Прејди на содржината

Бурилчево

Координати: 41°50′33″N 22°17′45″E / 41.84250° СГШ; 22.29583° ИГД / 41.84250; 22.29583
Од Википедија — слободната енциклопедија
Бурилчево
Борилчево

Воздушен поглед на Бурилчево

Бурилчево во рамките на Македонија
Бурилчево
Местоположба на Бурилчево во Македонија
Бурилчево на карта

Карта

Координати 41°50′33″N 22°17′45″E / 41.84250° СГШ; 22.29583° ИГД / 41.84250; 22.29583
Регион  Источен
Општина  Чешиново-Облешево
Област Кочанско Поле
Население 108 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 2333
Повик. бр. 033
Шифра на КО 13004
Надм. вис. 330 м
Слава Спасовден
Бурилчево на општинската карта

Атарот на Бурилчево во рамките на општината
Бурилчево на Ризницата

Бурилчево (понекогаш нарекувано Борилчево) — село во Општина Чешиново-Облешево, во областа Кочанско Поле, во околината на градот Кочани.

Потекло и значење на името

[уреди | уреди извор]
Поглед на селото

Името на селото првпат е забележано како Бурилчево во турски документи од XVI век (1570 г.). Името може да доаѓа од ојконимот Бурилци или топонимот Бурилец, што пак се поврзуваат со личните имиња Бурило или Борило, или пак од „бурило“ што означува куса, а дебела змија или тесно, а долгнавесто буре.[2]

Географија и местоположба

[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа во Кочанското Поле, во јужниот дел на територијата на Општина Чешиново-Облешево, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Карбинци. Селото се наоѓа недалеку од левата страна на регионалниот пат Кочани-Штип.[3] Селото е ридско, сместено на надморска височина од 330 метри. Од градот Кочани, селото е оддалечено 17 километри.[3]

Низ селото поминува регионалниот пат 2334, кој е поврзан со регионалниот пат Кочани-Штип.[3]

Селото се наоѓа во југозападниот дел на Кочанската Котлина, на границата кон штипскиот крај. Јужно од Бурилчево се наоѓа планината Плачковица, каде главно се наоѓаат пасишта, а на север се наоѓа пониското земјиште каде има ниви. Најблиско село од источната страна е Кучичино. Водата за пиење се носела од една чешма на околу 200 метри северно од селото.[4]

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Лаки или Оризно Поле, Гладно Поле, Падина, Тупанец, Голо Брдо, Крс, Чешма, Црквени Рид, Цуцул, Селиште, Кшла, Гробо, Фурнаја, Бељак, Рамниште, Бабино Ридче, Валози, Ридинки и Ветреница.[4]

Селото има збиен тип. Не е поделено на маала, туку куќите се групирани по родови, како што се Ѓоревци, Каменарци, Шарковци и други.[4]

Историја

[уреди | уреди извор]

Во атарот на селото Бурилчево, во наоѓалиштето Пилаво е откриена населба од бакарно време (од 3500 до 2000 години п.н.е.).[5]

Во народот се говори дека Бурилчево е старо колку и соседните села Кучичино и Теранци. Меѓутоа, во 1780-тите години во тие села имало чума, поради што многу жители умреле. Тогаш, Теранци имало само 8, Кучичино 4, а Бурилчево само 1 домаќинство. Во преостанатото домаќинство живеела жена по име Марија, чиј маж бил Банде Пешка од селото Кучичино. Од нив потекнува родот Ѓоревци. Предците на останатите родови се доселиле во текот на XIX век од други краеви и села. Најпрвин дошле предците на родовите Шарковци и Куртевци.[4]

Старо Бурилчево имало околу 90 македонски куќи. Во дворовите на денешните мештани се наоѓаат темелни делови од тоа некогашно село.[4]

Северозападно од селото на мало возвишение се наоѓа црквата „Св. Богородица“, за која се верува дека е средновековна.[4]

На 28 ноември 1944 година, германските војници го запалиле селото.[4]

Стопанство

[уреди | уреди извор]

Атарот на селото е мал и зафаќа простор од 5,6 километри квадратни. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 286,1 хектар, на пасиштата отпаѓаат 224,1 хектар, додека на шумите само 6,2 хектари.[3]

Селото, во основа, има полјоделска функција. Во него има продавници.[3]

За време на отоманскиот период, на атарот на селото само малкумина имале своја земја. Околу 1878 година, три бега имале свои чифлици: по еден кратовски (Мамут-бег), ќустендилски (Абди Селим-бег) и скопски. Во периодот од 1913 до 1921 година, оваа земја била откупена.[4]

Население

[уреди | уреди извор]
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948178—    
1953196+10.1%
1961240+22.4%
1971251+4.6%
1981218−13.1%
ГодинаНас.±%
1991192−11.9%
1994163−15.1%
2002173+6.1%
2021108−37.6%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Бурилчево живееле 100 жители, од кои 65 Македонци и 35 Роми.[6]

Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Бурилчево имало 96 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[7]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 100 Македонци.[8]

Селото е мало и во 1961 година броело 240 жители, а во 1994 година 163 жители, македонско население.[3]

Според пописот од 2002 година, селото имало 173 жители, сите Македонци.[9]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 108 жители, од кои 97 Македонци и 11 лица без податоци.[10]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 100 314 178 196 240 251 218 192 163 173 108
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]

Бурилчево е македонско православно село.[4]

Според истражувањата од 1960 година, родови во селото се:

  • Староседелци: Ѓоревци (7 к.), тие се единствениот староседелски род во селото, кои го преживеале пустешот на селото кој се случил во XVIII век. Го знаат следното родословие: Мите (жив на 90 г. во 1960 година) Ставро-Коцо-Дино-Банде Пешко, основачот на родот.
  • Доселеници: Шарковци (5 к.), потекнуваат од домазет доселен од селото Чешиново. Овде живеат од почетокот на XIX век; Куртовци (2 к.), доселени се од селото Мородвис. Некој нивен предок се оженил со некоја Ромка, исто така од Мородвис; Каменарци (5 к.), доселени се од селото Кучичино. А таму се доселиле од селото Лесново кај Пробиштип; Тенови (5 к.), доселени се од селото Крупиште кај Штип и Црцорци (3 к.), доселени се од селото Уларци, помеѓу Кочани и Штип.

Иселеништво

[уреди | уреди извор]

Се знае за следниве иселени родови: родот Бојаџици (12 к.) се иселил во соседното Кучичино, родот Бурилчани (3 к.), се иселиле во соседното Чешиново, а во 1950-тите години три домаќинства се иселиле во Кочани и две домаќинства во Штип.[4]

Самоуправа и политика

[уреди | уреди извор]

На крајот од XIX век, Бурилчево било село во Кочанската Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Чешиново-Облешево, која била создадена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Облешево.

Во периодот 1962-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Кочани. Во периодот од 1955 до 1962 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Облешево.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Карбинци, во која покрај селото Бурилчево, се наоѓале и селата Аргулица, Караорман, Карбинци, Козјак, Кучичино, Припечани, Руљак, Таринци и Црвулево. Селото било дел од некогашната Општина Аргулица во периодот 1950-1952, во која влегувале селата Аргулица, Бурилчево, Карбинци, Козјак, Кучичино, Припечани, Руљак и Црвулево.

Избирачко место

[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 0880 според Државната изборна комисија, сместено во приватен објект.[15]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 105 гласачи.[16] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 108 гласачи.[17]

Културни и природни знаменитости

[уреди | уреди извор]
Археолошки наоѓалишта[18]
Цркви[19]

Редовни настани

[уреди | уреди извор]
Слави[4]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 84.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 45. Посетено на 2 јануари 2025.
  4. 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 4,10 Трифуноски, Јован (1970). Кочанска котлина : сеоска насеља и становништво. Скопје: Универзитетска печатница. стр. 131-132. OCLC 16745284.
  5. ШТИП - ТУРИСТИЧКИ ИНФОРМАТОР, Со мапа на градот. Штип: Општина Штип, 2011, стр. 36-37.
  6. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 226.
  7. Brancoff, D.M. "La Macedoine et sa Population Chretienne". Paris, 1905, р. 132-133.
  8. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  9. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 2 јануари 2025.
  10. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  11. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  12. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  13. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  14. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  15. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  16. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  17. „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 2 јануари 2025.
  18. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 173-174. ISBN 9989-649-28-6.
  19. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]