 новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 820 жители и било второ по големина во скопско, после Кучевиште.[20]

Стефан Верковиќ во 1857 го бележи со 1144 жители.[21]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија во 1931 година, селото имало 1.850 Македонци и 50 други жители.[22]

За селото и населбата Драчево се водат одделни статистички податоци.

Според религијата најдоминантна религија е христијанството (православието) со околу 97% од населението. Денес Драчево има над 20.000 жители и претставува најголемо населено место во околината на Скопје.

Според пописот од 2002 година, Драчево (селото и населбата) брои 19.246 жители, од кои 17.310 Македонци, 201 Албанец, 376 Турци, 615 Роми, 44 Власи, 289 Срби, 408 Бошњаци и 303 останати, со што претставува најголемо и најнаселено место надвор од потесното подрачје на градот Скопје.

Националност с. Драчево нас. Драчево
Македонци 7.741 9.269
Албанци 22 179
Турци 106 270
Роми 339 276
Власи 16 28
Срби 64 225
Бошњаци 268 140
останати 85 218

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 9.573 жители, од кои 7.286 Македонци, 185 Албанци, 438 Турци, 142 Роми, 20 Власи, 42 Срби, 364 Бошњаци, 60 останати и 1.036 лица без податоци.[23]

Родови[уреди | уреди извор]

Македонски

  • Јаковчевци (10 к.) , Дашковци (5 к.), Ѓечовци (9 к.), Серовци (2 к.), Трипуновци (1 к.), Газиновци (5 к.), Домазетовци (4 к.), Крџовци (1 к.), Манчовци (2 к.), Арсовци (4 к.), Штрковци (3 к.) Кушовци ( 9к.). Овие родови може да се сметаат за староседелци, кои се доселиле од збегот односно некогашното село Бразда-Салаково на Мокра Планина и го возобновиле Драчево кон крајот на XVIII век. Овие родови најверојатно пребегнале од Драчево на блиската планина кон крајот на XVII век во времето на Карпошевото востание и продорот на Австријците во војната со Турците кога голем дел од селата во полето биле уништени, за после еден век повторно да се вратат. Во родот Јаковчевци се знае следното родословие: Васил (жив на 70 г. во 1950 година) Здравко-Крсте-Трпче-Јаковче, основачот на родот доселен од Бразда-Салаково; Павлевчиња (21 к.) доселени се кон крајот на XVIII век од Велешко; Полтурчиновци (16 к.) доселени се во исто време кога и претходниот род, доселени се од кумановско; Ашиковци (13 к.) доселени се од околината на Врање во Србија (некои кажуваат од Обреновац). Се делат на Желковци и Кафтановци; Богевци (3 к.) доселени се од селото Богомила кај Велес. Го знаат следното родословие: Ѓорге (жив на 50 г. во 1950 година) Васил-Петре-Стефан-Боге, кој се доселил. Од старото место се доселиле двајца браќа, Боге се доселил во Драчево, а другиот брат во селото Сопиште (Бабунци); Бабунци (7 к.) доселени се од некое село кај Бабуна во Велешко; Муровци (11 к.) доселени се од околината на Врање во Србија. Името го добиле бидејќи сите жители на родот биле со потемен тен; Коларовци (2 к.) доселени се од селото Добри Дол, а таму се доселени од прилепско; Грнчаровци (7 к.) доселени се од Велес, од некое мало на левата страна од Вардар; Жежоски (2 к.) доселени се од селото Огњанци; Морчани (1 к.) доселени се од селото Морани; Шиндра (1 к.) доселени се од селото Јажинце кај Сириниќ; Соманѓеловци (2 к.) доселени се од селото Пагаруша; Марлиговци (3 к.) и Барџовци (2 к.) доселени се од некое село во Порече; Ќирковци (2 к.) доселени се од селото Огњанци; Амаловци (1 к.) доселени се од селото Морани; Јабанџиоски (3 к.) доселени се од селото Усје; Чапкуновци (2 к.) доселени се од Скопје; Мишевци (4 к.) доселени се од селото Идризово; Китановци (7 к.) доселени се од некое село во скопска Блатија; Билимбеговци (2 к.) доселени се од селото Билимбегово; Дандаровци (2 к.) доселени се од некое село во Велешко; Десковци (2 к.) доселени се од селото Виниче; Деривол (1 к.) доселени се од селото Батинци; Пеце (1 к.) доселени се од селото Осинчани; Стојчевци (1 к.) доселени се од селото Пагаруша; Боцевци (1 к.) доселени се од селото Добри Дол; Манчевци (1 к.) доселени се од селото Усје; Пановци (1 к.) доселени се од селото Пагаруша; Трајановци (1 к.) доселени се од селото Осинчани; Коста (1 к.) доселени се од околината на Јанина во Грција, порано во овој род се зборело грчки; Лазо (1 к.) доселени се после 1918 година од мијачкото село Галичник; Крсто (1 к.) доселени се од Дебар; Ристо (1 к.) доселени се после 1918 година од тетовско; Никола (1 к.) доселени се од Скопје; Велко (1 к.) доселени се од селото Таор; Крковци (4 к.), Тутевци (1 к.), Ѓуревци (3 к.), Станкоски (2 к.), Модревци (1 к.), Вујчиновци (1 к.), Блацки (2 к.), Кудески (1 к.), Грчки (8 к.), Главиновци (3 к.), Чаршиовци (1 к.) и Зилковци (4 к.) доселени се, но не се знае од каде се доселени.

Ромски

  • Имер (1 к.), Изет (2 к.) и Ариф (1 к.) доселени се од Скопје како ковачи.

Турски

  • Речко (1 к.) доселени се од Скопје.[24]
Влезот на Драчево од запад (Скопје)

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Железничката станица „Драчево“

Во Драчево работата три основни училишта: Ц.О.У. „Рајко Жинзифов“, О.У. „Кузман Шапкарев“, О.У. „Климент Охридски“, како и две средни училишта „Браќа Миладиновци“ (со насоки: гимназија, земјоделско, хортикултура) и богословско средно училиште - православната богословија „Свети Климент Охридски“. Исто така во Драчево работи и детската градинка „1ви Мај“.

Од здравствените установи во Драчево постои поликлиника, како и повеќе приватни лекарски и стоматолошки ординации.

Во Драчево има полициска и противпожарна станица, како и пошта и спортска сала.

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Населеното место Драчево административно и статистички се дели на село Драчево и населба Драчево. За селото и населбата Драчево се водат посебни статистички и пописни податоци. Во рамките на Општина Кисела Вода на подрачјето на Драчево постојат месната заедница село Драчево со претседател Борче Бабунски и месна заедница населба Драчево со претседател Слободан Атанасовски[25]. Кон подрачјето на Драчево може да се смета и малата населба Подстаница (позната како Велешка Населба) која се наоѓа од левата страна на железничката пруга, спроти железничката станица Драчево.

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Црквата „Св. Спас“ во Драчево

Културно рекреативен центар Три Круши со црквата Света Петка и Манастир Пеленица. Во селото Драчево постои црквата Свети Спас изградена во 1849 година. За културниот живот на Драчево постои зградата на „Кино Драчево“ која се наоѓа во селото непосредно пред училиштето „Св. Климент Охридски“, во која е сместена месната заедница, а киното не функционира повеќе години.

Цркви и манастири[уреди | уреди извор]

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Културно лето Три Круши. Се одржува секое лето во Културно рекреативниот центар Три Круши. Секој петок и сабота во малиот амфитеатар настапуваат естрадни уметници, глумци, театри, продефилируваат членови на повеќе културно-уметнички друштва, настапуваат гости од повеќе земји од Европа. Во селото Драчево постои традиција уште од дамнешното минато да се коле жртва („курбан“) за празникот Свети Атанасиј (31.1.)[27]. Прославата на Свети Атанасиј е масовна од сите жители, иако црковните свештени лица не го одобруваат колењето на животни. Пред најголемиот христијански празник Велигден, постои традицијата Покрсти која се одржува до денешни дни кога голема поворка на жители со црковни знамиња и икони (литија) пешачи од селската црква, преку Марков Рид до месноста и манастирот Пеленица и назад. Голем општонароден собор секоја година се одржува и на Спасовден, патрониот празник на селската црква[27].

Личности[уреди | уреди извор]

Ритам[уреди | уреди извор]

Со развојот на мали претпријатија и формирањето на индустриска зона, многу стопанственици отворија свои фирми на територијата на Драчево. Најзначаен плаза центар е Olympus Plaza - Скопје со седиште токму во населба Драчево во кој се вработени околу 3000 работници. Потоа други значајни фирми се: „Макпетрол“, „Storia Cafe“,MegaSport „La Gondola“, „КАМ Маркет“, „Пицерија Коко“, „Зегин Естреја Драчево“, „Си-Ника Трејд“, „СТП Драчево“ и некои други помали фирми.

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Народна носија од Драчево, Скопје, од 1930-те година

Со децении опстојува културно уметничкото друштво КУД КИТКА и е еден од заштитните обележја на Драчево Во Драчево има два фудбалски клуба ФК Драчево и ССК Младинец. Двете екипи се натпреваруваат во третата фудбалска лига на Р.Македонија. Во минатото постоел и ФК Партизан (Драчево) каде што почнал да игра познатиот Македонски фудбалер, Мирко Петров. Има и една женска кошаркарска екипа ЖКК Младинец која се натпреварува во Првата кошаркарска лига за жени на Македонија и машкиот кошаркарски клуб КК Ангели, кој се натпреварува во 3 Кошаркарска лига. Исто така, на 15 март 2009 е основан и ракометен клуб „РК Драчево“ кој веќе се натпреварува во Првата машка ракометна лига. Во Драчево има голем број на планинари и функционира планинарското друштво ПСК „Драчево“ кое стопанисува и управува со планинарскиот дом „Караџица“.Почна со работа во Драчево и Ансамбл „Драчево 2012“. До сега Ансамбл "Драчево 2012" има патувано на следните места: Врање-Србија, Прага-Чешка, Ајдин-Турција, Паралија-Грција, Барселона-Шпанија, Кумбур-Црна Гора и во Охрид и Крушево, а треба да оди во Истанбул-Турција, Русија, Банско-Бугарија, Италија итн.

Културно уметничкото друштво КИТКА-Драчево е формирано 1968 г. Основањето на друштвото го трасира патот на негувањето и афирмирањето на фолклорната традиција.На првата програмска определба на друштвото беше насочена кон изворните игри и песни,белег на традициите од поднебјето на Скопско и пошироко од поднебјето на етничка Македонија. Паралелно со изворните игри и песни друштвото дел од својата програмска ,репертоарска политика ја насочи и спрема надградбите преточени преку современиот сценски израз низ масовни кореогравски постановки.Овие програмски постановки во изминативе повеќе децении придонесоа афирмација не само на друштвото туку и на Македонското фолклорно наследство. Друштвото на својот репертоар има над  20-тина автентични изворни ора ,како и масовни кореогравски постановки.Друштвото има реализирано повеќе концерти,манифестации во Македонија,на просторите на поранешна Југославија,како и во повеќе земји во Европа и во Соединетите Американски Држави. Куд КИТКА-Драчево спаѓа во редот на реномираните аматерски фолклорни ансамбли во Република Македонија,за што сведочат и многуте награди и признанија добиени на фестивалите: Скопски фолклорни вечери, Балкански фестивал-Охрид,Илинденски денови-Битола,Меѓународна фолклорна смотра-Загреб,како и на меѓународните фестивали во Италија,Турција,Украина,Швајцарија,Полска,Романија,Бугарија,Северен Кипар и други држави.2014 беше гостин на меѓународниот фолклорен фестивал во Измир-Турција ,учесник на фолклорен фестивал во Ново Чиче(побратимување),учесник на културно лето во Змајево (побратимување јубилеј 20 години), во периодот од 20-27.04.2015 ќе биде учесник на фолклорниот фестивал во Маниса-Турција ( прва група),во периодот од 10-16.06.2015 ќе биде гостин на детскиот фолклорен фестивал што ќе се одржи во Кранево-Албена Бугарија.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

На поголемиот дел од населението корените на семејствата им се од Драчево, но има и многу доселеници кои бараат помирен живот надвор од центарот градот а да се во контакт со новите случувања. Има повеќе семејства коишто ја напуштиле населбата и заминале во Австралија. Иселеници од Драчево се забележани во Горно Лисиче, Долно Лисиче, Морани, Орешани, Билимбегово (денес Илинден), Огњанци, Трубарево, Бањани, Скопје и во Бугарија[28].

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Малковски, Ѓорѓи. „Драчево - од античко време до денес“. Скопје, 2007. стр. 17
  3. Малковски, Ѓорѓи. „Драчево - од античко време до денес“. Скопје, 2007. стр. 18
  4. 4,0 4,1 4,2 Малковски, Ѓорѓи. „Драчево - од античко време до денес“. Скопје, 2007. стр. 9
  5. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет Скопје, 1958. стр. 111
  6. 6,0 6,1 Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет Скопје, 1958. стр. 34
  7. Малковски, Ѓорѓи. „Драчево - од античко време до денес“. Скопје, 2007. стр. 31-32
  8. 8,0 8,1 Малковски, Ѓорѓи. „Драчево - од античко време до денес“. Скопје, 2007. стр. 35
  9. Исто
  10. Малковски, Ѓорѓи. „Драчево - од античко време до денес“. Скопје, 2007. стр. 40
  11. 11,0 11,1 11,2 Малковски, Ѓорѓи. „Драчево - од античко време до денес“. Скопје, 2007. стр. 42
  12. 12,0 12,1 12,2 Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници - приредил Блаже Конески - Скопје, Мисла, 1987 г. стр. 81
  13. 13,0 13,1 Малковски, Ѓорѓи. „Драчево - од античко време до денес“. Скопје, 2007. стр. 47
  14. Малковски, Ѓорѓи. „Драчево - од античко време до денес“. Скопје, 2007. стр. 48
  15. Малковски, Ѓорѓи. „Драчево - од античко време до денес“. Скопје, 2007. стр. 50-51
  16. „Ќе се спои Кадина со Маркова Река“ 24.3.1957 - рубрика Ретро на весникот „Нова Македонија“ бр.22239, четврток, 24.3.2011 (печатено издание)
  17. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  18. 18,0 18,1 Малковски, Ѓорѓи. „Драчево - од античко време до денес“. Скопје, 2007. стр. 153
  19. Малковски, Ѓорѓи. „Драчево - од античко време до денес“. Скопје, 2007. стр. 84
  20. Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на христијанското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје: д-р Емил Крстески. 2021.
  21. Верковиќ, Стефан (1889). Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи. Санкт Петербург.
  22. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  23. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  24. Трифуноски Ф., Јован (1958). Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања. Скопје: Филозофски факултет.
  25. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2010-12-28. Посетено на 2011-01-07.
  26. Поставен камен-темелник на параклис Воведение на Пресвета Богородица- Скопје[мртва врска]
  27. 27,0 27,1 Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет Скопје, 1958. стр. 114
  28. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет Скопје, 1958. стр. 115

Надворешни врски[уреди | уреди извор]