Прејди на содржината

Кочанска Котлина

Од Википедија — слободната енциклопедија
Карта на Кочанската Котлина
Средишниот дел од Кочанска Котлина со поглед на селата Прибачево, Зрновци, Мородвис и Видовиште
Дел од Кочанска Котлина со поглед на Кочани на зајдисонце

Кочанска Котлинакотлина и долина по течението на реката Брегалница во нејзиниот средиштен тек, помеѓу планините Плачковица (1.754 м) на југ, Голак (1.538 м) на исток, Осогово (2.085 м) на север и ридовите Горица, Аргулица и Селце (450 м) на запад[1], во источниот дел на Република Македонија, на географска ширина од 41° и 55' и географска должина од 22° и 25'.

Географија и природни одлики

[уреди | уреди извор]

Кочанската Котлина зафаќа површина од 1020 км2 и се протега од двете страни на Брегалница, од запад-југозапад кон исток-североисток, во должина од 26 км. Дното на Котлината, односно нејзиниот рамен дел зафаќа површина од 115 км2. Најниска точка е во западниот дел, кај вливот на Злетовска Река во Брегалница, каде има надморска височина од 290 метри. Одејќи кон исток рамнината постепено се издигнува, така што кај вливот на реката Осојница има височина од 330 метри. Разликата од најнискиот до највисокиот дел на полето изнесува 40 метри.

За одделни делови од Кочанската Котлина постојат посебни имиња. Така, средишниот дел е познат како Кочанско Поле (или само Кочанско), југоисточниот како Виничко, а западниот дел како Злетовица. Територијата пак околу поголемите села се именува како: Оризарско, Истибањско, Зрновско, Облешевско и сл.

Котлината има релјефна погодност и плодна почва, која заедно со расположливата хидрографска мрежа овозможува природно движење на водата и дозволува житните култури, посебно оризот, да егзистираат во извонредни природни услови.

Од сите четири правци, како и во однос на соседните области, Кочанската Котлина е одделена и воедно опкружена со планински венци и ридски предели. Јужната граница се наоѓа на билото на планината Плачковица и се протега во напореднички правец по врвовите Туртел (1.607 м), Џамија (1.569 м), Картал (1.442 м), Козбран (1.708 м) и Паруца (1.356 м) и воедно претставува граница со Струмичко-радовишката Котлина[1]. Источната граница се протега во меридијански правец по билото на планината Голак со врвовите Обозна (1.181 м), Јастребец (1.273 м), Чавка (1.538 м) и Бајрамица (1202 м) и истовремено претставува граница со соседните области Пијанец (Делчевско) и Малешево (Беровско-Пехчевско)[1]. Северната граница на Кочанската Котлина, која ја одделува од Злетовско-Пробиштипскиот крај, се наоѓа на пресеката помеѓу изразитиот планински дел и низинското подножје на Осогово на надморска височина помеѓу 1000 и 700 метри, близу селата Пресека, Безиково, Јастребник, Лешки, Пантелеј и Рајчани[1]. Западната граница, која ја одделува Кочанската Котлина од Штипско, се наоѓа во долинот дел на сливот на Злетовска Река, десна притока на Брегалница, во непосредната околина на Штип[1].

Историја

[уреди | уреди извор]

Според досегашните испитувања, дојдено е до научни сознанија дека Котлината настанала по тектонски пат. Пресудно значење за денешната форма и релјефната структура одиграле тектонските движења што се случиле пред средниот олигоцен. Тогаш дошло до спуштање на земјиштето меѓу две раседни линии и тоа една од северната, Осоговската и друга од јужната, Плачковичката страна. При крајот на миоценот и почетокот на плиоценот, котлината е поплавена од слатководно езеро кое заедно со другите соседни езера го создава познатото, во геоморфолошката литература, Средновардарско Езеро. Длабочината на ова Кочанско плиоцено езеро била над 500 метри.

Со истекувањето на езерата на средновардарската потолина дошло до исушување и на Кочанското Езеро, бидејќи тоа преку истеци комуницирало со нив. Потоа започнала флувијалната фаза во развојот на релјефот и формирањето на флувијалните земјишни облици. Засекувањето на коритото на Брегалница довело до формирање речни тераси кои се најзабележливи на влезот и излезот на реката од Кочанската Котлина.

Структурата на котлината со своите маркантни раседи ја прави сеизмички доста активна, со потенцијалност од 8-9° според Меркалиевата сеизмичка скала.[2]

Срдедната просечна годишна температура на воздухот изнесува 13°С, со што Кочанската Котлина се вбројува во редот на топлите котлини во Македонија. Таа е слична на температурата на воздухот во Струмичката и Велешката котлина. Котлината изобилува со термални извори, од кои покарактеристични се оние кај селата Истибања, Долни Подлог, Бања и Крупиште. Кај селото Долни Подлог, близу Кочани сега се користат две дупнатини длабоки 35 и 460 метри со штедрост од 300л/сек. и температура меѓу 70-80°С[3]. Лековитите својства на топлата вода од Кочанската Котлина, според Ристо Чанев, се истоветни со водата во Негорски бањи, кај Гевгелија.

Земјоделство и производно стопанство

[уреди | уреди извор]
Книга за кочанскиот ориз (Стиснете на сликата за да ја отворите и читате во целост)

Поради извонредно поволните природни услови, најразвиена стопанска гранка во Кочанската Котлина е земјоделството, односно првобитно полјоделството и градинарството, а потоа и сточарството. Најпознатата земјоделска и житна култура кој се одгледува од дамнина, а по која Кочанската Котлина е надалеку позната и прочуена во Македонија и на Балканот е оризот. Одгледувањето на ориз е застапено во илјадници хектари најповеќе во средишниот рамничарски дел на котлинското дно, а во функција на оризопроизводството се отворени и работат посебни погони и претпријатија како лупилници за ориз и оризова арпа како што се тие во Чешиново, Облешево, Оризари.

Останати житни култури кои се одгледуваат во голема мерка се пченицата и пченката, како и стрмните жита пред сè овес во котлинските рабови во Виничко. Во голема мера поради поволните хидрографски услови и влажност на почвата се одгледува грав, од познатата сорта за овој крај наречена „пешак“, како и спанаќ и други мешункасти растенија како грашок и боранија.

Сè поголеми размери добива и градинарството, пред сè одлгедувањето на познатите „кочански“ домати (патлиџани) кои се сè повеќе застапени на пазарите во Скопје. Покрај домати, се одгледуваат и зелка, пиперки, компир, кромид, морков.

Сточарството е најзастапено во северните делови на Кочанската Котлина и во подножјето на Осогово, каде се одгледуваат голем број на стада на овци, а се отворени и приватни млекарници кои го произведуваат познатиот „Осоговски“ овчи и мешан кашкавал (с. Соколарци). Во рамничарскиот предел се одгледуваат и крупни говеда како крави и волови во помала мера.

Од останатите стопански гранки, најразвиена е трговијата и лесната преработувачка индустрија, концентрирана во главните градски центри на котлината, Кочани и Виница. Најпознати претпријатија се „Амфенол Технолоџи Македонија“, „Антура“, индустријата за автоделови „Руен Инокс Аутомобиле“, печатницата „Европа 92“, „Макпрогрес“, „Мебел-ви“.

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 Трифуноски, Ф. Јован. Кочанска котлина - сеоска насеља и становништво. Скопје, 1970 г. стр. 7
  2. Кочани и Кочанско од праисторијата до денес, монографија, Општина Кочани, декември 2003 г.
  3. Официјално мрежно место на Општина Кочани

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
  • Делипетров, Тодор; Донева, Благица; Делипетрев, Марјан; Каракашев, Дељо (2011). „Геотермален потенцијал на Кочанската Котлина“ (PDF). Геотермална енергија во Македонија. Кочани: Општина Кочани: 3–29. ISSN 978-608-65280-0-3 Проверете ја вредноста |issn= (help).