Долно Количани

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Долно Количани
Dolno Kolicani-MK.JPG

Поглед на селото Долно Количани од месноста Марково Крувче на Водно

Долно Количани is located in Македонија
Долно Количани
Местоположба на Долно Количани во Македонија
Координати 41°53′11″N 21°29′8″E / 41.88639° СГШ; 21.48556° ИГД / 41.88639; 21.48556Координати: 41°53′11″N 21°29′8″E / 41.88639° СГШ; 21.48556° ИГД / 41.88639; 21.48556
Општина Coat of arms of Studeničani Municipality.png Студеничани
Население 1510 жители жит.
(поп. 2002)
Надм. вис. 530-570 м
Долно Количани на општинската карта
Долно Количани во Општина Студеничани.svg

Атарот на Долно Количани во рамките на општината
Commons-logo.svg Долно Количани на Ризницата

Долно Количани е село во Општина Студеничани, во околината на градот Скопје.

Географиja и местоположба[уреди | уреди извор]

Селото Долно Количани се наоѓа во подножјето на планината Китка (дел од масивот Мокра Планина), во областа Торбешија, јужно од градот Скопје на оддалеченост од 18 километри[1]. Долно Количани е ридско село на надморска височина од 530 до 570 метри во средното сливно подрачје на Маркова Река[2]. Селото е од збиен тип и се дели на 4 маала, кои носат имиња според најстарите доселени родови[3]. Поради поволната местоположба и добрата сообраќајна поврзаност со асфалтен пат со Драчево, Долно Количани претставува своевиден центар за повеќе соседни поблиски и подалечни села во подгорието на планината Китка.

Поглед на селото Долно Количани од падините на Китка

Историja[уреди | уреди извор]

Од старини на атарот на селото Долно Количани се забележани во месностите Градиште и Црквиште, за кое место селаните од Усје имале предание дека постоеле ѕидови од православен црковен храм[4]. Во минатото селото Долно Количани најпрвин било македонско христијанско село, за што сведочат и некои преостанати имиња на потези околу селото како што се Андовец, Драга, Петровец, Петровечка Орница, Црквиште[5]. Во почетокот на XIX век, во селото и околината почнале да се доселуваат Македонци од муслиманска вероисповед од Реканската област по сливот на реката Радика во Западна Македонија, при што последните 2 православни христијански македонски семејства од ова село се иселиле околу 1900 година[6], со што селото до денес е целосно населено со македонско муслиманско население. Први македонски муслимански родови кои се доселиле биле Суљовци, Ќулумовци, Реџовци и Алиовци[7]. Македонскиот просветител Јордан Хаџи-Константинов - Џинот во својот напис „Јужна страна скопска“ објавен во „Цариградски весник“ на 1 мај 1855 година за Количани запишал дека е доброплодно село со многу вредни и трудољубиви селани кои имаат разрушена црква[8].

За селото Долно Количани податоци наведува и македонскиот револуционер Ѓорче Петров кој во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 година запишал дека имало 80 куќи е сместено на едно рамно и одделно место, однадвор има изглед на гратче[9]. Тоа било најголемото, најбогатото и најубавото македонско муслиманско (торбешко) село чии улици се уредени и послани со калдрма, а имало доста многу куќи на два ката[10]. Понатаму во своите записи Ѓорче Петров вели дека Количани е најстарото торбешко село во тој дел на Каршијак, но сепак и за него е познато, дека едно време било христијанско село при што еден количанец во потврда на тоа му раскажувал дека еден старец Македонец од едно од блиските полски села го распрашувал за старите му роднини и родители и потоа му раскажал некои случки од нивниот живот и на прашаето, од каде ги познава, тој одговорил дек со нив бил близок пријател од детството кога и тој живеел во Количани[11]. Остатоци од стара црква во Количани имало во тоа време, а Македонците од блиските полски села веруваале дека на местото на Количани било Лисиче: на местото на Горно Количани – Горно Лисиче, а на местото на Долно Количани – Долно Лисиче[12]. Како дополнителни историски податоци за Долно Количани, Ѓорче Петров наведува дека жител на селото му раскажувал дека жителите на Долно Количани се преселиле од Жировница (Реканско) и дека имињата на 3 маала во Долно Количани се среќаваат и во Жировница[13]. Истиот човек му кажал дека по кажувањата на неговиот чичко во време на недовото детство пред околу 100 години (крајот на XVIII век) селото имало само 4 македонски муслимански куќи[14]Во описите и проучувањето на областа Каршијак, тој ги наведува двете Количани како едни од убавите скопски села[15].

Значење и потекло на името[уреди | уреди извор]

За потеклото на името на селото П. Скок запишал дека тоа најверојатно потекнува од личното име Николица, присутно во овие краишта во XIII и XIV век, а со оглед на тоа дека во Долно Количани постои предел наречен Кулица до пределот Градиште, овој автор претпоставил дека најверојато тоа е остаток од кула или тврдина на некој Николица[16]. Сепак поради густите шуми кои се наоѓаат во близина на ова село, може да се претпостави и дека во овие села во далечното минато се изработувале запрежни коли од дрво, па од таму потекнува и името на овие села Горно и Долно Количани.

Економија и стопанство[уреди | уреди извор]

Главни економски занимања на селаните од Долно Количани е земјоделството и во многу мала мера сточарството. Македонскиот револуционер Ѓорче Петров запишал дека главната дејност на количанци претставувало тутунарството[17], што е случај и во денешно време. Во денешно време селата Долно и Горно Количани, заедно со Морани, Студеничани и Орешани се единствените села во скопско кои одгледуваат и произведуваат тутун. Количанскиот тутун бил прв во скопско и можел да се рамни со некои од прочуените тутуни кај нас, а двете села Количани кон крајот на XIX век произведувале околу 100 товари тутун годишно[18]. Количанци како не се занимавале со сточарство зашто немале пасишта горе во планините. [19]. Од земјоделството покрај тутунот најзастапени се одгледувањето на житни растенија, градинарски култури (за сопствени потреби), бостан во нискиот дел под селото, како и овоштарство и одгледување шумски овошја и плодови како јагоди, цреши, сливи, малини, капини кои се продаваат на скопските пазари. Поради не многу поволните планински услови во мали размери е развиено и сточарството, односно одгледувањето на кози и крави и сосема малку овци. Во високиот шумски предел над селото е развиено и шумарството и сечата на дрво за огрев. Значаен дел од населението работи и како мајстори во градежништвото, највеќе како плочкари и изработувачи на фасади на куќи.

Демографија и население[уреди | уреди извор]

Според пописот од 2002 година во селото Долно Количани, живееле 1510 жители од кои:

Селата Горно и Долно Количани

Според пописот од 2002 година, селото имало население од 1510 жители. Населението во селото се Македонци-муслимани, но поради политичко-религиски причини се изјасниле како Турци.

Родови[уреди | уреди извор]

Иако мнозинството од населението се изјаснува како турско, сепак населението на селото е од македонско потекло, односно жителите се Македонци-муслимани кои зборуваат македонски јазик[20]. Последните македонски христијански родови од селото се иселиле околу 1900 година, а мнозинството од денешните македонски муслимански родови водат потекло од Реканскиот крај односно од местата по сливот на реката Радика во Западна Македонија[21]. Доказ за ова е и сѐ уште зачуваните црти и одлики на реканскиот дијалект во говорот на жителите на селото. Родовите во селото се македонски со муслиманска вероисповед: Суљовци, Ќулумовци и Реџовци (од с.Видуше - област Долна Река), Оџевци (од с. Жировница - област Долна Река), Левичовци кои своето родовско име го добиле по некој предок кој работел со лева рака, Јусуфовци, Маљовци, Амушовци, Беадиновци, Демовци, Алиловци, Грџевци, Ајвазовци, Иповци, Башевци, Анговци, Адиљовци, Меметовци, Ајдаровци, Муслиовци, Љутвиовци (сите со потекло од пределот Долна Река во Реканскиот регион во Западна Македонија), Читаковци (од Овче Поле)[22]. Доказ за македонската припадност и јазик на денешното населние се и имињата на пределите околу селото кои се на македонски, а не на турски јазик (пр. Краста, Китка, Петровечка Орница, Мала Китка, Мали Рид, Пагарушки Пат, Голема Нива, Кулица, Старо Лозје, Ограѓе, Коритиште, Орлов Камен и др.)

Општествени институции[уреди | уреди извор]

Во селото Долно Количани работи основното училиште „Мустафа Кемал Ататурк“.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.106
  2. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.106
  3. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет, Скопје, 1958. стр. 164
  4. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет, Скопје, 1958. стр. 164
  5. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет, Скопје, 1958. стр. 164
  6. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет, Скопје, 1958. стр. 164
  7. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет, Скопје, 1958. стр. 164
  8. Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници - приредил Блаже Конески - Скопје, Мисла, 1987 год. стр.81
  9. Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр.485
  10. Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр.485
  11. Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр.485
  12. Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр.485
  13. Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр.485
  14. Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр.485
  15. Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр.480
  16. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет, Скопје, 1958. стр. 165
  17. Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр.485
  18. Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр.485
  19. Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр.485
  20. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет, Скопје, 1958. стр. 165
  21. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет, Скопје, 1958. стр. 164-165
  22. Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет, Скопје, 1958. стр. 165

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]