Цеко Стефанов
| Цеко Стефанов | |
|---|---|
македонски поет, прозаист, драмски автор, новинар и публицист | |
| Роден/а | 27 септември 1907
Кочани, Косовски Вилает, Османлиска Империја |
| Починат/а | 20 септември 1944 (возр. 36) Скопје, германска воена управа |
| Занимање | публицист |
Цеко Стефанов – Попиванов (Кочани, 27 септември 1907 – Скопје, 20 септември 1944 ) — македонски поет, писател и новинар. Во 1943 година, тој одиграл контроверзна улога во убиството на 13 симпатизери на НОБ и партизани од страна на бугарските окупациски сили.
Животопис
[уреди | уреди извор]Тој рано се приклучил кон работничкото движење. Во 1926 година, тој учествува на Вториот конгрес на СКОЈ во Виена.
Заедно со Чедомир Миндеровиќ, во 1932 година, тој ја објавил збирката поезија „Документи“. Во 1933 година, тој ја објавил својата најзрела поетска творба, репортажната поема „Мата Теглач“. Критиката доста поволно ја оценила оваа поема, но набрзо неговиот татко Стефан Попиванов бил уапсен од Сталиновата полиција во СССР како агент-провокатор, и како реакција на тоа, левоориентираните публикации во земјата му ги затвориле вратите на Стефанов. Во 1938-1939 година, тој ја напишал драмата „Земјата“ на македонски народен јазик. Во 1940 година, заедно со Радослав Гогиќ, тој ја објавил репортажата „Поданици на ничијата земја“ (за германскиот прогон на Евреите). Во 1941 година, тој објавил избор од својата поезија под наслов „Оризови полиња“.
Во 1930-тите, тој соработувал со повеќе весници и списанија („Луч“, „Вардар“, „Штампа“, „Правда“), тој бил уредник на „Јужни задругар“, а пишувал и за бугарски весници. Одржувал блиски контакти со Кочо Рацин, Јован Поповиќ, Антун Колендиќ и Бранко Лазаревиќ. Главно пишувал на српски јазик, но и на македонски и бугарски.
На 22 септември 1943 година, тој се приклучил на Шарскиот партизански одред. Во одредот не останал долго и избегал од одредот на 18 октомври. Тој отишол во бугарската полиција и давал податоци за одредот и за заднинската организација врз основа на кои на 21 октомври била извршена акција на бугарските окупациски сили, во која загинале 13 симпатизери на НОВ и партизани.
По акцијата, Стефанов бил држен еден месец во затвор, по што бил испратен во Бакумскиот манастир во Пазарџик. На 10 јуни 1944 година, тој се вратил во Скопје, а на 20 септември, непосредно пред ослободувањето на Скопје, тој се самоубил.
Син е на Стефан Попиванов и брат на Малина Попиванова. Татко е на сликарот Златко Стефанов.
Во 1996 година, Блаже Ристовски ја објавува неговата драма „Земјата“.[1]
Наводи
[уреди | уреди извор]Литература
[уреди | уреди извор]- Цеко Стефановић, „Мата Теглач“, Скопље, 1933.
- Блаже Ристовски „Портрети и процеси“, „Култура“, Скопје, 1989, том 2, 394-427 стр.
- Душко Атанасовски „Прилози кон вистината“, Тетово, 2004, 15-123 стр.