Стефан Попиванов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Стефан Попиванов

Стефан Попиванов (Кочани, 17 јули 1875 - Москва, 6 март 1930) бил македонски комунист, секретар на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија. Настрадал во Сталиновите чистки.

Рани години[уреди | уреди извор]

По завршувањето на основното училиште во родниот град, се школува во Скопје, во четирикласното машко училиште, а потоа во Солунската гимназија, каде го посетува педагошкиот курс, што го завршува во 1893/94 г. Од 1897 до 1899 година работел како учител во Солун.

Својата револуционерна дејност ја започнува уште во Солун, пред Илинденското востание, поради што во април 1903 г. е затворен од турските власти, непосредно по Солунските атентати.

Од 1903 до 1905 година работи како учител во Скопје. Во 1905 г. учествува во создавањето на Револуционерниот кружок при скопската Педагошка школа, поради што е протеран од училиштето. Во 1908 година заминува за Бугарија, каде во 1910 година станува член на Бугарската работничка социјалдемократска партија (тесни социјалисти) и делува во софискиот регион.

Истакнат комунистички деец[уреди | уреди извор]

Како член на левата фракција во Бугарската комунистичка партија, која е вмешана во убиството на министерот Михаил Такев, Попиванов во јуни 1920 година пребегнува во Југославија. Во Белград го пренесува сопственото искуство во тамошната партиска организација и се запознава со групата на Спасое Стеиќ. По неуспешниот обид за атентат на Стеиќ врз кралот Александар I Караѓорѓевиќ во јуни 1921 година, Попиванов заминува за Македонија.[1] Се населува во Скопје и учествува во формирањето на Месниот комитет во Скопје, а во 1923 г. и во Куманово, Штип, Прилеп, Битола, Тетово, Кавадарци и Гевгелија.

Од 1922 до 1924 година ја извршува функцијата секретар на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија. Станал и прв Македонец член на Политбирото на ЦК КПЈ. Бил делегат од Македонија на Втората конференција на КПЈ од 9-12 мај 1923 г. На оваа конференција Попиванов зазема критички став против некои членови на поранешното партиско раководство во Македонија, особено против Душан Цекиќ.[2] На оваа конференција било прифатено барањето за „автономна и независна Македонија“, но бил заземен и ставот дека македонскиот народ претставува „само“ преоден етнографски ентитет меѓу српскиот, бугарскиот и грчкиот народ. Ова гледиште го поддржала и Коминтерната, истакнувајќи дека единствената опција за решавање на македонското прашање е создавање на Балканска федерација.[3]

Затворен е на 26 октомври 1923 година и во затвор е до јануари 1924 година. По формирањето на Независната работничка партија на Југославија, во април 1924 година Попиванов е избран за областен секретар за Македонија.[4]

Во јуни 1924 година, под псевдонимот „Шуменковиќ“, учествува на Петтиот конгрес на Коминтерната, како еден од шесте делегати на КПЈ (заедно со Триша Кацлеровиќ, Филип Филиповиќ, Владимир Ќопиќ, Лазар Стефановиќ и Марсел Жорга).

На 18 декември 1924 година повторно е затворен и останува во затвор една година, кога на 26 декември 1925 година на судскиот процес е ослободен.[5]

Во ноември 1926 година, заедно со Димче Зографски заминал во Виена на средба со ЦК ВМРО (Обединета), а со цел нејзино поефикасно делување во Вардарска Македонија.

Ликвадација[уреди | уреди извор]

Како припадник на левата фракција во КПЈ и под сомнение дека е провокатор,[6] во 1929 година е повикан да замине во СССР. По пристигнувањето во СССР, на 1 октомври 1929 г. е уапсен. На 3 март 1930 година е осуден за шпионажа и по три дена, на 6 март, е стрелан.[7][8] Според друга верзија, Попиванов извесно време (1931-1932) престојувал на руски брод во Балтичкото Море, по што бил уапсен и во 1932 година убиен.[9]

По извршената ревизија, на 28 октомври 1963 година, со одлука на Воениот колегиум на Врховниот совет на СССР, заедно со својата ќерка Малина бил рехабилитиран како невин, под името Стефан Поп Иванов - Македонович (Стари). Во СФРЈ неговата рехабилитација е објавена во 1969 година, во весниците „Борба“ и „Комунист“.[10]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Tодор Зографски и Димче Зографски „КПЈ и ВМРО (Обединета) во Вардарска Македонија во периодот 1920-1930”, ИНИ, Скопје, 1974, 61 стр.
  2. Кузман Георгиевски, Саша Маркус „Македонската револуционерка Малина Попиванова“, „Студентски збор“, Скопје, 1985, 37 стр.
  3. Бане Чадиковски „Семејството Поп Иванови и неговата револуционерна дејност во периодот меѓу двете војни“ во „Кочани и Кочанско во НОВ 1941-1945 “, Кочани, 1985, 87-97 стр.
  4. Коце Стојменов „Стефан Поп Иванов, КПЈ и македонското прашање 1921-1924“ во „Современост“, 1995, бр. 7-8, 200 стр.
  5. Коце Стојменов, цит. статија, 201 стр.
  6. Георгиевски, Маркус, 97 и 100 стр.
  7. „Книга Памяти Жертв Коммунистического Террора“
  8. "Ruka dželata", "Novosti", 8.2.2003
  9. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, 1183 стр.
  10. Коце Стојменов, цит. статија, 202 стр.