Коле Неделковски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Коле Неделковски
Роден 16 декември 1912
Војница, Велешко, денес Република Македонија
Починал 2 септември 1941(1941-09-02) (возр. 28)
Софија, Бугарија
Занимање поет и комунист
Портрет на Коле Неделковски.

Коле Неделковски, роден како Никола Крстев Неделков (16 декември 19122 септември 1941) — истакнат македонски поет и комунист меѓу двете светски војни.

Животопис[уреди | уреди извор]

Раниот живот и образованието[уреди | уреди извор]

Коле Неделковски е роден во селото Војница, близу Велес, на 16 декември (според други извори, на 1 октомври) 1912 година. Тој бил син на сиромашно земјоделско семејство. Четиригодишното основно образование го завршил во училиштето во Војница при што бил одличен ученик. Гимназиското образование го започнал во Велес,[1] но притиснат од сиромаштијата, морал да го прекине образованието уште во текот на првото тримесечје од првата година. Потоа се преселил во Скопје и започнал да го изучува бојаџискиот занает.[2] Сепак, желбата за збогатување на своето знаење не го напуштила и се запишал во вечерното трговско училиште. Притоа, пројавил особен интерес кон македонскиот јазик и запишувал ретки, нему непознати зборови.[3] [1][2]

Прогонот и преселбата во Бугарија[уреди | уреди извор]

Живеејќи и опстанувајќи како дел од работничката класа во тогашна Македонија, Неделковски ги манифестирал своите симпатии спрема работниците воопшто, а зел учество и во неколку работнички акции. Поради тоа, се нашол на црниот список на полицијата, бил означен како државен непријател и бил постојано следен од власта.[4]

Неделковски сметал дека во соседна Бугарија ќе најде подобри услови за живот, и во екот на светската економска криза, во 1933 година, преку Атина, се преселил во Софија.[3] Потајно, тој се надевал дека во Бугарија ќе може послободно да твори. Сепак, Неделковски се измамил во однос на двете работи, а најмногу се разочарал од фактот што поголемиот дел од македонските емигранти во Бугарија покажувал тенденција за однародување, подмамен со многу лажни ветувања и под дејство на политички пропаганди.[5] Според зборовите на Димитар Митрев: „Македонецот во него ја созна бргу грешката, Македонецот во него ја изживеа жестоко заблудата. Доброволецот — емигрант разбра дека неговите родни браќа во емиграција си имаат создадено друг облик на својот живот, и тие му беа туѓи.“[4] Во Бугарија, Неделковски се вработил како декоратер, а во меѓувреме посетувал разни курсеви, стремејќи се така да го надополни изгубеното во своето образование. Истовремено, тој се повлекол во себе, станал интровертна личност, но и и тогаш бил сомнителен за бугарската полиција, при што еднаш бил притворен. Сепак, брзо бил пуштен од притворот зашто немало доказен материјал против него.[6] Оние кои лично го познавале, Неделковски го опишале како „тивок, молчелив, нежен, со детска насмевка, внатрешно горд, до болка чувствителен, достоинствен и секогаш човечен“ (М. Зафировски) и како „беспримерен по својата скромност“ и „редок пример на упорност и доследност во поетската изградба“ (Д. Митрев)[4][5]

Книжевни и политички дејства[уреди | уреди извор]

Корицата на првата стихозбирка „М'скавици“ со посвета до Фиља и Венко Марковски (25.XII.1939)
Спомен-куќата на Коле Неделковски во родното село Војница

Набргу, Коле Неделковски започнал да се занимава поинтензивно со поезија, а пресвртот настапил во 1937 година, кога станал член на Македонскиот книжевен кружок[7], другарувајќи со Никола Вапцаров, Антон Панов, Ѓорѓи Абаџиев, Венко Марковски и други македонски револуционерно-книжевни дејци. Тогаш, тој интензивно учел и многу читал (Пушкин, Лермонтов, Ботев, Јаворов, Дебелјанов, Смирненски итн.), особено помогнат од Вапцаров.[6] Дискусиите во Кружокот му помогнале на Неделковски многу при неговите први поетски обиди. Така, постепено почнал да ја објавува својата поезија, печатејќи ја својата прва песна во месечникот „Илустрација Илинден“. Шесте песни, објавени во тоа списание, биле вовед во неговото творештво, чиј резултат набргу бил евидентиран со објавувањето на неговата прва стихозбирка „М'скавици“ во 1939 година.[8] Со таа стихозбирка, тој бил дел од трендот на пишување македонска поезија со македонска тематика и употреба на македонски јазик. По излегувањето на првата поетска збирка, Неделковски започнал интензивно да ја проучува историјата на Македонија. По цели ноќи го читал Зборникот на Миладиновци и со часови пребарувал во Народната библиотека во Софија материјали за македонскиот фолклор и за преродбата од XIX век, а токму тој ја открил заборавената книга на Мисирков, „За македонцките работи“ која ја читал со голема радост.[6][7] Неделковски бил вклучен во работата на Кружокот, ги проширувал своите хоризонти со следење на литературата и движејќи се во кругот на напредни литературни дејци. Притоа, Неделковски ја подготвил за печат и својата втора збирка поезија. Во меѓувреме, во 1940 година станал член на диверзантска група „Млади антифашистички борци“ и така се определил за конкретни акции против фашизмот.[9]

Смрт[уреди | уреди извор]

Меморијалната плоча во Софија, отстранета по падот на комунизмот во Бугарија.

Во септември 1941 година, дванаесет дена по излегувањето од печат на збирката песни „Пеш по светот“, Неделковски бил откриен од полицијата како разнесувач на летоци. На 2 септември 1941 година, полицијата ја блокирала шесткатната зграда во која живеел. Сиот материјал што можел да ги компромитира неговите другари, Неделковски го уништил, давајќи им оружен отпор на гонителите. А кога веќе немало надеж за спас, тој се фрлил од прозорецот на својата мансарда на тротоарот на улицата и така загинал.[10] Постојат сомнежи во врска со тоа дали бил Неделковски бил фрлен од полицајците или пак самиот скокнал преку прозорецот на неговата соба. Сведоците на настанот потврдиле само дека слушнале експлозија на бомба во зградата, а потоа виделе како Неделковски паѓа на плочникот. По Втората светска војна, на местото на настанот била поставена спомен-плоча, која подоцна исчезнала.

Последниот ден од животот на Неделковски го опишал неговиот другар Волче Наумчески: На 1 септември вечерта, во мансардата во која живеел Наумчевски пристигнале четворица: еден студент од Чехословачка, Коста Рацин (изморен, облечен во работничка облека), еден студент од Кукуш и самиот Наумчески. Подоцна, околу полноќ дошол и Коле Неделковски, кој го разбудил студентот Атанас од Кукуш, а почнал да го буди и Рацин, но Наумчески го спречил во тоа и му предложил Рацин да остане во мансардата, зашто бил многу уморен. Околу 4 часот изутрината, на 2 септември, полицијата почнала да тропа по вратите на становите на мансардата при што се слушале викотници, трчање по скалите, кршење врати, а потоа и детонација. Кога се разденило, во станот на Наумчески дошла полицијата и сите присутни слегле долу и полицијата ги наредила на еден ѕид. Неделковски лежел на тротоарот, мртов, покриен со ќебе, а крвта сè уште течела по него. Наумчески и Рацин се погледнале и тивко си шепнале: „Збогум, Коле!“ Неколку дена по овој настан, Наумчески успеал да влезе во собата на Неделковски и оттаму зел две книги - една на Пушкин и една на Лермонтов - натопени со крвта на Неделковски, но подоцна тие биле уништени.[8] Последната вечер на Коле Неделковски и неговиот разговор со Кочо Рацин е тема на поемата „Ракување“ на македонскиот поет Блаже Конески, објавена во неговата збирка „Песни“ од 1953 година.[9]

Творештво[уреди | уреди извор]

Коле Неделковски се смета за еден од најреволуционерните поети во македонската книжевност. Неговата песна Глас од Македонија е една од најпознатите револуционерни песни во македонската книжевност. Познато е дека на почетокот од 1932 година, по повод смртта на еден негов другар, тој ја напишал песната „Проштално писмо“, но таа не е зачувана.[2] Своите први песни, Неделковски ги објавил во списанието „Илустрација Илинден“ (Илюстрация Илиндень), а соработувал и со зборникот „Илинден 1903“ (Илиндень 1903). Така, во 1938 година, Неделковски ги објавил своите први песни во „Илустрација Илинден“ каде во кн. 6/96 од јуни 1938 година, на уводното место (на стр. 1) била објавена неговата песна „Стоан Војвода“ (Сто'анъ войвода), која подоцна била дел од неговата прва стихозбирка „Молскавици“, но со насловот „Стоан на Ордановци“. Притоа, песната била придружена со следнава белешка од редакцијата: „Кољо Неделковски, од Велес, млад певец на народни идеали којшто покрај борбата со тешкотиите на животот, сепак наоѓа време да ги воспее своите чувства и верност кон родниот крај и копнежот за слобода.“ Потоа, до јуни 1939 година, во ова списание Неделковски објавил уште пет песни: „Раткина неволја“ (Радкина неволя) - кн. 2/102, год. XI, февруари 1939, стр. 7; „Богдан и Гроздана“ (Богданъ и Гроздана) - кн. 2/102, год. XI, февруари 1939; „Мајка“ (Майка) - кн. 6/106, год. XI, јуни 1939, стр. 8; „Одродени...“ - кн. 6/106, год. XI, јуни 1939; и „Чичко ми...“ - кн. 6/106, год. XI, јуни 1939. Не е познато кога се напишани овие песни, но Тодор Димитровски претпоставува дека тие потекнуваат од 1938 година и дека Неделковски му доставил на списанието неколку песни наеднаш. Соработката на Неделковски со „Илустрација Илинден“ престанала заклучно со бројот 6/106 од јуни 1939 година, а не е познато дали во меѓувреме на друго место ги објавил останатите песни од „Молскавици“. Исто така, Неделковски ја објавил песната „Стоан на Ордановци“ и во зборникот „Илинден 1903“. Шесте песни објавени пред „Молскавици“ се разликуваат од дефинитивните верзии застапени во неговата прва стихозбирка при што во некои песни разликите се минимални, додека некои се целосно преработени.[4][10]

Библиографија[уреди | уреди извор]

За време на животот, Неделковски објавил две стихозбирки:

По неговата смрт, поезијата на Неделковски била објавена во неколку наврати, како:

  • Коле Неделковски, Песни. Друштво на уметниците, журналистите и научниците, Скопје, 1945. Книгата има 78 страници и содржи предговор на Митко Зафировски.[11]
  • Коле Неделковски, Стихови. „Кочо Рацин“, Скопје, 1958. Книгата содржи 23 песни од двете поетски збирки на Неделковски, „Молскавици“ и „Пеш по светот“, предговор со наслов „Лириката на Коле Неделковски“, чиј автор е Димитар Митрев, „Белешки“ на Тодор Димитровски, како и ликовни прилози (факсимили на делови од поетските збирки на Неделковски).[12]
  • Коле Неделковски, Песни. Македонска книга, Скопје, 1967. Уредник на книгата е Тодор Димитровски, а таа ги содржи песните од двете збирки на Недлековски.[13]

Осврт кон творештвото на Неделковски[уреди | уреди извор]

Творештвото на Неделковски е скромно, како по обемот (вкупно 23 песни и една поема), така и по остварените уметнички резултати при што сите негови песни се испеани под силно влијание на македонската народна поезија. Како еден од првите современи македонски поети, единствениот негов образец била народната песна и поради тоа многу од неговите песни личат на народните. Инаку, во неговата поезија доминираат три теми: национално-револуционерното минато на македонскиот народ, емигрантскиот живот и борбата за социјална правда. Токму во песните посветени на историското минато најмногу се гледа влијанието на народната поезија. Најчесто, тие се конципирани во форма на разговор: меѓу гората и девојката („Раткина неволја“), меѓу мајката и синот („Ропство“, „Ангелко“, „На кинисуење“). Навистина, денешниот читател може да препознае многу невешти места во позијата на Неделковски, но исто така ќе утврди дека поетот, бавно и постепено, се оттргнувал од влијанието на народната поезија. Така, уште во неговата прва збирка, во неколку песни има обиди за употреба на посовремени изрази, а некои од нив (на пример, „Стачка“, „Не колни“ и „Скитник“) се одликуваат со посовремена изразна форма која не може да се најде во народните песни. Понатаму, песните „1941“, „Глас од Македонија“ и низа стихови од поемата „Пеш по светот“ говорат за нова фаза во развојот на поезијата на Неделковски и за потрагата по нов израз. За тоа зборува и критичкиот однос на самиот поет кон неговите постари песни: песните кои веќе биле објавени во „Илустрација Илинден“ подоцна биле преработени и објавени во поинаква форма (постегнати и прочистени) во збирката „Молскавици“. Сето ја покажува бавната, но нагорна линија во неговото творештво. Важна одлика на Неделковски е тоа што тој е страсно ангажирна поет, а за него поезијата е само нов вид борба за остварување на народните идеали. Сите негови песни се напишани според девизата содржана во неговата песна „На поетот“: „Пеј, о братко, пеј за народ / и му песни бурни дај / та со моќ да урне сводот / од ропството на роден крај.“[14]

Во својот осврт кон поезијата на Неделковски, Димитар Митрев нагласува дека Неделковски е чист лирик, носител на полетна чувственост, т.е. самиот негов стих е чувство и ова спонтано лирско кажување е посилно од сиромашниот збор и едностраната и несовршена изразност на неговата поезија. Притоа, неговата лирика е сосема родствена на македонската народна поезија и во таа смисла, Митрев го нарекува Неделковски „нашиот последен народен певец“. Оваа врска кај него не е очигледна само во однос на поетскиот израз, туку уште повеќе во присутноста на специфичниот народен дух поради што се чини како неговата авторска, индивидуална поезија да е создадена од безимениот народен пејач. Ова важи особено за неговата прва збирка „Молскавици“ во која повеќе песни уште со своите наслови потсетуваат на народната поезија, како: „Младост попарена“, „Раткина неволја“, „Рането срце“, „Одродени“, „Стојан на Ордановци“ и „Жив отруен“. Уште повеќе, во многу песни, стиховите се попримаат како директни атрибути од речникот на народната поезија, со употребата на изразите од типот на: „мерак јуначки“, „пуста туѓина“, „проклета да е јабана“, „крвави солзи пророни“, „кротко му, леле, прозбори“, „абер не стори“, „ишарет да ми направиш“, „тешка мака на срце“, „црна црнееш“, „зора рујна“, „лице калешо“, „змии пиштат, веди трештат“, „тага вие, созли лее“, „цела се земја затресе“ итн. Понатаму, кај ниеден макеоднски поет не е толку застапена словенската антитеза како кај Неделковски (на пример, во песната „Ропство“).[15]

За разлика од Рациновата поезија, во социјалните песни на Неделковски не се среќава судирот меѓу содржината и формата, односно дури и тогаш кога поетот пее за посовремени теми, и формата и содржината директно се надоврзуваат на македонскиот поетски фолклор. На пример, таков е случајот со песните „Работник“ и „Стачка“ кои и според поетскиот израз се сосема во стилот и духот на народната песна. Затоа, идејноста на овие песни е поблиска до идејноста на народната поезија отколку до пролетерската поезија. Според Димитар Митрев, приклонувањето на Неделковски кон народната поезија може да се објасни со три причини: прво, неговата осаменост, затвореност и некомуникативност при што тој го нашол излезот од ваквата состојба во поврзаноста со својот народ поради што неговите животни погледи нужно биле блиски до духот на народната поезија; второ, на почетокот од поетскиот развој, тој бил под особено влијание на народните песни од Зборникот на Миладиновци; и трето, од недоволно утврдениот идеен став, со што се објаснуваат блискоста со општата бробена поента присутна во народната поезија (како, на пример, во песните „На кинисуење“, „Стојан на Ордановци“, „Мајка“, „Ангелко“) и присуството на ајдучките мотиви во неговите песни. Имајќи предвид дека чувственоста на ставот доминира во лириката на Неделковски, сосема е природно таа чувственост своето поетско оплодување да го побара во народната поезија.[16]

Според Димитар Митрев ,„Пеш по светот“ се одликува со повисоки творечки дострели и со јасен стремеж да се надмине поетскиот израз од народната поезија. Оваа збирка се одликува со нови мотиви, нова содржина и, делумно и нова форма, што било резултат на книжевното култивирање на поетот, на неговото дефинитивно придржување кон организираното пролетерско движење и на неговото учество во напредниот емигрантски книжевен кружок, раководен од Вапцаров. Сепак, дури и во оваа збирка, Неделковски не успеал целосно да ја надмине изразноста карактеристична за народната поезија така што во речиси сите песни е задржан духот на едноставните и едностраните лирски бранувања на народните песни. За разлика од „Молскавици“, каде се забележува подоследно речничко единство, во оваа збирка е присутен двојствен стихотворски стил, кој гравитира ту кон народниот ту кон индивидуалниот стих, а тоа внесува неединственост во збирката. На тој начин, значењето на Неделковски за македонската поезија се состои во тоа што тој го означува преминот меѓу народната и современата индивидуална поезија.[17]

Делото на Неделковски во книжевната критика[уреди | уреди извор]

За животот и делото на Коле Неделковски се напишани повеќе есеи и статии, како:[18]

  • Димитар Митрев, „Творческиот пат на Коле Неделковски“, Нов ден, бр. 7-8, 1946, стр. 51-57.
  • Тодор Димитровски, „Кон проучување на делото на Коле Неделковски“, Разгледи, бр. 7, 1956, стр. 7.
  • Тодор Димитровски, „Белешки за јазикот и правописот на Колета Неделковски (во првите изданија на неговите стихозбирки)“, Литературен збор, год. III, бр. 2, 1956, стр. 116-119.
  • Волче Наумчески, „Последниот ден од животот на Коле Неделковски“, Нова Македонија (Забавен прилог), 8.IX.1957.

Јазикот и правописот во поетските збирки на Неделковски[уреди | уреди извор]

Во основата на јазикот на кој се напишани поетските збирки на Коле Неделковски лежи велешкиот говор, а тоа го потврдуваат фонетско-морфолошките црти, како: скапуеш, бидеш, земња, друзи, причинуење, дојде, лаже, с'зи, м'ска, м'кне, у црнило сета, со тија очи, раци, плачеви, дворови, човек итн., кои се употребени во збирката „Молскавици“. Меѓутоа, во збирката „Пеш по светот“, тој ги напуштил овие форми и ги заменил говорните форми со ол, кои се пораспространети во македонскиот јазик, како: долбина, солзи, солзив, жолчна, воци, полни итн., но тоа го направил недоследно, зашто продолжил да ги употребува и претходните форми, како во: прок'лнат, с'нце, д'бина, разм'скат, г'тнала итн. Усвојувањето на формите во кои вокалното л е заементо со ол зборува за свесниот пристап на Неделковски во изборот на најраспространетите говорни форми во македонскиот јазик. За тоа сведочи и редовната употреба на формата земја (но, исабја и гламја) во „Пеш по светот“ наместо земња во „Молскавици“. Меѓутоа, во двете негови збирки има и фонетски форми кои се туѓи на велешкиот и на западномакедонските говори, како: всред (наместо сред), свободен (наместо слободен), закључен (наместо заклучен), контета (наместо контиња), грејнал свет (наместо грејнат свет), се скита (наместо се скиташе), горе (наместо гореше), ранено (наместо рането) итн. Нивното присуство зборува за влијанието од бугарскиот јазик, што се манифестира и со редовната употреба на формите кои завршуваат на шки (јунашки, ајдушки, крвнишки) наместо формата која завршува на чки која е најраширена во западномакедонските говори.[19]

Бидејќи двете збирки на Неделковски се објавени во Софија, сосема е разбирливо тоа што се испечатени со буквите од тогашната бугарската азбука и под влијание на тогашниот бугарски правопис, меѓутоа, на многу места, Неделковски отстапува од нив:[20]

  • Во „Молскавици“ не се среќава буквата ѣ, како во зборовите: дел, церела, бели, цел век, верно, немал, сред, свет, светли, вечни, песни, измени, цела итн. Уште повеќе, неа поетот ја исфрлил дури и од своето презиме на насловните страници на двете збирки, на кои се потпишал како Неделковски наместо Недѣлковски, како што е правилно според тогашниот бугарски правопис. Исто така, во „Молскавици“ не се среќава буквата ѫ.
  • Спротивно на бугарскиот правопис, во „Молскавици“, Неделковски врши едначење на согласките по звучност (како во: ропство, тешка, тешки, машко, жешки, нажапчи), иако тоа не е спроведено доследно (на пример, во: Разпрашуј, Радка, Радкина, Радкин, изпраќа).
  • Во двете збирки на Неделковски, зборовите што завршуваат на согласка се напишани според тогашниот бугарски правопис, т.е. со задолжителните ъ и ь. Меѓутоа, и тука Неделковски не го почитувал официјалниот правопис, пишувајќи: седумъ наместо седумь, пролетъ наместо пролеть.
  • Слоговното р во збирките на Неделковски е предадено со ър, а некаде и со ръ, како во: загърни, кървав, сърце, смърть, църна, църнееш, фърла, върз, кършат, гърд, бързам, църнило итн.
  • Гласовите ч и ѓ се предадени со обичните к и г, ако се наоѓаат пред вокалот е и пред вокалот и (ке, тугина, веке, ноке, нокеви), пред други вокали (кукя, мекява, бракя, испракя, тугя), како и пред други консонанти (нокни, мокна, срекна).
  • Гласот њ се предава со нь (причинуенье, денье, кинисуенеь) или со ня (скелиня, иминя, времиня).
  • Неделковски многу често го обележува преминувањето на в во ф пред безвучна согласка, на крајот од зборот, па дури и меѓу одделни зборови. Така, во „Молскавици“ се среќаваат следниве примери: пофте, ф силен мрак, ф темен мрак, ф младос, ф темни зори, ф рпролет, ф срце, ф тугина, ф Китка, зачекаф, загледаф, нарамиф, чмаеф, носеф, јазеф, тргнаф, заминаф, жиф, крваф, крф, страф, итн. Исто така, во „Пеш по светот“ тој пишува: ф планина, дрпнафте, прибрафте, пуштифте, бефте, уплаф, гнеф, меф, смеф, отроф итн., но во оваа збирка има и отстапувања (врв, жив, солзив итн.). По правило, тој правилно ги обележува другите звучни согласки на крајот од зборот, како: гроб, роб, брег и сред (во „Молскавици“); праг, врв, народ, траг (во „Пеш по светот“).
  • Консонантската група ст на крајот од зборот во „Молскавици“ редовно е сведена на с, како во: болес, чес, вечнос, убос, беднос, гладос, пус, но понекогаш има и недоследности, па некаде пишува младос и младост, радос и радост, старос и старост. Во „Пеш по светот“ преовладува пишувањето со ст (радост, младост, гордост), иако и таму се среќаваат отстапувања (протес, влас, радос, свес).
  • Зборовите со некогашното х, Неделковски ги бележи со ф или со вокалот: стра, гре, смеот, смеф, меф, ниф, дуф.
  • Одредени гласови и гласовни групи ги предава со буквите од бугарската азбука: шт со щ, џ со дж, ј со й, ја со я, ѕ со дз.
  • Предлогот од редовно го предава со от (речиси секогаш пред зборови што почнуваат со безвучна согласка).
  • Во „Молскавици“, групата ија редовно ја предава со иа (стихотворениа, вриат, гниам, пусиа), додека во „Пеш по светот“ пишува правилно (вијат, тија), но со недоследности (зариа, пориат).
  • Слично, недоследности се забележуваат и во предавањето на групата ја (моа и моја, своа и своја, Стоан).
  • Во однос на правописот, „Молскавици“ е подобра во однос на „Пеш по светот“ во која има бројни правописни грешки: на пример, понекаде (навистина, ретко) се среќава буквата ѣ (днитѣ, вѣк, свѣтнале, гордитѣ) истовремено со: дните, век, светли; постојано се отстапува од едначењето на звучните во безвучните согласки (тежко, жежко, изтрае, робство, изплакуе, разтресеш, разцвете, разсее, разшири, приказки итн.), што се објаснува со условите во кои била испечатена втората збирка.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Коле Неделковски, Стихови. Кочо Рацин, Скопје, 1958, стр. 25.
  2. 2,0 2,1 Тодор Димитровски, „Коле Неделковски (1912 — 1941)“, во: Коле Неделковски, Песни. Македонска книга, Скопје, 1967, стр. 5.
  3. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 1040 стр.
  4. 4,0 4,1 4,2 Тодор Димитровски, „Коле Неделковски (1912 — 1941)“, во: Коле Неделковски, Песни. Македонска книга, Скопје, 1967, стр. 6.
  5. Коле Неделковски, Стихови. Кочо Рацин, Скопје, 1958, стр. 25-27.
  6. 6,0 6,1 Коле Неделковски, Стихови. Кочо Рацин, Скопје, 1958, стр. 26.
  7. Тодор Димитровски, „Коле Неделковски (1912 — 1941)“, во: Коле Неделковски, Песни. Македонска книга, Скопје, 1967, стр. 5-6-7.
  8. Коле Неделковски, Стихови. Кочо Рацин, Скопје, 1958, стр. 26-27.
  9. Блаже Конески, Збор и опит 1. Скопје: Арс Ламина - публикации, Арс Либрис, 2021, стр. 32-41.
  10. Тодор Димитровски, „Белешки“, во: Коле Неделковски, Стихови. Кочо Рацин, Скопје, 1958, стр. 80-90.
  11. Тодор Димитровски, „Белешки“, во: Коле Неделковски, Стихови. Кочо Рацин, Скопје, 1958, стр. 75.
  12. Коле Неделковски, Стихови. Кочо Рацин, Скопје, 1958.
  13. Коле Неделковски, Песни. Македонска книга, Скопје, 1967.
  14. Тодор Димитровски, „Коле Неделковски (1912 — 1941)“, во: Коле Неделковски, Песни. Македонска книга, Скопје, 1967, стр. 7-13.
  15. Димитар Митрев, „Лириката на Коле Неделковски“, во: Коле Неделковски, Стихови. Кочо Рацин, Скопје, 1958, стр. 7-10.
  16. Димитар Митрев, „Лириката на Коле Неделковски“, во: Коле Неделковски, Стихови. Кочо Рацин, Скопје, 1958, стр. 11-20.
  17. Димитар Митрев, „Лириката на Коле Неделковски“, во: Коле Неделковски, Стихови. Кочо Рацин, Скопје, 1958, стр. 20-25.
  18. Коле Неделковски, Стихови. Кочо Рацин, Скопје, 1958, стр. 92.
  19. Тодор Димитровски, „Белешки“, во: Коле Неделковски, Стихови. Кочо Рацин, Скопје, 1958, стр. 76-77.
  20. Тодор Димитровски, „Белешки“, во: Коле Неделковски, Стихови. Кочо Рацин, Скопје, 1958, стр. 77-80.

^ Сталев, Георги (1995). Литература на македонскиот јазик. Скопје: Просветно Дело. стр. 147–151.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]