Бранко Пендовски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Бранко Пендовски
македонски писател, јазичар и историчар
Роден/а27 мај 1927
Кочани, Македонија
Починат/а10 септември 2011
Скопје, Македонија
Занимањеписател

Бранко Пендовски (Кочани, 27 мај 1927Скопје, 10 септември 2011) — македонски писател.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Гимназија завршил во Штип, како и Филозофски факултет во Скопје — група Историја на книжевностите на народите на СФРЈ. Во школската 1965-66 година, како стипендист на француската влада, во Париз, на Сорбона ја проучува современата француска драма.

Првите години по ослободувањето работел како наставник во Кочани, како младински раководител во Штип и Струмица, како новинар во „Млад борец“, а подоцна како рецензент во „Нова Македонија“ и како главен уредник во литературниот весник „Разгледи“. Потоа работи како уредник во Книгоиздателството „Кочо Рацин“ и како главен уредник и директор во издавачката организација „Култура“, во Скопје.

Бил член на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) од 1953 година.[2] Подоцна станал претседател на ДПМ. Добитник е на наградата Војдан Чернодрински.

Починал на 10 септември 2011 година во Скопје.[3]

Творештво[уреди | уреди извор]

Бранко Пендовски е најпознат како драмски автор, често критички настроен кон неправдата во општеството. Некои од драмите му се модерно конципирани, а тоа особено се однесува на неговиот роман „Скали“.[4] Во неговите драмски дела доминира настојувањето да се доловат пулсациите на нашата сегашност, да се одгатнат плимите и осеките низ кои се пробива таа. А тоа секако не е факт кој може без поголеми впрегнувања да се изоди, нити пак само по себе ветува пофалби и аплаузи.

По видливото определување на Бранко Пендовски за драмската литература дојде до израз во текот на 1969 година, кога неговата пиеса „Под пирамидата“ беше откупена со зголемен откуп на конкурсот што го распиша Македонскиот народен театар. На овој конкурс исто така беше откупена и пиесата „Студенти“ додека кон крајот на оваа, без сомнение ретко плодна, па дури може да се рече пресвртна година во творештвото на Бранко Пендовски, се соочивме и со неговата пиеса во два дела „Не сакам да умирам полека“. Првата пак проверка на животворноста на неговите драмски зафати, првата средба со сцената уследи со изведбата на пиесата “Под пирамидата“, чија премиера се одржа кон крајот на 1971 година. Наскоро потоа ги напишал и драмите „Потоп“ и „Пречек“, а исто така и телевизиската игра „Делба“ со што изби во редот на попродуктивните наши драмски автори, иако драматургијата е релативно понова негова преокупација.

Пред да го почувствува примамливиот блесок на сцената, но и да ги вкуси сите горчини и искушенија што сè уште го следат нашиот драмски автор, тој веќе се беше здобил со литературна афирмација како прозаист. Всушност, Бранко Пендовски и припаѓа на генерацијата македонски писатели кои својот продор во литературата го најавија уште во почетокот на педесеттите години, ангажирајќи се не само на планот на литературата, туку активно учествувајќи и во конституирањето на нашето тогаш сè уште незакрепнато новинарство и литературна периодика. По неколкугодишна работа во културните рубрики на весниците „Млад Борец“ и „Нова Македонија“, во 1953 година тој стана еден од уредниците на весникот “Разгледи“, кој подоцна прерасна во списание. Тоа беше гласилото околу кое се прибра поголемиот дел на тогашната помлада литературна генерација која дојде уште посилно да го поткрепи нашиот литературен развиток, ползувајќи ги сите предности на тукушто воспоставениот литературен континуитет и слободниот размав на творечките сили. Еден од претставниците токму на оваа литературна генерација е и Пендовски кој своето внимание главно го насочи кон прозата. Автор на збирките раскази „Игра“ (1956), „Смртта на орденот“ (1969), а нешто пред тоа тој го објави романот „Скали“ (1965).

Со ваква литературна актива, а тоа значи и со одредено творечко искуство, Бранко Пендовски се сврте кон драмата, која меѓутоа сè уште се наоѓа во сенката на другите литературни родови кај нас, не смогнувајќи да ја поврати некогашната своја доминација, па и значење што го имаше во развитокот на македонската книжевност до ослободувањето. Па затоа секое потрајно определување за овој литературен род, само по себе предизвикува внимание, зашто покрај Васил Иљоски, Коле Чашуле и Томе Арсовски многумина во последно време се допреа до неа, но никој потемелно и поупорно не и се посвети. Исклучок претставуваат само неколку автори, а меѓу нив е и Бранко Пендовски. Тој притоа најави и повеќе водливо искристализирани поединечни творечки белези, што исто така претставува придонес кон интензивирањето на постојната, прилично еднодимензионална и монотона театарска констелација кај нас.

Судејќи барем по досега објавените или изведувани негови пиеси паѓаат в очи неколку суштествени одлики заложени во неговото драмско творештво. Пред сè тоа е ретко изразениот афинитет кон современите општествени осцилации, смислата и чувството да се нурне во длабочините на нашата сегашност, и тоа не само со намера да ја отсликува, да биде безпристрастен нејзин хроничар, туку по можност и да влијае за нејзиното изменување. Затоа малку е ако речеме дека овој несомнено ангажиран драмски автор само воочува и жигосува. Преокупиран од мислата да го даде својот придонес во надминувањето на поголем број наталожени деформации во човекот и надвор од него, тој настојува да нè испровоцира и мобилизира, сеедно дали поуспешно или понеуспешно успева да го димензионира вистинскиот повод за аларм и возбуда. Понекогаш основниот импулс за вакви зафати е повеќе од инцидентен, понекогаш преголемата ревност го доведува до работ на пресиленоста. Меѓутоа за Бранко Пендовски по сè изгледа дека е поцелисходно да прифати дури и одреден творечки ризик, отколку спокојно да се лизга по периферијата на настаните, да ги прескокнува виталните проблеми коишто ги преокупираат неговите современици.

Бранко Пендовски од текст до текст ги бележи црнилата што нè опкружуваат, што нè сопираат уште побрзо да се движиме напред, што го деградираат нашето сопствено човечко достоинство. Видени низ драмите на овој автор, ние, неговите современици, без малку се чувствуваме токму како оној албатрос на Шарл Бодлер кому огромните крилја не му дозволуваат слободно да се движи по земјата. Понекогаш премногу критичен и морализаторски расположен, понекогаш сè уште недостатно сигурен во уметничкото трансформирање на своите пораки, драмите на Бранко Пендовски независно од ова најавуваат еден понов тек во нашата современа драмска литература. Недвосмислено е дека тој се надоврзува на творештвото на Коле Чашуле и Томе Арсовски, но недосмислена е и најавата на сопствена творечка физиономија. Така преку творештвото на Бранко Пендовски нашата реалистична драма направи уште еден значаен чекор напред, при што нејзин основен белег остана нераскинливата поврзаност со своето време и со реалниот живот, но и напорот за него да се прозбори со посовремен драмски јазик. Токму поради ова драмите на Бранко Пендовски знаат да нè заинтригираат и возбудат. Со овие свои одлики тие ни се наметнуваат и отстојуваат на „бојното поле“ на нашата сегашност. Нивниот автор секако не греши верувајќи дека е тоа и најзначајниот предуслов да се победи.

Библиографија[уреди | уреди извор]

  • „Игра“ (раскази, 1956)
  • „Наш град“ (раскази, 1963)
  • „Скали“ (роман, 1965)
  • „Смртта на орденот“ (раскази, 1969)
  • „Не сакам да умрам полека“ (драма, 1969)
  • „Студенти“ (драма, 1973)
  • „Под пирамидата“ (драма, 1973)
  • „Потоп“ (драма, 1973)
  • „Пречек“ (драма, 1973)
  • „Патување“ (драма, 1980)
  • „Наследници“ (драма, 1980)
  • „Љубовници“ (драма, 1980)

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Македонски писатели/Macedonian writers, Друштво на писатели на Македонија, 2004, стр. 197,
  2. „Македонски ПЕН центар“. Архивирано од изворникот на 2011-03-20. Посетено на 2009-10-05.
  3. Почина писателот Бранко Пендовски[мртва врска], Дневник, 11.09.2011
  4. Георги Сталев (приредувач), Современи македонски раскажувачи, избор. Скопје: Детска радост, Култура, Македонска книга, Мисла и Наша книга, 1990, стр. 87.