Рајца

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Рајца
Викиекспедиција Преспа 90.jpg

Поглед на селото Рајца

Рајца се наоѓа во Македонија
Рајца
Местоположба на Рајца во Македонија
Координати 41°00′07.92″ СГШ 21°03′42.18″ ИГД / 
Регион Logo of Pelagonia Region.svg Пелагониски регион
Општина Coat of arms of Resen Municipality.svg Општина Ресен
Област Долна Преспа
Население 66[1] жит.
Пошт. бр. 7310
Повик. бр. 047
Надм. вис. 880 м
Слава Мала Богородица
Commons-logo.svg Рајца на Ризницата


Рајца — село во Општина Ресен, во областа Долна Преспа, во околината на градот Ресен, сместено во близина на брегот на Големото Преспанско Езеро.

Етимологија[уреди | уреди извор]

Во врска со името на селото, Влоѓимјеж Пјанка ја истакнува можноста дека произлегува од словенскиот збор „раја“ што значи мирна вода, мочуриштен терен, блато и слично, или е изведено од личното име Рајо со додавање на суфиксот „-јца“. Рајчани сметаат дека нивното село името го носи по некојси човек Рајчан, кој прв се доселил и подигнал свој дом за живеење на тоа место.[2]

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Селото е сместено на крајниот североисточен дел од Големото Преспанско Езеро, на котлинскиот дел од подножјето на планината Баба, од левата страна на патот Макази-Маркова Нога (македонско-грчка граница), на надморска височина од околу 880 метри.[2]

Поглед од влезот на селото заедно со подножјето на планината Баба

Рајца претставува преместено село. Како негова претходна местоположба се споменува месноста Селиште на околу 1 километар источно од денешната, на која сè уште постојат видливи остатоци од разурната црква и гробишта. Времето и причините за неговото преместување не се познати и само се претпоставува дека тоа се случило во текот на XVIII век, најверојатно како изразена потреба за доближување до плодните обработливи површини и патната комуникација. Рајчани тврдат дека дел од нив се доселени од некогашното село Скочино.[2]

Рајца се граничи со следниве села: со Грнчари на север, со Курбиново на исток и на југ и со селото Асамати на запад.[2]

Атарот на Рајца зафаќа површина од 461 хектар (околу 4,61 км²) и зафаќа рамничарско плодно и ридско-планинско земјиште обраснато со листопадна шума (даб, бука, леска и др.). Во 1953 година на некои месности е засаден бор. Селото располага со скромни високопланински пасишта. Од вкупната површина на атарот: 144,3 хектари се обработливо земјиште, 103,8 хектари пасишта и 198,5 хектари шума.[2]

Низ атарот на селото тече мал безимен поток, кој во летниот период целосно пресушува.[2]

Рајца е село од собран тип со околу 25 куќи, сите обновени (доградени, приградени, надградени, новоизградени), внатре современо опремени. Преовладуваат белите фасади. Околу куќите постојат дворни места во кои се наоѓаат стопански и други објекти (тремови, фурни, бунари, штали, плевни, гаражи, магацини и др.).[2]

Историја[уреди | уреди извор]

Рајца е старо христијанско село во кое отсекогаш живееле православни Македонци. Под различни облици на денешното име (Раица, Раитца, Раичино, Раици и Рајца) неговото постоење е забележано во повеќе извори од различни периоди.[2]

Во 19 век, Рајца се наоѓало во Битолската каза, нахија Долна Преспа, во Отоманското Царство.

До 1912 година, Рајца било под турска власт, а тој склоп и беговски чифлик. Во текот на подготовките и текот на Илинденското востание рајчани активно се приклучиле. Четата на ова село земала учество во нападот на село Асамати (7 август 1903 година). За нејзин војвода се споменува Јонче Стасовски (од с. Љубојно).[2]

Во Првата Балканска војна (ноември 1912), селото се нашло под српска власт, а во текот на Првата светска војна под бугарска окупација. Подоцна, со поместувањето на фронтот, низ селото поминале и војските на Антантата. Во еден период од војната (1916-1918), Рајца било засолниште за евакуираните жители на селата Претор, Асамати, Долно Дупени и Сливница. Во текот на војната, рајчани биле мобилизирани во војските на спротивставените страни.[2]

По завршувањето на Првата светска војна, Рајца повторно се нашло под српска власт. Во ова време, Рајца било во состав на општината Подмочани.[2]

Во Втората светска војна селото паднало под окупација на фашистичка Италија (мај 1941 година), со што се нашло во составот на т.н. Голема Албанија. По капитулацијата на Италија (8 септември 1943 година) паднало под окупација на фашистичка Бугарија, под која останало до ослободувањето на 5 септември 1944 година. Загинале двајца жители.[3][2]

Со електрична енергија селото се здобило во 1959 година, со систем за наводнување во 1956 година, со телевизиски прием во 1965 година, со асфалтен пат во 1981 година, со водовод во 1985, со телефонски приклучоци во 1988 година.[2]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Основни занимања на рајчани секогаш биле поледелството и сточарството. До 1960 година најмногу се произведувало жито (пченица, ’рж, јачмен, овес, пченка), градинарски култури (пипер, кромид, лук, домати, зелка, компир и др.), потоа грозје и тутун. Денес, најразвиена земјоделска гранка е овоштарството (јаболката). Во рамките на сточарството најмногу се одгледувале волови, крави, овци и кози. Денес, речиси е целосно занемарено. Доста се одело и на печалба во странство.[2]

Население[уреди | уреди извор]

Во текот на своето постоење, Рајца го бележело следниот демографски развој: во 1889 година селото имало 16 куќи, 20 домаќинства и 115 жители (С. Верковиќ).[2]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Рајца имало 84 жители, сите Македонци христијани.[4] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Рајца имало 112 жители.[5]

Според пописот од 2002 година, во селото Рајца имало 66 жители, сите Македонци.[1]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900[6] 1905[7] 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 84 112 157 174 155 159 144 80 72 66
Извор за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[8]

Родови[уреди | уреди извор]

Денешниве рајчани се потомци на следниве семејства: Бицковци, Божиновци (доселени од село Претор), Димовци, Колевци (доселени од село Асамати), Карамфиловци, Курбинци (доселени од село Курбиново), Ќулумовци, Поповци (доселни од Сливница), Проданевци, Радевци (доселени од Асамати), Трифуновци (доселени од Скочино) и Трајчевци.[2]

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Ресен, една од малкуте општините, која не била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Ресен.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Ресен. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Ресен.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Подмочани, во која покрај селото Рајца, се наоѓале и селата Асамати, Горна Бела Црква, Грнчари, Долна Бела Црква, Езерани, Козјак, Курбиново, Подмочани и Претор. Во периодот 1950-1952 година, селото било дел од некогашната Општина Подмочани, во која влегувале селата Асамати, Грнчари, Курбиново, Подмочани, Претор и Рајца.

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Главната селска црква „Св. Никола“
Археолошки локалитети[9]
  • Али Коч — населба и некропола од римско време;
  • Селиште — црква и некропола од среден век.
Цркви[10]

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „Попис на Македонија“. Завод за статистика на Македонија. 2002. http://www.stat.gov.mk/Publikacii/knigaX.pdf. конс. 15 ноември 2016 г. 
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 2,15 Јовановски, Владо (2005) (на македонски). Населбите во Преспа. Скопје: Ѓурѓа. стр. 260–264. ISBN 9789989920554. https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/f/f8/%D0%9D%D0%B0%D1%81%D0%B5%D0%BB%D0%B1%D0%B8%D1%82%D0%B5_%D0%B2%D0%BE_%D0%9F%D1%80%D0%B5%D1%81%D0%BF%D0%B0.pdf. конс. 15 ноември 2016 г. 
  3. Загинати: Борис Божиновски и Тоде Таневски.
  4. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 241.
  5. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 170-171.
  6. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  7. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  8. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика. http://makstat.stat.gov.mk/PXWeb/pxweb/mk/MakStat/MakStat__Popisi__PopisNaNaselenie__PopisiNaseleniMesta/Popisi_nm_1948_2002_NasPoVozrPol_mk.px/?rxid=46ee0f64-2992-4b45-a2d9-cb4e5f7ec5ef. 
  9. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Мкедонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  10. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред (на македонски). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]