Скопска Котлина

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Скопско Поле)
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Скопска Котлина
Скопска Котлина од северозапад.jpg
Поглед на Скопската Котлина од северозапад, од отворот на клисурата на Лепенец
МестоРепублика Македонија,
Висина на тлото250 м
Географија
Поважни
нас. места
Скопје

Скопска Котлина или Скопско Поле — една од поголемите котлини во Македонија. Таа претставува втора котлина по течението на реката Вардар. Скопската Котлина е образувана од планините Жеден, Ивање (Матка) и Сува Гора на запад, Скопска Црна Гора на север, Градиштанска Планина (Ѓуриште) на исток и североисток, Голешница на југоисток и Китка, Караџица и Водно, односно масивот на Мокра Планина на југ.

Географски одлики[уреди | уреди извор]

Поглед на Скопската Котлина од Ајватовски рид

Скопската Котлина е пространа котлина која се наоѓа во северниот дел на Македонија. Претставува длабока и спуштена потонатина по должината на раседните линии и целосно влегува во составот на Вардарската тектонска зона[1]. Заграена и опкружена е со високи планини од сите страни[1]. Таа претставува дел од композитната долина на реката Вардар, која навлегува во котлината од Дервенската Клисура на северпзапад, а ја напушта влегувајќи во Таорската Клисура на југ. Котлината зафаќа површина од 1924 км² и има правец на протегање севрозапад-југоисток[1]. Средишниот дел на котлината е пространата алувијална рамнина на реката Вардар, односно Скопското поле. Се издигнува од 225 метри како најниска до 2540 метри како највисока точка[1]. Просечната надморска височина изнесува 281 метар, а градот Скопје е расположен на 245 метри. Површината на рамнината на Скопското Поле изнесува 26.100 хектари. Целата речна и водена мрежа во котлината припаѓа на сливното подрачје на реката Вардар, односно Егејско Море.

Население и етнографски одлики[уреди | уреди извор]

Поглед на Скопската Котлина и реката Вардар од с. Таор

Скопската Котлина претставува најнаселениот и најгустонаселениот дел на Македонија. Во неа живеат 571, 040 жители, од кои најголемиот дел Македонци (64,39%), а во помал број Албанци (23,11%), Роми, Срби, Бошњаци и Турци. Најголемиот дел од котлината го зафаќа градот Скопје. Етногеографски предели и области во Скопската Котлина се Скопска Блатија, Каршијак, Торбешија, Црногорија и Скопски Дервен. Поради градот Скопје, Скопската Котлина од секогаш претставувала подрачје со голем број на миграции, доселувања и отселувања на населението. По Втората светска војна, доселувањата во Скопската Котлина од цела Македонија, како и од простори на поранешна Југославија го достигнале својот врв, а тие траат се до денес.

Земјоделство и стопанство[уреди | уреди извор]

Географската положба, самиот терен, климата и почвата во Скопската Котлина се многу поволни за земјоделство и сточарство. Полјоделството е особено развиено во рамничарскиот предел во алувијалната раминина по течението на реката Вардар. Најзастапени се житните култури и тоа: пченицата, јачменот и пченката. На големи површини се застапени одгледувањето на зеленчук, индустриски растенија (сточна храна), градинарството и раноградинарското производство (под пластеници и оранжерии), овоштарството и лозарството. Од зеленчукот и градинарските култури највеќе се одгледуваат: домат (познатиот вид „скопски јабучар“), пиперки (зелен пипер), кромид, лук, млад кромид и арпаџик (во с. Драчево), зелка (с. Бардовци, Злокуќани, Драчево), марули, морков, компир, боранија, грашок. Кромидот од Драчево е особено прочуен на пазарите и, во исечен облик на крукчиња шеговито се нарекува „драчевска лигња“ поради големината. Од индустриските култури застапени се: тутунот, детелината, луцерката и крмната пченка. Овоштарството е застапено претежно во висорамнинските предели на подножјата на околните планини во јужниот, источниот и северниот дел на котлината. Од овошките се одгледуваат: цреши, јаболка, јагоди, сливи, кајсии, праски.

Сообраќај[уреди | уреди извор]

Скопската Котлина е сообраќајно најважното и најразвиеното подрачје во Македонија. Токму во Скопската Котлина се вкрстуваат и спојуваат двата паневропски автопатни и железнички коридори 8 и 10. Во ова подрачје се наоѓа и најголемиот македонски Аеродром Александар Велики. Целата Скопска Котлина во правец запад-југоисток и североисток е поврзана со автопатишта, а истовремено и со железничка пруга. Ваквата одлична сообраќајна поврзаност и достапност се должи на 2 главни причини: тука се наоѓа главниот град Скопје и стратешката географска положба и конфигурација на теренот што претставува природен спој на Вардарската долина кон Моравската на север.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Андоновски, Томе (2009) (на македонски). Македонска енциклопедија. 2. Скопје: МАНУ. стр. 1369. ISBN 978-608-203-023-4 (1).