Стипона

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Стипона
Стипона is located in Македонија
Стипона
Местоположба на Стипона во Македонија
Координати 41°03′36″N 20°57′19″E / 41.06000° СГШ; 20.95528° ИГД / 41.06000; 20.95528Координати: 41°03′36″N 20°57′19″E / 41.06000° СГШ; 20.95528° ИГД / 41.06000; 20.95528
Регион Logo of Pelagonia Region.svg Пелагониски
Општина Coat of arms of Resen Municipality.svg Ресен
Население 0 жит.
(поп. 2002)
Пошт. бр. 7310
Повик. бр. 047
Шифра на КО 23040
Надм. вис. 922 м
Слава Голема Богородица
Петковден
Стипона на општинската карта
Стипона во Општина Ресен.svg

Атарот на Стипона во рамките на општината
Commons-logo.svg Стипона на Ризницата


Стипона — село во Општина Ресен, југозападна Македонија. Денес нема жители.[1]

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа на источната падина на Галичица,[2], надвиснато на нејзините истурени разграноци Бука и Вртелка од северозападната страна, Каца и Мелишта од јужната и Кукуљ од западната страна.[3] Лежи југозападно од градот Ресен, северно од Лавци, а јужно од Евла. Атарот зафаќа површина од 3,27 км2. Над селото извира Стиопонска Река (Стипонка) која минува низ него и тече во југоисточен правец и источно Дрмени се канализира за наводнување на обработливото земјиште југоисточно од него. Во минатото нејзините води се користеле за наводнување на нивите во самото село, а на неа работела и воденица.[3]

Топонимија[уреди | уреди извор]

Попознати топоними во атарот на селото се: Бел Камен, Бела Земја, Бука, Воденица, Воденичарски Пат, Вртелка, Ветерник, Влачешки Копанки, Глобокана Ледина, Голема Нива, Горна Млака, Голоно, Дива Јасика, Дуљо Чежме, Дачка, Долна Млака, Дупенски Рид, Дупенска Корија, Кладенчено, Каменон, Кукуљ, Каца, Кафтејнци, Лескине, Ливадиште, Манастирка, Марко Трло, Мелишта, Млака, Осој, Песокна, Премрег, Присој, Ракица, Рудникон, Св. Ѓорѓија, Св. Недела, Св. Петка, Средна Млака, Стипона, Стипонска Река, Трпоа Колиба, Трска, Шипон и др.

Историја[уреди | уреди извор]

Во Отоманското Царство[уреди | уреди извор]

Стипона отсекогаш била населена со православни Македонци. За првпат се споменува вотурски пописи од 1519 и 1583 г. Познато е дека во текот на историјата било имот на некој бег, по чија смрт неговата сопруга го подарила на манастирот „Св. Наум“, и селото останало во црковна сопственост сè до крајот на 1940-тите.[3]

Во 1519 г. во Стипона имала 18 куќи, а на пописот од 1583 г. во селото живееле 8 семејства.

Во XIX век Стипона било село во Горнопреспанската нахија на Битолската каза во Отоманското Царство. Според Стефан Верковиќ во 1889 г. селото имало 2 куќи со 4 семејства и вкупно 21 жител.[3]

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 г. Стипона има 30 жители Македонци христијани[4].[5] Во 1902 г. според Л. Огненов селото имало 2 куќи со 22 жители. Во наредниот период селото почнало да расте, и набргу се удвоило.

Селото зело активно учество во Илинденското востание, во кое загинал еден негов жител.

На почетокот на XX век жителите на селото потпаднале под врховенството на Бугарската егзархија. По податоци на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. во Стипона имало 40 Македонци (сите под егзархијата) и работело бугарско училиште.[4][6]

Балкански војни и Прва светска војна[уреди | уреди извор]

Во 1912 г. Георги Трајчев во Стипона попишал 4 куќи со вкупно 41 жител, но во 1925 г. тие се намалиле на 2 куќи со 14 жители.[3] Во Првата балканска војна, во ноември 1912 г. селото потпаднало под српско владение, а во октомври 1915 г. за време на Првата светска војна било под бугарска окупација. Подоцна низ него поминале војските на Антантата.

По војната селото повторно потпаднало под српска хегемонија и било подложено на денационализација и асимилација, што траело сè до 1941 г. Во тој период Стипона била во состав на Општина Стење, а потоа во Општина Царев Двор.

Втора светска војна[уреди | уреди извор]

Во Вората светска војна селото било окупирано од Италија и ставено во составот на „Голема Албанија“. По капитулацијата на Италија, Стипона е окупирана од бугарски сили, што траело до 1944 г. Населението се борело на страната на НОАБ. Од крајот на февруари до средината на март 1943 г. во селото престолјувал Битолско-преспанскиот одред НОПО „Даме Груев“.ref name="НасПреспа" />

Стопанство[уреди | уреди извор]

Стипона имала полјоделско и сточарско стопанство. Атарот на селото опфаќа рамничарски и ридско-алувијални предели. Сочинет е од 250,6 ха обработливо земјиште, 17,6 ха пасишта и 227,2 ха шуми. Пасиштата се наоѓаат во месностите Ветерник, Лавчански Копанки Опаљна и Кукуљ. Во шумите застапени се дабот, буката, јаворот, јасенот, габерот, леската и др.

Сè до 1948 г. селаните се издржувале работејќи на манастирскиот имот. Подоцна, по распуштањето на земјоделските задруги, земјата и стоката била вратена во приватна сопственост на жителите.[3]

Демографија[уреди | уреди извор]

Пред неговото напуштање, селото се состоело од седум куќи кои потекнуваат од едно семејство, наречени Митревци, односно Ѓорѓиовци.[3] Селото почнало да се иселува во 1970-тите, кога населението доживеало голем пад. Во текот на следната деценија е сосема иселено. Според пописот од 2002 година, селото немало ниеден жител.[1]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900[7] 1905[8] 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 30 40 42 38 44 46 17 0 0 0
Извор за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[9]

Општествени установи[уреди | уреди извор]

  • Црква „Св. Ѓорѓија“ со селските гробишта — веднаш под селото, изградена меѓу двете светски војни
  • Црква „Св. Петка“ — на 2 км југоисточно од селото, изградена во 1990 г.
  • Светиче „Св. Недела“ — на околу 1 км југоисточно од селото

Во селото никогаш немало училиште, туку децата посетувале настава во соседното Горно Дупени.[3]

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Изборно место[уреди | уреди извор]

Во селото постои изборното место бр. 1625 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на продавница на селото Горно Дупени.[10]

На претседателските избори во 2019 година, на ова изборно место биле запишани вкупно 82 гласачи.[11]

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Стипона има иселеници во разни околни села како Евла, Долно Дупени, Покрвеник, Долна Бела Црква и на други места.[3] Според истражувањата на Бранислав Русиќ од 1949 г. родови од Стипона (преселени во подалечното или поблиското минато) има во следниве села:[12]

  • Долна Бела Црква: Андреевци, Дамовци, Дојчиновци, Ѓорѓиовци, Соколовци - Петревци, Стипонци (2 куќи). Живеат во свое Стипонско маало.
  • Евла: Босилковци (5 куќи) и Стипонци (1 куќа)
  • Јанковец: Станчевци (1 куќа)
  • Лева Река: Гулабовци (4 куќи)
  • Покрвеник: Стиповци (4 куќи) и Филиповци

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 4 јануари 2021.
  2. Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја (изд. I.). Скопје: Патрија. стр. 286. ISBN 9989-862-00-1.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 3,8 Јовановски, Владо (2005). Населбите во Преспа : местоположба, историски развој и минато (PDF). Скопје: Ѓурѓа. стр. 308–311. ISBN 978-9989-2117-6-8.
  4. 4,0 4,1 Како што е општопознато, Македонците во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите отсекогаш се изјаснувале како Македонци.
  5. Кѫнчовъ, Василъ (1900). Македония. Етнография и статистика. София: Българското книжовно дружество. стр. 241. ISBN 954430424X.
  6. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 170-171.
  7. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  8. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  9. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  10. „Описи на ИМ“. Посетено на 3 ноември 2019.
  11. „Претседателски избори 2019“. Посетено на 3 ноември 2019.
  12. Русиќ, Бранислав. Преспанска област. Архивски Фонд на МАНУ

Надворешни врски[уреди | уреди извор]