Мојанци (Кочанско)
Мојанци — село во Општина Кочани, во околината на градот Кочани.
Географија и местоположба[уреди | уреди извор]
Мојанци се наоѓа на десната страна од патот Штип-Кочани, оддалечено околу 3 километри пред Кочани.
Селото се наоѓа на дното од Кочанска Котлина на надморска височина од 312 метри. Опкружено со плодно поле со првокласна обработлива почва и прекрасни оризови полиња.
На југ, на оддалеченост од околу 6 километри почнуваат северните падини на планината Плачковица. На север на околу 6 километри почнуваат јужните падини на Осоговските Планини. На југ на околу 1.5 километри од Мојанци тече реката Брегалница.
Историја[уреди | уреди извор]
Селото е основано помеѓу двете светски војни, во времето на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците. Во тој период Србија водела интензивна кампања за колонизација на Македонија како дел од стратегијата за посрбување. Бидејќи селото лежи во плодната Кочанска Kотлина на земјоделско земјиште од прва класа истото било колонизирано, а земјата доделена на српски семејства. Македонското население било работна сила за обработка на земјата, ситуацијата наликувала многу на феудализам од средниот век.
По Втората светска војна на дел од жителите им биле доделени земјоделски површини.
Подоцна, кога настапила насила денационализацијата, дел од земјата пак им е одземена на земјоделците и формирани се т.н. задруги. По 1999 година откако отпочна посериозен процес на денационализација во Република Македонија, дел од земјата повторно им се врати на поранешните сопственици.
По Втората светска војна, во селото се населиле семејства од Кривопаланечкиот крај, како и ромски православни семејства кои сега се околу 15% по бројност во ова село од околу 150 куќи.
Стопанство[уреди | уреди извор]
Иако малку семејства поседуваат повеќе од 1 хектар обработливо земјиште, сепак земјоделството е клучна дејност, посебно одгледувањето на ориз, раноградинарски производи (пипер, домат итн.) Поголемиот дел од семејствата се занимаваат со земјоделство како споредна дејност додека се вработени во Кочани, Виница или Штип. Во периодот после 1990 година, селото се соочува со егзодус кој главно се должи на лошите социо-економски услови во Македонија. Најголемиот број на млади заминуваат на работа и остануваат да живеат во Италија. Во помал дел заминуваат и во други западноевропски и прекуокеански земји.
Демографија[уреди | уреди извор]
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Мојанци живееле 125 жители, од кои 75 Македонци и 50 Роми.
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Мојанци имало 96 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија и 48 Роми.[1]
Според последниот попис на населението на Македонија од 2002 година, селото има 556 жители, од кои 554 Македонци и 2 останати.[2]
На табелата е прикажан бројот на жители низ сите пописни години:[3]
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 125[4] | 144[5] | 228 | 369 | 507 | 574 | 585 | 606 | 578 | 556 |
Родови[уреди | уреди извор]
Мојанци е македонско село.
Според истражувањата од 1960 година, родови во селото се:
- Јованови (3 к.) доселени се од селото Цера кај Македонска Каменица. Доселени се во турско време.
- Боневски (4 к.) доселени се од селото Лески кај Виница кон крајот на XIX век.
- Од 1945 до 1951 година се доселиле многу семејства од следните села во разни краеви. Бели (6 к.), Кочани (3 к.), Горно Гратче (4 к.), Јастребник (2 к.), Нивичани (1 к.), Пресека (3 к.), Псача (14 к.), Конопница (3 к.), Костин Дол (13 к.), Саса (4 к.), Цера (1 к.), Небојани (5 к.) и Речани (1 к.)
- Егејци (4 к.) доселени се во 1948 година од некое село во околината на Драма во Егејска Македонија.[6]
Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]
Избирачко место[уреди | уреди извор]
Во селото постои избирачкото место бр. 866 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на ресторант на задругата.[7]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 443 гласачи.[8]
Спорт[уреди | уреди извор]
Во селото најпопуларен е фудбалот и има турнири за големите празници во кои учествуваат голем број локални фудбалски клубови.
Наводи[уреди | уреди извор]
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp.122.
- ↑ Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
- ↑ Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година). База на податоци МАКСтат. Државен завод за статистика.
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 226
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 132-133.
- ↑ Трифуноски, Јован (1970). Кочанска Котлина. Скопје: Универзитетска печатница.
- ↑ „Описи на ИМ“. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Посетено на 3 ноември 2019.
Надворешни врски[уреди | уреди извор]
|