Пантелеј

Координати: 41°57′57″N 22°19′00″E / 41.96583° СГШ; 22.31667° ИГД / 41.96583; 22.31667
Од Википедија — слободната енциклопедија
Пантелеј

Пантелеј

Пантелеј во рамките на Македонија
Пантелеј
Местоположба на Пантелеј во Македонија
Пантелеј на карта

Карта

Координати 41°57′57″N 22°19′00″E / 41.96583° СГШ; 22.31667° ИГД / 41.96583; 22.31667
Општина Кочани
Население 24 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 2300
Шифра на КО 13030
Надм. вис. 766 м м
Пантелеј на општинската карта

Атарот на Пантелеј во рамките на општината
Пантелеј на Ризницата

Пантелеј — село во Општина Кочани.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Пантелеј се наоѓа 12 км северозападно од Кочани, на 766 м надморска височина. Населбата се наоѓа на спојот помеѓу ридскиот и планинскиот југозападен дел на Осоговските Планини.

Местото е богато со природни извори. Познати природни извори, кои од месното население се третираат како лековити се „Трештена вода“, која извира од карпа во местото викано Трештеник, потоа споменатата „Црна вода“ и исто така споменатата вода во манастирот Св. Пантелејмон.[2]

Историја[уреди | уреди извор]

Подрачјето на Пантелеј е населено уште од железното време, за што сведочи наоѓалиштето Градиште на 4 км западно од селото.[3]

Манастирот „Св. Пантелејмон“ и селото Пантелеј постоеле уште во времето на владеење на српскиот жупан Стефан Немања (1166-1196), но со поинаква местоположба од денешната. Старата населба Пантелеј (Нантеген) веројатно се наоѓала северозападно од денешната местоположба, во месноста Трештеник каде постојат ѕидини, остатоци од некогашните куќи. Во тој временски период во близина на населбата постоела црква, посветена на големиот лекар и великомаченик св. Пантелејмон.

Населбата и црквата опстанале доста време. Преживеале голем дел од османлиското владеење, па дури и периодот на владеење на султанот Селим I(1512-1520), кој пред крајот на своето владеење издал заповед, сите христијански храмови изградени од камен да се претворат во џамии, а на христијанското население да му биде дозволено правење на исклучиво храмови од дрвен материјал. Но, овој закон не бил спроведен од страна на отоманските власти, поради стравот од бунт на мнозинското христијанско население.

Во 1519 година, населбата имала вкупно 11 семејства. Во 1570, населбата веќе имала 32 семејства, со некаде околу 160-180 жители.

Населението било доста приврзано за црквата св. Пантелејмон, каде што секоја година се организирал собир, но со уривањето на црквата од страна на властите на султанот Мехмед IV(1648-1687), народот со годините ја губел желбата повторно да се собира на местото на урнатата црква, поради тешката економска состојба.

Преселбата од месноста Трештеник на денешната локација на Пантелеј започнала околу 1780-90 година, од претпоставка дека кај изворот Трештеник удрил гром, по што населението го сфатило како лош знак и затоа се иселило.

Како и секоја населба, така и Пантелеј имало одреден христијански празник, кој населбата го празнувала на 2 Август, ден Илинден. Прославата населението ја организирало на местото Побиен Камен.

Текот на настаните го сменил Ѓулханскиот хатишериф(Ѓулхан-дворец хатишериф-наредба од Султанот), кој бил донесен на 3 Ноември 1839 година. Во него се прокламирала целосна рамноправност помеѓу населението пред законот, без разлика на неговата етничка или верска припадност. И покрај тешкото спроведување, ова било значаен чекор во модернизацијата на Отоманското Царство, која значително заостанувала позади своите тогашни соперници, Австроунгарија и Русија. Ова било потврдено на 18 Февруари 1859 година, со што султанот им ветувал на странските земји дека во неговата империја населението е рамноправно. Така, населението сега можело повторно да ги изгради своите храмови, коишто и покрај отпорот на муслиманското население биле изградени. Во 1872, во Пантелеј била изградена црквата „Успение на Пресвета Богородица“, а во 1885 и познатиот манастир св. Пантелејмон.

Во времето на Отоманското владеење во селото постоел турски чифлик. Сопственикот на чифликот живеел во селото Теранци, сместено на северниот дел од подножјето на планината Плачковица. Бидејќи стравувал дека може да го загуби чифликот, поради тоа што бил блиску до пошумениот дел на Осоговијата и со тоа постоела опасност да биде нападнат од комити, одлучил да го продаде. За чифликот не биле заинтересирани други Турци, туку само тројца браќа, христијани, со нивните семејства, со прекар Рогуши од селото Длги дел, кое се наоѓало длабоко во планината на југозападниот дел од Царев Врв (Султан тепе). Овие браќа Ангел, Митко и Каро, кои пред населувањето во Длги дел биле прогонети од Паланечкиот регион заради убиство на тројца Турци, сакале да го купат целиот имот со злато кое, според нив, го пронашле во планината. На тоа реагирале локалните Отомански власти, бидејќи според нив не било логично продавање на имот на поробеното население. Тогаш сопственикот на чифликот се договорил со локалниот кадија со помош на мито да дозволи чифликот да се продаде. Така, подоцна со соработка со турските власти, Каро стекнал огромно богатство за тогашниот просечен Македонец. Подоцна дел од тој чифлик од истото семејство е подарен на црквата за изградба на црквата Св. Богородица и манастирот Св. Пантелејмон. Во времето на Кралството СХС, и подоцна Кралство Југославија, низ селото минувал воен пат (калдрма) што го поврзувал Кочани со воените објекти на Кралската војска на Пониква.

Легенди[уреди | уреди извор]

На Нејтана Дамева, млада девојка од ова село, која е родена слепа, на сон ѝ се прикажало место во близината, да појде таму, да копа и дека ќе најде извор, од чија вода ќе си ги измие очите и ќе прогледа. Утредента го прашала својот татко дали е тоа височинката каде што слушнала дека има sидови од разрушена црква и откако тој и потврдил, таа со помош на дрвен стап стигнала до сонуваното место. Веднаш почнала да копа со рацете, но извор немало. Минувачите, гледајќи ја како се мачи и не разбирајќи ја, и викале да престане да копа. Криејќи ја причината зошто си ги крвави рацете по урнатините, Нејтана упорно продолжила да копа. Но, извор и вода не пронашла.

Очајна и преморена легнала тешко болна. На претсмртниот час, слепата девојка на селаните им кажала за својот сон, за лековитата вода што ја сонила и за желбата да прогледа. Малку после нејзината смрт бил пронајден изворот на Нејтана, кој брзо се расчул по својата лековитост. Таму почнале да се собираат луѓе што барале здравје за разни болести, раскажуваат најстарите пантелејци, она што го запаметиле од своите татковци и дедовци за тоа како и зошто почнал да се подига манастирот “Свети Пантелејмон”.

Според запишаните преданија, во шеесеттите години на XIX век двајца калуѓери од манастирот во Лесново, Кирил и Харалампија (нивните имиња, напишани на старословенски јазик, се наоѓаат на записот над влезната порта на помалата манастирска црква “Св. Богородица”), сониле ист сон за лековитиот извор, го нашле и решиле да останат да живеат крај водата што лекува и тука да изградат црква. Но османлиската власт ова не го дозволувала сè додека некој богат Турчин од Кочани не се излекувал од лековитиот извор и со своето влијание помогнал при обезбедувањето ферман за изградба на црква. Најпрвин, во 1872 година била подигната помалата црква “Св. Богородица” и неколку години подоцна и поголемата “Св. Пантелејмон”.

Изворот што го сонила слепата Нејтана се наоѓа во поголемата црква, веднаш до олтарот. Непосредно под манастирот се наоѓа уште еден извор, за кој се вели дека е “единствен таков во Македонија”. Се нарекува “црна вода”, бидејќи истекува од длабнатина (дупка) од светиот црн цер (црн бор), се црпи со мало лажиче и има мирис и вкус сличен на кока - кола. “Црната вода” помага при лекување болки во коските и зглобовите.

Селаните раскажуваат за настан од пред многу години. Во Пантелеј дошле три момчиња од кои едното било парализирано. Свештениците ги одвеле кај “црната вода”. Потоа момчињата си заминале и приквечер се вратиле во манастирот со бовчалак, објаснувајќи дека нивниот другар почнал да ја движи ногата откако се напил од водичката од светиот цер и од онаа во црквата.

Во манастирскиот комплекс “Св. Пантелејмон” најживо е на секој 9 август, кога е денот на Свети Пантелејмон. Во дворот и опкружувањето на овој храм на христијанството тогаш има по десетици илјади верници и граѓани. Црковниот врв држи света литургија, а луѓето влегуваат во црквата да се помолат, се мијат со водата од изворот и ја пијат, сметајќи дека им носи здравје.

Една друга легенда вели дека порано селото било над изворот „Трештена вода“, но после ударот од гром во самиот извор, селаните го напуштиле местото и се населиле на местото каде што се наоѓа сега селото Пантелеј.

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948293—    
1953297+1.4%
1961295−0.7%
1971220−25.4%
1981160−27.3%
ГодинаНас.±%
199196−40.0%
199483−13.5%
200264−22.9%
202124−62.5%

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Македонци.[4]

Населението во Пантелеј се состои исклучиво од Македонци.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 24 жители, од кои 18 Македонци и 6 лица без податоци.[5]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 220 288 293 297 295 220 160 96 83 64 24
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[6]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[7]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[8]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[9]

Родови[уреди | уреди извор]

Пантелеј е македонско село.

Родови во селото се: Динчини (7 к.), Дедо-Дамјановци (6 к.), Дедо-Стојилковци (4 к.), Величковци (3 к.), Цековци (2 к.), Карафиловци (2 к.) и Пепелари (1 к.) потекнуваат од предци кои се доселени, но не знаат од каде, најстари родови се во селото; Рогуши или Дедо-Вучковци (4 к.) доселени се од селото Длаги Дол, го знаат следното родословие: Јордан (жив на 80 г. крајот на 50-тите) Стојко-Анѓел-Вучко, кој се доселил во селото; Дедо-Димовци (5 к.) доселени се од селото Саса кај Македонска Каменица; Дедо-Марковци (7 к.), Дедо-Трајчевци (1 к.) и Постоловци (2 к.) доселени се однекаде.[10]

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 871 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[11]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 41 гласач.[12]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Манастирот „Св. Пантелејмон“
Верски објекти
Археолошки наоѓалишта
Извори
  • Извор „Трештена вода“
  • Извор „Црна вода“ со необичен мирис и вкус

Традиција[уреди | уреди извор]

Пантелеј има своја вековна традиција, која делумно се негува и до ден денес. Најпознат празник што се чествува е Св. Пантелејмон на 9 август, а „селската слава“ е на Илинден.

Покрај празниците Пантелеј има и некои други традиционални обележја, како што е ловењето на пчели во т.н. бритви, кои всушност се ископани отвори во карпи, премачкани со маточина и затворени со штици, во кои во мај и јуни се вселуваат пчелни семејства, кои потоа месното население ги вади и ги пренесува во своите пчеларници.

Личности[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. „Пантелеј“. Архивирано од изворникот на 2009-11-26. Посетено на 2009-11-02.
  3. 3,0 3,1 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 180-181. ISBN 9989-649-28-6.
  4. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  5. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  6. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  7. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  8. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  9. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  10. Трифуноски, Јован (1970). Кочанска Котлина. Скопје: Универзитетска печатница.
  11. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  12. „Претседателски избори 2019“. Посетено на 3 ноември 2019.
  13. „Освет на параклис во манастирот „Св. Вмч. Пантелејмон" – Пантелеј“. Архивирано од изворникот на 2022-01-20. Посетено на 2022-01-20.
  14. Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том II, дел II. Државен архив на Република Македонија.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Официјално мрежно место на Пантелеј[мртва врска]

Извори[уреди | уреди извор]