Прејди на содржината

Александар Линин

Од Википедија — слободната енциклопедија
Алескандар Линин

Александар Николов Линин (Кавадарци, 5 октомври 1908 - Скопје, 13 септември 1998) - истакнат етномузиколог, прв доктор по музички науки и истражувач на македонскиот музички фолклор.

Линин е еден од првите истражувачи, кој се издвојува со неговиот темелен и стручен научен пристап во проучувањето и елаборирањето на македонскиот музички фолклор, односно на вокалната и инструменталната музика, вклучително и на народните музички инструменти, со кои се служело населението во Македонија. Публикувајќи голем број научни и стручни трудови, кои се темелат на сопствените теренски истражувања и на истражувањата на странски фолклористи и етномузиколози, Линин произнесува значајни информации поврзани со вокалната и со инструменталната музика, како и со народните музички инструменти. Пред да се осврнеме на дел од научните достигнувања на Линин, ќе произнесеме негови биографски податоци, со кои се здобивме од текстот на професорот Сотир Голабовски.

Животопис

[уреди | уреди извор]

Роден во Кавадарци, неговата музикалност дошла до израз уште во раното детство слушајќи ги прекрасните македонски народни песни и свирки. Како средношколец и студент ја користел музиката како средство за борба, а по ослободувањето на татковината, музиката му станува предмет на научно проследување. Во потрагата по сигурна егзистенција, тој, иако бил посветен на музиката, при изборот на својата професија, во 1929 година се запишува на Техничкиот факултет во Белград каде што останува сè до 1932 година. Поради финансиски тешкотии, ги прекинал студиите и се вратил во родниот град, каде што се вработил како наставник по математика во тогашната Граѓанска школа. Како наставник работел три години за потоа да продолжи на студии на Природноматематичкиот факултет во Загреб. Во 1939 година пак се враќа во родниот град и продолжува на истото работно место. По враќањето во Кавадарци, активно учествува во музичкиот живот, како раководител на бројни аматерски друштва.

По ослободувањето Линин го презема раководењето на Одделот за народна музика при Радио Скопје, каде што останал до октомври 1945 година кога бил избран за наставник по физика во Средното техничко училиште останувајќи до 1958 година кога бил избран за асистент во Институтот за фолклор во Скопје. Во меѓувреме дипломирал на Природно-математичкиот факултет во Загреб, а во 1952 година ја завршил и Педагошката академија во Скопје – Оддел за музика. Во Институтот за фолклор работи до неговото пензионирање во 1974 година (Голабовски, 1999: 343). Со титулата доктор на музички науки, Александар Линин се здобива со темата „Македонскиот стих и напев“.

Првата внатрешна страница од делото „Народните музички инструменти во Македонија“

Достигнувањата на д-р Александар Линин не останале незабележани од голем број на југословенски научници, кои имале свое мислење за квалитативното ниво на етномузиколошката дејност на Линин од областа на етномузикологијата. Сотир Голабовски произнесува некои од нив:

  • Крешимир Ковачевиќ (Загреб) за објавенинот труд во Музичката енциклопедија вели:

Трудот на Алексанар Линин претставува вонреден придонес за македонската музика и младата македонска етномузикологија.

Тој претставува зафат кој идните генерации им отвора пат за подлабоко и поопфатно проучување на оваа материја.

Творештво

[уреди | уреди извор]

Во продолжение ќе ги наброиме објавените трудови до кои дојдовме преку нашето истражување поврзано со научните достигнувања на Линин. Објавените трудови ги даваме според годината на објавување, а ќе направиме и анализа на поместениот материјал во трудот Македонски инструментални орски народни мелодии во кој произнесува информации поврзани со народните музички инструменти во Македонија.

  1. Традиционална пракса у народној инструменталној музици Македоније (1963)
  2. Карактеристичне црте гајдарских мелодија (1963)
  3. Архитектоника македонског ора (1966)
  4. Песна и оро, два основна облика македонског музичког фолклора (1967)
  5. Белешки за вокалната музичка традиција во Битолско Поле (1968)
  6. Мелосот во народните песни за Гоце Делчев (1968)
  7. О музичким инструментима македонских Словена (1968)
  8. Мелодиката на Битолско-Охридската епика (1968)
  9. Зурлите во Македонија (1969)
  10. Гајдите на Балканот (1969)
  11. Инструменталните состави во македонската народна музика (1971)
  12. Гајде у Македонији (1971)
  13. Кон графичкото претставување на музичкиот фолклор (1971)
  14. Односот помеѓу мелодијата и текстот на македонските зимски обредни народни песни (1975)
  15. Македонски инструментални орски народни мелодии (1978)
  16. Тиквешки народни песни (1978)
  17. Специфичне конструктивне форме македонских народних напјева (1982)
  18. Македонскиот стих и напев (1983)
  19. Народните музички инструменти во Македонија (1986)
  20. Историскиот развој на народните музички инструменти на македонските Словени (1986)

Неколку трудови на Александар Линин, кои се презентирани на научни симпозиуми и се објавени во зборници се реобјавени во изданието на МАНУ „Историја на културата на Македонија“ Музиката на почвата на Македонија, Прилози за истражувањето на историјата на културата на почвата на Макдонија, Книга 7, дел I-II од 1999 година. Во ова издание на МАНУ, за нас – од големо значење, се опфатени следните трудови на Линин:

  • Полифоните форми во Македонија, стр. 241-245
  • Инструменталните состави во македонската народна музика, стр. 275-278
  • Музичките инструменти на македонските Словени, стр. 281-290
  • Зурлите во Македонија, стр. 301-304
  • Карактеристични црти на гајдарските мелодии во Македонија, стр. 331-317
  • Песната и орото – два основнни облици на македонскиот фолклор, стр. 319-326
  • Архитектониката на македонското оро, стр. 327-332

Надворешнa врскa и навод

[уреди | уреди извор]