Шталковица

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Шталковица е село во Општина Пробиштип, во околината на градот Пробиштип.


Шталковица
Шталковица is located in Македонија
Шталковица
Местоположба на Шталковица во Македонија
Општина Општина Пробиштип
Шталковица на општинската карта
Шталковица во Општина Пробиштип.svg

Атарот на Шталковица во рамките на општината


Географиja и местоположба[уреди | уреди извор]

Селото Шталковица како и неговите соседни села Ратковица, Зеленград, Јамиште, Емирица, Кнежево и други се изразито планински села од познатата историска Злетовска област. За разлика од претходно наведените села, Шталковица е на значително помала надморска височина. Затоа што висовите од планината Пониква, западно од исто така познатата Раткова скала постепено преминуваат во поблаги висови кои по Злетово и Турско Рудари ја отпочнуваат брановидната алувијална рамнина околу Злетовска Река. Самата населба е сместена, освен неколку домови, на десниот брег на Шталковска Река. Инаку селото има доста извори и во повисокиот и во понискиот дел, а климата е, поради влијанието од Брегалница и Злетовска Река, умереноконтинентална.

Историja[уреди | уреди извор]

Шталковица е едно од најстарите населби во Злетовската област. Самото име Шталковица зборува за тоа дека е од несомнено саксонско потекло (од германскиот збор штал - челик. Имено, во периодот од владението на Деспот Оливер во Злетовска област е посебно развиено рударството. Така да во средината на 13 век Сасите отпочнуваат со рудокопи во Шталковица и соседното Рудари (кое подоцна со иселување на христијаните ке стане Турско Рудари).

Инаку, и во самата селска традиција постои предание како селото првин се наоѓало во месноста Стара Шталковица, на просторот каде минувал стариот каравански пат за Пауталија (Ќустендил). Пак, по истите преданија а овој пат потврдени и од историски извори кои се однесуваат за Австро-турската војна од 1689 година и Карпошовото востание, Стара Шталковица е изгорена, населението е уништено или разбегано во тешко достапните планински предели. Во поствостаничкиот период и амнестијата преживеаните шталковчани се населуваат на местото на сегашната населба.

Ако одиме наназад во историјата ќе забележиме и ќе го потврдиме она дека Шталковица е една од најстарите населби во Злетовската област. Во околината на селото се сочувани траги од поранешни населби, и тоа во месностите непосредно до селото: Каралуково, Градиште и Стариград. На тие месности се откриени темели од стари згради, кастели, фрагменти од старовремска керамика. По народното предение селиштето Каралуково запустело поради подметнување на убиен Турчин во бунар, од страна на Турците од соседното село Турско Рудари, така да селаните поради крвнината и одмаздата се иселуваат. Меѓутоа, од историските документи гледаме дека Каралуково е едно од групата села кои се до темел уништени и раселени за време на Татарска наезда на овој крај, зимата 1689/1690 година.

Во месноста Селиште (2 км. југоистично од Шталковица),на пример, на една заравнина се откриени темели од пообена зграда, темели од дебел ѕид,остатоци од одбранбен бедем од времето на Римјаните. Недалеку од Селиште е месноста Градиште, купесто ридче, при што се сочувани темели од одбранбен бедем кој го обиколувал врвот, ѕидан од камење и старовремески тули и малтер. Таму се откопани, по кажувања на селаните и неколку големи питоси. Исто така, во месноста Стар Град,северозападно од селото, во суштина стрм планински огранок над Злетовска река се откриени сочувани остатоци од стара твдрина. Од турските документи од 16 век гледаме како појавуваат две села Шталковица, едното е во Штипската а другото во Кратовската нахија, иако се работа за исто село: Шталковица.Меѓу другото, во 1573 година. е запишано како Царски хас, сега населено (28 домаќинства и 16 неженети), а претходно било запишано како мезра - ненаселено. чигледно е дека поради репресаалите од Турците населението често пати го менувале своето место на живеење.

Инаку,од турските пописни книги (дефтери) кои се однесуваат за Кратовската нахија, на пример, може да се види историјата и развојот на селото.Така, во 1519 година во Шталковица имало 28 семејства и 1 вдовица. Во 1530 година 27 домаќинства, а во 1550 год. 5 домаќинства повеќе (32), 8 неженети лица и две вдовици.Додека пак во пописот од 1570 година, има извесно намалување на населението,28 домаќинства. Меѓутоа, интересно е што се појавуваат релативно голем број на неженети лица 18 и две вдовици.

Како што гледаме од историските документи,Шталковица за време на Карпошовото востание како и речиси сите населби од овој дел од Македонија е уништена. Оттаму, и дислокацијата од месноста Стара Шталковиџа која е опожарена и запустена, на новата сегашна локација. Ако се има предвид дека тогаш Шталковица има околу триесетина куќи, раетско село и,главно занимање, на населението, адекватно на природно-географските околности,било сточарството, помалку земјоделие и дрварењето, не е тешко да се претпостави, и ако се знае системот на градба на домовите (плет, покрив од слама, огниште во, најчесто,единствената соба,дека преселбата од една месност во друга не е некој посебен проблем.

Не е познато која година но,се памети дека султанот му подарил на селото една шума од 100-ина хектари. И таа шума подоцна кога на големо ќе отпочнат црковните и националистички пропаганди на Србија и Бугари, меѓу населението од Шталковица, и зависта за пасиштата на Турците од соседното Турско Рудари ќе биде и посреден и непосреден повод за грабежи, насилија и опожарување, на уништивање на имото и човечки жртви.

За време на политичките пропаганди и обиди за денационализација на “рајата“ меѓу Бугарија и Србија, Шталковица иако село од триесетина домови не останало по страна. Еден селанец Стојо Шестопрстијо прв ја „донел„ српската пропаганда, односно српската партија со што селото ја прифатило Патријаршијата како свој духовен покровител“. Во 1900 година Шталковчани некое време се откажале од Патријаршијата и ја прифатиле Егзархијата.

Во последните години од турското владение селото е три пати опожарувано од страна на комитите, убивани се и повидни луѓе, репресалии и грабежи со цел селаните да се откажат од патронатот на Патријаршијата и да преминат под Егзархијата. Посебно се драстични ограбувањата на се што ќе им дојде до рака: храна,фураж за стоката, стока, живина итн. од страна бугарската окупаторска власт.

Шталковчани не минале подобро ни за перидот меѓу двете светски војни. Иако се од поодамна познати како припадници на „српската партија“, еден од значајните претставници од “Здружението за борба против бугарските бандити“, ѕверот во човекова кожа, како што го нарекувал народот, Мино Станковиќ на сила и со измама им го одзел утрината “Осое“ од 100 ха за само тогашни 20 турски лири.

Економија[уреди | уреди извор]

Природно-географските, пред се, планински услови во кои е лоцирана населбата ја одредува и економската активност на населението. Иако селскиот атар изнесува 2.410 ха и во споредба со другите селски населби е најголем во Злетовската област, меѓутоа тој, главно се состои од шуми, утрини и пасишта,а тоа значи како во минатото така и сега основна стопанска гранка е сточарството, посебно одгледувањето на козите.Имало семејства, до забраната на козарството после Втората светска војна, кои поседувале по 200,300 па и 400 кози. По забраната на одгледување на козите доминираат овците.Така,на пример, во 1953 година во селото имало 1230 овци, 228 говеда, 77 сфињи,92 магариња и коњи. Во наредниот попис на сточарството и земјоделството 1969 година. аналогно и со процесот на намалувањето на населението во Шталковица настанува и стагнација и редукција на сточниот фонд. Во таа пописна 1969 година. бројот на овци се намалува на 1185 грла,во 1981 година на 757 и во 1991 година на 530 грла. Следната позначајна економска активност на селаните е ткн. ситно дрварство. Односно производство на дрвен јаглен, дрва за огрев и дрвена граѓа.

Полјоделството поради лимитираните обработливи површини, како и традиционалниот начин на обработка на земјиштето е далеку понеразвиено од сточарството. Населението е ориентирано на производство на јачмен и пченка.Индустриски култури како поради почвата така и поради климате не се одгледуваат. Иако има многу природно погодни услови за развој на овоштарството, главно се одгледувале сливи (џанки) и нешто симболично лозја. Со затварањето на погонот на експлотација на камен од страна на „Силекс“ од Кратово, иако со оглед на биогеографските погодности и карактеристики на селото, наместо напредок доживува голем степен на деградција како на економски така и демографски план.

Демографија[уреди | уреди извор]

Од првите турски пописи на населението може да се забележи дека во 1519 година имала 28 домаќинства и 1 вдовица.

Во 1530 година има 27 домаќинства, а во 1570 година 28 домаќинства,18 неженети и 2 вдовици.

За време на Австро-турската војна и Карпошовото востание во 1689 година и одосветата што следи потоа од Татарите, селото е опожарено, а населението делумно уништено, одведено како робје и делумно засолнето во тешко пристапните делови од планината или се придружило на реката бегалци на север, дури и преку Сава и Дунав. Од овој период, по опожарувањето на “Стара Шталковица“ преживеаните повратници се населуваат на сегашното место.

Ѓорче Петров на едно место наведува дека во 1880 година Шталковица имала 260 жители од кои 18 биле Власи.

Според статистиката на Васил К'нчов („Македониja, Етнографиja и статистика“) од 1900 година, во Шталковица живееле 260 жители, сите Македонци.[1]

Според секретарот на бугарската егзархија Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Шталковица имало 258 жители, од кои 240 Македонци патријаршисти и 18 Власи.[2]

Од после воените пописи на населението,се забележува дека во 1948 година Шталковица има вкупно 273 жители (заедно со 30 жители од селото Ратковица кое од 1920 година е припоено и се смета за маало на Шталковица). Од наредниот попис во 1953 година има пораст за 32 лица и достигнува 305 жители. Овој број на население е највисокиот што го има селото. Во наредниот меѓу пописен период почнува намалување на населението. Така во 1961 година имало 248, во 1971 година 222 жители. За да во 1981 година овој број се намали на 122 а во 1991 година на 71 жител.

Според пописот од 2002 година, селото брои 44 жители, сите Македонци.[3]

На табелата е прикажан бројот на население во сите пописни години:[4]

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 260[1] 258[2] 273 305 258 222 122 68 64 44

Аналогно на динамиката на намалување на населението сега можеме слободно да претпоставиме дека нема повеќе од десетина остарени лица.

Родови[уреди | уреди извор]

Шталковица е македонско село.

Според истражувањата од 1970тите, родови во селото се:

  • Староседелци: Савевци-Мечкарци (6 к.), Бошковци (2 к.), Веселиновци (2 к.), Голубовци (6 к.), Сламарци (3 к.), Дајковци (2 к.), Дамјановци (2 к.), Ќазимци (2 к.) и Ковачовци (2 к.)
  • Доселеници: Домазетовци (6 к.) потекнуваат од домазет доселен од селото Нивичани кај Кочани; Трендовци (2 к.) доселени се од селото Полаки кај Кочани; Трајчевци (2 к.) доселени се од селото Зеленград; Јордановци (1 к.) доселени се од селото Соколарци кај Кочани; Дедо Маневци (5 к.) доселени се од околината на Врање во Србија; Спасковци (3 к.) доселени се од некогашната населба Лопен.[5]

Општествени институции[уреди | уреди извор]

Иако ова село е едно од помалите,како што се гледа од историските факти, просветната традиција, во рамки на тогашните општествени, политички и економски околности, е релативно стара. Првото училиште е отворено во 1850 година. Првиот учител бил Димитар Крстев од с.Зелениград од 1850 до 1855 година.Потоа учители биле Алекса Ангелковиќ од с. Пантелеј (1855-1860), потоа Љубо Тетовец и Арсо Миловановиќ до 1894 година. Со сенилизација на жителите и миграциите на младото и работно способно населние поради недостиг на деца од училишна возраст и покрај 13 децениската традиција основното училиште е затворено. Во Шталковица има црква посветена на Св. Никола. Таа е изградена во почетокот на ХХ века на местото на постара црква која се срушила по некој земјотрес.

Администрација и политика[уреди | уреди извор]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Личности[уреди | уреди извор]

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 222.
  2. 2,0 2,1 Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne, Paris, 1905, pp. 130-131.
  3. http://www.stat.gov.mk/publikacii/knigaX.pdf Попис во Македонија 2002. - Книга 10.
  4. Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година) *Државен завод за статистика http://makstat.stat.gov.mk.
  5. . Апостолов, Александар, Кондев, Тодор и Апостол Керамидчиев. Злетовска област. Географско-историски осврт, Скопje 1974. 
  • Стеван Симиќ,Историја Кратовске области,Годишница Н. Чупиќа,1914.
  • Група автори;Злетовска област,Скопје, 1970
  • Ѓорче Петров,Спомени, Скопје, 1950.
  • Пописи на население,домаќинства и станови,Сојузен завод за статистика. БГ.


Надворешни врски[уреди | уреди извор]