Дреново (Велешко)
| Дреново | |
Воздушен поглед на селото | |
| Координати 41°43′40″N 21°34′17″E / 41.72778°N 21.57139°E | |
| Регион | |
| Општина | |
| Област | Гроот |
| Население | 24 жит. (поп. 2021)[1] |
| Пошт. бр. | 1412 |
| Повик. бр. | 043 |
| Шифра на КО | 29023 |
| Надм. вис. | 600 м |
Дреново — село во областа Гроот, во Општина Чашка, во околината на градот Велес.
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]
Селото се наоѓа во областа Гроот, во северозападниот дел на територијата на Општина Чашка, во горното сливно подрачје на реката Тополка, чиј атар се допира со подрачјето на општините Зелениково и Велес.[2] Селото е ридско, на надморска височина од 600 метри. Од градот Велес, селото е оддалечено 32,3 километри.[2]
До селото води регионалниот пат 2344, кој е целосно асфалтиран.
Куќите на ова село се наоѓаат во долината на малата река Биљак, лева притока на Тополка. Околни села се Долно Јаболчиште, Горно Врановци, Лисиче и ’Рлевци. Мештаните со вода за пиење се служат од три чешми. Водата во чешмите доаѓа од изворот Павловец, кој се наоѓа 600 метри над селото. Чешмите биле изградени во 1948 година, поради што претходно мештаните пиеле вода од реката Тополка и од други изворчиња. На атарот на селото се наоѓаат и изворите Гиновец, Дебел Папрат, Извор и Данова Чешма.[3]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Урванци, Цаве, Лисец, Црква, Страга, Стожец, Чекановец, Бреза, Преслап, Деберски Дол, Бајовица, Соколово, Осојница, Пештера, Горна Кула, Прерог, Црна Страна, Стави Нивје, Викала, Мечкарци, Пладниште, Душка, Мравешица, Стари Гнојишта, Ѓубриште, Липовица, Говедарник, Ѓурово Гумно, Sиданица, Мост, Трештеник, Накоалник, Страјовица, Велкови Племњи, Змејков Камен, Павлева Нива, Јасика, Вичковец, Гарван, Бошково ’Рж, Милошева Нива, Шаркова Дупка, Боздоганица, Драка и Селиште.[3]
Дреното има збиен тип и е поделено на Горно и Долно Маало. Роднинските куќи се поблиску една до друга и се групирани. Тие куќи се познати како Василковци, Ѓоревци, Кратовци и други.[3]
Историја
[уреди | уреди извор]Оскудни се податоците за настанокот и минатото на Дреново. Сепак, некои податоци говорат дека селото е старо, за што сведочат и зачуваните староседелски родови. Освен тоа, во селото постои старата црква „Св. Спас“. Недалеку од црквата се наоѓа месноста Селиште, за која мештаните велат дека таму некогаш се наоѓало селото.[3]
Во историските извори, Дреново се споменува во XV век, па така во 1460 година имало 8, во 1476/77 година 7, а во 1481/82 година 5 домаќинства.[3]
На атарот на Дреново се наоѓаат остатоци од стари населби и на месностите Sиданица, Липовица и Накоалник, при што се наоѓаат грамади од куќи. На Накоалник има и гробови. Sиданица и Липовица се наоѓаат 2 километри југоисточно од селото, додека Накоалник е сместен помеѓу селата Дреново и ’Рлевци. Мештаните на Накоалник преминале во селото Дреново.[3]
За време на отоманскиот период, Дреново било едно од ретките рајатско село во оваа област. Пред крајот на отоманскиот период, тоа било и поголемо село со околу 80 куќи.[3]
Помеѓу Дреново и Долно Јаболчиште се наоѓа гребенот Соколница (1.458 м.) и месноста Урванци. За нив мештаните на овие две села воделе спор за време на Првата светска војна, кој завршил во корист на Долно Јаболчиште и дреновчани морале да ги продадат нивите на Соколница.[3]
Некогаш, во атарот на Дреново влегувал и масивот Лисец (1.034 м.), кој исто така бил присвоен од Албанците од Долно Јаболчиште. На Лисец се наоѓа црквиштето „Св. Илија“ и таму секоја година идат христијаните од Дреново и од другите села.[3]
Поради својата положба на доста издвоено македонско село и на самиот пат за селата Долно и Горно Јаболчиште, Дреново било подложено на напади пред крајот на турската власт. Во тоа време биле убиени доста истакнати домаќини. Пред крајот на 1912 година, во селото се случил и оружен судир помеѓу српските четници и бугарските комити, што е опеано во народна песна во која е споменат Јован Бабунски.[3]
Стопанство
[уреди | уреди извор]Атарот на селото е голем и зафаќа простор од 26 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 1.659,1 хектар, потоа следуваат пасиштата на површина од 582,8 хектари, а на обработливото земјиште отпаѓаат 242,4 хектари.[2]
Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција.[2]
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 година, Дреново е село со 32 домаќинства и 127 жители.[4]
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Дреново имало 450 жители, сите Македонци.[5]
По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Дреново имало 536 жители.[6]
Според германскиот етнограф Леонард Шулце Јена, на неговата етничка карта од 1927 година, Дреново наведено како македонско христијанско село.[7]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 300 Македонци.[8]
Дреново е мало село, коешто во 1961 година броело 284 жители, а во 1994 година 54 жители, македонско население.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Долно Јаболчиште живееле 718 жители, од кои 716 Албанци и 2 останати.[9]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 24 жители, од кои 15 Македонци и 9 лица без податоци.[10]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
| Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
| Население | 450 | 536 | 281 | 321 | 284 | 212 | 117 | 62 | 54 | 35 | 24 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]
Родови
[уреди | уреди извор]Дреново е македонско село.[3]
Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1966 година, родови во селото се:
- Староседелци: Ѓоревци (4 к.), Мијовци (3 к.), Василковци (3 к.), Цветковци (2 к.), Митревци (2 к.), Павлеви (2 к.), Дочини (2 к.), Јанушеви (2 к.), Давчеви (2 к.), Ангелеви (1 к.), Глигурови (1 к.), Ицкови (1 к.), Саздови (1 к.), Ицеви (1 к.), Ацеви (2 к.), Ристеви (2 к.) и Ѓуровци (1 к.), предците на наведените родови живееле во месноста Селиште.
- Доселеници: Кратовци (4 к.), доселени се од селото Горно Врановци. Основачот на родот се викал Арсо. Го знаат следното родословие: Димче (жив на 54 г. во 1966 година) Стојан-Андон-Арсо, кој се доселил во селото. Подалечно потекло овој род има од Кратовско; Скопјани (1 к.), доселени се од селото Долно Јаболчиште. Го знаат следното родословие: Ѓорге (жив на 30 г. во 1966 година) Димитрија-Лазо-Наум, кој се доселил. Веројатно овој род подалечно потекло има од Скопско.
Иселеништво
[уреди | уреди извор]Иселеници од ова село има во пониските села Раштани (12 к.), Бањица (12 к.), Чашка (8 к.), ’Рлевци (7 к.) и Еловец (2 к.), но и во градовите Скопје и Велес.[3]
Иселувањата се случиле помеѓу двете светски војни, но најмногу по Втората светска војна.[3]
Општествени установи
[уреди | уреди извор]- Поранешно основно училиште
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Селото влегува во рамките на Општина Чашка, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Велес.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Титов Велес. Селото припаѓало на некогашната општина Чашка во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Горно Врановци, во која покрај селото Дреново, се наоѓале и селата Горно Врановци и Лисиче. Во периодот 1950-1952 година, селото било дел од некогашната општина Лисиче, во која влегувале селата Дреново, Лисиче и Мелница.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постои избирачкото место бр. 2206 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[15]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 29 гласачи.[16] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 29 гласачи.[17]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]
- Археолошки наоѓалишта[18]
- Дрмата — населба од доцноантичко време; и
- Попови Ниви — некропола од доцноантичко време.
- Цркви[19]
- Црква „Вознесение Христово“ („Св. Спас“) — главна селска црква од XVII век
- Реки[20]
- Тополка — река низ селото
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- 1 2 3 4 5 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 114. Посетено на 13 септември 2018.
- 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 Трифуноски, Јован (1977). Област Бабуне и Тополке. Загреб: Хрватска академија на науките и уметностите. стр. 283-285.
- ↑ „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 184 - 185.
- ↑ Кѫнчовъ, Василъ. Македония. Етнография и статистика. София, Българското книжовно дружество, 1900. ISBN 954430424X. с. 157.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 118-119.
- ↑ Leonhard Schultze Jena. "Makedonien, Landschafts- und Kulturbilder", Jena, G. Fischer, 1927
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 12 септември 2025.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 13 септември 2025.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 74. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 72. ISBN 978-9989-2117-6-8.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
| ||||||||||||||||

