Спор за обликот на македонскиот литературен јазик

Од Википедија — слободната енциклопедија

Спорот за обликот на македонскиот литературен јазик се појавил во втората половина на XIX век по развојот школството, просветата и народната култура во Македонија. Се поставило прашањето за македонскиот литературен јазик и се појавиле две гледишта, првото се залагало за создавање на еден општ јазик за Македонците и Бугарите, а второто гледиште се залагало за создавање на чист македонски јазик, бидејќи Македонците не се Бугари, туку посебен народ[1].

Потреба од литературен јазик[уреди | уреди извор]

Со развојот на просветатат во XIX век, во Македонија се создал круг на образовани луѓе кој ја увиделе потребата од создавање на еден литературен јазик.

Ако се тргне од поставката дека литературниот јазик е последната етапа во развојот на писмениот и говорниот јазик на една нација, кога за една определена територија се воведува единствени правописни и ортоепски норми [2] , сосема е разбирливо кога по развојот на македонскиот писмен јазик врз народна основа во 50-те и 60-те години на XIX век, се поставило прашањето за литературен јазик.

Услови[уреди | уреди извор]

Во периодот кога се појавила потребата од литературен јазик, движечката сила за создавањето на таквиот јазик сè уште била со нејасно диференцирано народно обележје поради историските, општествените и другите услови. Сите манфестации на народното будење безразборно се мешале со именските обележја на соседните народи-грчкото, српското, а особено бугарското.

Таквите услови довеле да се диференцираат две групи во однос на тоа каков треба да биде идниот литературен јазик во Македонија.

Две тенденции[уреди | уреди извор]

Општ јазик за Македонците и Бугарите[уреди | уреди извор]

Под влијание на бугарската пропаганда првата тенденција била за воведување на заеднички јазик за Македонците и Бугарите, односно општ јазик кој би требало да претставува компромис, срдина меѓу македонските и бугарските говори.

Носителите на оваа тенденција своето школување го стекнале во грчките училишта, оваа група гравитирала околу Димитар Миладинов, а во неа влегле: Рајко Жинзифов, Партенија Зографски, Константин Миладинов, Григор Прличев и Кузман Шапкарев. Сите тие биле родум од западна Македонија, освен Рајко Жинзифов, и биле под влијание на грчката пропаганда, како грчки воспитанци, тие ја ширеле грчката писменост и култура меѓу своите ученици.

Особено Димитар Миладинов придонел за ширење на грчката просвета и издигнување на грчките училишта во некои од македонските градови, особено во Охрид.

Меѓутоа сите тие длабоко грчки настроени македонски дејци зеле учество во Борбата против Цариградската патријаршија и постепено почнале да се преореиентираат кон бугаризмот, односно кон словенизмот и станале идејни носители на македонското преродбеничко движење [3].

Кога започнала борбата против Цариградската патријаршија и воопшто против грцизмот во Македонија, претставниците на македонската интелигенција застанале на страната на народот. Меѓутоа:

откажувањето од грцизмот и истакнувањето на словенизмот во време кога балканските народи се конституирани како нации под национално име, внесувало не само кај... носителите на црковната борба и просвета, туку и кај самите просветари-учители. Затоа тие, независно од внесувањето на своите специфични цели во македонската преродба, поради сојужништвото со бугарската буржуазија и интелигенција во борбата против грцимот, го прифаќале бугарското име за македонскиот народ, но нивното дејствување и понатаму било исклучиво насочено кон Македонија, чувствувајќи дека се работи за две Бугарии, различни една од друга [3][4]

Кога се поставило на дневен ред прашањето за создвање на литературен јазик македонските просветители дејствувале како и во претходниот случај [5]. Бугарската интелигенција од Цариград претставувала кочница во развитокот на македонскиот литературен јазик. Таа го искористила присусутвото на бугарското име кај дел од носителите на македонската преродба и истапила против создавање на литературен македонски јазик, бидејќи според нивните гледишта, еден ист народ не може да има два литературни јазика [3].

Таквиот настап на Бугарите и нивната интелигенција преку цариградскиот бугарски печат довел до:

... колебање меѓу приврзаниците на создавање на македонски литературен јазик, распнувани меѓу реалната потреба од сопствен литературен јазик, од една страна, и заедништво со претставниците на бугарскиот народ во борбата протв грцизмот, од друга страна. Убедени дека борбата против грцизмот не може да се добие без поткрепа на бугарските претставници, оптовареми со бугарското име... претставниците за создавање на литературен јазик, имајќи ја предвид блискоста на македонскиот и бугарскиот јазик, биле готови на компромис, односно создавање на еден опт јазик за Бугарите и Македонците [3]

Меѓутоа македонските преродбеници, меѓу кој бил и Партенија Зографски, непретпоставувале дека Бугарите и нивната интелигенција немаат за цел создавање на некакво зедништво меѓу Бугарите и Македонците, туку асимилација на македонскиот во бугарскиот народ, затоа бугарската интелигенција не била подготвена за некаков компромис во однос на јазикот, бидејќи тој бил најефикасното средство за остварување на големобугарската цел [3].

Затоа кога Партенија Зографски предложил да се создаде еден општ јазик за Бугарите и Македонците, бил изненаден кога бугарската интелигенција јавно го критикувала.

Потребата од литературен јазик дирекно го наметнала и прашањето за печатење и издавање на учебници за употреба во Македонија. Затоа македонските учебникари не отфрлајќи го бугарското име, Партенија Зографски, Венијамин Мочуковски, Димитар Македонски, Кузман Шапкарев и други, започнале со пишување и издавање на учебници на Македонски јазик, голем дел од овие учебници бргу влегле во употреба по училиштата во Македонија од:

проста причина што се пишувани на мајчин јазик, разбирлив за учениците [3]

Ставот на Партенија Зографски за општ јазик многу бргу било надминато од останатите македонски учебникари, иако јавно тоа не го одрекувале [6]. Македонските учебници биле напишани на македонски јазик, но од различни дијалектни подрачја и самото тоа претставувало база за обединување на сите дијалекти во единствен македонски литературен јазик. Меѓутоа таквите македонски учебници биле нападнати од страна на бугарскиот печат. Макеоднските учебникари биле:

обвинувани за рушители на бугарското едниство преку создавање на раскол толку гибелен за нашиот народ (бугарскиот б.н) , а особено кога на тоа наречје (македонскиот јазик б.н) останале само отцртани дрипи на изговорот, раширени и навлезени од влијание на грцизмот [6]

Под притисок на бугарската интелигенција, македонските печалбари пројавиле колебливост и недоследност во одбраната на македонскиот јазик и биле готови за приспособување на македонските учебници кон бугарскиот јазик. Според Блаже Конески:

тие ја носат верно сета ограниченост на нивното време и нивната средина, но доста им е на скромните даскали таа историска заслуга, што ја возродија словенската просвета во Македонија, во земјата каде што некогаш таа просвета и се беше зародила [6]

Овие македонски учебникари сметале дека не може да дојде до решение во македонско-бугарскиот конфликт по однос на јазикот, ако се пренебегнува македонската јазична специфичност, потврдена практично во дотогашната писмена активност во Македонија [6]. Меѓутоа овие дејци прифаќајќи го бугарското име не можеле да одговорат на прашањето зошто еден истоимен народ би имал потреба од два литературни јазика, односно се создала апсурдна состојба исти тие дејци се изјаснувале за Бугари, а истовременео не го прифаќале бугарскиот литературен јазик и се залагале за јазикот кој го употребувале, јазик на кој не му го дале името кое му припаѓа - македонското [3].

Сето тоа било на штета на македонскиот народ, а тоа значело и крај на овие дејци по што во Македонија овие учебници биле потиснати од бугарските учебници, книги и списанија.

Последен голем претставник на идејата за создавање на еден општ јазик е македонскиот преродбеник и поет Григор Прличев. Каков требало да биде тој јазик дознаваме од препевите на Илијадата како и од есејот Критик и преведувач. Тука на прашањето: Како едно наречје ќе стане општо за сите! Одговара: Како што стана општо едно од четирите елински и десетте италијански.

Прличев ја чувствувал македонската основа на старословенскиот јазик, јазикот на охридската книжевна школа, кој имал најдолга традиција токму во охридскиот дијалект. Токму тој говор сакал да го реконструира и да му ги врати изгубените падежи [7] и таквиот јазик требало да ја претставува основа за идниот јазик на сите Словени и Бугари и дека таа идеја не е бесплодна.

Во граматиката која ја создавал Прличев сакал да ги врати падежите иако и неговиот охридски говор ја отфрил таквата практика [7]. Некои му забележувале зошто го користи ја наместо аз на што Прличев одоговорил дека ја'.[8]

... е збор у Словените и во Македонија се слуша ја (како што ја б.н) е во нашата народна поезија, во песната, попленил ми Скендер - паша Овчеполе битолско[8]

Овие зборови, според некои научници докажуваат дека при изградбата на општословенската јазична концепција пред Прличев секогаш стоел јазикот на Македонија, Охрид, Битолско, Овчеполско односно народната песна и народниот творечки јазик на тие краишта од каде црпел инспирација за своите генијални дела на грчки јазик [7].

Прличевиот панславизам за историјата на македонскиот јазик и народна мисла означува степен понапред во развојот на идејата за самостоен македонски јазик [7], како една од тенденциите за македонски литературен јазик во минатото.

Самостоен македонски литературен јазик[уреди | уреди извор]

Наспроти македонската интелигенција која го прифатила бугарското име и идејата за заедништво меѓу бугарскиот и македонскиот народ, се појавило и едно движење кое во себе носело македонско национално обележје. Овие дејци имале веќе разбудено чувство за посебноста на македонскиот јазик и посебноста на македонската национална индивидуаланост под свое именско обележје [9].

Најголемиот број на податоци за овие дејци се наоѓат во тогашниот периодичен бугарски и друг печат. Кај нив бил јасно дефиниран и деклариран македонскиот национален карактер и јазик преку барањето:

македонската младина да се ограничи да се учи и да се развива исклучиво на македонско наречје... друго било Бугарин и бугарки јазик, а друго Македонец и макеоднски јазик... (Македонците б.н) можат да бидат секакви, но не и Бугари [10]

Во однос на овие барања, Петко Рачев Славејков во статијата Македонското прашање истакнува:

Македонското прашање најпосле излезе на јаве и се појави во печатот. Велиме најпосле зашто ова прашање не е нова работа. Сме чуле за него уште од пред десеттина години од некои од Македонија... Ако беше само во областа на учебниците, никогаш немаше ни да проговориме за тоа прашање, зашто не гледаме штета во желбата на некои луѓе да ги учат децата на нивното татковско наречје... Целата вина тука е што не се избира еден пат што ќе доведе не до разделување, туку до соединување и усогласување на наречјата. Колку и да е погрешно да се учат Македончињата на наречјето на горните бугари, исто толку е погрешно и да се раздроби јазикот во училиштата на различни наречја и секој да си го следи само своето наречје, без и најмалку да обрнува внимание на другите... Разлики во наречјата има меѓу сите европски народи, дури и поголеми отколку кај нас, но ниту еден од овие народи не ни помислил да го раздроби литературниот јазик на мноштво наречја и литератури... Но кога во желбата за поделба има и други намери, намери за разделување на нашиот се’ уште неустроен народ, тогаш секој има должност да се противи на такво зло. Јасно е дека некои од нашите Македонски браќа имаат токму таква намера, и таа намера ја кријат под превезот на јазикот и неговите наречја; ете затоа си земаме за слобода да кажеме нешто за Македонското прашање... За да им придадат тежина на нивните произволни аргументи, Македонистите ги посочуваат разликите меѓу македонските и горно-бугарските наречја, од кои првото било поблиско до словенскиот јазик, а второто било помешани со татаризми [11]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Б. Конески, Кон македонската преродба, Скопје, 1959
  2. С. Б. Бернщеин, Вопроси теории и истории язика. Ленинград, 1963
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 Славко Димевски, За развојот на македонската национална мисла до создавањето на ТМОРО, Култура - Скопје, 1980
  4. Интересно е дека македонските преродбеници во своите преокупации секогаш се задржувале на македонските етнички граници и ниту еднаш со ниту еден збор не ја спомнуваат бугарската територија, што јасно сведочи за нивното народносно определување, без оглед на тоа што во тогашните услови и степенот на националниот развиток го користеле и бугарското име. Најизразит пример е поетот Константин Миладинов во песната „Т'га за југ“, во која набројува македонски места за кои копнее да ги види. Дури го спомнува и Стамбол како престаолнина на државата, но не спомнува ниту еден бугарски град. Впрочем, до Руско-турската војна и Берлинскиот конгрес, Македонците не оделе во Бугарија. Нивните допири со Бугарите се преку бугарската колонија во Цариград и бугарските пропагнадисти испраќани преку Цариград во Македонија... Славко Димевски, За развојот на македонската национална мисла..., 68 с.
  5. Дека македонските преродбеници правеле разлика меѓу бугарскиот и македонскиот народ како и по однос на јазикот се гледа од примерот со Димитар Миладинов. Тој на 1 јуни 1857 година од Кукуш му пишал на зографскиот проигумен Викентиј за сосотојбата на учебното дело во Македонија и му се заблогодарил за испратената финансиска помош: Както во Булгария и овде во Македония, фала богу училишщата на успехот по славиански јазик многу лепо ходат и имат що предават славиански со технологија. Маку сме задоцнети со нашето славианско от булгарцкото, но не се наождает добродушни мъжи да помагает като вас, та и наший јазик час поскоро да види бел ден... Кондиката на манастирот Зограф, лист 151б. Архив на манастирот Зограф.
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 Б. Коневски, Развиток на современиот литературен македонски јазик, с. 10.
  7. 7,0 7,1 7,2 7,3 Драги Стефанија, Панславизмот кај Григор Прличев, Животот и делото на Григор С. Прличев, Зборник на трудови, Гоце Делчев, Скопје, 1986
  8. 8,0 8,1 Григор Прличев, Есеј Критик и преведувач
  9. Д. Ташковски, Раћање македонске нације, Београд, 1969
  10. Право, 30 окт. 1870
  11. Македонското прашање - Петко Рачев Славејков

Поврзано[уреди | уреди извор]