Горна Бела Црква

Координати: 41°03′00″N 21°01′40″E / 41.05000° СГШ; 21.02778° ИГД / 41.05000; 21.02778
Од Википедија — слободната енциклопедија
Горна Бела Црква

Панорамски поглед на селото Горна Бела Црква

Горна Бела Црква во рамките на Македонија
Горна Бела Црква
Местоположба на Горна Бела Црква во Македонија
Горна Бела Црква на карта

Карта

Координати 41°03′00″N 21°01′40″E / 41.05000° СГШ; 21.02778° ИГД / 41.05000; 21.02778
Регион  Пелагониски
Општина  Ресен
Област Горна Преспа
Население 213 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7310
Повик. бр. 047
Шифра на КО 23007
Надм. вис. 849 м
Слава нема
Горна Бела Црква на општинската карта

Атарот на Горна Бела Црква во рамките на општината
Горна Бела Црква на Ризницата

Горна Бела Црква — село во Општина Ресен, во областа Горна Преспа, во околината на градот Ресен, сместено во близина на брегот на Големото Преспанско Езеро.

Потекло на името[уреди | уреди извор]

Во врска со името на селото, Влоѓимјеж Пјанка пишува дека е придавно-именски состав со веројатност дека првобитно се однесувало на некоја црква, но подоцна заради разликување на двете села со името Бела Црква, се додадени атрибутите Горна и Долна. Предание на горнобелоцрквенци вели дека некогаш, во далечното минато, почнала истовремена изградба на две цркви и тоа баш на денешниве положби на селата Долна Бела Црква и Горна Бела Црква. При градењето на црквата на месноста на денешното село Горна Бела Црква камењата „бегале“ (се губеле). Од верски мотиви изградбата на црквата била напуштена. И покрај тоа што на тоа место никогаш не била изградена, селото подоцна добило име Бела Црква. Атрибутите Горна, односно Долна, се смета дека настанале веднаш со отпочнување на градбата на двете цркви или нешто подоцна заради разликување на двете села со истоветно име по течението на Голема (Стара) Река.[2]

Кај жителите на ова село провејува и мислењето дека името на селото потекнува од албанскиот збор „s ka“, што на македонски значи „еребица“, што не е можно бидејќи селото името го носи пред населувањето со Албанци и што зборот „бела црква“ е чист словенски топоним. Меѓутоа, можно е селото Горна Бела Црква да настанало со некогашно преселување на домаќинства од единственото село Бела Црква (денес Долна Бела Црква), како последица на поплавувањата од надојдените води на езерото, каков што бил случајот и со селото Перово (Горно и Долно).[2]

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Влезот на селото, од десната страна се забележуваат селските гробишта

Селото се наоѓа на пет километри од градот Ресен и на иста оддалеченост северно од брегот на Големото Преспанско Езеро, од левата страна на патот Битола-Корча, во срцето на Ресенското Поле, на надморска височина од околу 863 метри.[2][3]

Нема податоци ниту други сознанија дека селото некогаш било преместувано.[2]

Горна Бела Црква се граничи со следниве села: со градот Ресен на север, со селото Козјак на исток, со селото Долна Бела Црква на југ и со селото Царев Двор на запад.[2]

Атарот на Горна Бела Црква е мошне мал и зафаќа површина од 267 (околу 2,67 км2) и зафаќа рамничарско плодно земјиште низ кое тече Голема (Стара) Река. Од вкупната површина на атарот: 248,2 хектари се обработливо земјиште, а 3,9 хектари пасишта, додека шуми нема.[2][3]

Горна Бела Црква е село од релативно собран тип со околу 116 куќи, сите обновени или новоизградени и внатре современо опремени. Околу куќите постојат оградени и вкусно уредени широки дворни места во кои се наоѓаат стопански и други објекти (гаражи, штали, тремови, магацини, плевни, бунари, фурни и др.).[2]

Според групираноста на куќите и семејствата, селото се дели на две маала: Горно Маало (северниот) и Долно Маало (јужниот дел на селото).[2]

Историја[уреди | уреди извор]

Горна Бела Црква е старо национално мешано село во кое сложно живеат Албанци и Турци, и двата етникуми со исламска вероисповед. Под различни облици на денешното име (Бела Црква Горна, Бела Црква, Бела Церква, Бјела Црква, Бела Црква и Горна Бела Црква) неговото постоење е забележано во повеќе извори од различни периоди.[2]

Во XIX век, Горна Бела Црква се наоѓало во Битолската каза, нахија Горна Преспа, во Отоманското Царство.

До 1912 година, Горна Бела Црква било под турска власт, а тој склоп и беговски чифлик.[2]

Во Првата балканска војна (ноември 1912), селото се нашло под српска власт, а во текот на Првата светска војна под бугарска окупација. Подоцна, со поместувањето на фронтот, низ селото поминале и војските на Антантата.[2]

По завршувањето на Првата светска војна, Горна Бела Црква повторно се нашло под српска власт. Во овој период, селото било во состав на општината Царев Двор.[2]

Во Втората светска војна селото паднало под окупација на фашистичка Италија (мај 1941 година), со што се нашло во составот на т.н. Голема Албанија. По капитулацијата на Италија (8 септември 1943 година) паднало под окупација на фашистичка Бугарија, под која останало до ослободувањето на 5 септември 1944 година.[2]

За првпат од постоењето, училиште на албански јазик во селото било отворено во 1942 година, изградено од мештанинот Бајрам Тефику, кое и ден денес постои. Претходно, децата се школувале во училиштето во селото Козјак. Денес, за училиште се користи зградата на некогашниот задружен дом, изграден во 1951 година. Со електрична енергија се здобило во 1953 година, со асфалтен пат во 1975, со телевизиски прием во 1965, со две асфалтирани улици во 1978, со водовод во 1979 и со телефонски приклучоци во 1985 година.[2]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Поглед на селото

Основно занимање на горнобелоцрквенци секогаш било поледелството. Најмногу се произведувало жито (пченица и јачмен), а подоцна пченка, грав, бостан, пипер, домати, праз, лук, кромид, зелка, тутун и друго. Во рамките на сточарството, најмногу се одгледувале овци (околу 1950 година ги имало 600-700), биволи, коњи, волови и крави. Доста се одело и на печалба.[2]

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948519—    
1953359−30.8%
1961434+20.9%
1971506+16.6%
1981591+16.8%
ГодинаНас.±%
1991477−19.3%
1994215−54.9%
2002187−13.0%
2021213+13.9%

Во текот на своето постоење, Горна Бела Црква го бележело следниот демографски развој: во 1583 година имало 35 семејства, од кои 4 муслимански (М. Соколовски); во 1865 година 12 грчки куќи (Ј. Хан); во 1889 година 35 куќи, од кои 19 македонски и 16 помачки и 30 македонски семејства со вкупно 147 жители и 64 жители (помаци) од машки пол (С. Верковиќ).[2]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Горна Бела Црква имало 290 жители, од кои 110 Македонци христијани и 180 Албанци муслимани.[4]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Турци.[5]

Населбата е средна по големина, без некои големи промени во населеноста. Во 1961 година, селото броело 434 жители, од кои 290 биле Турци и 141 Албанец, а во 1994 година населбата имала 215 жители, од кои 117 Албанци, а 98 Турци.[3]

Низ текот на годините по Втората светска војна, по податоците на државните пописи, во селото најпрвин мнозинство биле Турците, а од 1980-тите години наваму Албанците.

Според пописот од 2002 година, во селото Горна Бела Црква имало 187 жители, од кои 114 Албанци и 73 Турци.[6]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 213 жители, од кои 9 Македонци, 109 Албанци, 88 Турци и 7 лица без податоци.[7]

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Горна Бела Црква:

Година Македонци Албанци Турци Ост. Лица без под. Вкупно
1948 519
1953 1 74 284 0 359
1961 2 141 290 1 434
1971 3 207 291 5 506
1981 1 332 220 38 591
1991 1 135 106 235 477
1994 0 117 98 0 215
2002 0 114 73 0 187
2021 9 109 88 0 7 213

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Родови[уреди | уреди извор]

Горнобелоцрквенци се потомци на следниве постари семејства: Абдулаи (дојдени од Пљаса, Албанија околу 1900 година), Делијачо (дојдени од Колоња, Албанија, во 1782 година), Демири (дојдени од Крани во 1931 година), Замаи (дојдени од Грнчари околу 1920 година), Зутеја (дојдени од Прењас, Албанија), Зејнели (дојдени од Пребишта, Албанија, околу 1900 година), Исмаили (дојдени од Арвати во 1912 година), Јајаи, Јусуфи (дојдени од Колоња), Кркуа (дојдени од Корчанско, Албанија), Орани (дојдени од Крани во 1949 година), Решиди (дојдени од Корча, Албанија), Сеити (дојдени од Куртес, Албанија, преку Љубојно во 1923 година), Шерифи (дојдени од Рошани, Албанија) и Шахини (дојдени од Ѕвезда, Корчанско).[2]

Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1949 година, родови во селото се:

  • Доселеници: Делиачовци (13 к.) доселени се од селото Рашани кај Колоња во јужна Албанија; Оџовци (3 к.) доселени се од Полјани во јужна Албанија; Земановци (1 к.) доселени се од селото Грнчари; Абдуловци (1 к.) доселени се од селото Лавци; Демировци (1 к.) доселени се од селото Крани; Исмаиловци (1 к.) доселени се од селото Арвати; Сеитовци (1 к.) доселени се од селото Куртес кај Колоња; Саидовци (2 к.) доселени се од селото Царев Двор; Зеинеловци (2 к.) доселени се од селото Требишта во Голо Брдо; Орановци (1 к.) доселени се од селото Крани; Пајовци (6 к.), Јусуфовци (6 к.), Дервишовци (2 к.), Сулишовци (4 к.), Скопаровци (3 к.), Решитовци (3 к.), Фетиовци (5 к.) и Крковци (1 к.).[8]

Општествени установи[уреди | уреди извор]

  • Основно училиште

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селската џамија

Селото влегува во рамките на Општина Ресен, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Ресен.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Ресен. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Ресен.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Подмочани, во која покрај селото Горна Бела Црква, се наоѓале и селата Асамати, Грнчари, Долна Бела Црква, Езерани, Козјак, Курбиново, Подмочани, Претор и Рајца. Во периодот 1950-1952 година, селото било дел од некогашната Општина Долна Бела Црква, во која влегувале селата Горна Бела Црква, Долна Бела Црква, Езерани и Козјак.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 1626 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[9]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 360 гласачи.[10]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Археолошки наоѓалишта[11]
Џамии[12]
  • Џамија — селска џамија, изградена во 1819 година, а обновена во 1971 година.

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 2,15 2,16 Јовановски, Владо (2005). Населбите во Преспа (PDF). Скопје: Ѓурѓа. стр. 70–75. ISBN 9789989920554. Посетено на 10 ноември 2016.
  3. 3,0 3,1 3,2 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 73. Посетено на 12 јануари 2017.
  4. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 241.
  5. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  6. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 5 ноември 2016.
  7. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  8. Русиќ, Бранислав. Преспанска област. Архивски Фонд на МАНУ, к-2, АЕ 87.
  9. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  10. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  11. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  12. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]