Отешево

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Отешево
Викиекспедиција Преспа 52.jpg

Поглед на малкуте куќи во иселеното село Отешево

Отешево се наоѓа во Македонија
Отешево
Местоположба на Отешево во Македонија
Координати 40°58′46″ СГШ 20°55′00″ ИГД / 
Регион Logo of Pelagonia Region.svg Пелагониски регион
Општина Coat of arms of Resen Municipality.svg Општина Ресен
Област Горна Преспа
Население 0[1] жит.
Пошт. бр. 7310
Повик. бр. 047
Надм. вис. 830 м
Слава Митровден
Commons-logo.svg Отешево на Ризницата


Отешево — село во Општина Ресен, во областа Горна Преспа, во околината на градот Ресен, сместено на брегот на Големото Преспанско Езеро.

Етимологија[уреди | уреди извор]

Во врска со името на селото, Влоѓимјеж Пјанка пишува дека е посесивно изведено со помош на суфиксот „-ово“ или „-ево“ од личното име Хотеш, што се совпаѓа и со преданијатана отешовчани и перовци, кои зборуваат за некогашните браќа Перо и Тешо (или Отеш), кои се сметаат за зачетници на нивните села (Отешево и Перово) и по кои истите ги добиле своите имиња.[2]

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Дел од преостанатите куќи во селото

Селото се наоѓа на околу 1 километар западно од северозападниот брегна Големото Преспанско Езеро, вгнездено на мала висорамнина во подножјето на планината Галичица или нејзините врвови Орли Врв и Томорос, опкружено со густа дабова шума, на надморска височина од околу 900 метри. Селото е сместено од левата страна на патот Битола-Корча, во непосредна близина на самата граница со Албанија.[2]

Нема податоци ниту други созданија дека селото ја менувало својата местоположба во текот на својата историја.[2]

Отешево се граничи со следниве села: со Шурленци на север, со самото Преспанско Езеро на исток, со селата Стење и Лескоец на југ и со подрачјето на Општина Охрид (во тој склоп со селото Пештани) на запад.[2]

Атарот на Отешево зафаќа површина од 1321 (околу 13,2 км²) и зафаќа исклучително ридско-планинско карсно земјиште обраснато со густа дабова шума и други тревнати површини, на кои некогаш паселе многубројни стада овци. Во периодот 1950-1954 на локалитето на летувалиштето бил посаден бор. Од вкупната површина на атарот: 34,8 хектари се обработливо земјиште, 43,6 хектари пасишта и 903,4 хектари шума.[2]

Во периодот помеѓу двете светски војни заради напојување на стоката, во месностите Суво Поле и Уши биле направени два цементни базени со корита во кои и денес се собира атмосферска вода.[2]

Отешево е мало село од собран тип со околу десетина куќи изградена од камен и вар, на приземје или кат, без јасно обликувани улици. Околу куќите постојат неоградени дворни места во кои се сместени стопански и други објекти (штали, плевни, тремови, фурни и сл.).[2]

На околу 2 километри југоисточно од селото, покрај брегот на Езерото, во периодот 1948-1950 е подигнато познатото истоимено летувалиште, во кое заради поволните климатски услови од 1980 година во летувалиштето работел Заводот за превенција на хронични респиративни неспецифични и алергични заболувања.[2]

Денес, Отешево има изглед на викенд-населба. Куќите се обновени и наменети за таа цел. Отешевчани само во летниот период навраќаат во родниот крај.[2]

Историја[уреди | уреди извор]

Отешево е старо христијанско село во кое секогаш живееле православни Македонци. Под различни облици на денешното име (Хотешево, Отешово, Хотешова и Отешево) неговото постоење е забележано во повеќе извори од различни периоди.[2]

Во 19 век, Отешево се наоѓало во Битолската каза, нахија Долна Преспа, во Отоманското Царство.

До 1912 година, Отешево било под турска власт, во тој склоп и беговски чифлик. Во текот на подготовките за Илинденското востание отешовчани се приклучиле кон востаничките чети на некои од соседните села под раководство на Јоше Глобочки (од Подмочани). Во текот на востанието, селото било ограбено и запалено. Загинал 1 жител.[2]

Во Првата Балканска војна (ноември 1912), селото се нашло под српска власт, а во текот на Првата светска војна под бугарска окупација. Подоцна, со поместувањето на фронтот, низ селото поминале и војските на Антантата. Во 1916 и 1917 година, жителите на Отешево биле евакуирани во селото Лавци, а способните отешовчани биле мобилизирани во војските на спротивставените страни. Имало загинати и ранети, селото било целосно разурнато.[2]

По завршувањето на Првата светска војна, Отешево повторно се нашло под српска власт. Селото било во состав на општината Стење.[2]

Во Втората светска војна селото паднало под окупација на фашистичка Италија (мај 1941 година), со што се нашло во составот на т.н. Голема Албанија. По капитулацијата на Италија (8 септември 1943 година) паднало под окупација на фашистичка Бугарија, под која останало до ослободувањето на 5 септември 1944 година.[2]

Од почетокот на мај до август 1943 година во Отешево престојувале генерал-штабот на НОБ и ПОЈ, каде што од 2 до 4 август било одржано Преспанското советување на централниот комитет на КПМ.[2] Денес, на местото на ова советување е поставен споменик.

Селото е прво електрифицирано село во Преспа (1950 година). Други јавни објекти (задружен дом, водовод и др.) никогаш не биле изградени. Со вода за пиење и за други потреби Отешево се обезбедувало од езерото, а поретко од двата извори (Горни и Долни), кои во летниот период редовно пресушуваат. На изворот „Гладник“ (Горни Извори) некогаш работела воденица. Селото никогаш немало свое училиште. По војната децата учеле во Покрвеник.[2]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Кошници со пчели во селото

Основно занимање на отешовчани секогаш биле поледелството, сточарството и риболовот. Располагале со околу 50 хектари обработливо земјиште, на кое најмногу одгледувале жито (’рж, пченица, јачмен, пченка, уров и др.). Во рамките на сточарството се одгледувале овци, кози, волови, коњи, свињи и друго. Сите домаќинства се занимавале со риболов. Се одело и на печалба, најмногу во Аргентина и Северна Америка.[2]

Туризам[уреди | уреди извор]

Туризмот во Отешево започнал да се развива со изградбата на истоименото летувалиште на брегот на езерото во периодот 1948-1950 година. Подоцна, биле изградени други хотели, како хотелот „Европа“. Поради поволните климатски услови и услови за воздушна бања, бил изграден и некогашниот Завод за превенција на хронични респиративни неспецифични и алергични заболувања, отворен во 1980 година. Во минатото, со хотелот „Европа“, автокампот и придружните комплекси, Отешево остварувало 100.000 ноќевања годишно.[3]

Денес, Отешево пропаѓа и има малку туристи секоја сезона. Единствен сместувачки капацитет кој работи е некогашниот хотел на „ЗОИЛ Македонија“, купен од повратник од САД и претворен во хотел „Езерски поглед“. Во хотелот постојат 23 двокреветни соби, ресторан и уредена песочна плажа.[3]

Целокупната состојба на туристичката населба Отешево е очајна, урнатини обраснати со треви и трње и крајбрежје со трски.[4] Автокампот „Отешево“ е запустен и заборавен, додека некогашните хотели „Европа“ и „Југославија“ пропаѓаат откако беа опожарени пред десетина година.

Панорамски поглед на напуштениот хотел „Европа“

Население[уреди | уреди извор]

Во текот на своето постоење, Отешево го бележело следниот демографски развој: во 1519 година селото имало 33, а во 1583 година 21 семејство (М. Соколовски); во 1865 година 3 христијански куќи (Ј. Хан), а во 1889 година 6 куќи и 53 жители (С. Верковиќ).[2]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Отешево имало 40 жители, сите Македонци христијани.[5] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Отешево имало 8 жители.[6]

Селото е целосно напуштено во текот на 1990-тите години. Според пописот од 2002 година, во селото Отешево немало постојани жители.[1]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900[7] 1905[8] 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 40 8 97 98 63 52 14 0 0 0
Извор за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[9]

Родови[уреди | уреди извор]

Отешовчани се потомци на следниве семејства: Ѓорѓиевци, Ивановци, Котевци, Ристевци и Спировци. За Ивановци и Спировци се вели дека се доселени околу 1920 година од Белица (Струшко) (Ристо) и Драч, Албанија, (Кито) и дека имаат влашко потекло.[2]

Општествени установи[уреди | уреди извор]

  • Завод за превенција на хронични респиративни неспецифични и алергични заболувања, отворен во 1980 година

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Ресен, една од малкуте општините, која не била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Ресен.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Ресен. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Ресен.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Царев Двор, во која покрај селото Отешево, се наоѓале и селата Волкодери, Горно Дупени, Дрмени, Евла, Коњско, Лавци, Лескоец, Перово, Покрвеник, Прељубје, Стење, Стипино, Царев Двор и Шурленци. Во периодот 1950-1952 година, селото било дел од некогашната Општина Покрвеник, во која влегувале селата Волкодери, Отешево, Покрвеник, Прељубје и Шурленци.

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Споменик за Преспанското советување на ЦК на КПМ
Археолошки локалитети[10]
  • Сирхан — осамен наод од римско време;
  • Камара — населба од доцноантичко време;
  • Пирк — населба од хеленистичко време;
  • Св. Атанас — црква и некропола од римско време.
Цркви[11]
Споменици

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „Попис на Македонија“. Завод за статистика на Македонија. 2002. http://www.stat.gov.mk/Publikacii/knigaX.pdf. конс. 30 октомври 2016 г. 
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 2,15 2,16 2,17 2,18 Јовановски, Владо (2005) (на македонски). Населбите во Преспа. Скопје: Ѓурѓа. стр. 216–221. ISBN 9789989920554. https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/f/f8/%D0%9D%D0%B0%D1%81%D0%B5%D0%BB%D0%B1%D0%B8%D1%82%D0%B5_%D0%B2%D0%BE_%D0%9F%D1%80%D0%B5%D1%81%D0%BF%D0%B0.pdf. конс. 22 октомври 2016 г. 
  3. 3,0 3,1 Здравковска, Жанета. „Отешево е воздушна бања за луѓево, но луѓето го задушија“, „Дневник“, МПМ Македонија, 16 мај 2015 (конс. 30 октомври 2016 г). (на македонски)
  4. Здравковска, Анета. „Отешево тоне во негрижа“, „Утрински весник“, МПМ Македонија, 6 август 2013 (конс. 30 октомври 2016 г). (на македонски)
  5. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 241.
  6. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 170-171.
  7. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  8. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  9. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика. http://makstat.stat.gov.mk/PXWeb/pxweb/mk/MakStat/MakStat__Popisi__PopisNaNaselenie__PopisiNaseleniMesta/Popisi_nm_1948_2002_NasPoVozrPol_mk.px/?rxid=46ee0f64-2992-4b45-a2d9-cb4e5f7ec5ef. 
  10. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  11. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред (на македонски). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]