Морани

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Морани
Selo Morani-MKD.jpg

Поглед на дел од селото Морани од патот Драчево - Зелениково

Морани is located in Македонија
Морани
Местоположба на Морани во Македонија
Координати 41°54′39″N 21°33′0″E / 41.91083° СГШ; 21.55000° ИГД / 41.91083; 21.55000Координати: 41°54′39″N 21°33′0″E / 41.91083° СГШ; 21.55000° ИГД / 41.91083; 21.55000
Општина Coat of arms of Studeničani Municipality.png Студеничани
Население 1715 жит.
(поп. 2002)
Надм. вис. 412 м
Морани на општинската карта
Морани во Општина Студеничани.svg

Атарот на Морани во рамките на општината

Морани е село во Општина Студеничани, во околината на градот Скопје.

Поглед на селото Морани и фабриката „Фруктал“ од пругата Скопје - Велес
Црквата Успение на Пресвета Богородица во селото Морани
Нива со тутун во село Морани

Географиja и местоположба[уреди | уреди извор]

Селото Морани се наоѓа во источниот дел на Скопската котлина, во подножјето на планината Китка која е дел од масивот Мокра Планина. Морани е сместено во дол на преминот помеѓу рамничарскиот и ридскиот предел на надморска височина од 310 метри[1]. Од градот Скопје е оддалечно 19 километри. Селото е веднаш од десната страна на регионалниот пат Драчево - Зелениково. Низ Морани тече Моранскиот Поток (Моранска Речица) кој е десна притока на реката Вардар[2]. Непосредно северно и североисточно од Морани од десната страна на патот кон Орешани и Зелениково се изградени голем број на викендички и вили за одмор на граѓани од Скопје. Атарот на селото Морани зафаќа површина од 14,6 km², од кои 738 хектари се обработливо земјиште, 348 хектари зафаќаат шумите, а на пасиштата отпаѓаат 280 хектари[3].

Историja[уреди | уреди извор]

Селото Морани е доста стара населба во Скопско. Првите пишани податоци за Морани се среќаваат во XIII век, односно време на владеењето на бугарскиот цар Асен во 1230 - 1241 година, кога просевастот Прибо ја изградил ќелијата посветена на Света Петка во местото наречено Тморане [4]. Во 1258 година, кралот Урош, селото Тморане го подарил на манастирот во Хиландар, а веќе следната година во 1259 византиската власт ги одзела ќелијата Св. Петка и селото Тморане од власта на манастирот[5]. Потоа во 1300 година царот Милутин, ќелијата Св. Петка со лозја, ораници и голем земјишен посед во кој спаѓале селота Тморане и Ворошах (денешно Орешани) повторно ги подарил на манастирот во Хиландар[6].

Поглед на дел од селото Морани

За време на отоманското владеење, селото Морани било чифчиско село населено исклучиво со православни Македонци[7]. Сопственици на беговите биле муслимани (турци) кои живееле во Скопје, а запаметени се извесни Рушид-ага, Едип Теко, Афус Исен и Селим-ага кои поседувале окоу 300 до 500 „шиници“ земја[8]. Од почетокот на XIX век во селото започнуваат да се доселуваат Албанци кои од северна Албанија најпрвин се доселиле во повисоките околни планински села на Китка. Поради тешките услови за живот и несигурноста кон крајот на XIX век Македонците започнале да се иселуваат во соседните поголеми македонски села и градот Скопје, при што до крајот на отоманското владеење во 1912 година во Морани веќе немало Македонци[9]. Дел од тоа старо македонско население кое живеело во Морани пред и во текот на XIX век се следните иселени македонски родови: Морчани и Амаловци (Боцевци) во соседното Драчево, Грнчаровци во соседното Орешани, Пулевци во с. Петровец, Чачанковци во с.Ќојлија[10]. По заминувањето на отоманската власт во селото Морани повторно се населиле Македонци кои живеат се до денес, а биле населени и околу 30 семејства Срби кои биле протерани од бугарските власти во 1941 година[11].

Економија[уреди | уреди извор]

Населението во Морани претежно се занимава со земјоделство, односно со одгледување на житни култури (пченица и јачмен), тутун, градинарски култури (домат, пиперка, марула) и овоштарство. Од сточарството застапени се краварството, козарството и живинарството. Во непосредна близина на селото Морани се наоѓаат фабриката за природни сокови „Фруктал“, млекарницата „Маско“, а постојат и повеќе занаетчиски работилници, авто-сервиси и перални, како и помали производствени погони за мебел и голема хала за авто-делови и бела техника. На влезот на селото работи и приватна здравствена амбуланта.

Демографија[уреди | уреди извор]

Според пописот од 2002 година во селото Морани живееле 1715 жители, од кои:[12]

Националност Вкупно
Македонци 58
Албанци 1.528
Турци 40
Роми 71
Власи 0
Срби 9
Бошњаци 0
Други 9

Селото Морани бележи постојан пораст на бројот на своите жители: во 1961 година имало 879 жители (76 Македонци, 375 Албанци, 281 Турци, 25 Срби, 122 неопределени), а во 1994 бројот се зголемил на 1287 жители (11 Македонци, 1079 Албанци, 122 Роми, 73 Турци)[13].

Родови[уреди | уреди извор]

Денес во Морани живее население со разновидно етничко потекло, од кое во најголем дел албанско муслиманско население, потоа православни Македонци и помал дел Срби, како и муслимани Роми и Турци (дел од нив Македонци со муслиманска вероисповед).

  • Денешните македонски родови се доселенички. Од споменатите иселени македонски родови во XIX век, старински родови во Морани биле Пулевци и Чачанковци. Македонските родови кои живеат и денес се: Дандаровци, Јаковчевски, Буевски и Дудуковски (сите од с.Драчево), Јосифовски (од с.Тресонче) и Огнановски (од с.Нова Брезница)[14].
  • Сите албански родови се исто така доселеници во најголемиот дел со потекло од северна Албанија, етапно доселувани од Косово и околината во текот на XIX век. Албански родови денес се: Шеелар и Реџалар (двата од фисот Бериш во северна Албанија), Демолар (од фисот Шаља во северна Албанија), Исалар (од фисот Красниќ во северна Албанија), Калис (од истоимената област во северна Албанија), Метин (од областа Љума во северна Албанија), Кацалар, Бацалар, Бочан, Џине, Веселар, Ќајалар, Љушалар, Сали сите со потекло од северна Албанија доселени од околните села и селата Ласкарци и Вешала[15].
  • Ромски родови се: Далипалар, Мутовци, Камбер, Ељмаз, Дурмишови[16].
  • Српски родови се: Ѓукиќи и Мрѓан (од селото Ланце во областа Лика во Хрватска)[17].

Општествени институции[уреди | уреди извор]

Цркви[уреди | уреди извор]

  • Ќелија „Св. Петка“ - ќелија која ја изградил загорскиот протосеваст Прибо, за време на цар Асан II (1230 -1241). Во 1258 година УрошI ја подарил на Хилендар, но кога Византија повторно го зазела Скопје, тие ја одзеле од Хилендар. Била мало манастирче, еден вид ќелиски параклис. Се споменува во еден зачуван акт на Андроник III од 1324 година, со кој се потврдуваат правата на Хилендар над оваа ќелија. Во 1348 година и цар Стефан Душан му ја подарил. Ќелијата имала имот во село Орешани каде се наоѓал и гробот на ктиторот.[18]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Кон крајот на XIX век дотогашното македонско население се иселило во скопските села Драчево, Орешани, Петровец и Ќојлија. За време на Првата светска војна од Морани се иселиле 64 албански семејства во Турција, а родот Пурелер целосно се иселеил во градот Скопје. Во 1941 година бугарските власти иселиле околу 30 доселенички српски семејства - колонисти[19].

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.201
  2. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет Скопје, 1958. стр.105
  3. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.201
  4. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет Скопје, 1958. стр.105
  5. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет Скопје, 1958. стр.106
  6. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет Скопје, 1958. стр.106
  7. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет Скопје, 1958. стр.107
  8. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет Скопје, 1958. стр.107
  9. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет Скопје, 1958. стр.107
  10. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет Скопје, 1958. стр.107
  11. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет Скопје, 1958. стр.109
  12. http://www.stat.gov.mk/publikacii/knigaX.pdf Попис во Македонија 2002. - Книга 10.
  13. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.201
  14. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет Скопје, 1958. стр.109
  15. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет Скопје, 1958. стр.107-108
  16. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет Скопје, 1958. стр.108
  17. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет Скопје, 1958. стр.109
  18. Лазова, Милева. „Природниот и духовен центар Матка има со што да се гордее ОТВОРЕНА КНИГА НА МИНАТОТО“, Македонско Сонце, 2003 (посет. 25 март 2011 г). (на македонски)
  19. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет Скопје, 1958. стр.109

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]