Владимир Мајаковски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Владимир Владимирович Мајаковски (руски: Влади́мир Влади́мирович Маяко́вский; 19 јули 189314 април 1930) — руски писател, едне од најпознатите претставници на поетскиот футуризам на царска Русија и Советскиот Сојуз во раниот XX век.

Биографија[уреди | уреди извор]

Владимир Мајаковски, кој себеси се нарекувал Владим Владимич, е роден на 19 јули 1893 година, во грузиското село Багдади. Имал две сестри: Људа и Оља. Иако никогаш не се оженил, тој бил во долга вонбрачна врска со неговата голема љубов и поетска муза, Лилја Брик. На почетокот од кариерата им припаѓал на футуристите, но подоцна со восхит ги прифатил идеите на Октомвриската револуција и станал еден најистакнатите поети на новата советска држава. Поради своите револуционерни идеи, во 1909 година, Мајаковски одлежал неколку месеци во ќелијата број 103, во Бутирскиот затвор во Москва.[1] [2]Така, во почетокот на 1920-тите, Мајаковски носел знамиња за време на првите саботници (доброволни работни акции во саботите) кои се организирале за време на Новата економска политика,[3] а пишувал и рекламни пароли за големите московски стоковни куќи, „ГУМ“ и „Москвопром“. Одредено време работел во руската телеграфска агенција „Роста“.[4]

Илја Еренбург го опишал Мајаковски на следниов начин: „Понекогаш беше неиздржливо невесел и болно внимателен, во џебот носеше кутија со сапун, и кога мораше да се ракува со човек кој му беше физички непријатен, веднаш заминуваше и внимателно ги миеше рацете. Во париските кафеани пиеше жешко кафе со сламка, која ја даваа за студените пијалоци, само за да не ја допре шолјата со устата. Го исмејуваше суеверието, но постојано се плашеше од нешто, ги обожуваше хазардните игри - круна или глава, пар или непар.“[5]

На 12 април 1930 година, Мајаковски напишал проштално писмо во кое, покрај другото, стоело: „На сите. Не окривувајте никого за мојата смрт и, ве молам, да не правите сплетки. Покојникот тоа го мразеше многу. Мамо, сестри, другари, простете, ова не е начин (на другите не им го препорачувам), но навистина немам излез. Лилјо, сакај ме. Другарке Владо - моето семејство се Лилја Брик, мама, сестрите и Вероника Витолдовна Плонска. Ако им овозможиш пристоен живот - ти благодарам. Започнатите стихови дајте им ги на Брикови - тие знаат што треба.“

Во писмото, Мајаковски напишал и една строфа (и Есенин постапил на истиот начин кога извршил самоубиство):

Понекогаш велат -

„Случајот е целосно јасен“,

На брегот на живеењето

се скрши љубовниот брод.

Со животот ги заклучив сметките,

не треба список гласен

на заемните болки,

навреди
и каранции.

Останете среќни

Владимир Мајаковски.[6]

Два дена подоцна, на 14 април 1930 година, во Москва, Мајаковски извршил самоубиство кое до ден-денес останува голема мистерија во поглед на вистинските причини кои го предизвикале. Борис Пастернак ја дал следнава романтична слика на умрениот Мајаковски: „Тој лежеше настрана, свртен кон ѕидот, намуртен, крупен, под чаршавот до брадата, со половично отворена уста, како да спие. Гордо свртувајќи им го грбот на сите, тој дури и лежејќи, дури и во овој сон, тој тврдоглаво некаде стремеше и заминуваше. Лицето нè враќање во она време, кога тој самиот се нарече убав, дваесет и двегодишен, затоа што смртта ја беше скаменила мимиката, која речиси никогаш не достасува во нејзините шепи. Тоа беше изразот со којшто се започнува животот, а не оној со којшто се завршува. Тој се потсмеваше и негодуваше.“[7]
Мајаковски оставил две деца: синот Глеб-Никита Лавински и ќерката Елена Владимировна Мајаковска (подоцна позната како Патриша Томпсон).

Критички осврт кон творештвото на Мајаковски[уреди | уреди извор]

Според Слободан Мицковиќ, поезијата на Мајаковски секогаш предизвикувала поделеност кај критиката и кај читателите. Сепак, нема сомнение дека неговото дело се вброило во редот на најдоброто што го дала руската литература. Неговата поезија се осликува со целосност и извонредна сложеност. Тој најчесто се искажува низ грлестиот, гласен стих во кој песната одекнува со сите свои нијанси и непредвидливи изблици. Притоа, во вистинската звучност на неговата поезија фундаментален звук е лирската основа, но неговата лирика е интензивна состојба на чувствата каде поетот страда со телото и со срцето, со сето свое битие. Втора голема одлика на неговата поезија е идентификацијата со Октомвриската револуција, како Мајаковски да си го зема правото да зборува во свое име наместо нејзе. Апологетскиvт однос на Мајаковски кон револуцијата се должи на тоа што тој ја предвидел уште пред таа да се појави. Најпосле, Мајаковски внесува иновации во поетскиот јазик, преку инстистирањето на значењето на цезурата, на внатрешниот ритам на песната и на ефектноста на римите. Тој го барал јазикот на поезијата насекаде каде што се употребува зборот, поради што тој експериментирал со зборовни споеви, користел парадоксални и апсурдни компарации и песните ги озвучувал со алитерации кои зборовите ги доведуваат до непредвидливи врски.[8]

Оценувајќи го иноваторството на Мајаковски, Бора Ќосиќ смета дека „револуционерноста“ на формата на неговите песни е преценета. Имено, новината во неговиот стих е тоа што тој е прекршен, претставен скалесто, со зборови напишани еден под друг, но и во неговите најсложени структури лесно може да се препознае четиристихната строфа со строга форма и со меѓусебно римувани парни и непарни слогови. Така, во неговиот стих, римата останува врховен критериум, мелодиски и мисловен. Но заглавен во мелодиозноста на својот стих, Мајаковски стигнал до бројни јазични откритија. На пример, често употребувал римување „на акцентот“, каде што еден повеќесложен збор се римува со неколку кратки зборови. Исто така, тој римувал необични и ретко употребувани зборови, имиња, популарни наслови, идиоми и кратенки. На тој начин, на секој збор можело да му се пронајде соодветна рима, зашто повеќе не било важно секоја буква да се поклопува со некој симетричен збор, туку било доволно јадрото околу акцентираниот слог да биде слично. Во тие рамки се разгранува иноваторството на Мајаковски: необични, парадоксални и хиперболични слики, ритамот на уличните фрази, реферати, новински реченици, отсуство на секакви предрасуди во однос на темата, реалистичен однос кон поетскиот занает. Како уништувач на јазичните конвенции, тој е еден од поетите кои, по Рембо, направиле најмногу за поетот да го загуби „Убавото однесување“. Поуките кои произлегуваат од него се однесуваат на натприродните и невообичаени слики, јазичните слободи и постојаното присуство на надреална фантазија и хумор.[9]

Анегдоти поврзани со Мајаковски[уреди | уреди извор]

Мајаковски бил човек полн со хумор и сарказам и бил многу отворен и директен во односот кон луѓето и за време на своите учества на литературните настани.

Кога на познатиот руски сликар Илја Репин му ја прочитал поемата „Облак во панталони“, тој бил воодушевен и го поканил во своето ателје за да му наслика портрет - нешто што било резервирано само за најтесен круг луѓе. На тоа, Мајаковски го прашал: „А колку ќе ми платите за тоа?“ Подоцна, сепак отишол во ателјето, но со избричена глава, шокирајќи го славниот уметник.[10]

Во друга прилика, Корнеј Чуковски се воодушевил од стиховите на Мајаковски и сакал да го пофали. Го нашол како игра билјард, го извлекол од играта и почнал да му зборува, а Мајаковски го прекинал со зборовите: Јас сум зафатен... извинете... ако сакате да ја пофалите таа книга, ве молам, одете во оној агол... кај последната маса... таму, гледате ли, седи старец со бела кравата. Јас одам со неговата ќерка и таа веќе знае дека сум голем поет... ама таткото се сомнева.[11]

Во една прилика, некој му рекол: „Мајаковски, вие мислите дека сите ние овде сме идиоти!“ На тоа, Мајаковски одговорил: „Од каде ви е тоа? Јас пред себе гледам само еден“.

Во друга прилика, некој му забележал со зборовите: „Мајаковски, вие себеси се сметате за пролетерски поет, а постојано велите: јас, јас, јас. Како така?“ На тоа, Мајаковски одговорил: „Дали Николај Втори бил колективист? Тој постојано зборуваше: Ние, Николај Втори...“

Најпосле, кога некој злонамерен противник му се обратил со зборовите: „Вашите стихови се актуелни, тие ќе умрат брзо, вас ќе ве заборават. Бесмртноста не е ваша судбина.“ Мајаковски одговорил: „А, вие дојдете по илјада години. Тогаш ќе разговараме“.[12]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Владимир Мајаковски, На сет глас. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 74.
  2. Владимир Мајаковски, Нови облак у панталонама. Београд: Нолит, 1963, стр. 178.
  3. Božo Bulatović, „Majakovski“, во: Majakovski, Pesme. Beograd: Rad, 1964, 150-151.
  4. Владимир Мајаковски, Нови облак у панталонама. Београд: Нолит, 1963, стр. 178.
  5. Бора Ћосић, „Мајаковски и ми“, во: Владимир Мајаковски, Нови облак у панталонама. Београд: Нолит, 1963, стр. 180.
  6. Božo Bulatović, "Majakovski", во: Majakovski, Pesme. Beograd: Rad, 1964, 156-157.
  7. Бора Ћосић, „Мајаковски и ми“, во: Владимир Мајаковски, Нови облак у панталонама. Београд: Нолит, 1963, стр. 179-180.
  8. С. Мицковиќ, „Мајаковски и Револуцијата“, во: Владимир Мајаковски, На сет глас. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 77-83.
  9. Бора Ћосић, „Мајаковски и ми“, во: Владимир Мајаковски, Нови облак у панталонама. Београд: Нолит, 1963, стр. 184-187.
  10. Božo Bulatović, „Majakovski“, во: Majakovski, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 154.
  11. Božo Bulatović, „Majakovski“, во: Majakovski, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 155.
  12. Božo Bulatović, „Majakovski“, во: Majakovski, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 150-157.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]