Доспат (планина)

Координати: 41°47′17″N 23°52′01″E / 41.788° СГШ; 23.867° ИГД / 41.788; 23.867
Од Википедија — слободната енциклопедија
Доспат
Дъбраш
Дел од Доспат со јужниот брег на истоименото езеро
Највисока точка
ВрвБеслет
Надм. вис.1.937,3 м
Координати41°47′17″N 23°52′01″E / 41.788° СГШ; 23.867° ИГД / 41.788; 23.867
Географија
Доспат на карта

Карта

МестоПиринска Македонија, Пазарџичка област и Смољанска област, Бугарија
Матичен венецЗападни Родопи
Карта

Доспат или Д’браш (бугарски: Дъбра̀ш, Дъбра̀шки рид или Доспа̀тска планина) — планина во најзападниот дел на големиот планински венец Родопи. Најголемиот дел од планината се протега во Пиринска Македонија, југоисточниот во Смољанската, а најсевероисточниот — во Пазарџичката област.[1]

Се смета дека името потекнува од поимот деспот и дека планината е наречена по благородникот Алексиј Слав кој владеел како деспот на Западните Родопи на почетокот на XIII век.[2]

Географски особености[уреди | уреди извор]

Планината се протега од северозапад кон југоисток во должина од 55 км, со најголема ширина од 23–25 км.[3] Зафаќа површина од околу 940 км2. На североисток и исток долината на реката Доспат и Доспатската Котлина ја делат од Величко-виденичкиот Дел на Западните Родопи. На северозапад се простира до долината на реката Златарица (лева притока на Места), а на запад и југозапад до долината на Места и Неврокопската Котлина, кои пак ја делат од Пирин. Јужниот дел е ридест и припаѓа на историско-географската област Чеч.

Распоредот е асиметричен — тесен (1–2 км) и стрмен североисточен пад кон долината на реката Доспат и Доспатската Котлина и силно издолжен (20–23 км) и поблаг пад на југозапад кон долината на Места и Неврокопската Котлина. Билата се зарамнети на 1.550–1.650 м, над кои се издигаат изолирани врвови, од кои највисок е Беслет (1.937,3 м). Други повисоки врвови се: Карабурун (1.810,1 м), Орлова Скала (1773 м, Каракаја (1.761,4 м), Чукара (1.749,7 м), Кајалиски Врв (1.748,4 м), Свети Петар (1.744,7 м), Чикича (1.731,4 м), Прдикон (1.730,8 м), Арсузтепе (1.674,6 м), Унден (1.668,3 м), Учардач (1.650 м), Чарџик (1.641,7 м), Калето (1.574,7 м) и Марашова Чука (1.414 м). Планината е изградена од гранит, гнајс и олигоценски риолит. По југозападното подножје има плиоценски наслаги. Климата е умереносредоземна со планинско влијание. Годишнто количество на врнежи изнесува 880 мм, кои се најобилни во ноември, а најоскудни во август и септември. На високите делови често се јавуваат виори кои прават лом по шумите. Над 80 % од површината на планината се одвонува од левите притоки на Места — реките Канина (со притоките Виштерица, Чечка Бистрица и др.), а остатокот му припаѓа на сливот на Доспат, чија главна притока е Кочанска Река. Извесен дел од водите на некои од реките се спроведуваат преку тунели во вештачкото езеро Доспат. В подрачјето на селото Фотовишта (Огњаново) бликаат топли минерални извори. Почвите се претежно кафеави планинско-шумски. Својствени растителни видови за Доспат се белиот бор, елата, смрчата и буката. На неа се простира и најголемиот масив на брези во Бугарија. Животинскиот свет е застапен со мечката, дивата свиња и срната, а по реките — пастрмката и мрената. На подрачјето има два резервата — „Коњски Дол“ и „Темната Гора“.

Во внатрешноста на Доспат се сместени селцата Ковачевица и Долен, които се прогласени за архитектонски споменици на културата поради нивните автентични куќи.

По падините, подножјата и внатрешноста на планината има 38 села: Абланица, Балдево, Блатска, Боголин, Буково, В’лкосел, Годешево, Горно Дреново, Гостун, Грмен, Дабница, Дебрен, Долен, Долно Дреново, Жижево, Ковачевица, Кочан, Крабул (Крибул), Крушево, Лештен, Љубча, Марулево (Ваклиново), Марчево, Ореше, Осеново, Осиково, Осина, Плетена, Рибново, Сатовча, Скребатно, Слаштен, Туховишта, Филипово, Фотовишта (Огњаново), Фргово, Фустане (Хвостјане) и Црнча.[4]

Во јужниот дел на Доспат, од запад кон исток поминува делница (42,1 км) од третокласниот пат бр. 197 која се протега од Дабница до гратчето Доспат.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Топографски карти[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Научноинформационен център „Българска енциклопедия“ (2012). Голяма енциклопедия „България“. Том 5. София: Книгоиздателска къща „Труд“. стр. 1892–1893. ISBN 9789548104272.
  2. Български етимологичен речник, том I, А-З. София: Българска академия на науките. Институт за български език. Издателство на Българската академия на науките. 1971. стр. 414.
  3. Мичев, Николай и др. (1980). Географски речник на България. София: Наука и изкуство. стр. 192.
  4. Панчелиев, Атанас (1973). Дъбраш. София: Медицина и физкултура. OCLC 144786286.