Лазар Бабамов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Лазар Бабамов

Лазар Бабамов (Кочани, 21 декември 1906 - Скопје, 10 септември 1976) е македонски агроном кој дал значаен придонес во втемелувањето и развитокот на природните науки во Македонија меѓу двете светски војни[1].

Како дипломец на генерацијата при Земјоделскиот факултет во Белград бил стипендиран за специјализација на селекција и семепроизводство на престижниот институт во Верчели, Италија, со кој соработувал до крајот на животот.

По специјализацијата работел како агроном во Кочани и со негови залагања е отворена Реонската опитна станица, односно сегашниот Институт за ориз. Со тоа започнуваат пионерските чекори за модерно земјоделско производство на ориз. Тој е пионер на поставувањето на макро и микро опити кои се добиени при селектирањето на најперспективните сорти ориз во Кочанско. Бабамов ги создал првите селектирани сорти ориз N62, N69 и N51 кои дале одличен квалитет и високи приноси што го заземаат третото место во светот.

Од 1946 година работи во Скопје во Земјоделскиот институт, како стручен соработник, а потоа станува и негов директор. Во 1956 г. е избран за вонреден професор на Катедрата за селекција при Земјоделскиот факултет во Скопје, а седум години подоцна станува редовен професор по предметот Селекција на растенијата и семепроизводство.

Како резултат на неговото ангажирање, станал и експерт на ФАО.

Починал во несреќен случај во 1976 година.

Референци[уреди | уреди извор]