Цреша

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Цреша
Prunus avium1.jpg
Научна класификација
Царство: Растенија
Оддел: Скриеносеменици
Ред: Розовидни
Семејство: Рози
Род: Слива
Вид: Цреша
Биномен назив
Prunus avium
Linneus
Синоними

Cerasus avium

Цреша (науч. Prunus avium) — листопадно дрвенесто растение од родот на сливите (Prunus), чии истоимени плодови се користат во исхраната на човекот како овошје. Најчесто расте до височина од околу 20 м. Во Европа сè поретко може да се најде во природата, па овој вид дрво денес е загрозен. Црешата е припитомена и има големо значење во овоштарското производство. Во Македонија во 2014 година биле произведени 6.324 тони цреши, што претставува зголемување од два и пол пати во однос на производството во 2001 г. (2.412 тони)[1]

Изглед и градба[уреди | уреди извор]

Лист, цвет и плод на цреша

Црешата може да достигне височина од 30 до 32 метри, а пречникот на стеблото може да биде 50 или повеќе сантиметри. Кората ѝ е светло до темнокафеава со карактеристични хоризонтални линии, кои со текот на времето сè повеќе се здебелуваат и на тие места се појавуваат пукнатини. Од почеток, додека дрвото е уште младо, линиите скоро и да не се забележуваат, а со тек на времето и кората се задебелува, а линиите поминуваат во пукнатини. Кората може и да се лупи во хоризонтални ленти. Листовите се елипсовидни, односно повеќе со јајчест облик, на рабовите се во вид на пила, долги околу 10, а широки околу 5 см. Имаат карактеристични црвенкасто-кафеави жлезди на дршката. Цветот е со бела боја и се наоѓа на втората дршка. Пупките се елипсовидни и зашилени, со темнокафеава боја и прекриени со повеќе лушпи. Цветовите се јавуваат во голем број и се распоредени и групирани густо.

Карактеристика на целата потсемејство, па и на црешата, е градбата на цветот, кој има едно оплодно ливче. Во плодникот има два семени зачетоци, од кои често само едниот се развива во семе[2]. Плодот е типичнo монокарпнo коскесто овошје, со топчеста форма и има темноцрвена, розеникава или жолта боја. Пречникот му е околу 1 см, а кај одгледуваните сорти може да биде и покрупен. Плодот на црешата е исклучително месест и има сладок вкус.

Животни услови[уреди | уреди извор]

На Балканот се јавува во мезофилните шуми во природата. Црешата е хелиофитен вид и бара многу светлина. Успева на суво, сончево земјиште, но повеќе ѝ одговара богато и умерено влажно земјиште.

Распространетост и значење[уреди | уреди извор]

Плодови на цреша

Црешата е широко распространета во средниот и западниот дел на Европа, на Балканот, Апенинскиот и северниот дел на Пиринејскиот Полуостров. Ја има и на Средоземјето, но се сретнува поретко. Во најјужните делови на Европа расте на нешто поголеми надморски височини. Во Азија може да се најде на Кавказ, Крим и во делови на Мала Азија.

Црешата има големо значење како земјоделско растение, затоа што е припитомена и е едно од најзастапените растенија во овоштарството поради своите вкусни плодови, што се користат во свежа и преработена состојба. Денес со вештачка селекција и облагородување е создаден голем број сорти кои се многу чести овоштарски култури во целиот свет. Бројни се причините за тоа: не бара посебна конструкција во текот на одгледувањето, не бара многу при кроењето, а отпорна е на многу болести и штетници[3].

Историја[уреди | уреди извор]

Црешата е позната уште од праисторијата, кога за неа знаеле луѓето од бронзеното време, поточно 2000 години п.н.е. Во VIII век п.н.е. црешата веќе била припитомена и луѓето ги користеле нејзините плодови. Се смета дека првите цреши биле огледувани на територијата на Мала Азија и Грција. Покрај тоа што се користи во човековата исхрана, плодовите ги јадат и животните и на тој начин придонесуваат за размножувањето на црешата во природата.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Производство на цреши, по години“. Државен завод за статистика на РМ. http://makstat.stat.gov.mk/PXWeb/pxweb/mk/MakStat/MakStat__Zemjodelstvo__RastitelnoProizvodstvo/125_RastPro_Mk_PoseviVk_mk.px/table/tableViewLayout1/?rxid=46ee0f64-2992-4b45-a2d9-cb4e5f7ec5ef. конс. 3 февруари 2016 г. 
  2. Којић М. 2003. Ботаника. Бард-фин: Београд.
  3. Брзица К. 1978. Практично воћарство за свакога. НИРО „Глас": Бања Лука.