Облешево

Облешево — село во Општина Чешиново-Облешево, во околината на градот Кочани. Селото е седиште на општината.
Географија и местоположба[уреди | уреди извор]
Облешево се наоѓа во најнискиот рамничарски предел од Кочанското Поле. Го зафаќа просторот во средното сливно подрачје на реката Брегалница, во подножјето на планините Осогово и Плачковица. Има средишна позиција помеѓу поголемите градски општини: Кочани, Штип и Пробиштип. Преку главната сообраќајница M-5, Штип- Кочани-Делчево, се поврзува со Р. Бугарија. Се протегаат следните населени места: Чешиново, Соколарци, Спанчево, Теранци, Чифлик, Кучичино, Бурилчево, Уларци, Жиганци, Бања, Врбица, Ново Селани и Лепопелци.
Историја[уреди | уреди извор]
На крајот на XIX век селото било дел од Кочанската каза на Отоманското Царство.
Стопанство[уреди | уреди извор]
Главна стопанска гранка во селото е земјоделството и производството на ориз.
Демографија[уреди | уреди извор]
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Облешево живееле 350 жители, од кои 175 Македонци. и 175 Турци.[1]
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Облешево имало 160 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[2]
Во 1961 година во селото имало 1.011 жители, додека во 1994 година населението се зголемило на 1.206 жители.
Според последниот попис на населението на Македонија од 2002 година, селото има 1.131 жител, од кои 1.129 Македонци, 1 Србин и 1 останат.[3]
На табелата е прикажана состојбата на населението во сите пописни години:[4]
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 350[1] | 160[2] | 673 | 798 | 1.011 | 1.118 | 1.228 | 1.206 | 1.206 | 1.131 |
Родови[уреди | уреди извор]
Облешево е македонско село, а имало и други народности во селото.
Според истражувањата од 1960 година, родови во селото се
Македонски:
- Барјактарци (5 к.) доселени се од околината на Босилеград во Србија. Овде се населени во XIX век.
- Шоповци (2 к.) доселени се од селото Костин Дол на Осогово. Овде живеат од XIX век.
- Кадифци (1 к.) доселени се од селото Шталковица кај Пробиштип. Овде живеат од XIX век.
- Дончеви (2 к.) и Текови (1 к.) доселени се од селото Спанчево. Овде живеат од XIX век.
- Андонови (2 к.) доселени се однекаде. Овде живеат од XIX век.
- Трајанови или Соколарци (6 к.) доселени се по турското владеење од селото Соколарци.
- Ставреви (3 к.) и Баба-Џекини (2 к.) доселени се од селото Чешиново.
- Врбичани (1 к.) доселени се од селото Врбица.
- Јастребничани (11 к.) доселени се од селото Јастребник.
- Рајчани (2 к.) доселени се од селото Рајчани. И таму се доселиле однекаде.
- Пантелејци (2 к.) доселени се од селото Пантелеј.
- Белчани (1 к.) доселени се од селото Бели.
- Нивичани (1 к.) доселени се од селото Нивичани.
- Од околината на Крива Паланка се доселиле 26 домаќинства, они се од селата. Длабочица (14 к.), Борово (5 к.), Градец (4 к.), Дренак (2 к.) и Конопница (1 к.)
- Од околината на Кратово се доселиле две домаќинства. Од селата Кнежево и Мождивја (?) (можеби Мождивњак, Кривопаланечко, близу до кратовско).
- Злетовчани (2 к.) доселени се од селото Злетово кај Пробиштип.
- Ташкови (2 к.), Доне (1 к.) и Лазо (1 к.) доселени се од селото Бунеш кај Пробиштип.
- Шталковчани (1 к.) доселени се од селото Шталковица кај Пробиштип.
- Од околината на Делчево и Македонска Каменица се доселиле 5 домаќинства. И тоа од Саса (2 к.), Цера (2 к.) и Каменица (1 к.)
- Небојанци (3 к.) доселени се од селото Небојани.
- Главовчани (2 к.) доселени се од селото Главовица.
- Егејци (6 к.) Ванчо, Ѓорги, Ѓорги, Никола и Петре со своите семејства се доселиле од Егејска Македонија во 1948 година.
Српски
- Симо Марковиќ (1 к.) и Стеван Филковиќ (1 к.) првиот по потекло е од селото Булатовац кај Прокупље. А вториот Добановац на Срем. Вториот по потекло е посрбен Унгарец.
Православни Роми
- Ангелови (2 к.), Блажеви (2 к.), Санда (1 к.) и Тодор (1 к.) зборуваат македонски. Едно домаќинство во селото живее од турско време. А другите се доселени од Пробиштипско.
Албански
- Адим Бајрам (1 к.) дошол со семејството од Сува Река во Косово. По темната боја на кожата изгледа се работи за поалбанчен Ром.[5]
Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]
Избирачко место[уреди | уреди извор]
Во селото постои избирачкото место бр. 882 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[6]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 923 гласачи.[7]
Општествени установи[уреди | уреди извор]
Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]
- Цркви
Култура и спорт[уреди | уреди извор]
- ФК „Слобода“ - Облешево
Поврзано[уреди | уреди извор]
Наводи[уреди | уреди извор]
- ↑ 1,0 1,1 Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр.226.
- ↑ 2,0 2,1 D.M.Brancoff. "La Macedoine et sa Population Chretienne". Paris, 1905, р.132-133.
- ↑ Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
- ↑ Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година). База на податоци МАКСтат. Државен завод за статистика.
- ↑ Трифуноски, Јован (1970). Кочанска Котлина. Скопје. Скопје: Универзитетска печатница.
- ↑ „Описи на ИМ“. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Посетено на 3 ноември 2019.
Надворешни врски[уреди | уреди извор]
- Сателитска снимка на Облешево на Карти на Гугл
- Општина Чешиново-Облешево
|