Перово

Од Википедија — слободната енциклопедија
Перово

Куќи во селото

Перово во рамките на Македонија
Перово
Местоположба на Перово во Македонија
Перово на карта

Карта

Координати 41°00′51″N 20°59′21″E / 41.01417° СГШ; 20.98917° ИГД / 41.01417; 20.98917Координати: 41°00′51″N 20°59′21″E / 41.01417° СГШ; 20.98917° ИГД / 41.01417; 20.98917
Регион  Пелагониски
Општина  Ресен
Област Горна Преспа
Население 111 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 7315
Повик. бр. 047
Шифра на КО 23029
Надм. вис. 852 м
Слава Атанасовден Летен
Перово на општинската карта

Атарот на Перово во рамките на општината
Перово на Ризницата

Перово — село во Општина Ресен, во областа Горна Преспа, во околината на градот Ресен, сместено во близина на брегот на Големото Преспанско Езеро.

Селото Перово е една административна единица, иако понекогаш се сретнуваат посебно означени неговите два дела Горно и Долно Перово.

Потекло на името[уреди | уреди извор]

Во врска со името на селото, Влоѓимјеж Пјанка пишува дека е посесивно, образувано со помош на наставката „-ово“ и потекнува од личното име Перо. Подоцна биле додадени и атрибутите Горно и Долно. Ова е истоветно и со преданието на перовчани, кое говори дека секогаш постоеле двајца браќа Перо и Отеш, кои први се населиле во месностите Перово (се мисли на Старо Перово) и Отешево, кои подоцна биле наречени по нив.[2]

Постои уште едно предание дека Перово води потекло од некогашното истоимено село, кое се наоѓало на јужната страна на Големото Преспанско Езеро, во месноста Кула (денес во Грција), за кое се вели дека исчезнало за време на отоманскиот период.[2]

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Улица во селото

Селото се наоѓа во средишниот дел на територијата на Општина Ресен, а непосредно до северниот брег на Големото Преспанско Езеро.[3] Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 854 метри. Од градот Ресен е оддалечено околу 10 километри.[3]

Перово се наоѓа во јужниот дел на Ресенското Поле, на околу еден километар северно од брегот на езерото, на дел од просторот помеѓу Дрменска и Стипонска Река, на две одделни места (Горно и Долно Перово).[2]

Во годините на Првата светска војна, најверојатно 1917 година, како последица на големата поплава од езерото, селото било евакуирано во соседното Дрмени, а по повлекувањето на водата, некои жители подигнале свои нови живеалишта во Горно Перово,[2] поради што се појавило одвојувањето на Горно и Долно Перово.

Селото и претходно било преместувано. Така, се споменува просторот околу црквата „Св. Атанасиј“, на околу 300 метри јужно од денешната местоположба на Долно Перово, на која сѐ уште постојат остатоци од темелите на куќите.[2]

Перово се граничи со следниве села: со Дрмени и Лавци на север, со Езерани на исток, со самото Преспанско Езеро на југ и на запад со селата Прељубје и Покрвеник.[2]

Месности во атарот на селото се следниве: Бранејнца, Бучало, Вича, Вршица, Горна Лапа, Горно Перово, Долно Перово, Кучебан, Коланов Даб, Канали, Коначе, Лолици, Над Куќи, Оморица, Под Лозја, Патиште (во Езерото), Слатина, Стојаноа Ливада, Стипонка, Солејнца, Шајкојца и други.[2]

Перово е село од релативно собран тип, поставено на две локации со меѓусебна оддалеченост од околу еден километар, со околу 70 куќи (50 во Долно и 20 во Горно Перово). Скоро сите стари куќи се обновени, а се градат и нови современи и поголеми, внатре современо опремени. Околу куќите постојат разновидно оградени дворни места во кои се изградени стопански и други објекти (гаражи, магацини, летни кујни и др.) и парцели на зеленчукови, овошни и цветни градини.[2]

Оддалеченоста меѓу двете локации на селото Долно и Горно Перово постепено се намалува со изградбата на новите куќи. Самото Долно Перово може да се каже дека е поделено на две маала, Горно и Долно Маало.[2]

Селото добило електрична енергија и систем за наводнување во 1960 година, телевизиски прием во 1965 година, асфалтен пат во 1980 година, а со телефонски приклучоци во 1987 година.[2]

Историја[уреди | уреди извор]

Стари и нови куќи во селото

Перово е старо христијанско село во кое секогаш живееле православни Македонци. Под различен облик на денешното име (Перево, Ново Перово, Горно Перово и Долно Перово) неговото постоење е забележано во повеќе извори од различни периоди. Најрано е споменато во турските пописни дефтери од 1519 година.[2] Тогаш била забележана населба со 49 семејства.

Во XIX век, Перово се наоѓало во Битолската каза, нахија Горна Преспа, во Отоманското Царство.

До 1912 година, Перово било под турска власт, но не било беговски чифлик. Во текот на подготовките за Илинденското востание учествувало со своја востаничка чета од 50 востаници, раководена од некој Стефан од Кривени. Во текот на востанието загинале 4 жители, а селото било ограбено и изгорено (85 куќи).[2]

Во Првата балканска војна (ноември 1912 г.), селото се нашло под српска власт, а во текот на Првата светска војна (октомври 1915 г.) под бугарска окупација. Подоцна, со поместувањето на фронтот, низ селото поминале и војските на Антантата. Во текот на војната, перовчани биле мобилизирани во војските на спротивставените страни.[2]

Во 1917 година, во селото се појавило тифус од кој умреле повеќе луѓе.[2]

По завршувањето на Првата светска војна, Перово повторно се нашло под српска власт. Во периодот помеѓу двете светски војни, Перово било во состав на општината Стење.[2]

Во Втората светска војна селото паднало под окупација на фашистичка Италија (мај 1941 година), со што се нашло во составот на т.н. Голема Албанија. По капитулацијата на Италија (8 септември 1943 година) паднало под окупација на фашистичка Бугарија, под која останало до ослободувањето на 5 септември 1944 година.[2]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Поглед на селото

Атарот е мал и зафаќа простор од 4 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина 208 хектари, пасиштата заземаат 41 хектар, додека шумско земјиште нема.[3]

Селото, во основа, има полјоделска функција.[3]

Во 1948 година во селото се создала рибарската задруга „Риба“, во која биле зачленети риболовците од селото.

Мештаните се занимавале со полјоделство, сточарство и риболов. До 1960-тите години најмногу се сеело жито (пченица, јачмен, овес и пченка), се саделе градинарски култури (пипер, домати, лук, кромид, праз, компири, грав, бостан и друго) и се одгледувал тутун. Денес, преовладува овоштарството, односно одгледувањето јаболка. Сточарството е целосно замрено, а порано се одгледувале овци, волови, биволи, коњи, свињи и друго.[2]

Перовчани се познати по правењето коци (ловишта за риби) и „кочини“ (коци) за правење плафони.[2]

Доста се одело и на печалба.[2]

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948410—    
1953434+5.9%
1961428−1.4%
1971351−18.0%
1981331−5.7%
ГодинаНас.±%
1991209−36.9%
1994213+1.9%
2002175−17.8%
2021111−36.6%

Во делото „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Перово било село со 72 домаќинства и 198 жители.[4]

Според статистиката на бугарскиот етнограф Васил К’нчов („Македонија, етнографија и статистика“) од 1900 година во селото имало 590 Македонци.[5] Според секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Перово имало 600 Македонци под врховенството на егзархијата.[6]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Перово се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 105 куќи.[7]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото се делело на Горно Перово, кое имало 150 жители и Долно Перово, кое имало 200 жители, сите Македонци.[8]

Во 1961 година селото броело 428 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на 213 жители, македонско население.[3]

Според пописот од 2002 година, во селото Перово живееле 175 жители, сите Македонци.[9]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 111 жители, од кои 103 Македонци, 3 Албанци и 5 лица без податоци.[10]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 590 600 410 434 428 351 331 209 213 175 111
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]

Родови[уреди | уреди извор]

Долно Перово е македонско село.

Родови во селото се: Ајгаровци, Блатковци (Грковци), Голицовци, Гуновци, Гроздановци, Гронџевци, Гребановци, Ѓуровци, Јанкуловци, Јосифовци, Каљунџиовци, Кевиловци, Калиовци, Коцкаровци, Климевци, Каровци, Коњановци, Кардевци, Луловци, Лиговци, Лижевци, Мушевци, Мелеловци, Мицкаловци, Милошевци, Мотлевци, Нунушовци, Нонкуловци, Печенковци, Пшковци, Поповци, Ромбевци, Римановци, Рауковци, Стојчевци, Србиновци, Цакуловци, Царовци, Циревци, Чавкаловци, Чачевци и Шутиновци.[2]

Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1949 година, родови во селото се:[15]

  • Староседелци и непознато потекло: Рацковци со Шапковци (1 к.), Поповци со Царовци, Печенковци, Блатковци и Поповци (28 к.), Ќевиловци (3 к.), Голицовци (2 к.), Мушевци (1 к.), Луловци (7 к.), Мицкаловци со Марковци, Шундовци, Гребаковци и Џакуловци (3 к.) и Иванковци (14 к.).
  • Доселеници: Џуровци (6 к.), доселени се од некое место Џура (?).

Општествени установи[уреди | уреди извор]

  • Поранешно основно училиште

Училиштето во селото започнало со работа во 1875 година, најпрвин во самата црква. Со своја прва училишна зграда селото се здобило во 1925 година, но поради поплавата во 1948 година зградата била напуштена. Подоцна, како училиште се користела куќата на учителот, а подоцна било изградено новото училиште во 1953 година.[2] Денес, училиштето повеќе не работи.

  • Селски дом

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Ресен, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Ресен.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Ресен. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Ресен.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Царев Двор, во која покрај селото Перово, се наоѓале и селата Волкодери, Горно Дупени, Дрмени, Евла, Коњско, Лавци, Лескоец, Отешево, Покрвеник, Прељубје, Стење, Стипино, Царев Двор и Шурленци. Во периодот 1950-1952 година, селото било дел од некогашната Општина Царев Двор, во која влегувале селата Горно Перово, Долно Перово, Дрмени и Царев Двор.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 1664 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на селскиот дом.[16]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 190 гласачи.[17]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Главната селска црква „Св. Атанасиј“
Цркви[18]
Реки

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Селска слава
  • Свети Атанасиј Летен

Личности[уреди | уреди извор]

Родени или потекло од Перово

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Иселеници од селото има во Ресен, Битола, Северна Америка (околу 10 семејство), Јужна Америка, Бугарија и Куба (две семејства).[15]

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

  • ФК Рибар, кој се натпреварува во општинската лига и кој беше првак на општинската лига во ресен во 1972 година и повторно 1981 година.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 2,15 2,16 2,17 2,18 2,19 2,20 Јовановски, Владо (2005). Населбите во Преспа (PDF). Скопје: Ѓурѓа. стр. 222–227. ISBN 9789989920554. Посетено на 29 мај 2020.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 108. Посетено на 29 мај 2020.
  4. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 86-87.
  5. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900. стр. 241.
  6. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рp. 170-171.
  7. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 15.
  8. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  9. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 29 мај 2020.
  10. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  11. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  12. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  13. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  14. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  15. 15,0 15,1 Русиќ, Бранислав. Преспанска област. Архивски Фонд на МАНУ, к-2, АЕ 87.
  16. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 30 мај 2020.
  17. „Претседателски избори 2019“. Посетено на 30 мај 2020.
  18. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]