Прејди на содржината

Војдан Чернодрински

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Војдан Поп Георгиев)
Војдан Поп Георгиев
Роден 15 јануари 1875
Селци, Струшко
Починал 8 јануари 1951(1951-01-08) (возр. 75)
Софија, НР Бугарија

Војдан Поп Георгиев - Чернодрински (Селци, Малесија, 15 јануари 1875 - Софија, 8 јануари 1951) — истакнат македонски писател, патриот, револуционер, театарски режисер, артист и основоположник на македонскиот театар. Псевдонимот Чернодрински потекнува од реката Црн Дрим која тече крај неговото родно село.

Животопис

[уреди | уреди извор]
Корица на драмата Македонска крвава свадба

Војдан Поп Георгиев е роден во селото Селци, Дебарско (Малесија) во 1875[1] година во семејството на селскиот кмет и подоцнежен свештеник Георги Славковски, подоцна наречен Ѓурчин. Таткото ја забележал љубовта на Војдан кон книгата и токму поради тоа Ѓурчин му овозможил на својот син соодветно школување.[1]

Од животот на Војдан Поп Георгиев позначаен е настанот кога неговата мајка извршила убиство над некојси Арнаутин - силеџија сѐ со цел да ја одбрани честа на нејзиното семејство. Тој немил и несекојдневен настан бил повод за отселување на целото семејство од Селци во Охрид. Во Охрид Војдан го продолжил своето образование што го започнал во своето родно место. По завршувањето на основното училиште, Војдан поп Георгиев се запишал во Солунската Гимназија, но во убавиот македонски град не се задржал премногу долго. Таткото на Војдан заминал во Софија на печалба и поради тоа тој го повикал и Војдан во Софија каде би бил со него а воедно и да си го продолжи своето образование. Тој, во Бугарија, го продолжил своето школување и се зачленил во Младата македонска дружина.[1] Воедно, Војдан бил и најактивен член на литературниот кружок во гимназијата наречен Македонски заговор. Војдан Поп Георгиев се смета и за основач на тој кружок. Под директно влијание на Младата македонска дружина и Македонскиот заговор, членовите и активистите на овие два кружока се залагале за користење на македонскиот народен говор и тој јазик го користеле во своите книжевни дела.[1]

Според неодамнешни историски архиви и документи, Војдан го завршил своето образование во Србија[1]. Правните науки ги започнал во Грац[1], ги продолжил во Берн, но студиите сепак не ги завршил. Сѐ со цел да се поврзе со ослободителното движење во Македонија, Војдан побарал учителска служба во Македонија. Тој бил назначен за учител во село Могила, Битола.[1]

Војдан не служел многу долго како учител во Македонија. Тој работел како учител во Македонија само една година, учебната 1897- 1898 година. Потоа тој се вратил пак во Софија, каде со тешки маки и подолги перипетии успеал да ја одржи првата негова драма на македонски јазик- „Македонска крвава свадба“. Драмата забележала голем успех и се одржале неколку репризи во Софија. По Софија, драмата се одиграла и во Пловдив. Тоа го мотивирало Војдан да се залага за формирање на македонски театар. По извршента реорганизација на екипата со која ги одржувал претставите, тие создале нова драмска екипа под името „Скрб и утеха“. Успехот на драмската македонска екипа растеле и се одржале нови гостувања во Бугарија бидејќи немало соодветни технички услови во Македонија. По сѐ поголемиот успех на драмската екипа, таа си го променила повторно името во „Столичен македонски театар“. По одржувањето и задушувањето на Илинденското востание, новите политички прилики на Војдан му овозможиле гостувања во Србија и таму бил пречекан со големи симпатии.[2]

По одржувањето на Младотурската револуција во 1908, Македонија се здобила со подобра политичка клима и Војдан Поп Георгиев и неговата жена Марија Поп Георгиева (артист-аматер) пристигнале во Скопје, а подоцна и во Солун и Битола. Тој во македонија учествувал во организирање на учители и учителки што ги подготвувале театарските претстави. Тие организирале повеќе европски драми, меѓу кои се нашла и Македонска Крвава Свадба, за првпат изведена во својата татковина[2].

Неколку години подоцна, Војдан Поп Георгиев бил мобилизиран во Балканските војни а набрзо потоа и во Првата светска војна. Тој тогаш го доживеал натрагичниот момент во македонската историја- распарчувањето на Македонија. Неговиот творечки живот и понатака продолжил да опстојува но се помалав интензитет поради тоа што тој се наоѓал во бугарска средина каде се чувствувал како емигрант. Иако неговата татковина се стекнала со долго посакуваната слобода во 1945 година, Војдан не можел да се пресели во Македонија и умрел во Софија во 1951 година[2].

Наводно, според бугарските театарски критичари, по смртта на Војдан Поп Георгиев во СР Македонија во текстот на драмата „Македонска крвава свадба“ се внесувале мали промени, односно зборовите „Бугари“ или биле избришани или заменети со „рисјани“.[3] Но сепак, и во предговорот што го напишал Поп Георгиев и според своето животно осврнување, тој јасно и прецизно кажува што е и јасно ја потенцира македонската народност како посебна етничка група[4].

Значењето на Војдан Поп Геогиев за македонската книжевност

[уреди | уреди извор]
Споменик на Војдан Чернодрински на Мостот на уметноста

Војдан Поп Георгиев е првиот македонски драмски автор во чии дела прозвучи мајчиниот, македонски, јазик. Тој бил доста коректен кон македонскиот јазик и еден од основните критериуми за членство на глумци во неговата драмска група било солидно познавање на македонскиот јазик. Сите негови драмски дела обработуваат теми и проблеми од секојдневниот живот на Македонците и борбата за слобода. Тој со своите текстови го бодрел и храбрел македонскиот народ. Тој со своите ставови за македонскиот идентитет и со своите залагања за организирање на востание за конечно ослободување на Македонија, здобил големи симпатии како од македонската, така и од странската јавност[1].

Тој со своите дела извршил големо влијание и кај некои други македонски автори како што се: Димитар Хаџи - Динев (ја напишал драмата „Револуционер“), Марко Цепенков (го напишал текстот „Црне Војвода“) и Никола Киров Мајски (ја напишал драмата „Илинден“)[1].

Во 1929 година, Војдан Поп Георгиев отишол во посета на еден дом за сираци каде им подарил примероци од својата драма Македонска крвава свадба. По тој повод, Војдан изјавил:

Се надевам дека по прочитувањето на книгава секој питомец добро ќе го запомни прочитаното и никогаш не ќе го заборави јазикот на кој е напишана, јазикот на кој зборувале неговите прадедовци, родители и роднини и на кој ќе зборуваат и покрај физичкиот и морален терор на сегашните поробители на татковината Македонија, сите идни поколенија што ќе ја населуваат оваа света земја.[5]

Во чест на Војдан Поп Георгиев, во Прилеп се одржува македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

Драмски текстови

[уреди | уреди извор]
Корица на оригиналната верзија на драмата „Македонска крвава свадба“ на македонски јазик.
  • Дрварите (1895)
  • Во меаната (1895)
  • Македонска емиграција (1897)
  • Македонска крвава свадба (1900)
  • Од глаата си патиме (1902)
  • Робот и агата (1902)
  • Зло за зло (1903)
  • Срешта (1903)
  • Мајстори (1903)
  • Духот на слободата (1909)
  • На реката (1921)
  • На Нова година (1921)
  • Цар Пир (1921)
  • Бурите крај Вардар (1925)
  • Цвета војвотката (1929)
  • Слав Драгота (1930)

Оставина

[уреди | уреди извор]

Во 1973 година, синот на Војдан Чернодрински, Стојан ги предал сите ракописи на славниот македонски драматург на Државниот архив на Македонија, каде што кратко по нивното архивирање бил издаден комплет од негови дела, за да посведочат дека и во почетокот на минатиот век сме имале уметници што го практикувале македонскиот народен јазик, од кој произлегоа научните кодификации. И сето тоа како аманет од неговиот татко, неговото творештво да биде пренесено во Македонија.[6]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 1,7 1,8 Литература на македонскиот јазик, Георги Сталев, Просветно Дело, 1995
  2. 2,0 2,1 2,2 Литература на македонскиот јазик, стр:73, Георги Сталев, Просветно Дело, 1995
  3. д-р Николай Йорданов - Случаят Войдан Чернодрински – “Македонска кървава сватба” и историите на тяхната “История”, Списание „Културен Форум“
  4. Предговор кон „Македонска Крвата Свадба“, Војдан Поп Георгиев, 2 декември, Софија 1900.
  5. Литература на македонскиот јазик, стр: 79, Георги Сталев, Просветно Дело, 1995
  6. „Груевски не мора да ја потроши Македонија“. Плус Инфо. 14 јули 2013. Посетено на 15 јули 2013.

Библиографија

[уреди | уреди извор]
  • Иван Ивановски, 25 години театарски игри Војдан Чернодрински, Скопје 1990

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]