Спанчево
Спанчево | |
![]() Воздушен поглед на Спанчево | |
Координати 41°54′20″N 22°18′30″E / 41.90556°N 22.30833°E | |
Регион | ![]() |
Општина | ![]() |
Област | Кочанско Поле |
Население | 852 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 2333 |
Повик. бр. | 033 |
Шифра на КО | 13039, 13539 |
Надм. вис. | 350 м |
![]() |
Спанчево — село во Општина Чешиново-Облешево, во областа Кочанско Поле, во околината на градот Кочани.
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]
Селото се наоѓа во Кочанското Поле, во северниот дел на Општина Чешиново-Облешево, во средното сливно подрачје на реката Брегалница.[2] Селото е ридско, сместено на надморска височина од 350 метри. Од градот Кочани, селото е оддалечено 16 километри.[2]
До селото води асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 2342 пред самото село Спанчево. До селото може да се дојде и преку новиот експресен пат Штип-Кочани на А3, преку двоење кај истоимената клучка.
Селото се наоѓа во подножјето на Осоговските Планини, сместено помеѓу Соколарци на југозапад и Бања на североисток. Јужно од Спанчево се протега плодна низина, додека северно од него е планинска падина, која се користи како паша. Во минатото, мештаните водата за пиење ја добивале од една чешма, додека во поново време е спроведена вода од пет селски чешми.[3]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Селиште, Батулица, Бресје, Средни Пат, Прогон, Горно Поле, Кривини, Еѓупка, Долно Поле, Катар, Назирица, Заимица, Сенаница, Црн Врв, Света Петка, Штитово, Божурнак, Крутиница, Кравутово, Турски Рид, Градиште, Царева Глава, Свети Атанас, Ѓенов Рид, Средобрдица и Бел Камен.[3]
Селото има збиен тип, чии поединечни делови се наречени по родовите како Драјчевци, Голомевци, Ризовци, Ивковци и други.[3]
Историја
[уреди | уреди извор]
Во селото постојат праисториски старини, пронајдени на месноста Петков Дол, која се наоѓа 1,5 километри северно од селото. Таму, во нивите, покрај римски материјал, биле пронајдени и фрагменти од праисториски старини. А покрај патот Спанчево-Бања, на Спанчевска Река биле пронајдени гробови. Во еден од тие гробови имало бисери, карактеристички за халштатски тип.[3]
Во текот на 2007 година, во близината на селото, при вршење на земјоделски работи биле пронајдени повеќе женски фигурини кои потекнуваат од бакарното време, што ги поттикнало археолозите да започнат со сондажни истражувања. За истражувањата одобрени биле средства од Министерството за култура. Откриени се праисториски алатки изработени од коска и камен, накит од школки, фигури со антропоморфни и зооморфни одлики, керамика со врежување на разни фигури, како и рогови од крави и елени. Од истражениот простор може да се заклучи дека луѓето го користеле како праисториско светилиште во периодот на бакарното време, односно во четвртиот милениум пред нашата ера.[4]
Други старини на атарот на Спанчево има од античкиот период, кои се сретнуваат на месностите Градиште и Браница, како и на месноста Петков Дол. Таму биле пронаоѓани фрагменти на керамика и питоси.[3]
На ритчето кај црквата „Св. Атанасиј“, се наоѓа енеолитска населба, од периодот 4000 години пр.н.е. Уште при првите ископувања, откриен е објект во кој се извршувале верски обреди и пронајдени се многу предмети од керамика.[5] Таму, до 1912 година турската војска имала шатори и до таа година на површината се познавале ѕидови високи 1 метар.[3]
Месноста Селиште се наоѓа под селото, каде денес е училиштето. При неговата изградба во 1935 година биле откопани стари гробови и земјени водоводни цевки.[3]
За селото не се знае од кога потекнува и само родот Ризовци тврди дека е доста стар, додека останатите родови се доселени најмногу во втората половина на XVIII и во XIX век.[3]
Околу 1900 година, во селото имало 48 македонски куќи.[3]
Во 1904 година, селото настрадало во Пехчевскиот земјотрес, при што се срушиле куќи и загинале некои мештани.[6]
Стопанство
[уреди | уреди извор]
Атарот на селото зафаќа простор од 17,6 километри квадратни. На него преовладуваат пасиштата на површина од 785 хектари, а на обработливото земјиште отпаѓаат 484 хектари, додека шумско земјиште нема.[2]
Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција. Во него има услужни објекти, лупилница за ориз и ископ за рудникот за неметали „Опалит“.[2]
Во отоманскиот период, целата земја во атарот припаѓала на чифликсајбиите, кои биле повеќе. Јаја-ефенди од Кратово имал околу 900 декари земја, додека тие од Кочани биле Дурак-бег, Риза-ефенди, Мазар-бег (Албанец) и Лиман-ефенди. Чифлици имале и двајца браќа од Битола, Куртиш-бег и Зенел-бег, како и некои муслимани од Приштина и Призрен. Од 1900 до 1912 година скоро целата земја била откупена. Месностите Назирица, Заимица и уште некои други носат имиња по некои од сопствениците на чифлиците.[3]
Во Спанчево, во социјалистичкиот период постоела мала, но напредна земјоделска задруга, која имала 15 хектари винови лози, околу 400 овци и разни земјоделски машини.[3]
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Спанчево живееле 760 жители, сите Македонци.[7]
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Спанчево имало 608 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[8]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 700 Македонци и 25 до 50 Власи.[9]
Селото е големо и населено со македонско население. Тоа, во 1961 година броело 1.209 жители, додека во 1994 година имало 1.061 жител.[2]
Според пописот од 2002 година, селото имало 1.048 жители, сите Македонци.[10]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 852 жители, од кои 832 Македонци, 1 Албанец, 1 останат и 18 лица без податоци.[11]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 760 | 608 | 923 | 1.043 | 1.209 | 1.136 | 1.090 | 1.051 | 1.061 | 1.048 | 852 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[12]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[13]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]
Родови
[уреди | уреди извор]Спанчево е македонско православно село.[3]
Според истражувањата од 1960 година, родови во селото се:
- Староседелци: Ризовци (10 к.), најстар род во селото, доселени се, но не знаат од каде;
- Доселеници во отоманскиот период: Голомевци (22 к.), втор најстар род во селото, и тие не знаат од каде се доселени; Драјчевци (25 к.), доселени се од некое село во Малешевијата (Беровско); Ивковци (11 к.), доселени се од некое место во Дебарско, затоа ги викаат и Арнаутовци; Толошманци (8 к.), Пелетечки (6 к.) и Ламбевци (6 к.), порано биле еден род, доселени се од селото Талашманце, Кратовско. Од Талашманце најпрво се иселиле во Рајчани, па од таму во Спанчево. Го знаат следното родословие: Јордан (жив на 66 г. крајот на 1950-тите) Апостол-Михо-Ристо-Арсо. Ристо прешол во Рајчани, а Михо во Спанчево; Рајчанци (8 к.), доселени се од селото Рајчани, еден дел од родот се вика Поповци, и во Рајчани биле доселени однекаде; Свиланци (3 к.), доселени се во втората половина на XIX век од сега раселеното село Свиланово, го знаат следното родословие: Крсто (жив на 65 г. крајот на 1950-тите) Мите-Костадин, кој се доселил; Демировци (8 к.), Шејтановци (5 к.), Боцевци (12 к.), Ризовци (10 к.), Грбевци (3 к.), Ѓурчиновци (2 к.), Тарлевци (10 к.), Петашки (7 к.), Ѓурчиновци (2 к.) и Крушивци (5 к.), доселени се однекаде, сите се доселени до крајот на турското владеење.
- Доселеници во поново време: Додевци (1 к.) и Егејци (4 к.), доселени се после војните, од 1945 година наваму, првите се доселени од селото Конопница, Кривопаланечко, а вторите од Егејска Македонија.
Иселеништво
[уреди | уреди извор]Македонски иселеници од Спанчево има во кочанските села: Облешево (Максимови, 5 к., Дончеви, 2 к. и Текови, 1 к.), Прибачево (Димитријови, 4 к. и Новаци, 2 к.), Чифлик (Шоневи, 3 к. и Јаќимови, 1 к.), Лешки (Ефтимови, 3 к.) и во Оризари (Спанчевци, 1 к.). Надвор од кочанските села, иселеници има во овчеполското село Дорфулија (Спанчевци, 3 к.) и во велешкото село Горно Оризари (Петрови, 1 к.).[3]
До 1933 година, во селото имало 4 влашки домаќинства, кои припаѓале на родот Костови, кои се преселиле во Романија.[3]
Општествени установи
[уреди | уреди извор]- Подрачното основно училиште „Страшо Пинџур“, петгодишно основно училиште во состав на ОУ „Страшо Пинџур“ - Соколарци
- Детска градинка
- Дом на културата
- Амбуланта
-
Детска градинка
-
Дом на културата
-
Амбулантата
-
Основното училиште
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]На крајот од XIX век, Спанчево било село во Кочанската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Чешиново-Облешево, која била создадена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Облешево.
Во периодот 1962-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Кочани. Во периодот од 1955 до 1962 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Облешево.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Облешево, во која покрај селото Спанчево се наоѓале селата Бања, Горни Подлог, Долни Подлог, Мојанци, Облешево, Тркање и Чифлик. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Облешево, во која влегувале селата Бања, Облешево, Спанчево и Чифлик.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постои избирачкото место бр. 0887 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на месна заедница.[16]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 823 гласачи.[17] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 826 гласачи.[18]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]
- Археолошки наоѓалишта[19]
- Браница — населба римско време;
- Големенско Маало — некропола од доцноантичко време;
- Градиште — збег од доцноантичко време;
- Грамадски Рид — градиште од доцноантичко време;
- Пат Спанчево-Бања — некропола од железно време;
- Петков Дол — населба од неолитско и римско време; и
- Селиште — населба од доцноантичко време.
- Цркви[20]
- Црква „Св. Архангел Михаил“ — главна селска црква;
- Црква „Св. Атанасиј“ — манастирска црква;
- Црква „Св. Илија“ — селска црква; и
- Црква „Св. Петка“ — селска црква.
- Манастири
- Спанчевски манастир — манастир во близина на селото
- Споменици
- Споменик на НОБ
-
Црквата „Св. Атанасиј“
-
Црквата „Св. Илија“
-
Црквата „Св. Петка“
Редовни настани
[уреди | уреди извор]- Слави[3]
- Атанасовден (летен) — селска и црковна слава
Личности
[уреди | уреди извор]- Родени во или по потекло од Спанчево
- Ѓорѓи Спанчевски (1895-1931) — војвода
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Поглед кон Спанчево од пругата кај Чешиново
-
Детско игралиште
-
Стопански објект
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 280. Посетено на 6 јануари 2025.
- ↑ 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 3,13 3,14 Трифуноски, Јован (1970). Кочанска котлина : сеоска насеља и становништво. Скопје: Универзитетска печатница. стр. 94-96. OCLC 16745284.
- ↑ Во "Св. Атанасиј" откриена фигура на машка глава од енеолитот Архивирано на 26 јули 2012 г., Вечер, 30 октомври 2010
- ↑ 12.06.2008 vest.com.mk Архивирано на 26 јули 2012 г.
- ↑ Ацев, Петър. Спомени, София, 2011, с. 112.
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 226.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macedoine et sa Population Chretienne". Paris, 1905, р. 132-133.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 6 јануари 2025.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 6 јануари 2025.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 181. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
|