Шурленци

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Шурленци
Викиекспедиција Преспа 59.jpg

Панорамски поглед на селото Шурленци, во позадина се гледаат селата Волкодери и Покрвеник

Шурленци се наоѓа во Македонија
Шурленци
Местоположба на Шурленци во Македонија
Координати 41°00′43″ СГШ 20°56′44″ ИГД / 
Регион Logo of Pelagonia Region.svg Пелагониски регион
Општина Coat of arms of Resen Municipality.svg Општина Ресен
Област Горна Преспа
Население 89[1] жит.
Пошт. бр. 7310
Повик. бр. 047
Надм. вис. 870 м
Слава Свети Јован Крстител
Commons-logo.svg Шурленци на Ризницата


Шурленци — село во Општина Ресен, во областа Горна Преспа, во околината на градот Ресен, сместено во близина на брегот на Големото Преспанско Езеро.

Етимологија[уреди | уреди извор]

Во врска со името на селото, Влоѓимјеж Пјанка пишува дека основата шурлен и целото име (се мисли на суфиксот) се нејасни. Меѓутоа, старите шурленчани пренесуваат две преданија. Едното говори дека зачетници на селото биле некои семејства од селото Шулин (денес во Мала Преспа) по кои подоцна селото добило име Шулинци, но со текот на времето се променило во Шурленци (што е поверодостојно). Другото предание вели дека името на селото настанало по ономатопејата од жубуркањето (шуркањето) на изворот што се наоѓа веднаш над селото.[2]

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа во југозападниот дел на Ресенското Поле или источното подножје на планината Галичица, на околу 1 километар северно од брегот на Големото Преспанско Езеро, на надморска височина од околу 870 метри. Селото е сместено од десната страна на патот Битола-Корча.[2]

Влезот во селото Шурленци

Се пренесува сеќавање дека селото е два пати преместувано. Како претходни местоположби се споменуваат месностите: Селиште (кај Сирхан), на околу 300 метри јужно од денешната (на местото каде што се изградени викендичките) и Старо Село на околу 1 километар западно и нешто повисоко од денешната местоположба на селото. На ова место сè уште се препознатливи темели на куќи. За причините и времето на првото преместување нема податоци ниту други сознанија. Второто преместување настанало во 1960 година, заради потребата од доближување до плодните обработливи површини и врските.[2]

Шурленци се граничи со следниве села: со Прељубје и Волкодери на север, со самото Преспанско Езеро на исток, со селото Отешево на југ и со подрачјето на Општина Охрид (во тој склоп со селото Елшани) на запад.[2]

Атарот на Шурленци зафаќа површина од 1124 (околу 11,2 км²) и зафаќа рамничарско плодно и ридско-планинско земјиште обраснато со листопадна шума (претежно даб и габер). На високите разграноци на Галичица се наоѓаат и пасишта. Од вкупната површина на атарот: 101,2 хектари се обработливо земјиште, 36,2 хектари пасишта и 720,9 хектари шума.[2]

Шурленци е село од собран тип со 19 куќи, сите новоизградени, на приземја и кат, внатре солидно опремени, при што преовладуваат белите фасади. Околу куќите постојат различно оградени дворишта, во некои од нив стопански и други објекти (штали, гаражи, магацини и др.) и се засадени овошни, зеленчукови или цветни градини.[2]

Историја[уреди | уреди извор]

Панорамски поглед на селото, заедно со езерото (сликано над селото Покрвеник)

Шурленци е старо христијанско село во кое секогаш живееле православни Македонци. Под различни облици на денешното име (Шурленце, Шурлење и Шурленци) неговото постоење е забележано во повеќе извори од различни периоди.[2]

Во 19 век, Шурленци се наоѓало во Битолската каза, нахија Горна Преспа, во Отоманското Царство.

До 1912 година, Шурленци било под турска власт, во тој склоп и беговски чифлик. Во текот на подготовките за Илинденското востание шурленчани се приклучиле кон востаничките чети на некои од соседните села под раководство на некојси Никола (од Горно Дупени). Во текот на востанието, селото било ограбено и запалено.[2]

Во Првата Балканска војна (ноември 1912), селото се нашло под српска власт, а во текот на Првата светска војна под бугарска окупација. Подоцна, со поместувањето на фронтот, низ селото поминале и војските на Антантата. Во еден период од војната, жителите на Шурленци биле евакуирани во селата Стипона, Прељубје и Дрмени. Во текот на војната, шурленчани биле мобилизирани во војските на спротивставените страни.[2]

По завршувањето на Првата светска војна, Отешево повторно се нашло под српска власт. Селото било во состав на општината Стење.[2]

Во Втората светска војна селото паднало под окупација на фашистичка Италија (мај 1941 година), со што се нашло во составот на т.н. Голема Албанија. По капитулацијата на Италија (8 септември 1943 година) паднало под окупација на фашистичка Бугарија, под која останало до ослободувањето на 5 септември 1944 година. Загинале тројца жители.[3][2]

Селото добило електрична енергија во 1961 година, телевизиски прием во 1965 година, водовод во 1987 година, асфалтен пат во 1993 година, систем за наводнување во 1960 година и со телефонски приклучоци во 1993 година.[2]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Шурленчани главно се занимавале со поледелство, сточарство и печалбарство. Во рамките на поледелството, најмногу се произведувало житок, зеленчук, тутун, а денес јаболка. Во рамките на сточарството се одгледувале овци, кози, волови, крави и коњи. Денес, неколкумина шурленчани работат во трговијата и производството. Печалбарството земало замав посебно во годините по Првата светска војна.

Население[уреди | уреди извор]

Во текот на своето постоење, Шурленци го бележело следниот демографски развој: во 1865 година имало 10 христијански куќи (Ј. Хан), а во 1889 година 18 куќи, 30 семејства и 156 жители (С. Верковиќ).[2]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Шурленци имало 120 жители, сите Македонци христијани.[4] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Шурленци имало 32 жители.[5]

Според пописот од 2002 година, во селото Шурленци имало 89 жители.[1]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900[6] 1905[7] 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 120 32 120 124 127 111 105 111 100 89
Извор за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[8]

Родови[уреди | уреди извор]

Шурленци се потомци на следниве постари семејства: Крпалевци, Наковци, Настевци и Ничевци (сите доселени од Лескоец), Николовци, Тасевци и Трајковци (сите стари).[2]

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Ресен, една од малкуте општините, која не била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Ресен.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Ресен. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Ресен.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Царев Двор, во која покрај селото Шурленци, се наоѓале и селата Волкодери, Горно Дупени, Дрмени, Евла, Коњско, Лавци, Лескоец, Отешево, Перово, Покрвеник, Прељубје, Стење, Стипино, Царев Двор и Шурленци. Во периодот 1950-1952 година, селото било дел од некогашната Општина Покрвеник, во која влегувале селата Волкодери, Отешево, Покрвеник, Прељубје и Шурленци.

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Поглед на селската црква „Св. Никола“
Археолошки локалитети[9]
  • Кале — средновековна тврдина.
Цркви[10]

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „Попис на Македонија“. Завод за статистика на Македонија. 2002. http://www.stat.gov.mk/Publikacii/knigaX.pdf. конс. 3 ноември 2016 г. 
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 Јовановски, Владо (2005) (на македонски). Населбите во Преспа. Скопје: Ѓурѓа. стр. 328–332. ISBN 9789989920554. https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/f/f8/%D0%9D%D0%B0%D1%81%D0%B5%D0%BB%D0%B1%D0%B8%D1%82%D0%B5_%D0%B2%D0%BE_%D0%9F%D1%80%D0%B5%D1%81%D0%BF%D0%B0.pdf. конс. 3 ноември 2016 г. 
  3. Загинати: Круме Карапалевски, Димитрија Ставревски и Круме Тасевски.
  4. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 241.
  5. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 170-171.
  6. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  7. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  8. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика. http://makstat.stat.gov.mk/PXWeb/pxweb/mk/MakStat/MakStat__Popisi__PopisNaNaselenie__PopisiNaseleniMesta/Popisi_nm_1948_2002_NasPoVozrPol_mk.px/?rxid=46ee0f64-2992-4b45-a2d9-cb4e5f7ec5ef. 
  9. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  10. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред (на македонски). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]