Копачка (област)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Копачка претставува етногеографска област во централниот дел на Западна Македонија, на територијата на Општина Кичево.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Копачка се наоѓа во Западна Македонија, расположена јужно од Кичево, поточно помеѓу областите Кичевија на исток и североисток, Железник (Демир Хисар) на југоисток, Дебрца на југ и југозапад, Жупа на запад и Мала Река на северозапад . Целата територија на областа Копачка (освен с. Кнежино) до 2013 година, административно припаѓаше на Општина Другово, со општински центар во селото Другово. Во областа Копачка се наоѓаат 26 населени места, сите во состав на Општина Кичево. Географски се дели на Горна и Долна Копачка. Најголемо населено место е селото Другово (1 492 ж.), кое поради близината со градот Кичево (само 1 км) всушност претставува и единственото живо село, чие население константно се зголемува, а селото полека почнува да личи на градска населба на влезот на Кичево.

Историја[уреди | уреди извор]

Една од најкрвавите битки во Илинденското востание во Кичевско се одиграла на една голема полјана помеѓу селата Карбуница и Кладник во месноста „Ѓурѓејца“. Според хроничарите оваа битка се одиграла на 4 август 1903 година и претставува една од ретко успешните и добиени битки на востаниците во Илинден, кој успех силно одекнал меѓу востаниците, како и во целиот Битолски револуционерен округ. Оваа битка со својата пожртвуваност се втемели во успехот на познатата Крушевска Република од 1903 година. Загинатите борци на Ѓурѓејца ги испишаа светлите страници на Македонскиот непокор.[1]

Демографија[уреди | уреди извор]

Најголем број на жители биле регистрирани во 1953 година, односно 9 030 жители. Оваа бројка во сите наредни пописи постепено се намалува, за во последниот попис во 2002 година, во сите 26 села во Копачка да бидат избројани само 3 097 жители, или само 34,2 % од бројот на население во 1953-та. Толку биле силни миграционите движења во овој регион, а и сè уште траат, што од сите 26 села, дури 20 имаат помалку од 100 жители. За разлика пак, во 1961 година не постоело ниту едно село со помалку од 100 жители.

Следува табеларен приказ на бројот на население во пописните години од 1948 до 2021 година:[2]

населено место 1900 1905 1917 1948 1953 1961 1971 1981 1994 2002 2021
1. Белица 750 824 800 873 878 702 466 248 115 103 54
2. Брждани 230 640 478 366 347 328 285 239 209 162 85
3. Видрани 72 80 82 132 134 101 67 45 19 8 15
4. Горна Душегубица 580 240 398 374 457 336 107 46 15 4 9
5. Горно Добреноец 500 488 423 347 347 277 237 120 71 56 30
6. Долна Душегубица ... ... ... 80 48 15 11 3
7. Долно Добреноец ... ... ... 206 202 120 92 70 62 44 23
8. Другово 260 / 396 537 615 606 944 1 291 1 398 1 492 1.545
9. Ехлоец 475 560 371 458 478 431 172 74 23 20 9
10. Иванчишта 336 320 389 434 438 388 286 157 57 29 6
11. Извор / / / 55 95 163 132 93 52 49 11
12. Јаворец 160 176 / 172 193 139 142 18 7 5 1
13. Јудово 250 240 198 254 299 239 196 94 46 27 6
14. Кладник 480 608 352 411 379 273 164 82 25 20 12
15. Кленоец ... 160 212 220 216 149 56 37 22 21 20
16. Кнежино 280 280 256 214 191 157 48 24 6 12 15
17. Козица 585 592 450 393 394 306 206 132 82 82 45
18. Лавчани 384 440 423 494 513 449 204 70 36 10 4
19. Малкоец 120 200 219 258 282 290 219 118 43 35 9
20. Манастирско Доленци 320 320 185 234 243 210 188 175 126 109 40
21. Подвис 304 280 207 217 198 188 142 90 99 72 55
22. Попоец 410 400 309 397 395 375 267 123 49 34 10
23. Пополжани 120 128 139 142 166 164 171 152 120 109 115
24. Прострање 560 560 362 509 468 295 175 78 35 31 19
25. Свињиште 360 320 235 228 243 237 172 125 98 57 38
26. Србјани 304 288 366 526 565 473 496 534 508 495 518
ВКУПНО: 7 840 8 144 7 250 8 451 9 030 7 396 5 714 4 283 3 338 3 097 2 697

Белешка: Во пописот од 1900та селата Долна и Горна Душегубица и Кленоец биле сметани за едно село. Долна и Горна Душегубица биле сметани како едно село и во пописите од 1905 и 1917. Селата Горно и Долно Добреноец во пописите од 1900, 1905 и 1917 биле сметани за едно село.

Според пописот од 2002 година, најголем дел од населението, 2 641 (85,2 %) се Македонци православни, додека во две села, Другово и Србјани живее и муслиманско население, од кои 292 (9,4 %) се декларирале како Турци, а 155 (5,0 %) како Албанци. Дел од споменатите муслимани во Копачка припаѓаат на македонскиот етнички елемент.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Кичево,110 години Илинден: Битката кај месноста „Ѓурѓејца“ на 4 август 1903 година [4] (http://kicevo.mk)
  2. Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година) *Државен завод за статистика http://makstat.stat.gov.mk Архивирано на 3 февруари 2020 г..