Прејди на содржината

Глас од Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Глас од Македонија
АвторКоле Неделковски
ЗемјаМакедонија
Јазикмакедонски
Жанрпесна
Издадена
1941
Коле Неделковки

„Глас од Македонија“ — песна на Коле Неделковски, дел од неговата збирка „Пеш по светот“, објавена во Софија во 1941 година. Се смета дека таа е една од последните песни на Неделковски (заедно со „1941“), напишана меѓу април и август 1941 година.[1] Таа се вбројува меѓу најпознатите патриотско-револуционерни песни во македонската литература.[2]


Глас од Македонија

[уреди | уреди извор]

О, трајте, трајте, тирани недни!
Доста се тија лаги и злоба —
пакосен глас од устите гадни
над мојот народ у секоја доба.

Та ете веќ векови цели
писка и стенка од волци гости –
за брата вијат кој да го дели
за да му глода сувите коски.

Па нека сега сам да си реши
со своја волја судба и сева,
в животот еднаш сам да се теши,
д’издигне славно свој род без врева.

Та Шар и Пирин дружно да викнат
родната песна в небеса темни
и бурниот Егеј — на век да плиска
тешкиот глас на новите химни.

Осврт кон песната

[уреди | уреди извор]

„Глас од Македонија“ претставува поетски глас за неразбраното македонско минато и за македонската вистина. Иако писмената активност на македонски јазик во периодот меѓу двете светски војни била многу намалена, сепак веќе во 1930-те години, повторно заживувало пишувањето на македонски јазик во Бугарија и во Југославија, и покрај тоа што можностите за објавување на текстови на македонски јазик биле многу ограничени. Во Бугарија, македонскиот јазик бил забранет за официјална употреба, а асимилаторската политика на Бугарија имала за цел да го уништи македонскиот национален идентитет. Во тој период, македонскиот културен живот во Бугарија доаѓал до израз преку активноста на македонската имиграција во Софија, организирана преку Македонскиот литературен кружок. Како позначајните книжевни појави од овој период се издвојиле поетските збирки на Коле Неделковски, „Молскавици“ (М'скавици, 1939) - (1940) и „Пеш по светот“ (1941).[3]

Познатиот македонски композитор Горан Трајкоски, (члена на музичките групи Анастасија и Мизар), компонирал музика врз основа на текстот на оваа песна со која настапувал низ бројни светски музички центри.[4]

Анализа на песната

[уреди | уреди извор]

Според Димитар Митрев, во оваа песна, јасно и недвосмислено е истакнат единствениот пат низ кој Македонците ќе станат господари на својата судбина и во тој поглед, песната претставува еден вид химна на новите борбени походи.[5] Огорчен од божемните „ослободители“ на Македонија, поетот извикува: „О трајте, трајте, тирнаи недни! / Доста се тија лаги и злоба / пакосен глас од устите гадни / над мојот народ у секоја доба.“ Притоа, песната зрачи со оптимизам, зашто поетот е убеден во борбата против окупаторот македонскиот народ ќе извојува национално и социјално ослободување: „со своја волја, судба и сева / в живот еднаш сам да се теши / д' издигне славно свој род без врева.“ Верата на поетот во тој ден е силна, а тогаш, тој пак ќе биде со својата земја при што средбата со ослободена татковина.[6]

  1. Тодор Димитровски, „Коле Неделковски (1912 — 1941)“, во: Коле Неделковски, Песни. Македонска книга, Скопје, 1967, стр. 10.
  2. Песната на Коле Неделковски „Глас од Македонија“
  3. Коле Неделковски
  4. Глас од татковината
  5. Димитар Митрев, „Лириката на Коле Неделковски“, во: Коле Неделковски, Стихови. Кочо Рацин, Скопје, 1958, стр. 21-22.
  6. Тодор Димитровски, „Коле Неделковски (1912 — 1941)“, во: Коле Неделковски, Песни. Македонска книга, Скопје, 1967, стр. 11.