Лозарско движење

Од Википедија — слободната енциклопедија
Уставот на Младата македонска книжовна дружина

Членовите на Младата македонска книжовна дружина биле познати под името Лозари. Меѓу нив се вбројуваат: Гоце Делчев, Даме Груев, Ѓорче Петров, Христо Матов, Петар Попарсов, Иван Хаџи Николов, Коста Шахов, Ѓорѓи Баласчев, Димитар Мирчев, Христо Попкоцев, Александар Караѓулев, Ѓорѓи Белев, Андреј Љапчев, Тома Карајовов, Наум Туфекчиев, Војдан Чернодрински и други.

Во јануари 1892 година, Младата македонска книжовна дружина го објавува првиот број на своето списание „Лоза“, и по неговото име, целото движење го добива називот Лозари. Најголемите имиња на македонската револуционерна борба од крајот на 19-ти и почетокот на 20 век биле членови или соработници на оваа дружина.

Политичката ситуација во Бугарија[уреди | уреди извор]

Кога лозарското движење било формирано, постоел терор и прогон во Бугарија против про-македонски активности. Тој терор бил засилен во времето на бугарскиот премиер Стефан Стамболов.[1] За настаните од времето на неговото владеење, во 1902 година сведочи непотпишаниот Коста Шахов во весникот Македонија.[2]

Во продолжение е опишано и растурањето на Македонското благотворно друштво, како и забраната за одржување митинг на Македонците во Софија. Несудениот организатор на овој митинг бил уапсен и интерниран.

Токму во тоа време група млади македонски интелектуалци во Софија формирале асоцијација што ја нарекле Млада македонска книжовна дружина.[3][4] Оваа Дружина почнала да го издава списанието Лоза. Меѓутоа, и нивната работа била запрена од страна на експонентите на Стамболовата влада.[5]

Бугарската влада ја уништила Младата македонска книжовна дружина во Софија, под изговор дека нејзините членови биле македонски сепаратисти.[6] За теророт на бугарскиот премиер Стамболов против Македонците, Коста Шахов пишувал и во 1905 и во 1910 година.

Националното чувство на лозарите[уреди | уреди извор]

Списание "Лоза"

Некои членови или симпатизери на лозарите (Коста Шахов, Петар Попарсов, Даме Груев , Крсте Петков Мисирков) изјавиле дека лозарите имале двојна програма - една за пред бугарската јавност, а другата - за пред нивните истомисленици.

Ист е случајот и со Македонците од Егејскиот дел на Македонија. Таму и денес сè уште е забранета јавната употреба на етничкиот термин Македонци. Македонците ги нагласуваат своите национални разлики во однос на Грците, во замена за терминот Македонци, за себе го употребуваат компромисниот и маскирен термин ендопи (што значи: тукашни, овдешни).

И лозарите не смееле директно да го употребуваат терминот Македонци во национална смисла (а слично е дури и денес во Бугарија), па надевајќи се дека нема да имаат проблеми со тогашната бугарска влада (која тогаш ги прогонувала Македонците), го користеле главно компромисниот и маскирен термин македонски Бугари,[7] иако содржините на нивните статии биле со чиста македонска национална ориентација.[7]

Денешниот бугарски став тврди дека националното чувство на лозарите било бугарско, а како доказ за ова тие го приложуваат фактот што во некои од текстовите на самото списание Лоза се спомнуваат и македонски Бугари, дека лозарите зборуваат за јазикот во македонските Словени како за бугарски јазик.[8] Лозарите се залагале во литературниот бугарски јазик да бидат вклучени колку што се може повеќе зборови од Македонија и од западните делови на Бугарија.[9] Некои бугарски автори (Коста Црнушанов и други) додават и целосната деjност како Македонски Бугари на голем дел од лозарите - Андреј Љапчев од Ресен (бугарски премиер и дипломат), Тома Карајовов од Скопје, Георги Баласчев од Охрид, Христо Матов од Струга, Христо Поп Коцев од Штип, Ѓорѓи Белев од Охрид и други за кои се смета дека бугарското им чувство е докажано.[10]

Авторите од Република Македонија ги земаат предвид веќе спомнативе услови во Бугарија, во кои било објавено списанието Лоза. Тоа е време на терор против Македонците од страна на бугарската влада на Стефан Стамболов. Македонците се прогонувани, апсени, интернирани и се забранувани сите нивни национални манифестации и други слични изблици на организирање. Во такви услови, оние Македонци што сакале да објавуваат статии за Македонија, единствено можеле да го прават тоа преку користењето на компромисниот термин - македонски Бугари.

Компаративен преглед со друштво Вардар, Наш Весник и весник Неологос[уреди | уреди извор]

Во времето на големосрпската окупација на Македонија, во кралска Југославија во 1935 година, Македонците студенти во Загреб формирале свое друштво Вардар. Во рамките на ова Друштво по две години тие објавиле весник под наслов Наш весник. Во него биле објавени текстови и други прилози што исклучиво се однесувале за Македонија и за Македонците.

Автори биле тогашните истакнати македонски национални дејци: Кочо Рацин, Никола Ѓумуров, Христо Попсимов, Лазар Личеноски, Димитар Ѓузелов, Александар Линин и други. Меѓутоа, поради добро познатите причини, во ниту една од статиите не се спомнати термините: Македонија, Македонци, македонски народ и слично. Тоа е сосема разбирливо, ако се знае дека тоа е времето кога во Југославија беснеел најстрашниот терор против Македонците. Тоа е времето од само неколку години по убиството на кралот Александар, кога секакво спомнување на овие термини можело да има сериозни последици врз авторот. Затоа, во замена за термините Македонија, македонски народ и слично, во овие статии се употребени компромисните термини: Повардарие, повардарци, повардарски и слично. Дури и повеќето текстови се напишани на чист српски јазик (освен неколкуте лични и народни творби). Сепак, и покрај ваквото компромисно и маскирно детерминирање на Македонците, и покрај српскиот јазик во статиите, Наш Весник веднаш бил забранет од страна на големосрпскиот режим и тоа веднаш по излегувањето на првиот број.

Грчкиот весник Неологос дозволувал на своите страници да објавуваат статии и Македонци, кои под псевдоними, од аспект на македонската национална идеја, ја напаѓале големобугарската пропаганда. Такви биле учителот Гаврил Баев од Охрид (кој објавувал под псевдонимот Пелагон) и учителот Димитар Сакелариев од Ресен (кој објавивал под псевдонимот Македон). Учителот Баев (под псевдонимот Пелагон) во следниот број на Неологос во статијата под наслов Шовинистот Шопов, реплицирал на уредникот на бугарскиот егзархиски орган Атанас Шопов.[11]

Лозарите, повардарците и авторите од Неологос:

  • објавувале весници, во кои авторите на статиите се потпишувале со псевдоними.
  • максимално ја избегнувале употребата на термините Македонци, Македонија, македонски народ и слично.
  • користеле маскирни термини (Македонски Бугари, Повардарци, Словеномакедонци и слично),
  • темите и содржината на написите ги поврзувале исклучиво за Македонија и за националните проблеми на Македонците.

На лозарите (како и подоцна на вардарците во Загреб) не им помогнало ниту маскирното обележување како македонски Бугари, бидејќи набргу списанието им било забрането. Некои од лозарите биле уапсени, други биле избркани, а трети интернирани. Дружината им била забранета од страна на бугарската влада. Подоцна некои од нив се вклучуваат во македонското револуционерно движење, а некои и застрануваат по патот на туѓите пропаганди.

Идеологија на лозарите[уреди | уреди извор]

Види Програмски принципи на Младата македонска книжовна дружина,Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници

  • Освен јавниот пробугарски Устав, постоел и Таен устав на лозарите, со промакедонски ставови, што бил однесен да се печати во Романија, но за несреќа изгорел заедно со печатницата каде што требало да се отпечати.
  • Лозарите барале реставрација на античка Македонија.[12]

Податоци за идеологијата на лозарите[уреди | уреди извор]

За македонската национална дејност на лозарите сведочи и тогашниот бугарски официјален весник Свобода[13] и на 13 април 1892 година бугарскиот публицист Димитар Левов ги нападнал лозарите[14] Д.Т.Левов, Лоза, СлободаVI/786, Софија13.04.1892, 3.[15]

На бугарскиот напад врз лозарите, на 29 април 1892, реагирал и грчкиот весник Неологос, кој излегувал во Цариград.[16]

Еден од уапсените основоположници на лозарството во Бугарија бил и Даме Груев. Во своите Спомени, тој пишал во врска со овој период од неговата дејност.[17]

Дел од спомените на Даме Груев се објавени,[18] но таму веднаш паѓа в очи дека недостасува делот за апсењето на Груев во Софија, иако таму цитираниот дел од Спомените е речиси идентичен со овој што овде го предаваме. За лозарите пишувал и Ѓорче Петров.

За лозарите пишувал и Крсте Петков Мисирков, во својата книга За македонцките работи[19]

Крај на Лозарското движење[уреди | уреди извор]

Од списанието Лоза успеале да излезат само шест броеви (од кои едниот бил двоброј). Подоцна бугарската влада ја растура Младата македонска книжовна дружина, а списанието Лоза го забранува. Под влијание на лозарите, подоцна (1894) Петар Попарсов објавува брошура што всушност претставува неофицијална програма на веќе формираната Македонска револуционерна организација, во која уште пожестоко ја критикува бугарската пропаганда и Бугарската егзархија

Александар Караѓулев беше осуден на смрт во монтиран судски процес за атентатот врз министерот Христо Белчев и казнуван на 15 јули 1892 во Софија, каде во затворот напишал познатата македонска патриотска песна Послушајте патриоти.

Периодот на лозарите одиграл значајна улога во развитокот на македонската национална мисла на крајот од 19 век и подоцна.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Вардарски (Петар Поп Арсов), „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници“, превод, редакција, коментар и предговор д-р Ванчо Ѓорѓиев, Табернакул, Скопје 2006
  2. Во негово време во Софија се издаваше весник "Македонија". Штом редакцијата свика на собрание неколкумина од првенците меѓу македонската емиграција во хотелот,,Конкордија" со цел да се покрене една поширока дејност, Стамболовата влада ги заплаши учесниците на тоа собрание со екстернирање во Турција и им ја покажа дупничката граница преку весникот,,Свобода". Ги натера престолничките пожарникари да ја заплашуваат Редакцијата со растурање на печатницата и со тепање на уредникот, кое... се сврши со запечатување на печатницата по административен пат и со затворање на еден од соработниците на таа редакција. На крајот од 1889 година во Софија се формира,,Македонска заемоспестовна каса". Тогашната влада и против неа ги пушти пожарникарите... Некои од членовите ги заплашија, го отпуштија претседателот од Министерството за надворешни работи, ја разнебитија.
  3. Слобода или Смрт, д-р Ванчо Ѓорѓиев, Скопје 1997
  4. Раѓање на македонската нација, Драган Ташковски, НИК Наша Книга, Скопје, 1970
  5. . Подоцна неколку младинци од студентите Македонци формираа Млада македонска книжовна дружина што почна да го издава списанието „Лоза“. Владата на Стамболов презеде се за да ја убие и неа. Членовите на дружината ги прогласи за сепаратисти, еден од нив испрати во прогонство во Луковит, двајца затвори во Софија, другите ги избрка и на тој начин дружината беше разбиена - ја уништија. Коста Шахов, весник Македонија
  6. „Вардар“, Блаже Ристовски, Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“- посебни изданија книга 4, Скопје, 1966
  7. 7,0 7,1 Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително дело во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Скопје, Институт за историја - Филозофски факултет
  8. сп. Лоза, 1892, бр. 2, с. 55-58
  9. сп. Лоза, 1892, бр. 1, с.48-49
  10. Църнушанов, Коста. Македонизмът и съпротивата на Македония срещу него, Университетско издателство "Св. Климент Охридски", София 1992, с. 47-49
  11. Во желбата да го удавиш тоа неблагодарно за панбугаризмот дело од страна на Словеномакедонците велиш оти списанието „Лоза“ не се издава на словеномакедонски, ами на бугарски јазик. Но, ако е тоа така, зошто тогаш „Свобода“ лее жолч против Словеномакедонците уредници на „Лоза“?
  12. Благодарејќи на последните политички настани на нашиот полуостров и географската положба на Македонија, денес таму се имаат собрано севозможни надворешни елементи, кои, воодушевени од своите планови и интереси, сосипувачки за нашата иднина, слободно и со трескава енергија го засилуваат антагонизмот што и без тоа постои во земјата. Само еден силен отпор од наша страна може да не зачува од незаситните посегања... Тоа треба да биде стремежот на секој што се чувствува Македонец, каде и да се наоѓа тој. Младата македонска книжовна дружина токму таа цел ја има предвид.
  13. . Во една своја статија овој весник вели: Во бугарската престолнина, во срцето на Бугарија излегуваат луѓе што се силат да ги расипат плодовите на толкугодишните усилби за да докажат дека македонските Бугари се одделна нација, со посебен јазик и со посебни историски задачи!.
  14. ... Од статијата Неколку белешки се гледа дека оваа Дружина припаѓа кон денешниот преовладувачки словенски елемент, дека името на тој елемент му е Македонци, дека Македонија е нивната татковина и дека таа е одделна словенска држава, чие минато е покриено со блесок, особено во времето на Филип и Александар Велики, но во времето на нивните наследници опаднало... Младата дружина под превезот на книжевноста нема за цел реализација и пропаганда на некаков фантастичен фонетски правопис, туку тенденции и цели, кои се куриозни, жални, возмутувачки, срамни и опасни.
  15. Како што гледате, Македонската дружина смета дека нивната татковина е Македонија, дека таа е населена со одделно словенско племе Македонци, дека таму се собрале секакви надворешни елементи, т. е. Бугари, Грци, Срби и други..., дека целта им е да ни дадат еден силен отпор и да се зачуваат од нашите разбојнички посегања... За таа цел ќе се послужеле со слободниот капитал што ќе го чувале во Заемоспестовната каса на Македонците... Ќе го подготвувале бугарското општествено мнение за одделување на Македонија од Бугарија и полека-полека ќе воведувале зборови од охридското поднаречје што ќе бил литературен јазик на идната Велика Македонија, на чело на која ќе дојде некој од уредниците на Лоза во својство на Филип или Алексаднар.
  16. Земајќи повод од едно периодично списание „Лоза“, кое е издавано во Софија на словеномакедонски јазик, со правопис што не е бугарски, бугарскиот весник „Свобода“ блуе разрушувачки пени против Словеномакедонците во Бугарија и ги заплашува со прогони. И зошто сето тоа? Затоа што Словеномакедонците, измамени, ги напуштаат татковите огништа и се преселуваат во Бугарија, каде што, откако поодблизу се запознаваат со бугарскиот народ, со неговиот јазик, нарави и обичаи и откако согледуваат дека тие им се туѓи, ја осознаваат измамата и почнуваат да си го разработуваат својот мајчин јазик, издавајќи разни периодични списанија на него. Овој правец од страна на Словеномакедонците „Свобода“ го карактеризира како шлаканица врз панбугаризмот и откако го анализира јазикот и правописот на „Лоза“, утврдува дека јазикот на Словеномакедонците е неразбирлив за Бугарите, а правописот е сосема туѓ на бугарскиот...
  17. Студентите Македонци се зазедовме да се организираме во името на идејата да се самообразуваме и заемно да си влијаеме за да се подготвиме за задружна работа, кога бевме решиле по свршувањето на науките сите да се прибереме внатре во Македонија... Во Софија повеќе заемно се изучувавме. За Друштвото што се токмевме да го организираме, се изработуваше правилник... Во дружбата бевме главни Христо Попкоцев, Димитар Мирчев, Никола Дејков, Петар Попарсов и други. Токму тогаш стана убиството на (Христо) Белчев. Дојдоа апсења, ме уапсија мене и Никола Наумов поради наше соучество во Социјалистичката група... не држеа 15 дена затворени во Петтиот участок, не иследуваа и не пуштија. Дружбата ни се растури и поради тоа јас и Наумов, за да не не’ земат во војската, неколку дена по отпуштањето избегавме во Македонија.
  18. Зборник од документи и материјали Македонија (Софија, 1978, стр. 505)
  19. По нивна иницијатива отпрвин се образува на почетокот на деведесеттите години едно национално сепаратистичко движење со цел да се одделат интересите на Македонците од бугарските со воздигнување на едно од македонските наречја на степен на литературен јазик за сите Македонци. Орган на тоа сепаратистичко движење на Македонците во Бугарија беше списанието „Лоза