Прејди на содржината

Кузман Шапкарев

Од Википедија — слободната енциклопедија
Кузман Шапкарев
Роден Кузман Атанасов Шапкарев
1 февруари 1834
Охрид, Битолски Вилает, Отоманско Царство
Починал 18 март 1909(1909-03-18) (возр. 75)
Софија, Царство Бугарија
Националност Отоманец
Народност Македонец
Занимање фолклорист, публицист, учебникар

Кузман Атанасов Шапкарев (1 февруари 1834 во Охрид18 март 1909 во Софија) — еден од најзначајните собирачи, публикатори и афирматори на македонски народни умотворби и еден од првите македонски учебникари.

Животопис

[уреди | уреди извор]

Ран период и образование (1834–1854)

[уреди | уреди извор]

Кузман Шапкарев е роден во семејство на сиромашен занаетчија во Охрид на 1 февруари 1834. Завршил основно училиште, но заради сиромаштија морал да го прекине образованието.

Учителска дејност во Македонија

[уреди | уреди извор]

До промена во неговиот живот дошло кога му понудиле да го заземе учителското место на неговиот чичко. Така станал учител и учителствувал во Битола, Охрид, Струга, Прилеп и Кукуш на грчки и бугарски јазик.[1] Тогаш ги запознал Димитрија и Константин Миладинови. По стапките на Димитрија Миладинов, на кого му станал зет, зашто Кузман се оженил со неговата ќерка, почнал да собира народни песни и умотворби. Кога браќата Миладиновци бидуваат затворени, Кузман безуспешно се обидува да им помогне. По нивната смрт, тој отишол да учителствува прво во Прилеп, а потоа во Кукуш. Додека бил учител во Кукуш, Шапкарев објавил буквар на македонски народен говор, при што бил жестоко критикуван од бугарските медиуми во тоа време.[2][3] Исто така, Шапкарев најавил проект за речник во кој ќе преведува од македонски на горнобугарски и обратно, бидејќи, според него, стандардниот бугарски јазик бил неразбирлив за неговите ученици.[4] Петар Драганов, руски филолог, ја опишува работата на Шапкарев како „одбрана на македонските наречја од асимилација на Бугарштината“.[5]

Отворање на Бугарската гимназија во Солун

[уреди | уреди извор]

Пролетта 1880 година, Шапкарев ја напуштил Македонија за да му го понуди своите услуги како инспектор за Татарпазарџискиот училиштен округ на тогашниот директор за образование на Источна Румелија, Јаким Груев.[6] Но и покрај посредништвото од страна на архимандритот Методиј Кусев, Груев го одбил Шапкарев. За да не пропадне неговата мисија во Бугарија, Шапкарев се обидел да ја искористи блискоста на Кусев со егзархот, за барем да може да го издаде етнографскиот и фолклорен материјал што го собрал претходните години во Македонија. Проникливиот Кусев заклучил дека охриѓанецот може да биде употребен за многу поважна цел. Имено, како што подоцна дознал Шапкарев, „во тоа време се кроеше план да и се помогне на Македонија на просветен план, но не можеше да се најде погодна личност... која што ќе ја постави првата основа – основниот камен на тамошното учебно дело“. Помошта на просветен план за која што зборува Шапкарев всушност има поинаква позадина. Средбата на Шапкарев со Кусев се случила во истиот период кога Портата го издала т.н. Закон за вилаети, кој предвидувал одземање на патријаршиските привилегии во егзархиските училишта. Оттука, испраќањето на личност во Македонија која би ја поставила основата на бугарското училишно дело била токму во овој контекст. Така, со препорака од архимандритот, Шапкарев се упатил во Цариград за да се сретне со егзархот Јосиф I и од него да побара средства за издавање на собраните етнографско-фолклорни материјали. Меѓутоа, во писмото од Кусев до егзархот немало ниту збор за зборникот и во него пишувало само: „Еве го човекот што го бараме за учебното дело“.[7]

Со препорака од егзархот, Шапкарев бил упатен во Софија за да се сретне со премиерот Драган Цанков, од кого бил задолжен да подготви извештај за перспективите на бугарското училишно дело во Македонија. Во мај 1880 година, Шапкарев го изложил својот план пред кнежевскиот Министерски совет, при што предвидел: 1) Солун да биде центар на делото. Таму да се основаат и поддржат по една полна машка и женска гимназија со пансиони; 2) Во Битола, Скопје и Серес да се отвори по една полугимназија и по едно трикласно женско училиште; 3) Во неколку второстепени градови да се отвори по едно двокласно или трокласно училиште; 4) Во другите места, кај што би се укажала потреба, да се даде привремена или постојана помош за поткрепа на постојните училишта; 5) Помошта за подржување на сите овие учебни установи да не се испраќа директно, туку со посредство на Егзархијата.[7]

На 2 јуни 1880 година Кузман Шапкарев пристигнал во Солун заедно со Д. Узунов, кој бил назначен да отвори училиште во Битола. Притоа, Шапкарев истакнува дека улогата што му била наменета од Егзархот, покрај учителствувањето, била и „да ја насочува бугарштината во цела Македонија“. Истовремено, Егзархијата поканила уште 30 Македонци во Бугарија да појдат за учители во Македонија, но никој од нив не одговорил на повикот. Во Солун Шапкарев, кој бил назначен за главен учител во солунските егзархиски училишта, ги нашол училиштата во очајна состојба. Во машкото училиште имало само 17 ученици првоодделенци и четворица повозрасни, кои составувале нешто налик на прв клас. Во женското училиште учеле 11 ученички, од кои само 2-3 знаеле да читаат.[8]

Во октомври истата година, Шапкарев и кукушанецот Христо Бучков започнале со работа во солунското основно училиште во солунското маало Ајринџик. Како резултат на плодната агитаторска дејност на Шапкарев, активноста на солунската егзархиска општина и претходно воспоставените врски во Солунско и Кукушко, училиштето го посетувале 87 ученици, претежно од околината на Кукуш и Солун, од кои се формирале 4 одделенија и два класа. Брзиот успех резултирал со позитивни сигнали од Егзархијата за отворање на редовна и полна бугарска гимназија во Солун. Меѓутоа, и покрај успешно завршената учебна година, пред почетокот на 1881/82 година, Шапкарев бил известен дека бугарската гимназија ќе биде отворена во Прилеп. Тврдоглавоста на охриѓанецот сепак се покажала решавачка. Шапкарев одбил да ги изврши наредбите на архимандритот Методиј Кусев, кој како роден прилепчанец најмногу се залагал гимназијата да биде отворена во Прилеп. По долга расписка со разни егзархиски и политички фактори, Шапкарев успеал да издејствува гимназијата сепак да биде отворена во Солун. Притоа, меѓу другото, егзархискиот учител истакнал дека Европа може да види дека во Македонија живеат и Бугари само доколку гимназијата биде отворена во Солун, кој го посетувале голем број на странци. Истовремено, Шапкарев разгласил низ цела Македонија дека во Солун ќе се отвори бугарска гимназија со пансион. На тој начин, учебната година започнала со 123 ученици, распоредени во три гимназијални класа.[9]

Поради интриги од колегите, на 18 ноември 1881 година Шапкарев бил отстранет од гимназијата и назначен за учител во Кукуш.[10]

Период во Бугарија (1884–1909)

[уреди | уреди извор]
Последна слика од Шапкарев (1907).

По Руско-турската војна (1877-1878), Шапкарев се преселил во Бугарија, каде продолжил со својата публицистичка и просветна работа. Во септември 1884 година заминал за Пловдив, Источна Румелија.[11] Од 1900 година е редовен член на Бугарското книжевно друштво (преименувано подоцна во Бугарска академија на науките).[12][13][14]

Во октомври 1893 година заминал за Константинопол, испратен од Бугарската егзархија за да биде уредник на планиран бугарски весник таму.

Кон крајот на својот живот заминал за Бугарија. Починал во Софија во 1909 година.

Обемот и квалитетот на собраниот материјал го вбројуваат Шапкарев меѓу најголемите собирачи на народни умотворби не само од Македонија, туку од целиот Балкан. Во своето творештво Шапкарев се изјаснува како Бугарин по род.[15]

Творештво

[уреди | уреди извор]
  • 1884 — „Материали за животоописанието на братя Х. Миладинови, Димитрия и Константина. С прибавление нещо и за живота на Нака С. Станишев“ ("Материјали за опишување на животот на браќа Х. Миладинови, Димитрија и Константина. Со прибавување на нешто и за животот на Нако С. Станишев")
  • 1884 — „Материали за историята на възражданието българщината в Македония от 1854 до 1884 г.“ ("Материјали за историјата на преродбата на бугарштината во Македонија од 1854 до 1884 г.")
  • 1884 — „Русалии: древен и тврдѣ интересен българский обичай запазен и до днес в Южна Македония“ ("Русалии: антички и премногу интересен бугарски обичај зачуван до денес во Јужна Македонија")
  • 1885 — „Сборникъ отъ народни старини. Книга III. Български Народни Прикаски и Верования събралъ въ Македония и издава К. А. Шапкаревъ“ ("Зборник од народни старини. Книга III. Бугарски народни приказни и верувања собрал во Македонија и издава К. А. Шапкарев")

Учебници

[уреди | уреди извор]
„Зборник на Бугарски народни умотворенија“, Софија, 1891
  • 1866 — „Българский буквар“ ("Бугарски буквар")
  • 1868 — „Голѣма българска читанка“, втора част на "Българский буквар ("Голема бугарска читанка", втор дел на "Бугарски буквар")
  • 1868 — „Кратко землеописание за малички детца“ ("Кратко опишување на Земjата за мали деца")
  • 1868 — „Кратка священа повестница от ветхий и новий завет“ ("Кратко свештено прераскажување на Стариот и Новиот завет")
  • 1869 — „Наръчно св. благовествование или сбор от евангелските чтения“ ("Прирачник на св. благовестување или зборник од евангелските читања")
  • 1870 — „Наръчний св. посланичник или сбор от апостолските чтения“ ("Прирачник на св. посланија или зборник од апостолските читања")
  • 1874 — „Майчин язик“ ("Мајчин јазик")

Библиографија

[уреди | уреди извор]
  • Шапкарев, Кузман. (1984). Избор. Приредил Томислав Тодоровски. Скопје: Мисла.
  • Шапкарев, Кузман. (1987). Од­бра­ни творби. Приредил Томислав Тодоровски. Скопје: Мисла.
  1. Кузман Шапкарев - „18-годишне учителствувание мое на български язик, от 1865 до 1884 година“
  2. Светозаревиќ, Бранислав (2021). Македонци - милениумски сведошва за идентитетското име: (извори и анализи). стр. 211.
  3. Право (бугарски) (бр. 30). Цариград. 30 ноември 1870. Тој беден учител во Кукуш ја напушта службата кога ќе му текне и оди од град во град во крстоносен поход против книгите напишани на бугарски јазик... Во Охрид... неговите први зборови биле полни со омраза кон сѐ што е бугарско. Тој рекол: ’Одвај се ослободивме од Грците, сега пак Шопје ли да станаме?‘ Од сето погоре изнесено може јасно да се разбере во каква пропаст сака да го турне народот тој таканаречен господин, поради што некои веќе се дрзнаа да изјават дека: ’Ние сме Македонци, а не Бугари!‘ И порано сме слушале од патниците за некои учители по Македонија и за г. Шапкарев кој се труди да ги убеди нашите македонски браќа како било друго Бугарин и бугарски јазик, а друго Македонец и македонски јазик. Но не веруваме, едно поради тоа што мислевме дека е тоа грчко лукаво средство за разделување на нашата народност... line feed character во |quote= во положба 38 (help); Отсутно или празно |title= (help)[превод од оригиналот]
  4. Даскалов, Румен; Маринов, Чавдар (2013). Entangled Histories of the Balkans - Volume One: National Ideologies and Language Policies (англиски). стр. 441-442.
  5. Ристовски, Блаже (2016). „Македонската национална свест од Лозарството до Другарството“. Освободителните борби на Македония от Източната криза до Балканските войни. Софија: Издавачка куќа „Проф. Марин Дринов“ при Бугарската академија на науките: 33-34.
  6. Минов 2015, стр. 129.
  7. 1 2 Минов 2015, стр. 130.
  8. Минов 2015, стр. 132.
  9. Минов 2015, стр. 134.
  10. Минов 2015, стр. 140.
  11. Кузман Шапкарев - „Отиванието и пребиванието ми в Пловдив, Самоков и въобще в българско“
  12. "Пътеводител по фондовете на научния архив на БАН", 1981, том 1, стр. 130
  13. "Български възрожденски книжовници от Македония: избрани страници", София, 1983, Издателство на БАН, стр. 221
  14. "Проблеми на културата", София, 1987, Изтдатествто на Комитета за култура, стр. 118
  15. Кузман Шапкарев - „Материали за възраждането на българщината в Македония“: Родил съм се в охридский градский квартал, Варош називаем, в махалата «Св. Безсребреници Врачей», на 1-й февруарий 1834 г. (следователно днес, 1895 г., съм на 62-годишна възраст), от родители сиромаси, родом българи, православни християни.

Литература

[уреди | уреди извор]
  • Минов, Никола (2015). Бугарската пропаганда во Македонија и Големите сили (1878-1912) (PhD thesis). Филозофски факултет, Скопје.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]