Бели

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Бели
Selo Beli.JPG

Поглед кон селото

Бели се наоѓа во Македонија
Бели
Местоположба на Бели во Македонија
Координати 41°55′39″ СГШ 22°22′50″ ИГД / 
Регион Logo of Eastern Region, Macedonia.svg Источен регион
Општина Coat of arms of Kočani Municipality.svg Општина Кочани
Население 466 жит.
Пошт. бр. 2300
Повик. бр. (0)33
Надм. вис. 524 м
Слава Спасовден


Бели е село во општина Кочани. Селото се наоѓа северозападно од Кочани и според последиот попис од 2002 година имало население од 466 жители.

Географиja и местоположба[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа на падините на Осоговските Планини. До селото се стигнува по асфалтот кој води кон Пониква. Патот кој води кон средината на Бели е исто така и патот кон Нивичани, Пантелеј и Рајчани. Кога се влегува во Бели се поминува низ така нареченото место „Рамниште“. Потоа откако се навлегува во средината на Бели од десната страна се наоѓа така нареченото место „Кметско Маало“. По патот се наоѓата на раскрсница која има три пата. Патот кој е лево ве води кон игралиштето во Бели, а исто така и во маалото „Чифлико“, но и кон селата Нивичани, Пантелеј, Рајчани, како и училиштето „Кирил и Методиј“. По десниот пат се стигнува пред игралиштето, а третиот пат води кон средишниот дел на селото познато како „Средно Маало“ и црквата Св. Спас.

Историja[уреди | уреди извор]

Се претпоставува дека селото датира од средината на 9 век и дека го основале Словени кои го примиле Христијанството многу децении подоцна. Во 19 век Бели било дел од Кочанската каза на Отоманската империја. Според податоците на бугарскиот публицист Васил Канчов, селото во 1900 година имало 400 жители Македонци Христијани.[1]

Демографија[уреди | уреди извор]

Според пописот на населението од 2002 г. селото Бели имало околу 466 жители. Според националниот состав Бели е чисто македонско село (Македонци се 100%). Бројот на младата популација е во прогресивно опаѓање, а предпубертетската популација изнесува едвај малку над 8%. Во последните две децении е забележано алармантно опаѓање на бројот на населението, помалку поради исселување, но многу повеќе како последица на неосновање нови семејства (процентот на неоженети мажи во поодмината возраст е висок). Селото Бели е типичен пример на таканаречената „бела чума“ која ги разорува повеќето македонски села на почетокот на 21 век. [2]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Дабот во Бели

На падината што се извишува на северната страна од селото Бели. се наоѓаат два манастира и еден од најстарите дабови во овој дел од Европа. Сместен е во дворот од манастирот „Свети Илија“ со кој се стигнува по кривулестиот земјен пат, кој на моменти се искачува директно по височинката. Единствен по својата раскошност и големина, дабот е изникнат токму на средината од врвот, стоејќи како негов чувар на Бели, пет века чувајќи ја историјата на ова село.

Според мерењата обемот на дрвото е околу 10 метри, а распонот на гранките близу стотина метри. Од далеку наликува на дланка со раширени пет прсти. Но, пред околу две децении, една од гранките која била најдолга, се скршила, а на тоа место се појавила огромна дупка. Дел од дабот почнал да се суши, а месното население често во дупката барало спас од ненадејниот дожд или ветар. За да се заштити од натамошно пропаѓање, како еден од ретките природни споменици во општината и државата, во 2004 г. оштетувањето беше санирано.

Староста на дрвото се проценува на околу 680 години, иако никој не може со сигурност да каже кога и од кого е засаден. Одамна претставува симбол на селото и на жителите, бидејки седум века опстојува на временксите неприлики, заедно со тешкотиите на народот. Под него се наоѓаат две огромни грамади кои жителите ги викаат „каменот на плачот“. Се работи за камен на кој многу генерации овчари седнувале да ручаат. Од него си ги остреле ножевите, а името го добил затоа што овчарите плачеле од мака што во тој период немале којзнае што да јадат. Дабот е сведок и на егзекуцијата на 10 жители од селото кои биле убиени во 1912 година од турската војска, бидејќи го дигнале својот глас против Турската Империја. На влезот од манастирот Св. Илија стои спомен-плоча како сеќавање на тој настан.

Во стеблото на дабот со години наназад живее смок долг околу два метра. Тој е негов чувар, велат мештаните. Никој не го избркал или пак се обидел да го убие, затоа што сметаат дека тој е светија. Еднаш, за Илинден, кога дошле голем број верници во манастирот, смокот излегол од дупката во дабот и се искачил високо во гранките и таму останал цел ден, сè додека и последниот верник не си заминал. Мештаните велат дека кога се санирала дупката на дабот, стручните лица го молеле смокот да излезе од дабот. По двочасовно убедување, тој излегол, а тие ја затвориле дупката. Сега ја нема огромната дупка, а нејзиното место се гледа темнозеленикава материја која го штити дрвото. Сепак, жителите на Бели веруваат дека смокот нашол друг отвор и повторно си влегува внатре.[3]

Личности[уреди | уреди извор]

  • Георги Апостолов, македонски борец[4]
  • Мите Каракашев, македонски револуционер.
  • Тројан Иванов, македонски револуционер.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр.227.
  2. Официјален сајт на Општина Кочани.
  3. Општински весник “Инфо-Кочани“, бр. 47, од 03.08.2008 г., текст: “Жив споменик на седумвековната историја“
  4. „Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 47.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Сателитска снимка на Бели на Google Maps.