Горнопреспански дијалект
Горнопреспански дијалект | |
---|---|
Ресенски дијалект | |
Јазично семејство | индоевропски
|
Јазични кодови | |
ISO 639-3 | – |
Горнопреспанскиот дијалект на картата на македонските дијалекти |
Горнопреспански дијалект или ресенски дијалект — дијалект од подгрупата на западни и северозападни дијалекти на западното наречје на македонскиот јазик. Се говори на територијата на градот Ресен со околината. Горнопреспанскиот дијалект е близок дијалект со долнопреспанскиот дијалект. Овој дијалект дели поголем број на кракатеристики со соседните дијалекти.
Територија
[уреди | уреди извор]Горнопреспанскиот дијалект го сочинуваат градскиот говор од Ресен со говорите од околните села: Јанковец, Болно, Петрино, Избишта, Илино, Горно Крушје, Лева Река, Кривени, Златари, Сопотско, потоа селата во Преспанско Поле и во крајбрежјето: Претор, Асамати, Курбиново, Рајца, Грнчари, Подмочани, Долно Перово, Езерани, Дрмени, Царев Двор, Горно Дупени, Евла, Лавци, Покрвеник, Шурленци, и селата на северозападниот брег на езерото: Отешево, Лесковец, Стење и Коњско.[1]
Фонолошки одлики
[уреди | уреди извор]- Особено е карактеристичен развојот на групата ое со што тие се одделуваат и од охридскиот и од струшкиот говор, иако се во иста дијалектна зона. Асимилацијата во оваа група се врши во корист на е: ае со контракција на која претходи асимилација се добива долго е: човек – чоек – чēк. Се случува, иако ретко, оваа форма да се изговара со обично е. Не секогаш ое преминало во долго е, има примери кога група се реализира како дифтонг ОḬ - повели – поели - поḬли – појли.
- Асимилационо едначење спрема втората компонента има и во ае > ē: знаеме – знēме, знает – знēт.
- Замена на групата цвь- со цу-: цут, цутит, рацути, расцути...
- Промена на ѣ во е во сите положби и зад согласката ц: цевка // цефка, цеп, цепец, цепи, цепéјнца...
- Кратката акузативна форма за множина ги се употребува како и: и видоф ними...
- Секундарниот ъ во извесен дел од Преспа се јавува како о, дури и во групата tъm: осом, седом.
- Групите *tj, *dj, *stj, *skj, *zdj, *zgj преминале во шт и жд, за разлика од Охрид и од струшкиот говор: враштат, обиждат.
- Редовно губење на меѓусамогласното в: чоек, глаа, Јанковец – Јанкоец...
- Јасен изговор на неакцентираните согласки.
- Согласката х се заменува со в во неколку положби, како апсолутниот крај на зборот: страх-страв, прах-прав, во положба пред согласка: бахча-бавча, бехме-бевме, а во положба на почетокот на зборот може и да се изгуби: хамал-амал.
- Носовката ѫ во коренската морфема добива резултат ă: мăгла, мăска, скăпо...
Морфолошки одлики
[уреди | уреди извор]- Личните и роднинските имиња од машки род во дативни конструкции имаат наставка у: Му реков Стојану, а за женски род има е: Је реков Цвете.
- Кратките заменски форми за акузатив ме, те, се > ма, та, са. Ова е карактеристично и за соседните струшки говори.
- Множинските дативни форми нам ни, вам ви се јавуваат во акузативни конструкции: нам ни виде.
- Заменската форма сăто, наместо сето.
- За второ лице еднина императив се јавува наставката - ејте: речејте, пулејте.
- Во ресенскиот говор имперфективно-итеративните форми имаат наставка -а (а-група): кажват. Со овие форми преспанскиот говор се поврзува со леринските говори, но и со охридско-струшките говори во кои овие форми се од и-група: кажвит.
- Наставката за множина во машки род -ови се употребува како -ој : дворој, патој, зборој...
- Преглас на а во е е почест за разлика од другите западни говори: чеша < чаша.
- Во трето лице еднина презнет се чува наставката - т: одит, гледат, носит...
- Резултатот о е рефлекс и за самогласното л: вок, соза.
- Има две форми за трето лице еднина од помошниот глагол сум: -ет и -ести, формата -ет освен во централните говори ја има и во некои охридско-преспански села, а -ести е карактеристична за костурскиот говор, но ја има и во некои дебарски села.
- Употреба на трите членови: от, та, то, те, ов, ва, во, ве, он, на, но, не.
- Неудвојување на предлогот со: алиштата и переа со варен граф.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Дијалектите на македонскиот јазик, том 1, Божидар Видоески, 1998, Скопје
|