Курбиново

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Курбиново
Викиекспедиција Преспа 346.jpg

Поглед кон селото

Курбиново се наоѓа во Македонија
Курбиново
Местоположба на Курбиново во Македонија
Координати 40°59′07″ СГШ 21°04′06″ ИГД / 
Регион Logo of Pelagonia Region.svg Пелагониски регион
Општина Coat of arms of Resen Municipality.svg Општина Ресен
Област Долна Преспа
Население 137[1] жит.
Пошт. бр. 7318
Повик. бр. 047
Надм. вис. 950 м
Commons-logo.svg Курбиново на Ризницата


Курбиново — село во Општина Ресен, во областа Долна Преспа, во околината на градот Ресен, сместено во близина на источниот брег на Големото Преспанско Езеро.

Етимологија[уреди | уреди извор]

Во врска со името на ова село, Влоѓимјеж Пјанка пишува дека е посесивно, произведено од личното име Курбин или Корубин, или ако суфиксот „-ово“ е секундарен (во структурална функција), можно е за своја основа Курбиново да ги има именките со истоветното значење „корубино“, „коруба“ или „кора“.[2]

Денешните курбинци пренесуваат преданија кои значително не отстапуваат од констатациите на Пјанка. Едно предание кажува дека нивното село името го добило по некој си мештанин (ајдук или војвода) Корубин, а според друго (кое е помалку веројатно) името се врзува со некоја си елементарна непогода (водена стихија), кога луѓето биле присилени да се спасуваат со корита (корублини) и според трето, Курбиново името го добило по зборот „курбан“ (давање жртва) кога некогаш во минатото курбинци биле присилени на такво нешто заради спас од разбојнички банди.[2]

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Сретселото во Курбиново

Селото е сместено на 2 километри од североисточното крајбрежје на Големото Преспанско Езеро, во подножјето на планината Баба, односно нејзиниот разгранок Голема Чука, лево од патот Макази-Маркова Нога (македонско-грчка граница). Сместено е на надморска височина од околу 950 метри.[2] Селото е оддалечено 17 километри од градот Ресен.[3]

Курбиново е преместено село. За негова претходна положба се спомнуваат месностите: Стара Ливада и Долга Ливада, на кои постојат остатоци (црквата „Св. Ѓорѓија“, темели од куќи и гробишта). За времето и причините на преместувањето нема податоци ниту други сознанија.[2]

Курбиново се граничи со следниве села: со селата Рајца и Грнчари на север, со подрачјето на Општина Битола (во тој склоп со селото Маловиште) на исток, со Сливница на југ, со Претор на југозапад и со Асамати на запад.[2]

Атарот на Курбиново се простира на површина од 1350 хектари (околу 13,50 км²) и зафаќа ридско-планинско, во повисоките места обраснато со листопадна шума (даб, бука, дрен, леска и др.). На локалитетите Згриљас, Краиште и Ветро Кладенче околу 1960 година е засаден бор. Од вкупната површина на атарот, 218,6 хектари се обработливо земјиште, 306,2 хектари пасишта и 787,3 хектари шуми.[2][3]

Низ атарот на селото тече Курбинска Река, која никогаш не пресушува, но нејзиниот водотек во летниот период значително се намалува, посебно од кога дел од изворите на реката се зафатени со водоводот на Курбиново, Асамати и Претор со туристичката населба.[2]

Курбиново е село од собран тип со околу 40 куќи, обновени или новоизградени, со балкони и тераси. Околу куќите постојат уредени дворни места во кои се сместени стопанските и други објекти (штали, плевни, магацини, гаражи и др.). На куќите преовладуваат белите фасади. Според групираноста на куќите и семејствата, селото се дели на три маала: Горно Маало (источниот, повисокиот), Средно Маало (средишниот) и Долно Маало (западниот, понискиот дел на селото).[2]

Историја[уреди | уреди извор]

Војводата Александар Кошка, загинат во судирите со аскерите помеѓу Сливница и Курбиново, снимен од браќата Манаки

Курбиново е старо христијанско село во кое отсекогаш живееле православни Македонци. Под различен облик на името (Курбин, Курбино, Корбиново, Курбиново) се спомнува во повеќе извори од различни периоди.[2]

Во 19 век, Курбиново се наоѓало во Битолската каза, нахија Долна Преспа, во Отоманското Царство.

До 1912 година, Курбиново било под турска власт, а тој склоп и беговски чифлик. Активно земало учество во подготовките и текот на Илинденското востание со своја востаничка чета. За војвода на Преторската, Рајчанската, Курбинската и Сливничката чета се спомнува Јонче Стасовски (од с. Љубојно). Во текот на востанието, курбинци поминале шест недели во бег и имало 6 загинати.[2]

Во Првата Балканска војна (ноември 1912), селото се нашло под српска власт, а во текот на Првата светска војна под бугарска окупација. Подоцна, со поместувањето на фронтот, низ селото поминале и војските на Антантата. Во еден период од војната (1916-1918), курбинци биле евакуирани во селата Грнчари и Рајца. Во оваа војна, курбинци биле мобилизирани во војските на спротивставените страни, а цивилите често биле ангажирани за изградба на утврдувања.[2]

По завршувањето на Првата светска војна, Курбиново повторно се нашло под српска власт. Во ова време, Курбиново било во состав на општината Подмочани.[2]

Во Втората светска војна селото паднало под окупација на фашистичка Италија (мај 1941 година), со што се нашло во составот на т.н. Голема Албанија. Во тоа време, во селото имало италијанска војска и карабињери. По капитулацијата на Италија (8 септември 1943 година) паднало под окупација на фашистичка Бугарија, под која останало до ослободувањето на 5 септември 1944 година. Загинале двајца жители.[4][2]

Селото Курбиноцо со задружен дом се стекнало во 1950 година, со водовод и со електрична енергија во 1959, со телевизиски прием во 1965, со телефонски приклучоци во 1990 година. До изградбата на водоводот со кој се зафатени изворите Грубанец и Копотливо курбинци вода пиеле од чешмичето „Буклинка“ во месноста Бучалиште.[2]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Курбинци во минатото својата егзистенција ја обезбедувале преку поледелството и сточарството. Во рамките на поледелството најмногу сееле жито (’рж, пченица, овес, јачмен, пченка), саделе градинарски култури (пиперки, домати, лук, кромид, зелка, праз, компири и др.) и доста одгледувале лозја и јаболка. Во рамките на сточарството најмногу одгледувале волови, овци, кози, коњи и друго.[2]

Население[уреди | уреди извор]

Во текот на своето постоење, Курбиново го бележело следниот демографски развој: во 1568/69 година селото имало 42 семејства (опширен пописен дефтер за казите Горица, Биглишта и Хрупишта); во 1889 година, 30 куќи и 258 жители (С. Верковиќ).[2]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Курбиново имало 200 жители, сите Македонци христијани.[5] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Курбиново имало 232 жители.[6]

Курбиново е мала населба и во 1961 година броела 229 жители, а во 1994 година 122 жители, македонско население.[3]

Според пописот од 2002 година, во селото Курбиново имало 137 жители, сите Македонци.[1]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900[7] 1905[8] 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 200 232 223 219 229 248 182 183 122 137
Извор за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[9]

Родови[уреди | уреди извор]

Денешниве курбинци се потомци на следниве семејства: Бојчевци, Видиновци (доселени од Маловиште околу 1750 година), Гелевци, Диновци, Јовановци, Јовевци, Јанковци, Костиовци, Савевци, Ставревци, Стерјовци, Талевци и Трајчевци.[2]

Општествени установи[уреди | уреди извор]

  • Поранешно основно училиште

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Ресен, една од малкуте општините, која не била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Ресен.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Ресен. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Ресен.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Подмочани, во која покрај селото Курбиново, се наоѓале и селата Асамати, Горна Бела Црква, Грнчари, Долна Бела Црква, Езерани, Козјак, Подмочани, Претор и Рајца. Во периодот 1950-1952 година, селото било дел од некогашната Општина Подмочани, во која влегувале селата Асамати, Грнчари, Курбиново, Подмочани, Претор и Рајца.

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Поглед на главната манастирска црква „Св. Ѓорѓи“
Археолошки локалитети[10]
  • Каштино — населба и топилница од доцноантичко време;
  • Кула — тврдина од среден век;
  • Кули — населба од хеленистичко време;
  • Курбиново — населба од римско и доцноантичко време;
  • Рајчинец — населба од среден век;
  • Рекиње — топилница од доцноантичко време;
  • Св. Атанасиј — црква од среден век;
  • Св. Ѓорѓи — некропола од среден век; и
  • Св. Крстовден — базилика од старо христијанско време;
Цркви[11]
Манастири

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Личности[уреди | уреди извор]

  • Нестор Иванов (1879-?) — македоно-одрински ополчанец, борбена чета на 6 охридска дружина;[12]

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „Попис на Македонија“. Завод за статистика на Македонија. 2002. http://www.stat.gov.mk/Publikacii/knigaX.pdf. конс. 8 март 2017 г. 
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 2,15 2,16 Јовановски, Владо (2005) (на македонски). Населбите во Преспа. Скопје: Ѓурѓа. стр. 175-181. ISBN 9789989920554. https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/f/f8/%D0%9D%D0%B0%D1%81%D0%B5%D0%BB%D0%B1%D0%B8%D1%82%D0%B5_%D0%B2%D0%BE_%D0%9F%D1%80%D0%B5%D1%81%D0%BF%D0%B0.pdf. конс. 8 март 2017 г. 
  3. 3,0 3,1 3,2 Панов, Митко (1998) (на македонски). Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 169. https://commons.wikimedia.org/wiki/File:%D0%95%D0%BD%D1%86%D0%B8%D0%BA%D0%BB%D0%BE%D0%BF%D0%B5%D0%B4%D0%B8%D1%98%D0%B0_%D0%BD%D0%B0_%D1%81%D0%B5%D0%BB%D0%B0%D1%82%D0%B0_%D0%B2%D0%BE_%D0%A0%D0%B5%D0%BF%D1%83%D0%B1%D0%BB%D0%B8%D0%BA%D0%B0_%D0%9C%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D0%B8%D1%98%D0%B0.pdf. конс. 8 март 2017 г. 
  4. Загинати: Јонче Георгиевски и Крсте Гелевски.
  5. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 241.
  6. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 170-171.
  7. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  8. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  9. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика. http://makstat.stat.gov.mk/PXWeb/pxweb/mk/MakStat/MakStat__Popisi__PopisNaNaselenie__PopisiNaseleniMesta/Popisi_nm_1948_2002_NasPoVozrPol_mk.px/?rxid=46ee0f64-2992-4b45-a2d9-cb4e5f7ec5ef. 
  10. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  11. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред (на македонски). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7. 
  12. „Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 293.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]