Пониква
Пониква — туристички центар и викенд-населба на Осоговските Планини во источна Македонија. Оддалечен е околу 20 км северно од Кочани, на надморска височина од 1.560 метри во предел со густа букова шума и разновидна вегетација.[1] Зацртан како еден од 34-те зимски туристички центри во просторниот план на Република Македонија, Пониква зазема особено важно место во развојот на туризмот и општиот развој на Осоговијата.
Туризам[уреди | уреди извор]
Урбаниот простор опфаќа два ски-лифта, викенд-куќи (единечни и двојни), автокампови, бунгалови, објекти за дневно снабдување, повеќенаменски простори, терени за спорт и рекреација, хотели, одморалишта, угостителски објекти, сервис и услуги за скијачка опрема. На Пониква, покрај викенд-населбата, неколкуте мотели, има и детско одморалиште со капацитет од 220 легла.
Природните убавини, еколошки чистиот амбиент и поволната клима се одлични предуслови за големата посетеност на туристите. За да има можност за побрз развој, на туризмот на месноста Пониква, потребно е да се изврши подобрување и довршување на инфраструктурата, обезбедување на доволни количини вода и електрична енергија. Покрај веќе изградените спортски терени се повеќе се најавуваат иницијативи и потенцијални заинтересирани инвеститори за изградба на патеки за биатлон и нордиско трчање. Покрај Пониква на Осоговијата има и други извонредни места за изградба на патеки за скијање со поголема должина, како што се терените под Царев Врв (Султан Тепе - 1085 м).
- Цркви
- Црква „Св. Василиј Велики“ - манастирска црква осветена на 31 август 2014 година;[2]
- Црква „Св. Климент Охридски“ - црква осветена на 13 септември 2015 година.[3]
Природни богатства[уреди | уреди извор]
Како посебна туристичка атракција, за љубителите на ловот, во непосредна близина на спортско-рекреативниот центар Пониква, се наоѓа и резерват за дивеч. Комерцијалното ловиште-резерват им нуди на посетителите можност за лов на елени, срни, елени-лопатари, муфлони, диви свињи, како и сместување.