Целулит

Од Википедија — слободната енциклопедија
Целулит
Дупчестиот изглед на целулитот
СпецијалностЕндокринологија Уреди на Википодатоците

Под целулит се подразбираат промените на сврзното и поткожното масно ткиво. Видлив е со голо око или со стискање на дел од кожата. Целулитот е составен од масти, токсини и вода. Целулитните промени на кожата се манифестираат како дифузни перничиња или ограничени јазли кои настанале поради вишок на масти, ослабено сврзно ткиво, пореметување во циркулацијата и размената на материите, пред сè од задржување на вода во ткивата.

Појава[уреди | уреди извор]

Појавата на целулит може да биде генетски условена, но на настанувањето на целулит влијаат и многу фактори :

  • Специфични физиолошки процеси поврзани со пубертетот,
  • Бременост и климактериум,
  • Хормонски пореметувања,
  • Згоеност,
  • Неправилна исхрана,
  • Пореметена функција на органите за варење на храната,
  • Недостаток на физички активности,
  • Пушење, алкохол и др.

Во почетната фаза целулитот не се приметува на прв поглед, туку само ако кожата се притисне меѓу прстите. Во следната фаза масните клетки формираат јасно видливи перничиња, а кожата станува помлитава. Во третата фаза кожата е потенка и понееластична и добива изглед на кората од портокал. Во поткожното ткиво има сè повеќе јазли, кои во завршната фаза стануваат потврди и болни на допир. Кожата потполно ги губи еластичноста и здравата боја.

Зошто настанува целулитот кај жените[уреди | уреди извор]

За појава на целулит одговорно е поткожното масно ткиво кое жените го имаат 30% повеќе од мажите. На местата типични за појава на целулитот (стомакот, бутовите, долниот дел на грбот и др. ) се наоѓаат посебни видови на масни клетки, кои имаат улога да ги таложат мастите кои со никаква диета не се отстрануваат. Сврзното ткиво кај жените е послабо отколку кај мажите и жените го имаат 20-30% помалку отколку мажите. Откриено е дека жените кај кои се јавува целулит имаат послабо развиено сврзно ткиво отколку жените кај кои не се јавува. Кај мажите не се јавува целулит, што се препишува на заштитната улога на машкиот полов хормон тестостерон. Естрогенот (женскиот полов хормон) е одговорен за насобирањето на масно ткиво на типичните места за целулит и за задржувањето на течноста. Зголеменото и почесто внесување на естрогени при контрацепција или преку храна е причина што целулитот се јавува во помлада возраст.

Лекување[уреди | уреди извор]

Лекувањето на целулитот подразбира отстранување на факторите кои се причина за негово настанување и разни видови на козметички третмани.

Антицелулитни третмани во козметичкиот салон[уреди | уреди извор]

Во борбата против целулитот, посебно оној во критичен стадиум, голем придонес имаат козметичките третмани со помош на современите апарати. Во понудата на козметичките салони постојат низа на третмани како специфични масажи, лимфни дренажи (помагаат организмот да се ослободи од штетните материи), терапии со морски алги, ароматерапии, терапии со инфрацрвени зраци, електротерапии и терапии со ласер. Овие третмани го поттикнуваат метаболизмот, ја подобруваат циркулацијата, го помагаат излачувањето на штетните материи, ги разградуваат мастите, помагаат во регенерација на оштетеното ткиво и сл.

Наводи[уреди | уреди извор]