Ристо Крле

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Ристо Крле
Risto Krle.jpg
Портрет на Ристо Крле
Роден 3 септември 1900
Струга, Македонија
Починал 29 октомври 1975(1975-10-29) (воз. 75 г.)
Скопје, Република Македонија
Занимање Писател
Жанр Драма

Ристо Крле (Струга, 3 септември 1900 - Скопје, 29 октомври 1975) бил македонски драмски писател и еден од првите членови на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ). За своето творештво, тој бил добитник на наградата „11 Октомври“ за животно дело.

Живот[уреди | уреди извор]

Ристо Крле е роден во 1900 година во Струга, како син на кондураџија. Неговото школување било краткотрајно со чести прекини. До Првата светска војна, тој го завршил основното училиште и една година од средното училиште. Потоа, до 1916 година паузирал со образованието. Кога Македонија била под српска окупација, тој решил да го продолжи своето образование и успешно завршил уште една година од средното образование. Но, за жал, образованието на Ристо Крле било уште еднаш прекинато поради смртта на неговиот татко. Потоа, тој немал можност да го продолжи своето образование. Како младинец, тој се вработил, и по завршувањето на Првата светска војна, ја наследил професијата на својот татко – станал кондураџија.

Неговата активност започна со групата на културните изведувачи „Црни Дрим“ од Струга. Четири години подоцна, Ристо Крле се приклучил на аматерската група на актери – изведувачи и неговата желба беше да напише сопствена драма. Но, таа негова желба не се реализирала во скоро време. Во 1925 година, тој заминал во Поградец, на албанска територија, каде што живееле голем број Македонци. Таму, тој прифатил да работи како комуналец, останувајќи една година. Кога работел во Албанија, Ристо ја добил идејата за неговата прва драма: „Парите се отепувачка“, која била премиерно изведена многу подоцна - на 27 декември 1938 година, на сцената на скопскиот театар.[1] По враќањето од Поградец во Струга, Ристо Крле се вработил, но по две години бил отпуштен како вишок. За да може да опстане со неговото семејство, тој отворил своја чевларска работилница, но поради конкуренцијата од поголемите компании, морал да ја затвори.[2]

Ристо Крле променил многу работни места и по Втората Светска Војна, т.е. во кратки периоди работел во Скопје и во Белград. Ристо Крле, исто така, бил и активен член на Друштвото на Писателите во Македонија. Починал на 75-годишна возраст во Скопје.[3]

Творечкиот пат на Ристо Крле[уреди | уреди извор]

Ристо Крле се смета за еден од најзначајните драматурзи во македонската литература.

Во својата „Автобиографија“, Ристо Крле искрено раскажува како тој, иако физички работник, дошол на идеја „да продава памет“. Него го потресол еден трагичен случај – убиството на единствениот син кој по долги години се вратил од печалба дома. Не препознавајќи го, неговите родители, подмамени од можноста за лесно збогатување, го убиле, а потоа, кога дознале што сториле, мајката ја удрила капка, а таткото се самоубил. Ваквите случаи, иако драстични, не биле осамени и кај нас, а и во многу други земји што живееле во слични услови. Крле укажува дека сказната за оваа потресна случка ја слушнал од некој селанец во Поградец, каде што тој извесно време работел како кондураџија. Селанецот дошол во дуќанот на неговиот мајстор да побара чевли за убиените. Иницијално, Крле немал поинакви претензии освен, прогонуван од потресноста на оваа неизмислена животна драма, да го опише случајот, да си го испроба талентот, т.е. како што кажувал самиот тој, да се отсрами пред жена си, пред која не еднаш се фалел дека ќе го опише ова, по малку неверојатно, убиство.[4]

Според неговите сведоштва, цели единаесет години, го прогонувала оваа мисла. И не еднаш се обидувал раката што била научена да држи само чекан, да ја принуди да го прифати и перото, да започне со совладувањето на еден нов занает, за кој Крле речиси воопшто не бил подготвен. Единствен поблизок контакт со новата професија Крле го имал кога бил член на културно-уметничкото друштво „Црни Дрим“. Но, тоа било премалку за да се здобие со неопходните знаења, да се влезе во проблематиката на драматургијата. Сепак, тоа било доволно да се почувствува неговата наклоност кон овој литературен род. По повеќе обиди, Крле речиси одеднаш го создаде својот прв драмски текст „Парите се отепувачка“, иако многупати пред тоа, се обидувал драмски да го возобличи сижето на пиесата, подоцна позната како „Милиони маченици“.[5]

Токму во периодот кога Крле целосно се зафатил со драмската литература, дошла и изведбата на повеќе драмски дела од Македонци и на македонски јазик. Настојувајќи да се доближи до пошироките македонски маси, кои дотогаш биле рамнодушни за дејноста на тогашниот скопски театар, неговиот управник Велимир Живоиновиќ – Масука се обидел да исфрли на сцената пиеси што ќе бидат блиски до народниот бит и менталитет. Тоа наишло на голем одѕив ширум Македонија и поттикнало многумина, дотогаш непознати, автори да ги испробаат своите сили како опишувачи на народниот живот.[6]

Самиот Крле, кој во 1937 година ја завршил драмата „Парите се отепувачка“, не чекал многу на оваа шанса. Велимир Живоиновиќ и режисерот Јосиф Срдановиќ ја откриле надареноста на струшкиот чевлар и веќе на 27 декември 1938 година, Крле им се претставил на скопските гледачи со својата драма.[7] Но, на сугестија на Живоиновиќ, Крле морал да го измени крајот на драмата. Наместо да биде убиен синот-печалбар од страна на своите родители, убиството било навестено само како намера. Ова дело предизвикало контроверзии кај домашните гледачи, најмногу поради можноста да се добие впечаток дека Македонецот е готов да убие за пари. Меѓутоа, овие забелешки не влијаеле врз несекојдневната надареност на овој драматург – чија смисла за ненаметливо водење на драмско дејствие и создавање на психолошки набој и атмосфера била видлива. Така, дотогашниот непознат струшки чевлар, речиси неочекувано се приклучил кон веќе познатите тогашни наши драматурзи Антон Панов и Васил Иљоски.[8]

Успехот што Крле го постигнал со „Парите се отепувачка“ бил не само потврден туку и надминат со неговиот следен текст. Тоа е „Антица“ која била премиернодо изведена во почетокот на 1940 година. Сижето на оваа драма е слично на неговиот драмски првенец, т.е. повторно било инспирирано од непосредниот народен живот. Но, и овде, како и во „Парите се отепувачка“, сосем ненаметливо Крле исфрлил еден сериозен проблем за нашите услови: погрчувањето на дел од нашите чорбаџии зад кое се крие амбицијата за власт и лесно збогатување. И, како што во „Парите се отепувачка“ Крле ја покажал опачината на алчноста за пари, во „Антица“ тој ја наслика превртливоста и бескрупулозноста на оние кои се одродуваа и стануваа полоши дури и од вистинските поробувачи.[9]

Следното попознато дело на Ристо Крле е пиесата „Милиони маченици“. Таа била изведена при крајот на 1940 година, а нејзиниот мотив повеќе години го преокупирал Крле и тој не еднаш се обидувал да го реализира, независно од деликатноста на материјата. Пистателот-самоук не можел да не ги ангажира гледачите со еден од најактуелните проблеми на своето време: продирањето на странскиот капитал и изумирањето на занаетите од кои живеел голем дел од населението во Македонија. Во конкретниот случај, продирањето на фирмата „Бата“ во предвоена Југославија, која во тогашните услови била супермодернизиран концерн за производство на чевли и слични производи, ги присилило домашните чевлари да ги затворат дуќаните. Оваа нелојална конкуренција на свој грб ја почувствувал и авторот на „Милиони маченици“. Затоа, со нескриена горчина, тој се обидел да го опише пропаѓањето на сопствениот занает, како и безизлезноста во која се нашле бројните негови колеги кои речиси преку ноќ останале без минимална заработувачка. По повеќе преправки што се наметнале како неопходни, за да биде одобрено прикажувањето на оваа пиеса, таа на крајот се појавила пред гледачите, за уште еднаш да ги увери дека во лицето на струшкиот кондураџија македонската литература се здобила со писател кој не бара само инспирација во народниот фолклор, туку и живо го следи пулсот на современоста, заедно со нејзините опачини.[10]

По ослободувањето, Крле напишал уште две драми и неколку раскази. Пиесата „Гроф Миливој“ не враќа во времето на српското владеење во Македонија, чиј непосреден сведок бил самиот автор, расветлувајќи ја корумпираноста на владеачкиот режим. „Голем ден“ задира во деновите на ослободувањето и во неа, покрај ентузијазмот својствен за овој период, доаѓа до израз и црнобелото сликање на ликовите, карактеристично за македонската литература до тој период.[11]

Литературно творештво[уреди | уреди извор]

  • „Парите се отепувачка“ (1938) [8]
  • „Милиони маченици“ (1940) [9]
  • „Антица“ (1940) [10]
  • „Велик ден“ (1950)
  • „Гроф Миливој“ (1958)
  • „Автобиографија“ (прв дел, 1990)


Влијание[уреди | уреди извор]

Во 2009 година, македонскиот писател Ненад Јолдески напишал расказ со наслов „Ристо Крле и баба му“.[12]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]


Наводи[уреди | уреди извор]

  1. "Времеплов", Дневник, година XVII, број 5351, петок, 27 декември 2013, стр. 31.
  2. Cybermacedonia
  3. Cybermacedonia
  4. [1]
  5. [2]
  6. [3]
  7. "Времеплов", Дневник, година XVII, број 5351, петок, 27 декември 2013, стр. 31.
  8. [4]
  9. [5]
  10. [6]
  11. [7]
  12. Ненад Јолдески Wezdensky, Штамата на Енхалон (Мемоари), Темплум, Скопје, 2009.