Каршијак

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Каршијак (позната и како Каршијака, Каршијак Кол) — мала етногеографска област во непосредна близина, јужно од градот Скопје чии денешни јужни населби влегуваат во оваа област.

Глетка од областа Каршијак во околината на селата Добри Дол и Ракотинци зад јужната падина на Водно
Предел во областа Каршијак, помеѓу селата Сопиште и Усје

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Областа Каршијак се наоѓа во јужниот дел на Скопската Котлина, јужно и југоисточно од градот Скопје. Таа ги опфаќа двете падини на планината Водно, и јужната и северната и котлината на Маркова Река помеѓу Водно и Караџица, односно селата зад Водно од левата страна на Маркова Река. Каршијак на југ се граничи со етногеографската област Торбешија, а кон север се спушта и е отворена кон Скопското Поле. Областа Каршијак е претежно ридско-рамничарска, со просечна надморска височина од 250 до 700 метри. Највисока точка е врвот на планината Водно, Крствар, 1066 метри надморска височина.

Села и населби во Каршијак[уреди | уреди извор]

Бројот на населени места кои ги опфаќа областа Каршијак се менувал низ историјата, особено последните 60 години, поради наглото урбанистичко проширување на градот Скопје, чии јужни делови влегуваат во составот на Каршијак. Денес некогашната област Каршијак, е поделена помеѓу општините Сопиште и Кисела Вода, а помал дел влегува и во рамките на Општина Центар.

Во областа Каршијак спаѓаат селата: Сопиште, Ракотинци, Говрлево, Барово, Горно Соње, Долно Соње, Добри Дол, (Општина Сопиште), Усје и Припор (Општина Кисела Вода). Како дел од Каршијак, некои го сметаат и Долно Лисиче.

Во минатото во Каршијак влегувале и селата Кисела Вода, Пржино и Црниче и Драчево кои денес се градски населби во Општина Кисела Вода и селата Горно Водно и Долно Водно кои денес се градските населби Водно и Капиштец од Општина Центар и Горно Лисиче од Општина Аеродром.

Некои извори за дел од Каршијак ги сметаат и селата Горно Нерези и Долно Нерези од Општина Карпош.

Население[уреди | уреди извор]

Бројот на населението на областа Каршијак е драстично зголемен поради самата близина до градот Скопје, па така од некогашните 2692 жители во 1900 година, областа Каршијак денес брои над 38500 жители, пред се поради големиот број на жители на градските населби Кисела Вода, Капиштец, Водно, Црниче и Пржино, но и на селските населби како Сопиште, Припор и Усје. Како и во минатото и денес, доминатна етничка заедница во Каршијак се Македонците со над 97,5% застапеност, која во селските населби во Каршијак се движи и од 98% до 100%. Населението на Каршијак е во потполност од христијанска вероисповед.

Населението на Каршијак било познато по своите карактеристични: говор, носија и обичаи.