Прејди на содржината

Вевчанско-радошки дијалект

Од Википедија — слободната енциклопедија
  Вевчанско-радошкиот дијалект на картата на македонските дијалекти

Вевчанско-радошки дијалектдијалект што спаѓа во подгрупата на западни периферни говори на западното наречје на македонскиот јазик. Вевчанско-радошкиот дијалект е близок дијалект со струшкиот и со охридскиот дијалект. Меѓу најзначајните истражувачи на овој дијалект е холанѓанецот Петер Хендрикс во 70-те години на XX век, а неговите резултати ги објавил во книгата „Дијалектите во Радожда и Вевчани“. Вевчанско-радошките говори како духовно-културно добро се прогласени за културно наследство од особено значење.[1]

Територија

[уреди | уреди извор]

Дијалектот се зборува на територијата на западниот брег на Охридското Езеро, поточно во селата Вевчани,Радожда, Мали Влај и селото Лин, коешто денес се наоѓа во Албанија. Овие села се наоѓаат во регионот наречен Струшки Дримкол.

Особености

[уреди | уреди извор]

Фонолошки одлики

[уреди | уреди извор]
  • Присуство на широките гласови ê и ô, тие фонетски се ниски и по висина на тон и по издигање на јазикот, тоа им е заедничко, а се разликуваат по палаталноста, широкото о е лабијализиран глас. Фонолошки широкото о и е се корелативен пар. Овој говор има седум фонеми кои се јавуваат во четири степени и три класи. Највисоки се и и у, средни, е и о, пониски широкото о и е, а најниско е а. Широкото е и о се континуанти на носовката он, на секунадрниот ъ и се придружни самогласки на самогласното р и л. Широкото е фонетски се реализира зад нелабијални согласки, а широкото о зад лабијални согласки:                           грѫди - грêди, пѫтъпôт, КрстеКêрсте, мъгламôгла. Широкото е е рефлекс на самогласното р зад нелабијални согласки: сêрце, додека широкото о е рефлекс на самогласното р зад лабијални согласки: пôрсти. Истото се однесува и на самогласното л,
  • Вредност ӑ на местото на секундарниот ъ: мӑска,
  • Се реализираат групите шт и жд : гашти, свешта, межда, вежда,         
  • Губење на меѓусамогласното в: чоек, глаа,
  • Употреба на групата цу наместо цв: цути,
  • Рефлекс еа како замена за носовката ѫ: реака,
  • Фиксиран акцент на третиот слог од крајот на зборот.

Морфолошки одлики

[уреди | уреди извор]
  • Употреба на наставката –т кај глаголите во трето лице еднина: одит, седит,
  • Формата на помошниот глагол сум во второ лице множина сегашно време гласи све: вие све,
  • Предлогот въ добил рефлекс во,
  • Употреба на трите членови: чоекот, чоеков, чоекон,
  • Продуктивност на деминутивната наставка -уле за образување на именки од среден род: детуле,
  • Употреба на партикулата ќа за образување на идно време: ќа одам,
  • Глаголскиот прилог се образува со наставката -ешти: носеешти, играешти,
  • Кај личните заменки за прво и второ лице еднина има партикула са за прво лице и партикула си за второ лице: јаса, тиси: Јаса сум овде домаќин. Но има паралела и со јас и ти,
  • Како архаизам треба да се спомене заменската форма сој, со членска наставка сојот, сојов, сојон < съ,
  • Се чува рефлексот -чере од старословенската група чрѣ: черешна,
  • Наставка -ет за образување трето лице множина на презентот: шетет, пеет, тропает, одет, барает,
  • Глаголите со наставката -ува се јавуваат во форми од и-група, со наставка -вит за итеративни образувања: кажвит, прашвит...  
  1. „Одлука за прогласување на духовно-културно добро - „Вевчанско-радошки говори" за културно наследство од особено значење“ (PDF). Службен весник на Република Македонија. 30 јуни 2011.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]