Харалампие Манчев

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Харалампие Манчев (Кочани, 3 март 1898 - Скопје, 14 јануари 1974) бил првиот македонски медицински научен истражувач, кој проучувајќи ја детската патологија, пронашол неколку важни специфичности.

Манчев студирал медицина во Виена и дипломирал во Белград, непосредно по Првата светска војна, но не можел да работи во хоспитална установа по завршувањето на едногодишниот лекарски стаж. Добил место како амбулантски лекар во Диспанзерот за социјални болести на Хигиенскиот завод во Скопје, каде следел бројни случаи на маларија во сите облици, детска потхранетост, контагиозни детски болести со протрахирана реконсвалесценција.

Во текот на Втората светска војна оди на специјализација во Педијатриската клиника во Софија, каде се запознава со д-р Аспарух Панов, кој на свој материјал му покажал хематолошки промени кај анемијата на Кулеј. Манчев почнал да ја истражува инциденцијата на средоземноморската анемија на Кулеј, при што барајќи ги маларичните паразити, открил чудна формација (лајшманија) во пунктатите кај децата со огромни слезини и црн дроб. Откривањето на лајшманската епидемија во Македонија дала поттик многу истражувачи да установат лајшманија и во други зони. Повеќе од 100 деца биле брзо дијагностицирани од негова страна и биле третирани со специфична хемотерапија со антипаразитно делување и клинички, еден вид ex juvantibus.

Кала-азар (КА) е животната тема на доц. д-р Харалмпие Манчев, кој прв ја опиша оваа паразитоза кај децата во нашата земја, болест предизвикана од лајшманијата, со вектор на паразитот од болни животни (кучиња, ласици и други тропски ѕверки) со мушичката позната кај нас како папатачи (ph. Flebotomus paptacei).[1]

Харалампие Манчев е првиот раководител на Детското одделение при Земската болница во Скопје (1946 г.), прв директор на Детската клиника (1947 г.) а потоа работи како лекар во Специјалната клиника за болести на белите дробови кај децата “Козле“. Тој е прв редактор на медицинското стручно-научно списание Македонски медицински преглед што го издава Македонското лекарско друштво[2] и прв претседател на Здружението на педијатрите на Македонија.[3]

Манчев почина по долго боледување на 14 јануари во 1974 г. во Скопје.

Извори[уреди | уреди извор]