Македонски народни песни

Од Википедија — слободната енциклопедија

Македонските народни песни се дел од македонската книжевност, македонскиот романтизам (преродбата) и фолклорната литература, претставувајќи дел од богатото фолклорно наследство на македонскиот народ. Народните песни потекнуваат од најдалечното минато, авторот е непознат (анонимен), а се зачувале со усно пренесување од колено на колено. Народните песни се делат на „лирски“, „епски“ и „лирско-епски“.

Мелографија[уреди | уреди извор]

Македонските народни песни почнале да се запишуваат во средината на XIX век, во времето на Преродбата. Први интерес покажале научниците од соседните народи, како што се: Вук Караџиќ од Србија, Стефан Верковиќ од Хрватска, Словенецот Станко Враз, Виктор Иванович Григорович од Русија итн.

Под влијание и поттик на Григорович во Македонија започнува Преродбата, па Димитар Миладинов се посветува на собирање народни умотворби, како и на отворање училишта и наоѓање приврзаници и наследници. Со макотрпна работа и со помош на брат му Константин Миладинов, во 1861 година успеваат да го објават Зборникот со народни песни. Освен браќата Миладиновци со собирачка дејност се занимавале и Кузман Шапкарев, Марко Цепенков, Ѓорѓија Пулевски, Јосиф Чешмеџиев, Александар Линин и др.

Во периодот помеѓу двете светски војни, собирањето и објавувањето на македонски народни умотворби било тешка задача. По Балканските војни и Првата светска војна, Македонија била поделена помеѓу учесниците во војните: Србија, Бугарија и Грција, и со еден дел од етничката територија останувајќи во Албанија. Насекаде било забрането македонското име, а особено строго се казнувало запишување или афирмација на народните умотворби. Во деловите окупирани од Србија и Грција било забрането користењето на мајчиниот јазик, не само во институциите туку и во домашните услови. Затоа, каде што теророт бил најжесток, од овој период особено од егејскиот дел на Македонија не се зачувани записи од народни умотворби. Малкуте записи што постојат се примарно направени од иселеници, воглавно во европските земји.[1][2]

Од овој период, изданија со македонски народни умотворби, иако со поголемиот дел од нив што хронолошки даваат јасни политички ставови и апетити кон своите матични намери, но кои заслужуваат внимание и се исклучително битни се:[1][2]

  • „Бугарски народни песни од Македонија“ (Български народни песни отъ Македония), Софија, 1924 г., обемна збирка на Панчо Михајлов;
  • „Охридско-преспанска лира“, Битола, 1926 г., мала збирка на Ѓорѓи Киселинов;
  • „Бугарски македонски песни“ (Български македонски песни), Софија, 1926 г., збирка на Јосиф Чешмеџиев;
  • „66 песни на македонските Бугари“ (66 пѣсни на македонскитѣ Българи), Софија, 1931 г., на Добри Христов;
  • „Маријовци во песните, приказните и шалите“ (Маријовци у песми, причи и шали), Скопје, 1932 г., збирка на Војислав Радовановиќ;
  • „Српски народни мелодии“ (Српске народне мелодије, Јужна Србија), на Владимир Ѓорѓевиќ;
  • „Македонски песни“ (Македонски пѣсни), Прага, 1928 г., на Лудвик Куба;
  • „Словенски приказни од Југозападна Македонија“ (Contes slaves de la Macedoine Sud-occidentale), Париз, 1923 г., на Андре Мазон;
  • „Словенски документи, приказни и песни од Јужна Албанија“ (Documents, contes et shansons slaves de L’ Albanie de sud), Париз, 1936 г., на Андре Мазон.

Списоци на македонски народни песни:

Лирски песни[уреди | уреди извор]

Лирските народни песни имаат највисоки естетски вредности во народната поезија. Тие најчесто биле изведувани од жени, па затоа се нарекуваат и женски песни. Емоциите се основниот елемент, не опишувајќи ги настаните што ги придружуваат. Тоа се лични чувства на единката, радост или жалост, воодушевување или разочарување, љубов или омраза и други состојби што ги доживува човекот. Исто така, нивна одлика е и синкретичноста, поврзаноста со музиката и играта, но и со обредот и магијата и другите форми на човековиот живот. Спаѓаат во најстарите народни песни и во минатото повеќе биле поврзани со обредите, магијата или други слични дејства, но подоцна се одделиле од нив и продолжиле самостојно да опстојуваат. Ги карактеризира разновидноста на темите, од разните чувства на поединецот, до комплексните односи на човекот со околината, активностите поврзани со календарот и слично. Во нив се величаат човечките доблести, а се осудуваат човечките зла. Постојат повеќе видови лирски песни, или:[3]

  • Обредни;
  • Митолошки;
  • Религиски;
  • Трудови;
  • Љубовни;
  • Семејни;
  • Песни за деца;
  • Хумористични;
  • Тажаленки.

Обредни песни[уреди | уреди извор]

Најстари лирски песни се обредните. Во нив пишува колку луѓето верувале во магиското дејство на зборот. Овие песни се пееле при прославувањето на празниците. Обредните се делат на коледарски, лазарски и додолски.

Коледарски лирски песни[уреди | уреди извор]

Коледарските песни се меѓу најстарите обредни песни. Тие потекнуваат уште од паганското време (пред христијанството) и се пееле пред почетокот на новата година. Подоцна тие се поврзале со Христовото раѓање. Во нив се изразувале добри желби за здравје, среќа, бериќет, богатство, успех итн. Овие желби се искажувале од група коледари кои биле исклучиво мажи и кои ги импровизирале песните во зависност од ситуацијата.

Песните имаат едноставна содржина и неразвиена мелодија (како скандирање, рецитирање). Коледарите на постарите им посакувале здравје, почит од децата и внуците; на невестите – машко дете; на момите – да се омажат за саканиот… Домаќинките, пак, фрлале пченица врз коледарите и ги дарувале со пари, овошје итн., во зависност од имотната положба. Песните го најавувале Божиќ, денот кога се празнувало Исусовото раѓање. Пример на коледарска песна:

„Збирајте се дечиња“

Збирајте се дечиња
сред село на грејачка,
огон да си палиме,
за да си изгреиме,
оти после ќе одиме
Коледе да викаме
костени да збираме
за Бадник да јадиме,
Божик да го чекаме,
и прасе да јадиме.

Понекогаш коледарските песни имаат и хумористична содржина:

„Добро утро стара бабо“

Добро утро стара бабо!
Дај ми колач и погача,
напи се вино и ракија,
појди в племна – запали ја,
сркни каша – попари се,
косни риба – убоцај се!

Лазарски песни[уреди | уреди извор]

Лазарските песни се слични со коледарските, но се изведуваат од девојки накитени со венци од цвеќиња. Тие му припаѓаат на циклусот пролетни песни заедно со велигденските и ѓурѓовденските. Се пеат на Лазарова сабота, пред Велигден. Девојките и жените одат во група по улиците или домовите, ги пеат песните и бараат дарови. Најчести мотиви тука се љубовта и семејството. Особено нежни, лирски чувства среќаваме во песните наменети за децата:

„Малечкоо, убоо, о Лазаре“

Малечкоо, убоо, о Лазаре!
На диван ми седеше
со јаболко играше.
Мајка ле му викаше:
Малечкоо убоо,
доста седе на диван,
доста играш с` јаболко
да н`те царот догледат,
да н`ти царство поклонит!
Уште речта не рече,
ми го царот догледа,
и му царство поклони.

Додолски песни[уреди | уреди извор]

Особено интересни се додолските песни, односно песните за повикување на дожд. Тука доаѓа до израз вербата во магиската моќ на зборовите и на самиот обред:

„Дај ми, Боже, темен облак“

Дај ми, Боже, темен облак,
да зароси ситна роса,
да запраши црна земја,
да се роди жито, просо,
да се ранат сирачиња,
сирачиња, сиромаси!

Содржината на песната е едноставна и јасна. Во неа се бара дождот – спасител кој ќе го врзе плодот, кој ќе им овозможи на сиромашните да преживеат.

Песни за раѓањето, стапувањето во брак и смртта[уреди | уреди извор]

Посебно значајно место во обредните песни заземаат песните поврзани со раѓањето, стапувањето во брак и смртта.

За раѓањето нема многу песни, а и тие најчесто се црковни поврзани со ритуалот на крштевањето. Најбројни се свадбарските песни. Според тематските одлики и обичаите поврзани со нив се издвојуваат песни што се пеат пред свадбата, за време на свадбата и по неа. Моментот на разделбата на девојката од семејството е проследен со многу совети како таа да се однесува во новиот дом, но во следната песна е потенцирано дека новите роднини никогаш не ќе можат да ги заменат вистинските родители:

„Прости ми, прости, еј мили татко“

Прости ми, прости, еј мили татко,
оти ќе одам на туѓа куќа,
во туѓа куќа во туѓи луѓе.
Татко не ми је, татко ќе речам,
татко ќе речам, ќерко не велит,
мајка не ми је, мајка ќе речам,
мајка ќе речам, ќерко не велит.
Браќа не ми се, браќа ќе речам,
браќа ќе речам, сестро не велит.
Сестри не ми се, сестро ќе речам,
сестро ќе речам, сестро не велит.

Митолошки песни[уреди | уреди извор]

Митолошките песни се создавани во паганскиот период, пред христијанизирањето. Словените имале своја митологија, свои богови и разни митолошки суштества, но за жал таа не е доволно проучена, па затоа се смета дека не е доволно развиена како старогрчката, римската или германската.

Во митолошките песни, често се среќаваат: самовили, змејови, ламји, русалки и други суштества кои биле олицетворение на природните појави. Овие песни се сведоштво на креативниот дух на непросветениот човек од минатото кој се обидувал да си ги објасни сите природни појави, болести, несреќи и судбини. Суштествата често имаат човечки облик, како на пример, самовилите кои се прекрасни девојки кои живееле по високите планини, под облаците. Тие често се среќавале со овчарите, па дури и станувале нивни невести. Во оваа песна е претставен немирниот дух на една самовила:

„Самовила и свекрва је“

Самовила оро вила,
оро вила на планина.
Свекрва е викум викат:
– Самовило, снао мила
пушчи оро дојди дома,
от` ти плачит м`шко дете!
– А, свекрво, мајко мила!
Ќе ти пушча овца с млеко,
да нацицат м`шко дете:
ќе ти пушча тивка роса,
да иск`пит м`шко дете;
ќе ти пушча тивки ветер,
да заљељат м`шко дете.

Самовилата во оваа песна ги има сите човечки особини, но неодговорноста ја прави нечовечна. Таа оставила друг да се грижи за нејзиниот син, а таа се забавува и продолжува со моминскиот живот несвојствен за мајките.

Болестите биле чести непријатели на луѓето во минатото. Ужасните епидемии кои покосувале голем број животи често биле претставувани како стари баби. Чумата која завладеала во Скопје е претставена како стара, грда баба во песната:

„Ќе те питам, бабо“

Ќе те питам, бабо, да ми кажеш,
што е Скопје, бабо, умирено,
петли пеат, бабо, пци `рвјачат,
нема луѓе, бабо, да вреворат;
дали оган Скопје го изгоре,
дали Вардар го однесе?
– Ко ме питаш, дете, ќе ти кажа,
што е Скопје, дете, умирено;
нити огон Скопје го изгоре,
нити Вардар Скопје го однесе,
јас сум, дете, Скопје умирала,
за три дена, дете, за три ноќи.
Ја не сум си, дете, стара баба,
тук сум си, дете, црна чума.

Религиски песни[уреди | уреди извор]

Кај религиските песни главни ликови се христијанските божества и светци. Во овие песни често се среќава врската на митологијата со христијанството, на пример песните со Св. Ѓорѓија со ламјата, Богородица со самовилите итн. Карактеристично за овие песни е тоа што се пореалистични и затоа, ликовите, иако се Библиски, имаат човечки особини и се занимаваат со вообичаени дејности.

Св. Никола е многу омилен лик и се среќава како старец со бела брада кој се занимава со градење, земјоделие итн:

„Свети Никола гради цркви“

Цркви гради стар свети Никола
градил ги е со злато и сребро,
оште малко не се доградени,
не стигнало и злато и сребро.
Па се чуди стар свети Никола,
дек да најде злато и сребро,
да догради цркви, манастири…

Трудови песни[уреди | уреди извор]

Трудовите песни играле улога на олеснување на работата на земјоделците, сточарите, дрвосечите, овоштарите, рибарите итн. Подоцна, со појавата на занаетите се појавиле песни поврзани со разните занаетчиски дејности.

Жетварски песни[уреди | уреди извор]

Најмногубројни се жетварските песни. Во нив е претставен македонскиот трудољубив човек, кој жетвата ја сметал за празник, иако е најтешкиот дел од работата, која се вршела без времетраење, на жешко сонце, со особен напор. Истакнат е натпреварувачкиот дух во кој рамноправно учествувала и жената.

Македонската жена, не само тука, туку и во сите други песни е прикажана како силна, цврста, издржлива, па дури и како победничка во жетварските натпревари. Таа рамноправно работи на нива, жнее, копа, ора, а истовремено раѓа и се грижи за децата и домот. Иако секаде е потенциран патријархалниот дух, почитта кон главата на семејството, сепак јасно се гледа дека жената е столбот на семејството.

Трудовите песни се често проткаени со љубовни мотиви. Способната, силна, ведра, здрава селска жена е вистински мајстор во жнеењето и предизвикувач на натпреварот. Таа се обложува:

Извадок од Зборник на Миладиновци/ „657 песна“

– Ако тебе ја наджнијам,
не ти сакам брза коња,
туку тебе добар јунак,
добар јунак да те земам.

И многу повеќе. Жената си дава слобода да ги изрази своите чувства, да го избере самата својот љубен, и да го каже најважното: дека за неа љубовта е пред материјалните богатства.

Аргатски песни[уреди | уреди извор]

Посебен вид трудови песни се аргатските. Аргатувањето, работењето на туѓ имот била честа дејност на сиромашниот Македонец. И тука учествувале и мажите и жените. Чести се и овчарските песни, но посебно тажен, елегичен тон имаат печалбарските песни кои во Македонија се создаваат до ден-денес. Во нив се потенцира неизживеаната младост; оставањето на младата невеста и на уште нероденото дете; тешкиот живот во туѓина; долгогодишното отсуство; честата смрт од напорната работа или лошите услови; тажните носталгични чувства итн.

Печалбарски песни[уреди | уреди извор]

Печалбарството е неисцрпен мотив, забележителна во македонската историја. Во минатото за корка леб, денес за поубав живот, Македонецот често се решава да ја напушти својата татковина. Првичниот поттик за тој чекор илјадапати ќе го преколне, ќе ја жали својата судба, но татковината не ќе може да ја преболи. Каде и да е, тој вечно жали по своето огниште:

„Зошто си ме мајко родила“

Зошто си ме мајко родила, леле ле
цел живот не си ме видела,
ти си машко чедо родила, оф леле
и на друг си радост мајко дарила,
леле оф аман, леле ле
и на друг си радост мајко дарила.

Дење, ноќе одам скитам јас, леле леле
пеам, свирам, играм и плачам,
твојот лик го гледам секој пат,
оф леле леле
на тебе долгови ти враќам јас.

Херој биди мила мајко ти, леле ле
што си среќна ѕвезда родила,
јас ќе светам мајко како сјај, оф леле
за мојот мила мајко роден крај,
леле оф аман, леле ле
за мојот мила мајко роден крај.

Синот се прашува зошто воопшто е роден кога цел живот мора да биде одвоен од семејството, да печали, да ги враќа долговите. Тој пее и игра, но скришно тагува по својот роден крај, каде никогаш нема да се врати. Овие песни се испеани со многу тажни тонови. Во следната песна, девојката ја проколнува туѓината, зошто нејзиниот сакан таму си ја пронашол среќата:

„Туѓината пуста да остане“

Туѓината пуста да остане
Која од либето ме раздели
Што го чекам време три години

Ќе ги прашам млади печалбари
Дали го видовте мојто либе
Од туѓина дома да ми иде

На трета година писмо прати
И ми пиша нема да се врати

Не се враќа друга си заљуби
И за неја тој си се ожени

Љубовни песни[уреди | уреди извор]

Групата на љубовните песни во македонската народна лирика е најобемна. Основниот мотив во овие песни е љубовното чувство во сите негови варијанти и нијанси. Од првата средба, првиот поглед на улица, од мечтите за заеднички живот, неостварената љубов заради надворешни фактори (немање дозвола од родителите, различна социјална средина), остварена љубов и семејство, губење (смрт) на саканиот, па до верност до гроба, и многу други љубовни ситуации.

Љубовта прикажана во македонската народна песна е чиста, искрена, двострана, копнежлива, страстна, доживотна. Има песни во кои се изразува љубомората, зависта, пресметливоста, но тие се во многу помал број. Особено е истакната првата љубов која се почитува до гроб, и верноста како морална одлика на македонскиот народ. Дадената заклетва мора да се почитува, а неразделната љубов е најчест мотив. Кога младите мора да се разделат, тоа никогаш не потекнува од нив туку од некој друг (родителите, маќеата, завидливите роднини, лицемерните пријатели или смртта). На едноставен, но многу силен начин е претставена невозвратената љубов во следната песна:

„Нели ти стига“

Откако те млада заљубив
и по тебе памет изгубив.

Нели ти стига мојата младост
кажи ми ти,
и на мојте зборој поверувај им.

Се што имав, се ти подарив,
сета младост си ја изгубив.

Кажи ми, кажи кој те милува,
кој те гали кој те успива.

Со сличен мотив, неостварена љубов и тага за изминатата младост е и песната:

„Ајде дали знаеш паметиш Милице“

Ајде дали знаеш паметиш Милице
Кога си бевме малечки де-еј
Кога си бевме малечки Милице
Ај кога се двајцата љубевме

Ај кога се двајцата љубевме Милице
Во чичовото градинче де-еј
Во чичовото градинче Милице
Ај кај шарените цвеќиња

Ај кај шарените цвеќиња Милице
Трендафил цвеќе цутеше де-еј
Трендафил цвеќе цутеше Милице
Ај на градите ти паѓаше

Ај на градите ти паѓаше Милице
Ти на скутот ми спиеше де-еј
Ти на скутот ми спиеше Милице
Ај тогаш ти лице целував

Ај тогаш ти лице целував Милице
Лице ти беше спотнато де-еј
Лице ти беше спотнато Милице
Ај на срце оган ти гореше

Ај на срце оган ти гореше Милице
Ти мене жално ме гледаше де-еј
Ти мене жално ме гледаше Милице
Ај од очи солзи ронеше.

Љубовните песни често се поврзани со градскиот живот, оттаму и Староградските песни, како што е песната:

„На Струга дуќан да имам“

Што ми е мило ем драго
На Струга дуќан да имам
Оф леле леле либе ле
Срцево ми го изгоре.

На Струга дуќан да имам
На кепенците да седам
Оф леле леле либе ле
Срцево ми го изгоре.

На кепенците да седам
Струшките моми да гледам
Оф леле леле либе ле
Срцево ми го изгоре.

Струшките моми да гледам
Кога ми одат на вода
Оф леле леле либе ле
Срцево ми го изгоре.

Песната е весела, разиграна, но стихот: срцево ми го изгоре, ја покажува силната љубов и страст што ја чувствува момчето, секојдневно чекајќи да помине неговата сакана крај него.

Во љубовните песни, освен љубовта меѓу младите, може да биде прикажана и мајчината љубов. Најубав пример за тоа е познатата песна:

„Распукала Шар Планина“

Распукала, распукала Шар Планина,
Ајде распукала, распукала Шар Планина,
Ми поклопи, ми поклопи три овчара,
Ајде ми поклопи, ми поклопи три овчара.

Први овчар, први овчар и се моли,
Ајде пушти мене, пушти мене Шар Планино,
Имам жена, имам жена што ме жали,
Ајде имам жена, имам жена што ме жали.

Втори овчар, втори овчар и се моли,
Ајде пушти мене, пушти мене Шар Планино,
Имам сестра, имам сестра што ме жали,
Ајде имам сестра, имам сестра што ме жали.

Трети овчар, трети овчар и се моли,
Ајде пушти мене, пушти мене Шар Планино,
Имам мајка, имам мајка што ме жали,
Ајде имам мајка, имам мајка што ме жали.

Жена жали, жена жали ден допладне,
Ајде сестра жали, сестра жали дур је дома,
Мајка жали, мајка жали дур до гроба,
Ајде мајка жали, мајка жали дур до гроба.

Во песната, со градација е претставена љубовта на мајката која жали по своето дете целиот живот.

Песни за деца[уреди | уреди извор]

Песните за деца се едноставни, куси песнички, често брзозборки кои имаат образовна содржина (да поучат). Тука спаѓаат приспивните песни, песните за животните и растенијата, залагалките, бројалките итн.

Хумористични песни[уреди | уреди извор]

Смилата за шега јасно се огледа во македонските хумористични песни кои се во голем број:

„Зајко младоженец“

Сторил ниет зајко, зајко да се жени
зајко кокорајко, токмо младожења
Сторил ниет зајко, зајко да се жени
зајко кокорајко,зајко да се жени, зајко кокорајко
зајко сербеслија упрчил мустаќи
си натресол гаќи, нагрнал џамадан
капа писќулија, море, токмо младожења.

Ми ожеил зајко лиса удовица
свеска испосница, личи на невеста.
Ми поканил зајко, китени сватови
мечка месарија, вучица кумица, ежо тапанџија.

Рефрен:
Дејгиди зајко ерген мераклија

Се накити лиса, лиса удовица,
маза размазана, селска визитарка.
Кога виде зајко, ’рти ем ловџии,
се уплашил зајо, личен младожења.
Па си тргна зајко, низ Солунско поле,
таму си сретнал зајко, до два-три ловџии
ем они си носат пушки сачмајлии,
‘рти ем загари, све одбор ловџии,
море, силни нишанџии.

Па си летнал зајко, зајко да ми бега,
зајко кокорајко, лишен младожења
си искинал гаќи, размрсил мустаќи,
искинал гаќи, расмрсил мустаќи,
искинал џамадан, викнал се, провикнал;
море не сум младожења!

Тажачки песни[уреди | уреди извор]

Тажачките песни или тажаленките се песни кои се пеат само на погреби.

Епски песни[уреди | уреди извор]

Основен мотив во македонските епски песни е љубовта кон татковината и величање на јунаштината на историски познати и непознати личности. Идеализацијата на јунакот е главната цел во песните. Епските песни се одликуваат со богата идејна содржина, а жанровски се разликуваат како:

  • неисториски (митолошки, религиозно-легендарни мотиви) епски песни;
  • историски (јуначки, ајдутски, револуционерни, партизански) епски песни.

Јуначки епски песни[уреди | уреди извор]

Јуначкиот епос започнал да се развива кон крајот на XIV век во времето на потпаѓањето на македонскиот народ под турска власт. Немајќи друг начин за одбрана, се јавува „народниот пејач“, кој го идеализира македонскиот јунак, давајќи му божествена сила, а исмевајќи го и омаловажувајќи го непријателот. Централен лик во македонскиот епос е Марко Крале, но се јавуваат и други јунаци: Момчило војвода, Болен Дојчин, Јанкула војвода, Секула Детенце итн. Одлики на јуначките епски песни се:

  • Јуначкиот епос се одликува со епска нарација – раскажување со свечен ритмички говор и епска широчина. Јунакот се опева во трето лице, тој е детално опишан, а исто така и настанот што се случува. Епската широчина се постигнува со епските повторувања (повторување на слични или исти стихови). Повторувањата на идентични стихови се нарекуваат епски ретардации. Нивната функција е да го забават или продолжат ритамот на епското дејство.
  • Композицијата на јуначкиот епос е шематизирана – почетокот на песната е обраќање кон слушателите да чујат за настанот и јунакот за кој ќе се раскажува, а потоа следува типизирано епско дејство – двобојот или подвигот на јунакот.
  • Во овие песни се користат силни поетски средства: хиперболи, споредби, контрасти, алегорија, словенска антитеза итн. Стихот е најчесто десетерец со цезура (пауза) по четвртиот слог – јуначки десетерец.
  • Епски протагонисти и антагонисти, каде што протагонистите се македонските јунаци, а антагонистите се нивните противници. Главни протагонисти во македонските јуначки песни се: Марко Крале, Момчило Војвода и Болен Дојчин. (првите двајца се историски личности, додека Болен Дојчин е поетска конструкција). Антагонистите се типизирани како: Црна Арапина, Жолта Чифутина, Турцијаничари.
  • Јуначки атрибути – во македонската јуначка песна тоа се коњот и оружјето на јунакот.

Крале Марко во македонските епски песни[уреди | уреди извор]

Централен лик во македонските јуначки песни е Марко Крале. Според историските податоци тој е роден 1335 година, а по смртта на татко му, кралот Волкашин, тој продолжил да владее со Западна Македонија. Неговата престолнина бил градот Прилеп. Имал двајца браќа – Андреја и Димитрија и една сестра – Милица. Се оженил за ќерката на Радослав Хлапен, Елена, но подоцна ја напуштил поради нејзиниот неморал. Како турски вазал учествувал во битката против влашкиот војвода Мирче и борејќи се од страна на султанот Бајазит, загинал кај Ровина, близу Крајова 1394 година.

Само од овие толку обични детали од животот на Марко „народниот пејач“ направил неповторлив јунак. Со сигурност не се знае зошто, но се претпоставува дека е заради неговиот заштитнички однос кон населението и заради неговата физиономија. Поетската биографија на Марко Крале е сочинета од:

  • мотивот за чудесното раѓање на јунакот (кога наречниците му прорекле дека ќе му ги скрши коските на татка си Волкашин);
  • мотивот за здобивањето на чудесната сила (во песните тој е змејски син или е задоен од самовили);
  • одбирањето на неговиот верен придружник – коњот Шарец (Шарко) кој има чудесни својства: лета, зборува, го советува;
  • јуначките подвизи и двобои;
  • губењето на силата на јунакот – во песните и преданијата Марко ја губи силата поради дрскоста што го повикал Господ на мегдан (се почувствувал рамен на Господа). Затоа е казнет со одземање на силата.

Подеднакво внимание, „народниот пејач“ му посветува и на антагонистот – Црна Арапина. Тој е типизиран лик кој се јавува во двобоите со сите македонски јунаци (Марко Крале, Момчило Војвода, Болен Дојчин). Тој го претставува злото, па затоа епитетот црн сраснал со неговото име. Во описите е хиперболизиран (во негативна конотација) и всушност претставува олицетворение на Османлиите – арачлии кои собирале големи даноци од сиромашниот македонски народ:

„Марко Крале ја одменува свадбарината“

Едно утро Марко ми подранил
из Прилепа Марко из Варошот,
да прошета Косовска наија;
уште први петли не пејале,
тој се фрли Шарцу на рамена
и ми тргна по бели друмови;
по среде ноќ низ Скопје помина;
дури петли први пропеале,
тој помина Качански клисури;
дури зора утро зазорила,
тој натури Косовска наија;
дури сонце утро да изгрее,
тој ми влезе во Косовско поле!

Ништо Марко среќа не го срети,
саде сретна Косовска девојка.
Марко нејзе вели: – Добро утро,
добро утро Косовко вдовице!
А таа нему одговори:
– Јас не сум ти Косовска вдовица,
тук сум си Косовска девојка.
Тога рече Марко Кралевиќе
– Ај ти тебе, Косовке девојке,
ќе те прашам, право да ми кажеш:
што ти тебе коси побелеле,
бело лико ти се расипало?
Али жалиш од рода твоего?
Што не си се млада омажила?

Тога рече Косовка девојка:
– Ја не жалам од рода моего,
туку има триесет години,
как, ми дошол црна Арапина,
од цара ми свадбина прекупил:
кој ќе јунак млади се ожени,
нему сака триесет и три минца,
а девојка која ќе се мажи,
нејзе сакат триесет минцови.
Мии браќа ми се сиромаси,
ми немаат азно да му дадат,
затоа ми коси побелеле,
бело лико ми се расипало!

Тога бара Марко во пазува,
ми извади триесет минцови,
и и даде Косовке девојке.
Тога рече Марко Кралевиќе:
– Да си сакаш момче спроти тебе,
да си сакаш, да си се омажиш
и на Арап свадбина да платиш.
Ќе те прашам Косовке девојке,
ќе те прашам, право да ми кажеш,
жити рода и твојта крвина,
жити вера наша православна,
жити име Христос Исусово,
немој мене ти да ме излажеш:
Каде му се кули Арапови?

Одговори Косовка девојка:
– Кули му се сами познаваат;
под Косово в зелени ливаѓе.
Тамо има белана чадора,
на чадорот од злато јаболко,
тоа свети како јасно сонце,
од далеку сами се познават.
Тога стегна Марко Кралевиќе,
тога стегна своја брза коња.
Го догледа стража Арапова,
го догледа уште оддалеку,
му говори црну Арапину:

– Арапине наши господине,
по друм иде страшна делија,
и страшно ми коња налутило,
од нозе му оган искри летат,
од уста ми бели пени паѓат,
од носот му сини пламни бијат,
од очи му секавици пуштат
и најстрашно ми се променило:
на плеќи му кожув од мечиште,
на глава му калпак од волчиште
и во уста нешто црно носи
како јагне половингодишно.

Тогаш рече црна Арапина:
– Ај ви вамо стражари
вие него убаво пречекајте
и оружје од појас земите,
пратите го при мене да дојде;
тоа ми е младо неженато
тоа иде свадбина да плати,
ќе ми даде азно небројано.
Уште Арап лафот не дорече,
ми приближи Марко Кралевиќе.
Кога Марко стржари приближи,
а стражари сите избегаа,
кој по поле, кои по планина.

Право трга Арапу на чадор.
Марку нему вели: – Добро утро,
добро утро наши господине,
господине, Арап од прек, море!
Кажи мене што е свадбарина
да ти платам царска свадбарина,
оти после патов ќе си гледам,
зер сватови на пат ме чекаат.

Тога рече црна Арапина:
– Ај ти тебе, незнајна делијо,
дали уште не си се научил?
Еве има триесет години,
каде седам во рамно Косово:
кој ќе јунак млади се ожени,
нему зимам триесет и три минца,
а девојка која ќе се мажи,
нејзе зимам триесет минцови;
како тебе најголем јунака,
и шеесет пак не ти се многу!

Тога бара Марко во пазуви,
ми извади саде три минцови;
– На ти тебе, наши господине,
на ти тебе, саде три минцови:
верувај ме друго азно немам.
Ко ќе појдам по убава невеста,
што ќе мене дарој ме дарува,
си дарој тебе ќе подарам.

Тога рече црна Арапина:
-Ал ме лажиш, ал вистина велиш,
ал со мене шега ќе си биеш?
И ми зеде тешка топузина,
ми го удри три-четири пати.
Тога рече Марко Кралевиќе:
– Бог те убил црна Арапино!
Ал се смееш, ал вистина маваш,
ал од кожув правот ми го тресеш?
Почекај ме и јас да те удрам,
ти ќе видиш јунак како мава.

Пак извади Марко Кралевиќе,
ми извади своја топузина.
Кога Марко на Арапин мавна,
фала богу чудо и големо!
Снагата му во земи пропадна,
а глава му на страна побегна.

Пак се пушти по триесет стражари,
двајсет седум сите ги истепа,
а тројца саде ми остави,
да ми личат три млади телали,
да ми личат низ рамно Косово:
– Каде има јунак за женење,
да си сака мома спроти него,
да си сака да си се ожени!
Каде има мома за мажење,
да си сака момче спроти неа,
да си сака да си се омажи!
Заплатила Маркова десница,
заплатила сета свадбарина.

Крале Марко во оваа песна е праведникот кој е на страната на сиромашното население што не може да го плати големиот данок за свадбарина. Тој не се помирува со лошата судбина на луѓето и не може да дозволи тие цел живот да страдаат заради алчноста на Арапинот. Тој не е лично засегнат, но болката на другите не го остава рамнодушен. Ликот на Марко е хиперболизиран. Кога се приближува до шаторот на црната Арапина, неговите стражари се престрашуваат од појавата на коњ, од кого летаат искри и секавици, облечен во кожув од мечка, на главата со калпак од волк и со големи мустаќи кои изгледаат како полугодишно јагне. Во двобојот со Црна Арапина тој е надмоќен и со цинизам забележува: „Ал се смееш, ал вистина маваш, ал од кожув правот ми го тресеш?“, а потоа со леснотија го убива пресекувајќи му ја главата. Дејството во песната е претставено преку дијалошка форма, а стиховите се десетерци, типични за македонскиот јуначки епос.

Болен Дојчин во македонската епска песна[уреди | уреди извор]

Голем јунак во македонската народна епска песна е и Болен Дојчин, мотив често обработуван и во современата литература (песни, драми). Дојчин не е историска личност (барем нема податоци за реалната личност), тој е измислен лик, плод на народната фантазија. Антагонистот е повторно – Црна Арапина. Дојчин, со своите тројца побратими во минатото имал многу јуначки потфати, но последните девет години тој е паднат болен. Него го чува и негува сестра му Ангелина (во некои варијанти на песната таа му е жена). Тој ја очекува смртта, но не може да умре додека не му се освети на Црна Арапина, заради неговите страдања, но и заради страдањата на неговиот народ. Конечен повод да стане од смртната постела е недоличното однесување на Арапинот кој ја побарал сестра му за една вечер во неговиот шатор. Но, тој нема да му се освети само нему туку и на побратимите кои ја искористиле неговата немоќ и кои исто така сакаат да ја имаат Ангелина за себе. Така, Дојчин налик на Дон Кихот, превиткан во триста лакти платно, со долга коса и брада, слаб и восочен во лицето, со непоткован коњ и ненаострена сабја, оди и го завршува својот подвиг – ги убива сите, а се враќа со наденатата глава на Арапинот на кол, по што легнува во својата постела и спокојно умира. Во песната се карактеристични епските повторувања со што се постигнува епската широчина и се забавува дејството. Дијалогот и тука е присутен и тоа меѓу Дојчин и Ангелина. Ликовите се хиперболизирани – Арапинот со негативни својства, а Дојчин со позитивни. Стиховите се десетерци како што е вообичаено во ваквите епски песни:

„Болен Дојчин“

Попаднала црна Арапина,
Попаднала под града Солуна,
Глава имат колку еден казан,
Уши имат колу два таруна,
Очи имат колку два шиника.
Ми кондисал под Солуна града,
Под Солуна, Солунски ливаѓе,
Па ми удрил белана чадара;
И ми собрал старци и попои,
Таин сакат од Солуна града,
На ден сакат по две фурни лебец,
И им сакат крава јалоица,
И им сакат по бочка ракија,
И им сакат по две бочки вино,
На ден сакат п’ убаа нееста,
На ноќ сакат п’ една малка мома,
Ми и’ љубит и ми и’ загубвит.
Сите ми се редум изредија,
Ред падна на млада Ангелина.
Ангелина Дојчинова сестра.
Ангелина Дојчинова сестра,
Дворје метит градум солзи ронит,
Со солзи ми дворје завадила.
Ја догледа брат је болен Дојчин:
„Ајти тебе сестро Ангелино!
Што те тебе нужба дотерало,
Дворје метиш дробни солзи рониш?
Али ти се, сестро, здодеало,
Рамни дворје, сестро, меетејќи?
Мене болно, сестро, гледаејќи? –
Рани, болки, сестро, врзеејќи,
И понади мене готвеејќи?“
„Ајти тебе брате, Болен Дојчин!
Та не ми се мене здодеало,
Рамно дворје, брате, метеејќи,
Тебе болно, брате, гледаејќи,
Рани, болки тебе врзеејќи,
И понади тебе готвеејќи;
Попаднала црна Арапина,
Попаднала под града Солуна,
Глава имат колку еден казан,
Уши имат колу два таруна,
Очи имат колку два шиника.
Ми кондисал под Солуна града,
Под Солуна, Солунски ливаѓе,
Па ми удрил белана чадара;
И ми собрал старци и попои,
Таин сакат од Солуна града,
На ден сакат по две фурни лебец,
И им сакат крава јалоица,
И им сакат по бочка ракија,
И им сакат по две бочки вино,
На ден сакат п’ убаа нееста,
На ноќ сакат п’ една малка мома,
Ми и’ љубит и ми и’ загубвит.
Сите ми се редум изредија,
Ред ми падна, мене ќе ме замат.“
И говорит брат је Болен Дојчин:
„Ајти тебе сестро Анеглино,
Ал тоа те тебе брига нашло?
Ево имат за девет години,
Каде лежам болно на постела;
Веќе ми се коски раскостиле,
Веќе ми се меса раскапале;
Коса ми е долу до појаса,
Брада ми е до црната земја,
Ај отвори шарена ковчега,
Да изваиш триста лакти платно,
Триста лакти платно бамбакерно,
Да изврзиш рани од анџари;
И земи ми моја вита сабја;
Ево имат за девет години,
Сабја в рака не ми е фатена,
Не фатена, ни па наоточена,
Веќе ми е сабја ’рѓосана.
Да ја носиш Умер калакчија,
Калакчија, мила побратима,
Да наточит моја вита сабја,
Да наточит сабја вересија,
Ако станам скапо ќе му платам,
Ак’ не станам, алал да ми чинит.“
Па ми стана млада Ангелина,
И ми зеде сабја ’рѓосана,
Ми отиде дури у Умера:
„Ајти тебе Умер калакчија,
Так ти Бога, ја ќе ти се мола!
Ме допуштил брат ми Болен Дојчин,
Болен лежит за девет години,
Веќе му се коски раскостиле,
Веќе му се меса раскапале;
Коса му е долу до појаса,
Брада му е до црната земја,
Сабја в рака не му е фатена,
Не фатена, ни па наоточена,
Веќе му е сабја ’рѓосана.
Лели си му верна побратима,
Да му остриш сабја вересија,
Ако станит скапо ќе ти платит,
Ак’ не станит, алал да му чиниш.“
Проговори Умер калакчија:
„Ајти тебе млада Ангелино,
Ангелино, сестро Дојчинова,
Чуму му е сабја наточена,
Лел’ је болен јунак Болен Дојчин?“
Проговара млада Ангелина:
„Попаднала црна Арапина,
Попаднала под града Солуна,
Глава имат колку еден казан,
Уши имат колу два таруна,
Очи имат колку два шиника.
Ми кондисал под Солуна града,
Под Солуна, Солунски ливаѓе,
Па ми удрил белана чадара;
И ми собрал старци и попои,
Таин сакат од Солуна града,
На ден сакат по две фурни лебец,
И им сакат крава јалоица,
И им сакат по бочка ракија,
И им сакат по две бочки вино,
На ден сакат п’ убаа нееста,
На ноќ сакат п’ една малка мома,
Ми и’ љубит и ми и’ загубвит.
Сите ми се редум изредија,
Ред ми падна, мене ќе ме земет.“
Проговори Умер калакчија:
„Ајти тебе млада Ангелино!
Ангелино, сестро Дојчинова,
Ак’ ми даваш твојте црни очи,
Црни очи, морски пијавици,
Да ти острам сабја Дојчинова.“
Расплака се лична Ангелина,
Се поврати назад плачеејќи,
Плачеејќи, назад пиштеејќи;
Од далеку Ангелина викат:
„Ајти тебе брате Болен Дојчин!
Не ми острит Умер калакчија,
Не ми острит сабја вересија,
Тук ми сакат мојве црни очи.“
Проговори брат је Болен Дојчин;
„Остај сабја, сестро Ангелино,
Остај сабја на бела постела,
И влези ми темни конушници,
Да изваиш моја брза коња,
Три години коња незобано,
Не глеано коња, ни чешано,
Ни па арно вода напоено,
Да ја водиш Митре Поморанче,
Налбатина, моја побратима,
Да ти коит коња вересија;
Ако станам скапо ќе му платам,
Ќе му платам жолтици дукати,
Ак’ не станам алал да ми чинит.“
Па ми стана млада Ангелина,
И ми влезе темни конушници,
Ми изваи нег’ва брза коња,
Ја однесе Митре Поморанче,
Да ми коит коња вересија:
„Так ти Бога Митре Поморанче,
Ме допуштил брат ми Болен Дојчин,
Болен лежит за девет години,
Веќе му се коски раскостиле,
Веќе му се меса раскапале;
Коса му е долу до појаса,
Брада му е до црната земја,
Лели си му верна побратима,
Да му коеш нег’ва брза коња,
Да му коеш коња вересија,
Ако станит скапо ќе ти платит,
Ак’ не станит алал да му чиниш.“
Проговори Митре Поморанче:
„Ајти тебе млада Ангелино,
Ангелино, сестро Дојчинова,
Чуму ти е коња Дојчинова,
Лел’ је болен јунак Болен Дојчин?“
Проговара млада Ангелина:
„Попаднала црна Арапина,
Попаднала под града Солуна,
Глава имат колку еден казан,
Уши имат колу два таруна,
Очи имат колку два шиника.
Ми кондисал под Солуна града,
Под Солуна, Солунски ливаѓе,
Па ми удрил белана чадара;
И ми собрал старци и попои,
Таин сакат од Солуна града,
На ден сакат по две фурни лебец,
И им сакат крава јалоица,
И им сакат по бочка ракија,
И им сакат по две бочки вино,
На ден сакат п’ убаа нееста,
На ноќ сакат п’ една малка мома,
Ми и’ љубит и ми и’ загубвит.
Сите ми се редум изредија,
Ред ми падна, мене ќе ме замат.“
И је велит Митре Поморанче:
„Ајти тебе млада Анелино,
Ангелино, сестро Дојчинова,
Ако даваш твое бело лице,
Твое лице како јасно сонце,
Твојте веѓи, морски пијавици,
Твојте очи како црно грозје,
Да ти ковам коња Дојчинова,
Да ти ковам коња вересија.“
Па ми викна млада Ангелина,
Викна, писна, на глас да ми плачит,
Раце кршит од бели колена,
Солзи ронит по бели образи,
Од образи, шарени пазуви,
Од пазуви, шарени скутои,
Од скутои, по земја сурова.
Си поведе коња Дојчинова,
Љуто к’лнит млада Ангелина: –
„Бог те убил Митре Поморјанче!
Заш не тргна сабја да м’ загубиш,
Туку мене ти ме посрамоти!“
Па си тргна дома си отиде,
И му кажвит брату си Дојчину:
„Ајти тебе брате болен Дојчин!
Што ми стори голема срамота,
Со твојата верна побратима,
Што јадефте, брате, што пиефте,
Што одефте в гори на лоење;
Кога реков за твојата коња,
Да ја коит, брате, вересија,
Што ми рече Митре Поморанче,
Ако даиш твое бело лице,
Ќе ти коам коња вересија.“
И се фрли јунак Болен Дојчин,
И се фрли на нога јуначка:
„Ајти тебе сестро Ангелино!
Страф да немаш, сестро, страм да немаш!
Ја отиди Плетикоса Павле,
Берберина, моја побратима,
Ево имат за девет години,
Каде лежам болно на постела;
Веќе ми се коски раскостиле,
Веќе ми се меса раскапале;
Коса ми е долу до појаса,
Брада ми е до црната земја,
Да ми стрижит коса вересија,
Да ми стрижит, брада да ми бричит.“
Па ми стана млада Ангелина,
Ми отиди Плетикоса Павле:
„Ајти тебе Плетикоса Павле:
Ме допуштил брат ми Болен Дојчин,
Болен лежит до девет години;
Веќе му се коски раскостиле,
Веќе му се меса раскапале;
Коса му е долу до појаса,
Брада му е до црната земја,
Лели си му верна побратима,
Да му стрижиш коса вересија,
Да му стрижеш, брада да му бричиш,
Ако станит скапо ќе ти платит,
Ак’ не станит алал да му чиниш.“
Проговори Плетикоса Павле:
„Ајти тебе млада Ангелино,
Ангелино, сестро Дојчинова,
Чуму му је коса острижена,
Чуму му је брада обричена,
Лел’ је болен јунак Болен Дојчин?“
Проговара млада Ангелина:
„Попаднала црна Арапина,
Попаднала под града Солуна,
Глава имат колку еден казан,
Уши имат колу два таруна,
Очи имат колку два шиника.
Ми кондисал под Солуна града,
Под Солуна, Солунски ливаѓе,
Ми удрила белана чадара;
И ми собра старци и попои,
Таин сакат од Солуна града,
На ден сакат по две фурни лебец,
И им сакат крава јалоица,
И им сакат по бочка ракија,
И им сакат по две бочки вино,
На ден сакат п’ убаа нееста,
На ноќ сакат п’ една малка мома,
Ми и’ љубит и ми и’ загубвит.
Сите ми се редум изредија,
Ред ми падна, мене ќе ме замат.“
Тогаш велит Плетикоса Павле:
„Ајти тебе млада Ангелино,
Ангелино сестро Дојчинова,
Ал ми даваш твоја тонка става;
Става имаш како морска трска;
Да ти стрижам коса Дојчинова,
Да ти стрижам, па и да ти бричам.“
Се поврна млада Ангелина,
Си отиде во рамно дворои:
„Ајти тебе брате Болен Дојчин!
Не си имал верни побратими,
Туку биле Турци неверници!
Ми посака тонката ми става.“
„Ајти тебе сестро Ангелино!
Убило ’и мојте побратими,
Убило ’и јадење пиење!
Ево имат за девет години,
Каде лежам болно на постела;
Веќе ми се коски раскостиле,
Веќе ми се меса раскапале;
Коса ми е долу до појаса,
Брада ми е до црната земја,
Ја отвори шарена ковчега,
Па извади триста лакти платно,
Триста лакти платно бамбакерно,
Да изврзеш рани од анџари,
Да престегнеш моја половина,
Да собереш коски раскостени,
Па подај ми моја боздогана,
Боздогана, моја вита сабја,
Доведи ми моја брза коња.“
Извади му млада Ангелина
Триста лакти платно бамбакерно,
Изврза му рани од анџари
Престегна му коски раскостени,
Рипна Дојчин на нога јуначка,
Си опаса сабја ’рѓосана,
Па ми вјана коња некована,
Си ја грабна тешка боздогана,
Право одит под града Солуна,
Право одит на бела чадара,
Право одит црна Арапина,
Пиштит, викат колку глас го држит:
„Ја излези црна Арапино!
Ја излези гламјо опалена!
Ја излези да се обидеме!
Та да видиш јунак од јунака!“
Си излезе црна Арапина,
Туку врескат како некој аждер:
„Чекај Дојчин, жолта восочино!
Чекај моја тешка боздогана,
Малу тежит, седумдесет ока.“
Арап фрли тешка боздогана,
Ја пречека Дојчин во десница.
„Чекај, чекај црна Арапино,
Црн Арапин, гламјо опалена,
Чекај моја тешка боздогана,
Малу тежит тристотини ока.“
Фрли Дојчин тешка боздогана,
Го погоди меѓу двете очи,
Се откина глава Арапова.
Рипна Дојчин од брзаго коња,
Глаа кладе на коња пред себе,
И ми тргна во града Солуна.
Врвит Дојчин по среде Солуна,
Што го виде сè ми се зачуди –
„Што ќе биде ова чудно чудо,
Овој јунак, како суво дрво,
Лице имат, како восок жолто,
Што ми стори голема умера!
Јунак било, јунак ќе да бидит!
Не му требат цркви манастири,
Да и’ праит, добро да им чинит!“
Ми помина по среде чаршија,
Право појде Умер калакчија:
„Ајти тебе Умер калакчија!
Сум те имал верна побратима,
Ти ја пратив сестра Ангелина
Да наточиш моја вита сабја,
Да наточиш сабја вересија,
Ако станам скапо да ти платам,
Ак’ не станам алал да ми чиниш.
Ајти тебе Умер калчкија,
Не си било верна побратима,
Не наточи моја вита сабја,
Не наточи сабја вересија,
Тук посака сестрините очи.
Ајти тебе Умер калчкија,
Сум станало скапо да ти платам,
Да ти платам твоја вересија“
Рипна Дојчин од брзаго коња,
Па ми тргна сабја дипленица,
Му ја зеде неговата глава.
И појде при Митре Поморанче:
„Ајти тебе Митре Поморанче,
Поморанче, верна побратима,
Што те имав кај мои црни очи,
Ти ја пратив сестра Ангелина
Да ми коеш моја брза коња,
Да ми коеш коња вересија,
Ако станам скапо да ти платам,
Ак’ не станам алал да ми чиниш.
Ајти тебе Митре Поморанче,
Не си било верна побратима,
Не окое моја брза коња,
Не окое коња вересија,
Тук посака сестриното лице.
Ајти тебе Митре Поморанче,
Што је ова голема срамота,
Што ми стори на мојата сестра!
Ајти тебе Митре Поморанче,
Сум станало скапо да ти платам,
Да ти платам твоја вересија“
Рипна Дојчин од брзаго коња,
Па ми тргна сабја дипленица,
Му ја зеде и негоа глава.
И појде при Плетикоса Павле:
„Ајти тебе Плетикоса Павле,
Сум те имал верна побратима,
Ти ја пратив сестра Ангелина
Да острижеш коса до појаса,
Да обричеш брада вересија,
Ако станам скапо да ти платам,
Ак’ не станам алал да ми чиниш.
Ајти тебе Плетикоса Павле,
Не си било верна побратима,
Не остриже коса до појаса,
Не обриче брада вересија,
Тук посака сестрината става.
Ајти тебе Плетикоса Павле,
Сум станало скапо да ти платам,
Да ти платам твоја вересија“
Рипна Дојчин од брзаго коња,
Па ми тргна сабја дипленица,
Му ја зеде и негоа глава.
Вјана Дојчин коња некована,
Отплатило таин на Арапа,
Отплатило верни побратими,
Отплатило скапа вересија,
Дома одит, од далеку викат:
„Ангелино, моја мила сестро,
Отвори ми наши вити порти,
Постели ми шарена одаја,
И барај ми свешти и ламбади,
Доведи ми попој законици,
Што сакаше, сестро, сè ти свршив,
Ќе се делит душа од снагава.
Да не жалиш, сестро, да не плачиш,
Тук да земеш свирци, дабоани,
Та да сториш голема донамба.“
И ми стана сестра Ангелина,
Ми отвори нивни вити порти,
Уплашена, мошне устрашена;
Кога виде глава од Арапа,
Го прегрна млада Ангелина,
Го однесе в шарена одаја,
Колку легна на мека постела,
Дури сестра свешта му запали,
Даде душа брат је Болен Дојчин.
Се собраје старци и попои,
Ми кладое свирци дабоани
Што ми бие три дни и три ноќи.

Ајдутски епски песни[уреди | уреди извор]

Ајдутските народни епски песни ја опеваат борбата на храбрите ајдути за ослободување на својот народ. Тие често се повлекуваат во шумите, откажувајќи се на тој начин од својот приватен живот и посветувајќи и се на татковината. Ликовите на ајдутите се пореални, не се хиперболизирани како на претходните јунаци. Во нив најчесто е претставен јунакот кој се жени со татковината (всушност го дава својот живот за неа). Централен лик во овие епски песни е Гоце Делчев за кого „народниот пејач“ испеал многу песни. Меѓу најпознатите вакви песни се „Болен ми лежи Миле Поп Орданов“ и „Слушам кај шумат шумите“:

„Болен ми лежи Миле Поп Орданов“

Болен ми лежи Миле Поп Орданов х2
над глава му стои стара му мајка,
жално го жали, милно го плачи.

Стани ми, стани, мое мило чедо, х2
твојте другари по сокаци одат,
жални песни пеат, тебе те споминат.

Бог да го прости Миле Поп Орданов, х2
Миле Поп Орданов за Народ загина,
за народ загина, за Македонија.

Неговите сестри во црно облечени, х2
свадба ќе прават, брата ќе женат,
брата ќе женат за Македонија.

Неговата мајка во црно облечена, х2
свадба ќе прави, сина ќе жени,
сина ќе жени за Македонија.

Слушам кај шумат шумите

Слушам кај шумат шумите,буките 2х
Слушам кај шумат буките 2х
плачат за војводата,капиданот.

Другари верни другари Македонци
кога низ село врвите,врвите
кога низ село врвите —–
со коњи да не тропате,не тропате. 2х

Со коњи да не тропате,тропате 2х
со коњи да не тропате —–
со пушки да не фрлате,не фрлате. 2х

Да не ве чуе мајка ми старата 2х
да не ве чуе мајка ми —-
ќе ве праша за мене аман за мене. 2х

Каде е син ми Костадин,Костадин 2х
каде е син ми Костадин —-
Костадин војводата капиданот. 2х

Син ти се мајко ожени,ожени 2х
син ти се мајко ожени —–
за една Македонка робинка. 2х

Партизански епски песни[уреди | уреди извор]

Најнови епски песни се партизанските од времето на Втората светска војна. Традицијата во творењето во стилот на народното творештво трае до денес, но новите народни песни многу се разликуваат од претходните. Тие се пред се авторски (од познат автор) и не претрпуваат измени, ниту поправки со текот на времето.

Лирско-епски песни[уреди | уреди извор]

Во македонската народна поезија, освен лирски и епски, постојат и лирско-епски песни. Лирско-епски се оние песни во кои се испреплетуваат лирските и епските елементи, односно, лирски се мотивите и експресијата, а композицијата и строежот – епски. Во народните песни често се среќава преплетување на лирските и епските елементи. Обично се среќава во митолошките, тажачките и ајдутските песни, но како посебни видови се јавуваат:

Народна балада[уреди | уреди извор]

Народната балада има епска сижетна основа, ликови на натприродни суштества (самовили, змејови, наречници), но е проникната со лирски, силни чувства и драматизам. Во неа се испреплетени фантастични и реални елементи, а најчесто завршуваат трагично.

Народна романса[уреди | уреди извор]

За разлика од баладата, романсата е со поведра содржина и никогаш не завршува трагично. Романсите најчесто имаат љубовна содржина, а лирскиот драматизам предизвикува и ненадејно менување на емоционалното расположение. Таков е случајот со познатата романса:

„Учи ме мајко, карај ме“

Еееј, учи ме мајко карај ме
како да ја земам Лилјана
Лилјана мома убава
Лилјана тенка висока
Лилјана бела црвена
Лилјана ситен босиљок
Лилјана една на мајка.

Учам те синко карам те
како да ја земиш Лилјана
повикај триста мајстори
направи чешма шарена
наврати вода студена
сите селани ќе дојдат
и Лилјанини другарки
ем сите калеш невести
белким Лилјана ќе дојде.

Послуша Стојан мајка си
повика триста мајстори
направи чешма шарена
наврати вода студена
сите селани дојдоа
и Лилјанини другарки
ем сите калеш невести
кучка Лилјана не дојде.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „Јосиф Чешмеџиев, Македонски народни песни“, проф. д-р Марко Китевски, Камелеон, 2009 г., Скопје
  2. 2,0 2,1 „Јосиф Чешмеџиев, Македонски народни песни“, проф. д-р Марко Китевски, Гирланда, 2017 г., Скопје
  3. на macedonism.org

Надворешни врски[уреди | уреди извор]