Внатрешна македонска револуционерна организација (Автономистичка)

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од ВМРО (Автономистичка))
Прејди на: содржини, барај
Внатрешна македонска револуционерна организација (ВМРО)
Кокарда на ВМРО
Кокарда на ВМРО
Функционира 19191934
Водач Тодор Александров
Александар Протогеров
Петар Чаулев
Иван Михајлов
Цели Независна Македонија
Подрачја Пиринска Македонија
Вардарска Македонија
Егејска Македонија
Бугарија
Европа
Поважни дела Мајски манифест
Поголеми напади Атентат врз Ѓорче Петров
Атентат врз Александар Стамболиски
Кадрифаковски масакр
Горноџумајски случувања
Атентат врз Димо Хаџи Димов
Атентат врз Велимир Прелиќ
Марсејски атентат
Статус расформирана
Статут на ВМРО од 1928 година.
Најчесто користено знаме на ВМРО по 1920 г.

Внатрешна македонска револуционерна организација (ВМРО) — македонска револуционерна организација која постоела во периодот меѓу 1919–1934 година. По завршувањето на Првата светска војна започнало политичко групирање и организирање на македонската емиграција во Бугарија. Отука, кон крајот на 1919 година била формирана ВМРО, со Централен комитет: Тодор Александров, Александар Протогеров и Петар Чаулев. Главна цел на оваа организација била автономијата или независна Македонија, односно создавање на самостојна македонска држава [1].

По потпишувањето на Нишката спогодба помеѓу Кралството СХС и Бугарија, во март 1923 година, ВМРО зела активно учество во рушењето на бугарската влада на Александар Стамболиски. Во втората половина на 1923 година биле воспоставени врски и водени разговори со претставници на Советскиот сојуз, заинтересиран за создавање единствено македонско револуционерно ослободително движење. Притоа Тодор Александров подготвил и потпишал Проект за разбирање помеѓу ВМРО и Советската влада.

Преговорите водени во Виена завршиле со потпишување Декларација [2] на ЦК на ВМРО и на Мајскиот манифест [3] од страна на Александров, Протогеров и Чаулев. Под притисок на бугарската влада, првите двајца со Декларација на ЦК на ВМРО јавно се откажале од своите потписи. Тодор Александров бил убиен на 31 август 1924 година од припадници на ВМРО, војводите Штерју Влахов и Динчо Вретенаров. Раководството на ВМРО го презеле Александар Протогеров и Иван Михајлов. За убиството на Александров биле обвинети конкурентните организации од македонската емиграција.

За две години по настаните во Горна Џумаја (12. IX. 1924 год.), ВМРО убила редица истакнати македонски интелектуталци и револуционери, идејни опоненти како Димо Хаџи Димов, Арсени Јовков, Тодор Чопов и др. По наредба на Михајлов бил убиен и Александар Протогеров (7. VI. 1928 год), а ВМРО се поделила на Михајловисти и Протогеровисти и дошло до нивно меѓусебно физичко пресметувње. На VII конгрес на ВМРО (21. VI. 1928 год.) Михајлов официјално го презел раководењето.

Во програмската определба на ВМРО на Михајлов поимот автономна бил заменет со поимот независна Македонија во која живеат Бугари. Негова стратегиска цел била создавање на Македонија како втора бугарска држава.

Во април 1929 г. Македонскиот национален комитет контролиран од Михајлов и хрватските претставници потпишале Декларација за соработка и создавање Независна Држава Хрватска и Независна Македонија, како втора бугарска држава. По воениот удар од 19 мај 1934 година новата влада на чело со Кимон Георгиев распуштила Собранието и забрануила политичките партии, вклучувајќи го и ВМРО. Потоа, под водство на Михајлов, таа продолжила да дејствува во странство. На 9. X 1934 година, со заедничка акција на хрватските и македонски сили, бил извршен атентат врз кралот на Југославија, Александар I Караѓорѓевиќ. Се поврзала со нацистичките и профашистичките сили на Германија, Италија, Унгарија и Хрватска, со кои соработувала до крајот на Втората светска војна [4].

Содржина

Предисторија[уреди | уреди извор]

Турците, во 1913 година, ги пушеа своите наргилиња, не насетувајќи дека повеќе не се во зенитот. А токму таа година ја изгубија Македонија. Таа новост денес најверојатно нема да ви се стори којзнае колку интересна. Но се лажете, зашто токму тука е клучот на мојава прикаска. А тоа се случи вака: Бугарија, Србија, Грција и бившата Црна Гора во 1912 година му објавија војна на Отоманското Царство. Турците беа поразени. Бугарија не се задоволи со оној дел од Македонија, што сојузниците спогодбено ѝ го оставија. Таа се крена против нив и - ја загуби играта!!! Македонија беше разделена на три дела: грчки, српски и бугарски, а според мислењето на Бугарите токму овој последниот дел беше премногу мал. Во 1914 година Бугарија се надеваше дека новата војна ќе ѝ овозможи згоден момент за анексија на останатиите Македонии. Четиринаесет месеци размислуваше, а потоа ѝ се приклучи на онаа страна којашто ѝ ја вети таа анексија. Во 1918 година. Таа војувачка страна се урна, а под нејзините урнатини се најде и Бугарија. Уште еднаш, ете, Македонија ѝ се измолкна. Нашите револуционери, комитите, тогаш ја почнаа војната, не можеа да ја предвидат ниту победата на балканските држави, ниту распаѓањето на Турција. Па тие се бореа за независност на Македонија

Алберт ЛондрКомитаџии [5]
Христо Матов

По Илинденското востание дошло до поделба на Македонската револуционерна организација на две крила: Реформско и Конзервативна струја . Судирот кој настанал меѓу овие две струи кулмимнирал со серија на атентати од двете страни, врз високи претставници на македонското револуционерно движење.

Дефинитивниот раскол е легализиран со Ќустендилскиот конгрес од 1908 година. На овој Конгрес присуствувале само претставници на Конзервативна струја , а меѓу нив биле: Христо Матов, Христо Татарчев, Петар Ацев, Ефрем Чучков и други. На конгресот е усвоен уставот на ВМОРО без измени, но во општиот правилник биле направени значителни промени. Конгресот зазел став за натамошна врска со бугарската власт и примање на финансиската помош од бугарската влада, меѓутоа под услов да се почитува самостојноста на Организацијата, задржан е принципот за борба против вооружените пропаганди, прашањето за четничкиот институт и негово зачувување. Според Крсте Битовски со Ќустендилскиот конгрес од 1908 година и со претходно одржаното Советодавно собрание:

завршила и историјата на Mакедонската револуционерна организација - МРО (ТМОРО, ВМОРО) создадена во 1893 година [6]. Потоа почнува нова ера во македонското револуционерно-ослободително движење и се зодале услови за појавувањето ВМРО на Тодор Александров.

Кон крајот на 1909 година негативниот развој на Младотурската револуција доведуваа до преориентирање на некои деjци од Реформска струја. Меѓу Јане Сандански и Христо Чернопеев дошло до разединување и последниот со група дејци од Солунскиот, Струмичкиот и Серскиот револуционерни окрузи, а меѓу нив биле Тане Николов, Апостол Петков и други, на 4 мај 1910 година, оваа групација ја основале Бугарската народна македонско-одринска револуционерна организација. Друг обид за реактивирање на старата Македонската револуционерна организација е направен во мај 1910 година, од страна на Христо Матов, Христо Татарчев и штипските дејци Тодор Александров и Тодор Лазаров.

По разговорите во Софија на почетокот на 1911 година доаѓа до обединување на Конзервативната струја со БНМОРК и со дел од пораншниот ВМОК. Така во почетокот на 1911 година е избран нов ЦК во кој влегле: Тодор Александров, Христо Чернопеев и Петар Чаулев, а за резервен член бил избран врховистот Александар Протогеров, меѓутоа до целосно обединување со дејците на поранешниот ВМОК не било постигнато. Како резултат на овие преговорите помеѓу револуционерните дејци на поранешната Македонската револуционерна организација, доаѓа до обид за обновување на старата организација со прифаќање на со стариот устав, име и програмски документи.

Во предвечерието на првата балканска војна, Александров и групација околу него организирале серија на атентати против турските власти кој се познати како Магарешки атентати. Мошне сликовит опис на магарешките атентати дава Анастас Митрев, кој запишал:

Некаков македонски бедник, го натоварил магаренцето со две торби пченкарно брашно, оди на пазар... Го пречекува четата и, со пари или без пари, му го зема магаренцето, става во едната торба пеколна машина и еден од четниците, преоблечен во селска облека, тргнува со магаренцето кон пазарот. И таму, каде што се струпува турската сиромаштија, запира пропадавчот..., ги растоварува торбите... со викот евтино брашно! Даалиите се натрупуваат околу продавачот, секој посакува да купи евтино брашно за да ги нахрани своите гладни деца. Продавачот одвреме навреме го погледнува часовникот и, две-три минути пред избувнувањето на пеколната машина, ја прекратува продажбата за малу, оди да го види магаренцето, или по нужда и не се враќа повеќе. Пеколната машина експлодира и откинува некому рака, некому нога, некому глава од насобраната турска сиромаштија. Атентаторот жив, здрав и насмеан дека успешно си ја извршил дадената задача се врака кај четата на определеното место [7].

Пред самиот почеток на Првата балканска војна со наредба од 26 септември 1912 година сите чети и одреди на ВМОРО, формациски биле вклучени во составот на Македонско-одринското ополчение. Со тоа македонските и одринските одреди и чети станале дел од Бугарската армија и ја примиле нејзината организациона структура - одделенија, водови, чети. Со истата наредба, Штабот на партизанските одреди бил преименуван во Штаб на ополченските дружини, односно во Штаб на доброволните баталјони. За главен командант на Штабот е поставен генерал-мајор Никола Генев. Негов помошник е потполковник Александар Протогеров, а мајорот Петар Дрвингов е поставен за началник на Штабот. По добивањето оружје од бугарската армија, Македонско-одринското ополчение веднаш бил префрлен на фронтот во Тракија. На Тракискиот фронт Штабот на Македонско-одринското ополчение бил распуштен, а бригадите препотчинети.

На 19 јуни, 1913 година започнало Тиквешкото востание. Бројот на востаниците изнесува околу 1 000, од коишто 200 луѓе се обични граѓани коишто земаат пушка в рака, а останатите се комити од четите. Четите на Дончо Лазаров и Михаил Шкартов ги напаѓаат и ги протеруваат српските војски од Неготино.

Петар Чаулев
Тодор Александров, Христо Матов, Георги Мончев, Владимир Сланков и Никола Иванов во Димотика во Балканската војна.

Српските власти испраќаат свои чети од околните села кон Неготино, но сите тие се разбиени. На 20 јуни е одржано и свечено собрание на коешто е избрана и градска управа составена од 12 видни кавадарчани, а слободата траела само 7 дена. Во востанието загинале околу 1000 тиквешани од коишто на 500-тина имињата со сигурност им се знаат меѓу кои голем број мажи, жени, деца и старци биле убиени, заклани и живи изгорени.

Тодор Александров во неколку наврати преговарал со албанските првенци за борба против Србите и Турците, а како лидер на ВМРО уште во март 1911 година имал средба со членовите на албанските организации во Цетиње, Црна Гора. Резултат на средбите е меѓусебна спогодба, како и Охридското востание во септември 1913 година кое ВМРО го кренала против српските поробувачи, а во кое значајно учество земаат и албанските револуционери и патриоти. Востанието кое избувнало во југозападна Македонија раководено од Петар Чаулев, Павел Христов, Милан Матов и други зафатило широк простор меѓу Охрид, Кичево, Дебар и Струга, а слабите српски сили на овој терен, во првиот момент, не можеле да се спротивстават на македонско-албанските востаници. На 12 септември 1913 година, Петар Чаулев и Христов со своите чети влегле во Охрид. На 6 октомври 1913 година, Битолскиот окружен началник известува дека положбата во граничните реони се смирувала. Бунтовниците биле разбиени и се повлекувале во Албанија. Меѓутоа според Иван Катарџиев:

Тоа што ВМОРО на Тодор Александров била иницијатор на овие бранувања не менува ништо. Тој бил во најтесна врска со владата на В. Радославов и особено бил заинтересиран Бугарија да има силна влада способна да се бори за решавање на бугарското национално прашање во Македонија.

Бугарската влада на Радославов добила од Австро-Унгарија 25 милиони златни круни, а бугарската влада од своја страна ги дала на Тодор Александров. Со овие парични средства, со паролата за автономија на Македонија и антисрпското расположение кај раководството и четниците на ВМРО се започнало со подготовки за влегување на комитетски чети во оној дел од Македонија кој бил под српска власт. Четите на ВМРО, заедно со турски чети и потпомогнати од специјалисти за експлозив и пиротехника од Австро-Унгарија на 20 март (стар стил) 1915 година навлегле на територијата држена од српската власт и ја предизвикле Валандовската афера. Комбинираниот напад начетите на ВМРО и турските чети, потпомогнати од бил извршен токму во овој дел на Македонија на 20 март. Притоа првичната цел на нападот била да се изврши уништување на мостот преку кој поминувала железничката линија на реката Вардар кај станицата Удово за да се прекине снабдувањето на српската војска на линијата Солун-Скопје. Во нападот на трите утврдени српски пунктови кај Валандово, Пирава и Удово. На чело чети на ВМРО се наоѓале војводите: Ване Стојанов,Петар Чаулев, Љубомир Весов, Панајот Карамфилов, Тодор Петров, Никола Лефтеров, Туше Скачков, Христо Делчев и други, а нивниот број за време на нападот кај Валандово и Удово изнесувал околу околу 1000 души.

Тодор Александров во четничка униформа
Знаме на Единаесета серска дружина, главно знаме на Македонско-одринското ополчение[8]
Чета на Тодор Александров во Првата светска војна

На 20 март 1915 година ВМРО ја изведува Валандовската акција насочена против српската администрација во Вардарска Македонија со која демонстративно провоцира војна меѓу Србија и Бугарија. Јане Сандански жестоко се сптотиставил на оваа акцијата. Неговото спротиставување кон оваа акција, како и конфронтациjaта со Фердинанд и владата го ставаат во целосна политичка изолација. Иако Сандански бил амнестиран од Бугарскиот парламент во 1914 година, ВМРО на Тодор Александров не ја повлекла смртната пресуда од 1908 година. Неколку дена по Валандовската афера, по наредба на Тодор Александров и во согласност со Цар Фердинанд, тој е убиен. Убиството е извршено во месноста "Балтата", на патот меѓу Мелник и Неврокоп на 21 април 1915 година. Јане се здобил со 11 рани во заседа поставена од подрачната Неврокопска чета. Има претпоставки дека дека нападот бил организиран од воjводата Стојан Филипов, а за физички убиец се смета четникот Андон Качарков. Судот сепак ги оправдува поради недостиг на докази.

Во време на Првата светска војна, ВМРО на Александров привремено престанала да постои, а нејзините раководители, четничкиот и војводскиот кадар ја формирале т.н. 11 македонска дивизија, која броела над 30 000 луѓе со сопствен офицерски состав и се борела во рамките на бугарската војска. Во 1913 г. Александров е началник на разузнавачката служба на бугарските војски во Штип, а за време на Првата светска војна тој е член на Штабот на партизанските одреди на 11. Македонска дивизија како офицер за нарачки. Има средби со сите големи личности во тоа време, а со германскиот цар Вилхелм се среќава дури и два пати, добивајќи од него високи германски воени одликувања.

По потпишувањето т.н. Солунско примирје на 29 септември 1918 година, Царство Бугарија го прекратило своето учество во Првата светска војна. Во тоа време дел од структурите на поранешната Македонска револуционерна организација, целосно биле интегрирани во составот на бугарската армија, а по одлуката за демобилизацијата се распаднале. Вардарска и Егејска Македонија повторно биле вклучени во рамките на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците и на Кралството Грција.

Делови од Бугарија биле окупирана од страна на Антантата, со што Бугарија ја доживеала втора национална катастрофа, таквата сосотојба била верификувана со Нејскиот договор од 27 ноември 1919 година. Со овој договор, Бугарија изгубила дел од својата територија и правото да ги одржува свои вооружени сили. Александар Стамболиски, потписникот на договорот, се обидувал да ја извлече Бугарија од меѓународната изолација и започнува да одржува пријателски односи со ново основаното Кралството на Србите, Хрватите и Словенците. Таквата политика ја внела бугарската владата во конфликт со македонското револуционерно движење, особено со дејците на поранешното Конзервативна струја на старата Организацијата.

По преземањето на премиерската функција во октомври 1919 година, Александар Стамболиски започнал со подготовка на списоци за апсења на одговорните за влегувањето на Бугарија во војната на страната на Централните сили. Меѓу нив се нашле и македонските револуционери, генералот Александар Протогеров и Тодор Александров. Властите на Кралството СХС сметале дека тие се опасност за интегритетот на новата држава . Меѓутоа со помош на главниот полициски началник Антон Прудкин тие успеале да избегаат. По бегството, Александров и Протугеров започнале со основање на нова организација во Пиринска Македонија под името Внатрешна македонска револуционерна организација, под претекст дека ја возобновуваат старата Македонска револуционерна организација. Набргу ВМРО станала вистинска држава во држава во рамките на Бугарија.

Основање[уреди | уреди извор]

Целта на Организацијата си останува, како и досега: извојувањето на слободата – под форма на автономија или независност – на Македонија, во нејзините етнографски и економски граници.

Глава IПротокол на ЦК на ВМРО за востановување на дејноста по Првата светска војна од 11.06.1920 год. [9]
Расписка на Централниот комитет на ВМРО

На 20 декември 1919 година дејци на поранешната Македонска револуционерна организација одржале таен состанок во Софија на кој било решено да се возбнови старата Организацијата, меѓутоа доаѓа до основање на нова организација под името Внатрешна македонска револуционерна организација. Оваа средба била организирана од страна на последниот Централен комитет формиран во 1911 годинa, во состав: Тодор Александров, Петар Чаулев и Александар Протогеров (го заменил убиениот Христо Чернопеев). На 19 март 1920 година официјално било објавено дека старата Организација е возбновена. Името на организацијата е променото [белешка 1], бидејќи по војната во Западна Тракија била формирана посебна Внатрешна тракиска револуционерна организација (ВТРО) под лидерството на Тане Николов [10]. Против возбновувањето на организацијата во овој вид се произнеле повеќе поранешни дејци, меѓу нив бил и еден од основачите на Македонската револуционерна организација - Христо Татарчев, претставниците на Привременото претставништво на „поранешната Внатрешна организација“ и Македонската федеративна организација. Според Иван Катарџиев:

самиот процес на создавање автономистичка ВМРО и наметнувањето на Тодор Александров за нејзин раководител бил проследен со отпори. Во тоа време, Тодор Александров ја немал поддршката на емиграцијата. Против него и неговите наметливи методи застанала група ветерани на македонското национално и револуционерно движење. Александров и Протогеров биле обвинети за узурпаторство, а поентата на обвинувањата била дека без конгрес не може да се избира раководство, а таков не бил одржан од 1908 година. Со тоа што отпорот спрема Александров бил силен и немало шанса легално да биде избран на чело на ВМРО, за да се внесе страв кај противниците, некои од нив биле убиени [11]

ВМРО како македонска револуционерна организација се залагала за автономија на Македонија и заштита на македонското население. На 3 февруари 1920 година Тодор Александров, Александар Протогеров, Иван Каранџулов, Никола Стојанов, Георги Баждаров, Михаил Монев, Аргир Манасиев, Наум Томалевски и други учествувале на седницата на која била донесена одлука за враќање на четничкото делување во Вардарска и Егејска Македонија [12].

Во мај 1920 година организацијата располага со 17 чети во Вардарска Македонија и 5 во Егејска, составени од по 15 четници и тројца во резерва. Биле возбновени револуционерните окрузи - Скопски, Битолски, Струмички, Серски и Солунски, како и околиите и реоните. По целата граница на Бугарија со Македонија биле создадени пунткови кои биле одговорни за целата револуционерна дејност на ВМРО во внатрешноста. Во Горна Џумаја бил Иван Караџов, во Петрич Атанас Маџаров и Стојан Филипов во Неврокоп. Без да се свика конгрес Тодор Александров, Александар Протогеров и Петар Чаулев станале членови на ЦК на ВМРО, а за членови на Задграничното претставништво на ВМРО, второ по значење по ЦК, биле избрани Георги Баждаров, Наум Томалевски и Кирил Прличев.

Методи и делување[уреди | уреди извор]

За што, всушност, се работи? Се работи за тоа дека среде Европа, одвај четириесет и осум часа со воз од Лионската железничка станица во Париз, постои една организација, која е посилна од државата на чија територија дејствувала. Таа организција има свои закони, свој весник, своја полиција и свое судтсво. Таа собира даноци, прима пари од странство, осудува на смрт врз основа на својот произволен догматизиран морал. Таа страшна организација суверено владее со еден дел од државата, а на уставната влада не и дозволува да води ни внатрешна, ни надворешна политика, која не им конвенира на сваќањата на организацијата. Така, таа ја присилува Југославија да постави плетена жица на својата граница и караули по планинските врвови на источната граница и да ги држи под стража железничките пруги и мостови, како да е во војна. Ете такви работи извршува Внатрешната македонска револуционерна организација - ВМРО.

Алберт ЛондрКомитаџии [5]

1920-1924 година[уреди | уреди извор]

Четите имаа војвода, кој навистина го заслужи тоа име: Тодор Александров. А изгледаше како вистински ајдук! Неговата слика, која виси во секоја македонска куќа, го прикажва со тијара на главата, донекаде слична на фригиската капа. Тој беше последниот крал на планините. По него, веќе ниеден комитски војвода не се осмели да ги постави своите шатори на територијата на југословенскиот крал Александар. Како што едно време капетаните ги предводеа своите платеници, така тој во 1912 и 1915 година ги предводеше своите комити во судири и битки. Во 1919 година победниците и наредија на Бугарија да го фати и да го затвори како воен злосторник. Но нему му тргна по рака да избега и тој се засолни во своите ридишта, подготвен за нови подвизи. За него слободно може да се каже дека не се плашеше од никого, освен од своите поручници, кои горе-долу ги испоуби. Но, токму меѓу нив се најдоа негови ученици, кои еден убав ден го убија својот учител, по се изгледа само затоа, за да му покажат дека добро ја научиле неговата поука.

Алберт ЛондрКомитаџии [5]
Тодор Александров
Александров во четничка облека

ВМРО на Тодор Александров успеала да се наметне меѓу Македонската емиграција во Бугарија. Користејќи ги старите канали и врски од илинденскиот и предилинденскиот период, успеала да создаде разгранета мрежа, а територијата на Пиринска Македонија да ја претвори во своја база.

Со помош на офицерската лига во Бугарија, успеала да се снабди со поголемо количество на оружје и финансиски средства од одредени кругови во Бугарија и Италија. ВМРО создала поголем број на комитски чети и селска милиција по примерот на старата Организација, од кои првите имале за задача по претходно утврден план да вршат вооружени акции во Вардарска и Егејска Македонија, а милицијата да ја обезбедува нејзината доминантна улога во Пиринска Македонија.

Во почетниот период од нејзиното дејствување, односно до 1923 година, и покрај соработката со бугарските воени кругови, Организацијата оставила впечаток кај Македонците во сите делови на Македонија дека таа навистина стоела на позициите на независност и автономност [6]. Во овој период ВМРО, со мали исклучоци, не се мешала во внатрешниот политички живот на Бугарија. Таа имала затегнати односи со земјоделската влада на Стамболиски поради неговиот обиди за зближување помеѓу Бугарија и Кралството на СХС.

Таквата политика на Стамболиски, допоринела ВМРО да заземе непријателски став кон бугарската влада, бидејќи добрососедските односи помеѓу двете држави требало да се градат врз сметка на распуштањето на Организацијата, бидејќи таа со своето вооружено дејствување во Вардарска Македонија била непријател број еден за уставниот и државен поредок на Кралството на СХС. До тој временски период комитските упади со поголеми чети на територијата на Кралството на СХС и Грција и судирите со тамошните воено-полициски органи имале карактер на организирана вооружена борба, која била слична и имала континуитет со борбите во минатото на македонскиот народ [6].

Меѓутоа во почетокот на 20-тите години на 20 век, ВМРО започнала постепено да го напушта четничкото војување и постепено да го заменува со терористички дејствувања. Терористичката тактика била применувана од страна на старата Македонска револуционерна организација, меѓутоа таа се ограничувала на ликвидации на оделни лица, кои на одреден начин дирекно или индирекно се огрешиле кон македонското револуционерноп движење. Меѓутоа оваа терористичка тактика почнала сосема да се разликува од тероризмот и атентатите на ВМРО од почетокот на 20-те години, а тероризмот како метод на вооружено дејствување, во 30-те години на 20 век бил уосвршен од страна на ВМРО [6].

Постојат неколку причини за отфрлање на четничкото војување и прифаќање на тероризмот како средство за понатамошна борба. ВМРО започнала се повеќе да применува терористички методи поради обидите за зближување меѓу Бугарија и Кралството на СХС, меѓутоа и поради барањата на дел од дејците во македонското револуционерно движење да се свика конгрес и да се избере ново раководство на ВМРО [6]. На дневен ред било изнесено и прашањето за легалноста и законитоста на тогашниот ЦК во состав: Тодор Александров, Александар Протоѓеров и Петар Чаулев, со што се заостриле односите во македонското револуционерното движење. Нападите против раководството на ВМРО доаѓале од претставниците на т.н левица меѓутоа се појавило и разногалсије во самата Организација.

Четата на Стојан Лакавишки

Поделбите, разногласијата и непријателствата довеле до проблемите во македонското револуционерно движење да се расчистуваат по пат на терор и атентати [6]. Во почетокот по наредба на ЦК на ВМРО билке изведувани атентати врз поединци од македонското револуционерно движење, меѓутоа атентатите се засилиле по создавањето на Македонската федеративна револуционерна организација (МФРО), кога двете организации започнале борба за превласт во револуционерното движење. Во оваа вооружена борба, ВМРО поради поголемиот воружен потренцијал и подобрата организација, успеала да стекне превласт и да ги уништи базите на МФРО во Пиринска Македонија.

Вториот сегмент кој придонел ВМРО да го усоврши својот тероризам бил непријателски однос кон бугарската влада на Александар Стамболиски. Непријателство постепено се претворил во воружен судир, кој што во подоцнешните години се покажал како погубен за општествениот и политички живот во Бугарија. Владата на Стамболиски се обидела да ја растури мрежата на ВМРО, а самата организација на таквата акција одговорила со изречување на смртни пресуди на клучните фигури на земјоделската власт, министерот Александар Димитров и самиот бугарски премиер, кои подоцна и се отствариле [6].

Атентатите и убиствата врз претставниците на бугарската власт биле пресврт во историјата на терористичкото делување, поради нивната добра испланираност и суровоста на атентаторите, што дотогаш не било воопшто видено и познато во редовите на македонското револуционерно движење [6]. Непријателстството помеѓу двете страни било искористено од опозицијата која се подготвувала за спроведување на државен преврат во Бугарија. Кон овој план била придобиена ВМРО и таа за време на 9-то јунскиот преврат од 1923 година, застанала на страната на превратниците, иако раководителите на ВМРО тоа го негирале. По државниот удар, ВМРО во соработка со бугарски офицери, го ликвидирале соборениот премиер Стамболиски, со што се компромитирала самата Организација која се вклучила во бугарските внатрешно политички борби.

Кумановската и Скопската чета

Меѓутоа набргу ВМРО дошла во конфликт и со новата влада на Александар Цанков, по што уследила сериозната закана за физичка ликвидација на бугарскиот министер за внатрешни работи. И покрај ваквата затегнатост со новата бугарска влада, ВМРО за време на Септемвриското востание кое било организирано од Бугарската комунистичка партија, не зазела непријателсаки став кон бугарските власти. Оваа политика на ВМРО може да се објасни со нејзината антикомунистичката ориентација, која била пресудна ВМРО со своите чети да учествува во задушувањето на востанието [6]. Во текот на востанието, силите на ВМРО извршиле повеќе ликвидации на комунисти, а особено биле жестоки егзекуциите врз водачите на востаничките одреди, бидејќи не го почитувале претходно постигнатиот договор со ВМРО, да нема востанички дејствија во Пиринска Македонија. Востанието од страна на ВМРО било искористено за обезбедување на превласт во Пиринска Македонија, во што и успеала [6].

Во периодот помеѓу 1923-1924 година, ВМРО се обидела да стапи во контакт со Советскиот Сојуз, за да добие средстава и финансии, но таквата помош од советска страна била условена со барање за обединување на сите спротивставени страни во македонското револуционерно движење. Поради преговорите, раководителите на Организацијата наредила да престанат сите дејствија против македонски револуционери кои имале изречени смртни пресуди.

Во екот на контактите за да ја засили својата преговарачка позиција, ВМРО продолжила со своите комитски напади во Кралството на СХС и Грција, за да остави впечаток дека таа не е терористичка организација туку субјект којшто ги одразувал вистинските желби и стремежи на македонскиот народ за создавање на посебна македонска држава [6]. Во 1924 година бил ликвидиран Тодор Алексанров - водачот на ВМРО. Неговото убиство влијаело врз идната дејност на организацијата, која до неговото убиство, имала поголем степен на независнот и се обидувала да дејствува самостојно. Во периодт помеѓу 1920-1924 фодина, додека на чело на ВМРО стоел Александров, организацијата применувала извесни терористички акции меѓутоа претежно се служела со четничкиот институт кој претставувал континуитет од предилинденската и илинденската ВМРО [6]. Додека Александров бил жив тој успеал да го одржи единството во организацијата и да ја спречи борбата помеѓу поедините групи за превласт.

1924-1928 година[уреди | уреди извор]

И лицето на ВМРО веднаш се измени. Иван Михајлов раскинува со минатото. Тој е модерен човек, кој не сака живот во планина. А освен тоа, српскиот сосед ја затвори својата граница со густа бодликав ажица, па Ванчо, кој е инаку конте, не би сакал на жицата да си ги искине панатлоните. Вооружените чети ги замени со тројки. Отсега комитаџиите престојуваат во шумите само по тројца. И повеќе не ги среќавате по осамените планински патеки, туку по возовите. Границата ја минуваат како обични луѓе... Љубоморно ги чува територијалните придобивки, што ги спечали Александров, што значи дека Револуционерната организација и натаму владее како паша на бугарска Македонија. Под носот на регуларната влада, која мирно го гледа тоа, тој во целиот крај диктира свои закони, судии и осудува, ги извршува пресудите, државните чиновници ги заменува со свои, создава вооружени здруженија на младината, ги дозволува или забранува полските работи, ги контролира приходите на секој граѓанин, а потоа собира данок според наполно правен сооднос. Прави и повеќе: инаугурира ера на непријателство меѓу браќата...

Алберт ЛондрКомитаџии [5]
Ванчо Михајлов
Михајлов во четничка облека

По смрта на Александров може да се разграничат два периода. Првиот бил помеѓу 1924-1928 година, а вториот помеѓу 1928-1934 година. Овој временски период е значаен по тоа што македонскиот тероризам и поимот атентати бил поистоветуван и олицетворуван во постоењето на оваа организација, која што поради начинот на своето дејствување изгубила секаков континуитет со македонската револуционерна организација ВМРО [6].

Во перидот помеѓу 1924-1928 година, се водела борба за превласт во ЦК на ВМРО и тогаш се појавил младиот и амбициозен Иван Михајлов кој успела да победи во борбата и да постави основите на една чистот терористичка организација-ВМРО [6].

По доаѓањето на чело на ВМРО, Михајлов околу себе прибрал млади фанатизирани соработниоци кои што терористичкиот занает го научиле до совршенство. Во текот на Горноџумајските случувања во 1924 година, биле извршени повеќе ликвидации на македонски дејци под изговор дека тие биле вмешани во убиството на Александров. Овие убиства му обезбедиле водечко место на Михајлов во ВМРО. Под притисок на Михајлов, се повлекол Александар Протогеров, а третиот член на ЦК, Петар Чаулев одамна ги прекинал контактите со ВМРО и се наоѓал во странство. Михајлов таквата состојба ја проценил како погодна за заземање на лидерското место во Организацијата и тоа по пат на физички ликвидации.

Михајлов најпрво започнал со ликвидации на соработниците на Тодор Александров и интелектуалното крило во ВМРО. Атентатите биле добро подготвувани, имале однапред подготвен план и најчесто биле извршувани на јавни места од страна на еден човек. По убиството, Ванчо Михајлов преку Окружно ги наведувал причините за убиството, а постојано биле изнајдувани разни оправдувања, убиениот обично бил посочуван како предавник или нечиј шпион, кој имал за задача да ја уништи ВМРО [6].

Терористичките атентатии биле потајно одобрувани од бугарските власти бидејќи меѓусебните убиства го ослабувале македонското револуционено движење, а бугарската влада сметала дека преку подршката на Михајлов ќе ја контрлира македонската емиграција во Бугарија. Владата на Андреј Љапчев, а подоцна и другите бугарски влади, сметале дека ја имаат контролата врз ВМРО, меѓутоа реалната состојба во Пиринска Македонија била поинаква, тука ВМРО создала паралелна држава во овој дел на Бугарија [6]. Организацијата на чело со Михајлов успеала да се наметне како единствен фактор во Пиринска Македонија, не толерирајќи ги бугарските власти и организациите. ВМРО наметнала свои даноци, контролирала банки, имала свои политички пратеници во бугарскиот парламент и успеала да собере големи финансиски средства со кои купувала најсовремено оружје со што започнала да заличува на вистинска армија.

По наредба на Михајлов, ВМРО започнала да го менува начинот на воруженото дејствување во Вардарска и Егејска Македонија. Александар Протогеров истапил против таквата трансформација и се залагал за примена на четничкиот метод [13]. Меѓутоа и покрај спротиставувањето на Протугеров, Михајлов целосно ги прифатил методите на класичното терористичко дејствување, за кои сметал дека ќе постигнат подобри резултати [6].

Членови на ВМРО од селото Устово позираат со личното оружје, 1929г.
Трансформацијата и новиот начин на борба се состоеле во тоа што се отстапило од формирање на големи чети, за кои Михајлов сметал дека се неефикасни и лесно забележливи на теренот од полициските и воените формации и преминал кон формирање на помали групи, составени од три до пет луѓе, наречени тројки односно петорки. Тие биле облечени во цивилна облека, биле лесно подвижни и по извршените атентати на териториите на Кралството на СХС и Грција можеле успешно да ја поминат границата и да се вратат во своите бази во Пиринска Македонија под бугарска власт. Дури, за да не бидат препознатливи и кај бугарската власт, по наредба на Иван Михајлов, тие морале да ги избричат брадите, традиционален белег на четниците на ВМРО, а во бугарските градови заради конспирација, требало да бидат облечени во цивилна облека. Новиот начин на терористичко дејствување се покажал поефикасен, бидејќи при извршените атентати, посебно во Вардарска Македонија, атентаторските групи многу ретко биле пронаоѓани од страна на српската власт [6].

Членовите, четниците, атентаторите и терористите на ВМРО биле регрутирани од редовите на македонското емигранство и бегалците во Пиринска Македонија и Бугарија. Тие најчесто биле млади лица задоени со фанатичен македонски патриотизам и не биле запознаени со политиката на раководителите на Организацијата. Поголемиот дел од нив немале сигурна работа и постојано место на живеење поради сиромаштијата. Меѓу нив имало и интелектуалци кои цврсто верувале во идејата за автономна Македонија. Овие лица биле прифаќани од ВМРО и таа им обезбедувала престојувалишта и ги снабдувала со пари за да преживеат.

За возврат тие биле должни да ги извршуваат наредбите на раководителите, служење во четите, а подоцна учество во т.н. тројки и петорки, извршувајќи атентати во Вардарска и Егејска Македонија. Кога добивале наредба за ливидација на некој деец од македонското револуционено движење главен предуслов бил: тие да не ја познаваат жртвата, за која што цел постоел посебен човек, кој имал за задача да ја посочи потенцијалната цел, неколку моменти пред извршувањето на атентатот. Така постепено со текот на времето се создавала една посебна категорија на Македонци, кај кои за нивната вооружена дејност во ВМРО добивале плата и на тој начин настанала професијата-платен револуционер односно терорист [6].

1928 и 1934 година[уреди | уреди извор]

Не е убаво кога браќа се убиваат меѓу себе. Прво, тоа привлекува големо внимание врз себе, а второ, убиецот секогаш ризикуваше да ја налути и сопствената мајка. На таа мисла, бездруго, дошол и Иван Михајлов. Во Таа крвава игра Македонија губеше се, а не добиваше ништо... Иван Михајлов согледа дека на овој начин си ја запустува работата. Тој беше зафатен, така да се каже, со домашни грижи, а го запоставил историскиот дел од својата задача. Требаше да се бори само за Македонија на Македонците. Во текот на трите години откако го зеде в раце револуционерното знаме, единствено за што го користеше беше колку може подобро да се завитка во него и да се покрие. Александров барем одвреме-навреме ја поминуваше границата за да си ја потстриже брадата во српска Македонија... Но Михајлов, секогаш ги дразнепе Србите, остануваше надвор од оградата... Се разбира дека тој фрлаше бомби и подготвуваше атентати на поединци, што е исто така барем нешто. Но за угледот на еден ајдук сето тоа е сепак премалку. Ванчо Михајлов по својата надворешност повеќе прилега на канцелариски шеф, одошто на јунак на огнен коњ.

Алберт ЛондрКомитаџии [5]
Александар Протогеров

Овие неколку години претставувале период со најмногу меѓусебни физички ликвидации во македонската историја [6]. По ликвидацијата на Александар Протоѓеров, убиен по наредба на Михајлов, дошло до поделба на ВМРО на две крила - протогеровисти и михаиловисти, кои започнале да се истребуваат меѓусебно. На една страна се наоѓале приврзаниците на убиениот Протоѓеров кои во тие пресметки повеќе влегле изнудено и претежно се наоѓале во дефанзива, а нивниот начин на вооружено дејствување имал карактер на самоодбрана. На другата страна се наоѓале приврзаниците на Иван Михајлов, кои биле поенергични, подобро вооружени и со повеќе финансиски средства и затоа имале повеќе успех во извршените атентати [6].

Во текот на овие борби биле убиени повеќе од стотина македонски дејци од сите теченија на македонското националноослободително движење. Атентатите биле извршувани среде бел ден, не само во Пиринска Македонија, туку и во другите поголеми бугарски градови, меѓу кои и престолнината Софија. Во тие акти на тероризам не се бирало оружјето со кои тие се вршеле, а при тоа најчесто страдале и многу невини луѓе, поради фактот што тие се вршеле на јавни места. Во овие атентати најмногу настрадале припадниците на крилото на протоѓеровистичката ВМРО, пред се нејзиниот интелектуален дел, додека тие што не биле убиени под закана на такво нешто биле принудени да се повлечат и целосно да се пасивизираат.

Од атентатите на приврзаниците на Иван Михајлов не биле поштедени и тие што биле осудени на смртни казни, а се наоѓале во странство. Терористите на Михајлов ги извршувале смртните пресуди донесени од ЦК на ВМРО и во големите европски метрополи, а судските процеси што биле организирани против атентаторите најчесто завршувале на тој начин што егзекуторите биле ослободувани од обвиненијата поради врските што Иван Михајлов ги имал со владеачките кругови во западноевропските држави. Атентатите на ВМРО не биле насочени само кон идејни противници на Михајлов од редовите на македонското револуционерно движење, туку и кон поранешни бугарски државници кои биле осудени на смрт, пресудата била секогаш извршувана без разлика каде жртвите се обидувале да се засолнат. Во текот на ликвидациите, атентаторите биле ладнокрвни и смирени, а во своите подоцнежни изјави не покажувале знаци на каење за извршените убиства за кои сметале дека ги извршиле во интерес на ослободувањето на Македонија.

Михајлов за да ја оправда терористичката тактика, се оженил за жената која го извршило едно од најдобрите организирани атентати на ВМРО, ликвидацијата на Тодор Паница во Виена. Михајлов со тоа сакал да ги увери своите фанатични приврзаници во оправданоста на сите извршени атентати што ги испланирала оваа терористичка организација [6]. Паралелно Михајлов започнал со испраќање на терористи надвор од Бугарија, кои извршувале убиства и атентати, особено во Вардарска Македонија. Во овој дел од Македонија во 30 - тите години, поради терористичката активност на ВМРО, властите на Кралството Југославија концентрирале големи воено-полициски сили кои имале задача да фи спречат атентатите на ВМРО насочени врз владини личности и објекти од поголемо геостратегиско значење. ВМРО извршила атентати врз експонирани претставници југословенската власт, кој пак ги раздвижиле српските сили и тие го засилиле притисокот врз македонското население. Од објектите, терористите на ВМРО најчесто ги напаѓале:

кафеаните каде се собирале претставниците на српската власт, како и железничките пруги и композициите на возови, како патнички така и товарни, а секако заради меѓународниот одглас, посебно биле избирани екслузивните меѓународни возови. Во тие терористички напади на ВМРО, покрај материјалните разрушувања на српска страна, не ретки биле и човечките жртви. Од таа гледна точка може да се истакне дека покрај претставниците на српската власт, жандарми, војници, разни чиновници, гинеле и сосема случајни посетители на нападнатите објекти или обични минувачи, кои во моментот на експлозијата се нашле на тоа место. Во тие терористички напади, атентаторите на ВМРО, се со цел да се постигнат поголеми материјални разрушувања и повеќе човечки жртви, користеле т.н.пеколни машини, коишто за тој временски период претставувале експлозивни направи со голема разурнувачка моќ [6].

Акциите на ВМРО во Вардарска Македонија ги принудиле властите на Кралството Југославија да ангажираат голем број на полисико-воени едници но и да формираат разни полувоени формации, кои биле сосотавени од Македонци, поранечни членови на ВМРО или блиски до нејзините структури. Преку овие лива властите се обиделе да ја разоткријата мрежата на ВМРО и да ги ликвидираат оганизациските лица, а имало обиди за откривање на раководителите на ВМРО, вклучително и на Михајлов, но таквите обиди биле неуспешни. Откако властите на Кралството Југославија не успеале да се пресметаат со силите на Михајлов решиле да стапат во контакт со протогеровистите и да ги убедаат да преземаат дејствија против ВМРО на Михајлов, а преку југословенската амбасада во Софија, протогеровистите добиле поголема сума на пари. Властите на Кралството Југославија имале за цел:

поттикнување на вооружените меѓусебни пресметки помеѓу спротивставените струи во ВМРО, што од своја страна и одговарало заради слабеењето на силата на оваа организација и намалувањето на нејзините терористички акции на jугословенска територија[6].

Во 1934 година бугарската влада на Кимон Георгиев со закон го забранила постоењето на македонските емигрантски организации, меѓу нив и ВМРО. И покрај тоа што пониските структури на Организацијата очекувале од Иван Михајлов да издаде наредба за давање на отпор против таквата одлука на бугарската власт, тоа не само што не се случило, туку Михајлов наредил на мирен начин да и се предаде организационото оружје на органите на власта.

Акции и атентати на Тодор Александров 1920-1924 година[уреди | уреди извор]

Тој нема да го остави оружјето се дотогаш, додека Македонија не добие слобода. Неговата верба ќе издржи пред било што. Стари жени, деца, сите работат за ослободителното дело, сите се еднакво предадени на делото и умеат да ги чуват тајните што им се доверени. За комитите на Тодор Александров животот не значи ништо, кога се работи да се посвети за тоа свето дело, за слободата.

Коментар на публицистот Лонг06.01.1924 год.[14]

Вооружени активности вo Кралството СХС и Грција[уреди | уреди извор]

Во Македонија под српско ропство Организацијата си ја постави следната непосредна задача: Внатрешната македонска организација поради причини од внатрешен политички карактер и од тактички мотиви засега ќе содејствува наполно со сите, кои што се борат внатре по легален начин – врз основа на законите во државата и во согласност со другите поробени народности во Македонија и другите области на Југославија – за извојување на федеративно управување во Југославија со Македонија – рамноправен член во федерацијата... Во Македонија под грчко ропство, каде условите се многу различни и потешки, отколку во Југославија, Организацијата ќе има за главна и непосредна задача: да се зачува националната свест и името на бугарското население таму и да се најдат начини тоа да не емигрира – да не се примени договорот за „доброволно“ иселување, склучен меѓу грчката и бугарската влада, затоа што и без тоа бугарскиот елемент таму е значително разретчен од 1913 год. наваму.

ЦК на ВМРОПротокол на ЦК на ВМРО за востановување на дејноста по Првата светска војна [15]
Крсто Лазаров
Четата на Иван Барло

Во периодот помеѓу 26-30 јуни 1920 година започнала суштинската подготовка за возбновување на револуционерната дејност во Македонија. Од Албанија во Охридско, Дебарско, Битолско, Прилепско и Тиквешко се префрлиле четите на Александар Протогеров, Петар Чаулев, Трајко Павлов и Петар Мусев, кои со помош на локалните војводи започнале да се спротиставуваат на српските сили. Тодор Александров, Панчо Михајлов, Иван Јанев - Брлев, Симеон Клинчарски, Лазар Велков, Ефрем Чучков и Крсто Лазаров започнале да дејствуваат од источната страна на реката Вардар [16].

Од 4 декември 1921 година во Вардарска Македонија, според податоците на ВМРО, дејствуваале 11 илегални чети на исток од Вардар и 8 на запад, а бројот на илегалните револуционери изнесувал 1620 лица. Против овие сили на ВМРО дејствуваале српската армија, контрачетниците и српски колонисти.

Според податоците на ВМРО, во 1921 година се воделе 22 борби, а во 1922 година 56 борби, загубите на српските сили од јануари 1923 година изнесуваале 263 убиени и над 800 повредени војници, жандарми и контрачетници. Меѓу убиените имало 6 армиски офицери, 9 жандармериски офицери и 11 војводи од контрачетите. ВМРО изгубил 52 четници и 7 војводи, а 143 биле повредени. Во периодот помеѓу 1923-1924 година во Вардарска Македонија дејствуваале 53 чети на ВМРО, 36 влегле од Бугарија, 12 биле локални, а 5 навлегле од Албанија [17]. Вкупниот број на нелегалните работници, според податоците на ВМРО, изнесувал 3 245 четници, 79 војводи , 54 подвојводи, 41 секретари и 193 курири.

Лазар Велков
Четата на Дафко Данаилов

Тие воделе вкупно 119 борби, ивршиле 73 напади на административни и инфраструктурни цели, а српските сили игубиле 279 војници, 9 офицери и 16 војводи на контрачетите и жандармериски офицери. Биле повредени повеќе од 1 300 војници и офицери. ВМРО игубиле 56 четници, 7 војводи и 5 подвојводата. Уапсени биле вкупно 11 890 мирни граѓани, од кои 1 020 се убиени, а повеќе од 6 200 се осудени на затвор.

Во Егејска Македонија против грчките власти во исто време дејствувале 316 илегални револуционери распоредени во 7 чети: пет во Воденско, Леринско и Костурско (војводи биле Андон Качарков, Георги Хазнатарски, Иван Келпеков и др.) и по една во Солунско (Илија Дигалов) и Серско (Мито Илиев). Покрај четите, дејствувале 152 курири, кои биле директно подредени на ЦК на ВМРО. Четите дале повеќе од 20 борби со грчка армија и жандармерија. Грчките власти интернирале и затвориле стотина Македонци, а други биле насилно мобилизирани во грчката армија за време на Грчко-турската војна (1919-1922) [18].

Во Егејска Македонија, во овој период, дејствувале 24 чети и 10 локални разузнавачки групи од по 3-4 души. Вкупно 380 лица - 18 војводи, 22 подвојводата, 11 секретари и 25 курири, тие даале 42 борби и извршиле 27 атентати. Од грчката страна загинале 83 воени, меѓу кои 5 офицери и 8 андартски капетани, а 230 се повредени. Организациски луѓе ВМРО игубиле 20 четници и двајца војводи и 48 ранети. Грчките власти го засилиле притисокот врз мирното население, 600 души исчезнале, 8 000 души ги изгубиле имотите, се интернирани и мачени [19].

Атентати врз претставници на македонското ослободително движење[уреди | уреди извор]

Сите се едногласни во основниот слоган — независна Македонија, — но се појавуваат значајни разлики во содржината на овој слоган и начините за спроведување. Повторно како пред војните се формираат две главни струи во движењето. Едното, т.н. автономисти, ја претставуваат обновена по потпишувањето на Нејскиот мировен договор конспиративната Внатрешна македонска револуционерна организација (ВМРО) на чело со Тодор Александров и легалната Унија нa македонските добротворни братство. Тие се за усогласување со (бугарските б.н) општонационални интереси и со политиката на бугарската држава, кога таа не е во спротивност на интересите на македонските бугари. Освен тоа автономистите се за решителна, вклучително и вооружената борба против туѓото владеење во Вардарска и Егејска Македонија... Другото течение е претставено од Македонската емигрантска федеративна организација (МЕФО)... Во обид да ги убедат меродавните европски фактори, (истакнувале б.н) дека за нив слоганот Независна Македонија има стратешка, а не тактичка (како фаза кон обединување со Бугарија) содржина, премногу ја истакнуваале својата необврзаност со официјалната бугарска политика, дека патиштата на Македонија и Бугарија конечно се разделиле. Од истите причини федералистите постојано нагласуваат дека идејата за независна Македонија не може да се брани успешно од луѓе како Т. Александров, кои се компромитиран пред големите сили победнички како сојузници на кајзерова Германија и спроводници на политиката на цар Фердинанд и Васил Радославов за време на војната...

Васил Ст. ВасилевНаучна сесија, Тодор Александров - живот и дело [20]
Ѓорче Петров
Погребот на Таската Спасов-Серски

Уште при првите чекори на ВМРО, дел од македонските револуционери на чело со популарниот кратовски војвода Дончо Ангелов, Ефрем Чучков и други, истапиле како опозиција против Тодор Александров. Тие побарале пред да се започне со изградбата на организациската мрежа, да се свика конгрес на кој требало да се избере легално раководство, да се одредат целите и методите на претстојната борба. Меѓутоа Александров го одбил барањето и инсистирал најпрво да се изгради нелегалната организација, а потоа да се свика конгресот. Сите обиди за постигнување на договор биле неуспешни и станало јасни дека во суштина конфликтот е кој да ја раководи организацијата. Отука во почетокот на септември 1921 година двете групи започнале пресметки. Расколот во ВМРО попримил опасни форми и размери кои го довеле во прашање и самото постоење на организацијата.

На 28 јуни 1921 година, во Софија бил ликвидиран Ѓорче Петров, македонскиот револуционер и еден од идеолозите на старата Македонска револуционерна организација. Убиството било извршено од страна на Турчинот Реџеп, член на ВМРО. На денот на убиството Петров по излегувањето од работа се нашол во кафеаната на Иван Бандев, која се наоѓала на улицата Егзарх Јосиф. Во оваа кафеана Петров заедно Петар Чаулев, пиел ракија. Атентаторот влегол во кафеаната и откако Ѓорче Петров ја напуштил кафенана и тргнал дома, Реџеп започнал да го следи и пред поратата на неговата куќа, на улицата Тробарска го убил.

По ликавидацијата, истражните органи не можеле да го пронајдаат атентаторот бидејќи тој се криел во станот на Тодор Александров [6]. Неколку дена по атенататот врз Петров, неколку терористи на ВМРО, го изнеле Реџеп надвор од Софија и го егзекутирале. Целиот ЦК на ВМРО негирал била каква поврзаност со убиството на Ѓорче Петров.

Неговото убиство ги раздвижило македонските емигрански организации, а Националниот комитет на македонските братства го искоментирал убиството во својот печатен орган Македонија. Зад атентатот на Ѓорче Петров веројатно стоела ВМРО на Тодор Александров, иако последниот тоа го одрекувал, а мотивите биле личната нетрпеливост меѓу двајцата, како и разликите што помеѓу нив постоеле во однос на начините и методите на борба и патиштата за решавање на македонското прашање[6].

На 5 октомври 1921 година, Дончо Ангелов добил писмо од Тодор Александров во кое тој го поканил да дојде во Кратовско за да ги отпочнат подготвителните работи за претстојниот конгрес, при што кратовскиот војвода се согласил и тргнал на договорената средба со 4 четници придружба. Тој пристигнал во селото Саса и во една селска куќа се сретнал со Тодор Александров. Во еден момент кога сакал да излезе надвор од куќата, 4-5 души четници на чело со штипскиот војвода Иван Јанев - Брло, кои биле со Александров, му се нафрлиле и го обезоружале Ангелов и неговите придружници, при што тој бил изведен надвор од селото и бил убиен. Од своја страна, раководството на ВМРО, убиството го објаснувало со разбојничката активност што, според нив, кратовскиот војвода ја преземал врз македонскиот народ од тој крај [6].

Стојан Мишев
Александар Станишев

Во 1921 година бил убиен и Митруш Циклев, брат на Григор Циклев, којшто најпрвин бил војвода на ВМРО, за потоа преку т.н. федералистички чети, премине во српска служба. Атентатот бил извршен од терористи на ВМРО, по што се создала опозиција против Тодор Александров во која влегле неговите довчерашни блиски соработници Григор Циклев, Славе Иванов, Стојан Мишев и други [6].

Противниците на Александров преминуваат кон федералистите и во април-мај 1922 година формирале нелегален Централен револуционерен Федеративен комитет во состав Крум Зографов, Александар Панов, Григор Циклев, Вељко Мандарчев и др. Комитетот имал и Задгранично претставништво, во кое влегувале д-р Филип Атанасов и дотогашните најблиски соработници на Тодор Александров, Славе Иванов и Стојан Мишев. Во април 1922 година била организирана специјална чета на чело со војвода Крсте Зографов, четата имала за задача да го ликвидира Тодор Александров, кој се наоѓал во Вардарска Македонија, меѓутоа четата била прунудена да се повлече во Пиринска Македонија откако Крсте Зографов загинал во борба со една српска потера.

Федералистите со подршка на земјоделската влада успеале да ги заземат Неврокоп и Ќустендил. Меѓутоа во октомври и декември 1922 година, ВМРО презела две акции со кои ги уништила силите на федералистите во овие два града, по што ја воспоставиле својата контрола. Во октомври 1922 година, Александров испратил ултиматум до федералистите во кои побарал прекинување на нивните акции против ВМРО. Некои од федералистите го прифатиле ултиматумот, а оние кои одбиле биле ликвидирани со што Александров успеал да се наметне како главен фактор сред македонското револуционерно движење.

Во текот на втората половина на 1923 и првата половина на 1924 година продолжиле атентатите врз поединци од македонското револуционерно движење. Смртните пресуди изречени од ЦК на ВМРО сега продолжиле да се извршуваат врз преостанатите позначајни преживеани личности од македонското движење блиски до Серчаните, но и врз водачите на федеративното движење.

Архитектот Никола Јуруков, македонски деец, еден од водачите на Македонската емигрантска федеративна организација (МЕФО) бил убиен во една софиска кафеана во 1923 година од страна на атентатор на ВМРО.

На 8 јули или есента 1923 година во Софија бил ликвидиран Таската Спасов - Серски. Убиството било извршено при неговата операција на слепо црево од страна на професорот Станишев, човек близок до ВМРО, при што Спасов, исечен бил оставен да искрвари и да умре на операционата маса [6]. На 26 мај 1924 година од атентатор на ВМРО во Софија, среде бел ден бил убиен Милан Грашев, федералист и автор на брошурата Мафиите и катастрофитe.

На 30 јули 1924 година за време на пазарен ден во Виница бил убиен Мите Соколарски-Суџукаро, кој едно време бил војвода на ВМРО, потоа федералист, за да на крај премине во српска служба. Атентатот бил извршен од луѓе на ВМРО со осум истрели од револвер, при што атентаторите фрлиле бомби меѓу пазарџиите и успеале да побегнат [6].

Атентати врз претставници на опшествено-политичкиот живот во Бугарија[уреди | уреди извор]

Секој член на владата, секој партиски шеф, секој интелектуалец кој е на кој и да е начин вмешан во револуционерната организација... потоа секој независен новинар, секој академски образован човек кој мисли со своја глава, секој кој се наоѓа на истата позиција или е на некој друг начин е замешан во некаков заговор во Бугарија: со еден збор, кога ќе излезе од дома, па макар да оди и на забар, секоја јавна личност се става под заштита на два добро подмачкани револвера.

Алберт ЛондрКомитаџии [5]

Атентат врз Никола Генадиев[уреди | уреди извор]

Имам сведоштва дека д-р Никола Генадиев планира заедно со земјоделците да го врати стариот режим на дружбашите што ќе биде на штета на големото македонско ослободително дело

Тодор АлександровОдговор до Султана Петрова [21]

На 30 октомври 1923 година бил извршен атентат врз бугарскиот политичар и еден од основачите на новата партија Народно единство, д-р Никола Генадиев во Софија. На денот на убиството Генадиев со Иван Гешов излегле од Јунион клуб и тргнале кон своите домови. На аголот на улиците Шипка и Кракра тие се готвеле да се разделат, кога убиецот, којшто ги следел, истрелал 6 куршуми кон нив, при што Никола Генадиев паднал мртов, а Гешов бил ранет. Извршителот во метежот успеал да побегне со помош на автомобил на министерството за војна. Атентатот бил извршен од терористот на ВМРО, Димитар Стефанов, од политички причини и со помош на Воената лига во Бугарија [6].

Ликвидација на Александар Димитров[уреди | уреди извор]

Знајте го следното: никој не може да ми го одземе правото да располагам со својот живот како што ќе најдам за добро, и во рамките на моите можности и сваќања да и служам на мојата поробена татковина.. Кој ќе се обиде да го стори тоа, уверен сум, - благодарение на закрилата на Провидението и на поддршката на организираното македонско население, - во секој случај ќе си ја скрши главата.

ПРВО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕПисмо до министерот за внатрешни работи А. Димитров [22]

Мотивот за убиството бил непријателствата и вооружените судири помеѓу ВМРО и бугарската земјоделска влада, што ескалирале до степен на вистинска војна. На еден состанок на раководството на ВМРО во Ќустендил им биле изречени смртни пресуди на бугарскиот премиер Александар Стамболиски и Александар Димитров, министер за внатрешни работи во земјоделската влада.

На 22 октомври министерот во придружба на Ото Нехелес, управник на земјоделскиот народен магазин, чешкиот инженер Марек и телохранителот Методи Георгиев, патувал со автомобил за селото Горно Козница, па оттаму кон градот Ќустендил. Меѓутоа тие налетале на заседа која била поставена од од страна на штипскиот војвода Иван Јанев-Брло и неговите четници. Врз автомобилот во кој патувале биле истрелани неколку куршуми. Министерот Димитров бил погоден во слепоочницата, а биле убиени и останатите од придружбата, освен Ото Нехелес, кој што успеал да се спаси. Атентаторите со ножеви го избоделе телото на Александар Димитров и му го пресекле гркланот [23].

Атентати врз Александар Стамболиски[уреди | уреди извор]

Од 1919 до 1923 година владееше Стамболиски, па во Бугарија не цветаа рози ни за ВМРО, ни за офицерите. За основа на својата политика тој селски диктатор го прифати Нејскиот договор и сојузот на својата земја со Југославија... Станболиски му подаде рака на Белград, вртејќи им грб на македонските револуцуционери. Уште повеќе, бившите политички партии умираа од најкрвавата жед, од жеда за власт. Тие три незадоволни групи склопија сојуз меѓу себе. И секоја презеде дел од работата... Офицерите го кутнаа бикот, а комитаџиите ќе го дотолчат. По нивна наредба Стамболиски си го ископал сопствениот гроб. Четворица специјалци му ги исекле ушите и носот. Најпосле го дотепал оној којшто се гордее со името - војвода од Скопска Црна Гора. Некои Бугари тврдат дека четворицата потоа му ја отсекле главата на диктаторот и ја однеле во Софија за да му ја покажат на царот, но такви работи веќе не се случуваат уште од времето на Ирод... Или сепак ?

Алберт ЛондрКомитаџии [5]
Народниот театар во Софија

Обидите на Александар Стамболиски за подобрување на односите помеѓу Кралството на СХС и Бугарија предизвикале незадоволств сред македонските средини, особено во ВМРО. На сметка на Стамболиски оделе и обвинувањата на бугарската опизиција која му забележила дека тој премногу настојувал со своите постапки да му се допадне на Белград и дека во однос на споровите во редовите на македонското револуционерно движење ја зазел страната на федералистите [6] . На овие обвинувања бугарскиот премиер ја бранел неговата политика за подобрување на односите помеѓу двете држави и го осудил секој поединец од власта:

којшто сака да си создава врски со македонствујушчите [24].

Во понатамошното свое излагање Бугарскиот премиер исткнал дека дури и Македонија да добие автономија, четниците на ВМРО таму ќе се истебеле за неколку години. Според него, бугарската влада немало да попушти пред заканите за физички ликвидации, како што пред слични закани во 1915 година отстапиле царот Фердинанд и тогашниот премиер Васил Радославов и ја втурнале Бугарија во национална катастрофа. Бугарскиот премиер отворено истапил против какви било комитски акции на ВМРО и тој сметал дека таквата нелегална дејност ќе ја уништи Македонија, наместо да ја ослободи. Стамболиски го повторил својот став за подобрување на односите помеѓу Кралство на СХС и Бугарија, нагласувајќи дека:

четниците и македонствујушчите со своите лудости само штети правеле на бугарскиот народ [24].

Стамболиски јасно им ставил до знаење на раководителите на ВМРО дека бугарската влада не се откажува од својата политика за зближување помеѓу Бугарија и Кралството на СХС. Отука ВМРО почнала да кова планови за ливидација на бугарскиот премиер.

Погоден момент за извршување на атентат врз премиерот бил 65 годишниот јубилеј на современата бугарска драма и 15 годишнината на Народниот театар во Софија, на чие чествување било предвидено да гостува и Александар Стамболиски. На 4 и 5 февруари 1923 година во истиот објект треабло да се одржи Вториот конгрес на славјанските театри на кој присуствувала и делегација на кралство СХС.

На 4 февруари во Народниот театар во присуство на бугарскиот цар, високи бугарски државни и дипломатски претставници бил изведен неуспешен атентат врз Александар Стамболиски од страна на терорист на ВМРО. Терористот Асен Даскалов, во моментот на средината на дејствието на пиесата Михалаки чорбаџи, од растојание на деветиот ред на седиштата успеал да фрли сферична бомба во ложата во која што се наоѓале претседателот на владата и некои владини функционери: Ц. Церковски, П. Јанев и Александар Обов, но благодарение на предупредувањето на една жена, тие успеале навреме да ја напуштат ложата и да се спасат. Интересен е деталот дека во тие критични моменти, според пишувањето на бугарските весници за настанот, царот ја задржал присебноста и ладнокрвноста, така што ја смирувал исплашената публика, за што добил овации од сите присутни во театарот [6] [25].

По атентатот Асен Даскалов успеал да побегне, а ВМРО дала објаснување дека акцијата за ликвидација на бугарскиот премиер е преземена поради обидите за зближување помеѓу Бугарија и Кралството на СХС, политика која ВМРО ја сметала за непријателски чин кон самата Организација и решавање на македонското прашање. И покрај неуспешниот атентат, ВМРО набргу успеала во својата намера да го острани Стамболиски од бугарската политичка сцена.

Локацијата на која Александар Стамболиски бил затворен и мачење
Крвавиот натпис од Александар Стамболиски пред неговата смрт

Ноќта на 8 спроти 9 јуни 1923 година во Софија дел армиските сили под раководство на Воениот сојуз извршиле државен удар. Утрото на 9 јуни генерал Лазаров и Дамјан Велчев со помош на питомците од Военото училиште и софискиот гарнизонот ги зазеле сите стратешки точки во главниот град на Бугарија и биле уапсени сите министри од земјоделската влада. Во текот на државниот удар Стамболиски се наоѓал во Славовица, во близината на градот Пазарџик. При обидот за уапсење на бугарскиот премиер, од страна на поручникот Попов, дошло до воружена престрелка помеѓу првирзнаниците на Стамболиски и пучистите, при што последните биле принудени да се повлечат. Меѓутоа обидот на Стамболиски да ја поврати власта бил неуспешен. Отука генералот В'лков издал наредба [6] за испраќање на специјален одред кој требало да го зароби Стамболиски жив. На чело на тој одред биле поставени полковникот Славејко Василев и капетанот Иван Харлаков [6]. При обидот да помине низ селото Голак, Стамболиски бил препознаен и заробен, по што бил пренесен во Пазарџик. Таму пристигнала телеграма од Софија во која имало наредба дека судбината на сега веќе поранешниот бугарски премиер се наоѓа во рацете на Иван Харлаков, по што Стамболиски бил преместен во вилата во родното село Славовица, каде што бил измачуван. За понатамошниот тек на настаните постојат две верзии. Според едната:

главната улога во тоа ја имала ВМРО... Главен инквизитор бил скопскиот војвода на ВМРО, Величко Велјанов- Чичето, заштитен и обезбедуван од 30-тина четници на Организацијата... [6].

Според втората верзија:

... пресуден збор за судбината на Александар Стамболиски имал капетанот Харлаков. По негова наредба Стамболиски од неговите мачители најпрвин бил навредуван, понижуван, пцуен и омаловажуван, а потоа започнале физичките измачувања со немилосрдно тепање... Суровостите на крај завршиле со тоа што мртвото тело на Александар Стамболиски било исечено на 75 парчиња [6].

По ликвидацијата телото на Стамболиски било закопано во неговото лозје, меѓутоа подоцна било откопано и закопано на тајна локација. Во вилата на Стамболиски биле пронајдени француски и швајцарски франци во вкупен износ од околу 18 милиони левови, 4 милиони биле внесени во Бугарската Народна Банка, еден милион отишол во касата на ВМРО, а останатите потонаа во нечии длабоки џебови [26].

За ликвидацијата Стамболиски има уште една верзија која не доволно истражена, а таа е заоснована врз кажувањата на капетанот Иван Харлаков. Според него, тој лично ја пресекол главата на Стамболиски и ја однел во Софија, меѓутоа не кажал на кому му ја однел глават [27]. Според едно мислење главата била однесена во Софија, била шпиртосана и оставена да биде земена од тој што ја нарачал, додека според други таа била однесена некаде во странство, запалена, а пепелта била вратена назад во Бугарија, каде била и закопана. Главна улога во ликвидирањето на Стамболиски имал Воениот сојуз, меѓутоа таквите политички случувања биле искоритени од Александров и ВМРО да се ослободат од својот непријател со што дирекно биле вмешани во овие случувања.

Атентат врз Рајко Даскалов[уреди | уреди извор]

Од левата страна одеше Босолов, од десната Бојаџиев. Јас на десетина чекори зад нив. Улица беше пуста. Одевме по удолнината со брзи чекори. Излеговме на улицата "Холечкова". Зад себе чув чекори. Токму кога се свртев, брзо ме помина еден човек и веднаш почна да пука. Скокнав кон него и го фатив одзади.

Малинов, телохранител [28]
Рајко Даскалов

Мотивите за атентатот биле непријателските односи помеѓу бугарската земјоделска влада и ВМРО, како и претходно изречената смртна казна од страна на ВМРО. Во фервруари 1923 година, Стамболиски формирал нова влада, меѓутоа Даскалов не влегол во неа и бил испратен за полномоштен министер на Бугарија во Прага. Најверојатно Стамболиски сакал да го заштити својот добар пријател и соработник од обидите на ВМРО да изврши атентат врз него. Во март 1923 година, ВМРО донела смртна пресуда за Даскалов под број 375 врз основа на обвинението дека тој преку т.н. Владајско востание, пред крајот на Првата светска војна, придонел за неправеден мировен договор по однос на Македонија и обвинение дека се борел да се ликвидираат водачите на ВМРО.

Даскалов веста за 9-то јунскиот преврат ја примил во Прага и од таму почнал да дејствува како заменик на веќе ликвидираниот Стамболиски. Веројатно по барање на Воената лига, со која ВМРО била поврзана, било решено да се активира смртната пресуда против Рајко Даскалов и за таа цел во Прага под името Атанас Николов бил испратен македонскиот терорист Јордан Цицонков да го изврши атентатот.

На 26 август, Рајко Даскалов со уште двајца пријатели, Георги Босолов и Иван Бојаџиев, се движел по улицата Холечкова, во предградието на Прага кон својот стан. Во тој момент одзади му се доближил еден млад човек, кој од непосредна близина истрелал три пати кон Даскалов, а се слушнал и четврт истрел кога врз атентаторот се нафрлиле Босолов и еден таен агент задолжен за безбедноста на поранешниот бугарски функционер. Сите куршуми ја погодиле целта: првиот ја погодил левата задна страна од телото и ги ранил слепото црево и левиот бубрег, вториот куршум го погодил Даскалов во десната задна страна и излегол преку градниот кош, а третиот поминал низ левото бедро [29].

По извршениот атентат, Цицонков бил фатен изведен пред суд, меѓутоа бил ослободен од обвиненијата но било организирано ново судење на кое му била изречена казна од 20 години затвор. На 26 јануари 1926 година, Цицонков се самоубил во затворот.

Убиства за време на Септемвриското востание[уреди | уреди извор]

За време на Септемвриското востание на БКП во Бугарија во 1923 година, меѓу поголемиот број на убиени комунисти-Македонци од страна на ВМРО бил убиен и внукот од сестра на Гоце Делчев, Тодор Чопов, македонски деец од левицата и член на БКП. Востанието требало да се крене веднаш по 9-то јунскиот преврат, меѓутоа по големите спорови и дискусии по ова прашање, на крајот под влијание на Коминтерната, за да се исправела претходната грешка, било испланирано востанието да се крене во месец септември. Во ова востание организирано од БКП учество зеле членови-комунисти, како и приврзаници на соборената земјоделска партија на поранешниот премиер Александар Стамболиски. Тоа имало подршка и кај македонскиот народ во Пиринска Македонија, пред се кај членовите и симпатизерите на БКП. БКП пред почетокот на востанието се обидела да ја привлече на своја страна и ВМРО или ако тоа е невозможно, барем да ја неутрализира. Таквата возможност се гледала во создавањето на едно лево течение, внатре во Организацијата, кое било предводено од бивши членови на Серскиот револуционерен округ, блиски до Јане Сандански, како и членови на ВМРО на кои им биле блиски комунистичките идеи.

Предавствата и атентатите во македонската историја [6]
Алеко Василев Пашата
Уапсени востаници во есента 1923 во Враца

Пред почетокот на востанието ВМРО водела преговорите со Бугарската комунистичка партија и ветила дека ќе остане неутрална за време на востаничките дејствија и ако тоа успее, ќе ја признае новата комунистичка власт. Но како услов за својата неутралност раководителите на ВМРО го поставиле барањето во Пиринскиот дел на Македонија да нема востанички акции.

Меѓутоа и покрај тавиот договор, по започнување на борбите еден одред од околу 130 вооружени луѓе на чело со Тодор Чопов и Димитар Ацев се упатил кон бугарскиот град Дупница на помош на востаничките сили, придржувајќи се на договорот да не се разгорува борбата во Горна Џумаја и другите околии во Пиринска Македонија, меѓутоа откако добиле известување дека востанието во Дупница било прекинато, одредот се поделил на неколку групи, од кои една заминала за Разлог, а другата за Горна Џумаја.

Набргу локалните раководители на востанието донеле одлука да влезат во преговори со раководството на ВМРО, при што организацијата требало да се обврзе дека ќе ги поштеди животите на востаниците. Преговорите помеѓу востаниците и ВМРО започнале на 24 септември при што бил постигнат договор според кој востаниците го предале оружјето, со ветување дека нема да бидат убиени. Договорот влегол во сила на 25 септември, така што борбите завршиле, а единствено група востаници, меѓу кои Атанас Стајков, Георги Рачев и Георги Караџов не го предале оружјето и создале нелегална чета, која дејствувала на Рила планина.

Иван Караџов

По овие настани започнало преследување од страна на власта врз учесниците во Септемвриското востание, во што се вклучиле и вооружените чети на ВМРО, при што им биле изречени смртни пресуди на поголемиот дел од водачите на востанието, но благодарение на наклоноста на Алеко Василев - Пашата, дел од нив се спасиле. Од страна на четите ВМРО биле убиени: браќата Борис, Кирил и Димитар Костовски од село Кочариново, Коста Сандев од село Зарево, Солунско, Никола Иванов од Хисарлак, Сотир Лазаров и Јанчо Хајдушки од Горна Џумаја, Игнат Николов од Цариброд, Васил Коритаров од Босилеградско, Ташко Малев, Јордан Клинчаров и Атанас Георгиев од Горна Џумаја, Иван и Георги Савов од Ќустендил, Стефан од Одринско, Петар Ичков од Горна Џумаја, Петар Здравков од Велес, Евгениј Георгиев, Сотир Календерски и Иван Марков од Горноџумајско, Никола Тодоров Нучков и Стојко Стоилов од Горна Џумаја, Ристо Стојков, Ѓорѓи Иванов Хаџијски, Борис Давитков, Илија Катачки, Методи Мазнев, Петар Димитров, како и раководителот на разлошката востаничка чета, Тодор Чопов. Како причина за овие убиства од страна на ВМРО било наведено непочитувањето на договорот помеѓу ВМРО и БКП од последната за неширење на востанието во Пиринска Македонија.

Во текот на овие настани од страна на припадниците на ВМРО, Михаил Монев (зет на Тодор Александров), Васил Мечкуевски и Иван Караџов во Горна Џумаја биле убиени комунистите: Димитар Ацев -учител, Никола Лисичков - адвокат и нотарот на градот Стефан Велинов. Ноќта меѓу 9 и 10 октомври 1923 година на старите врби кај мостот во центарот на Горна Џумаја биле направени четири бесилки за Ацев, Лисичков, Велинов и Илија Илиев. Првите тројца биле обесени, додека Илиев, кој бил тешко болен, терористите од ВМРО не можеле да го довлечкаат до бесилката и го убиле пред својот дом.

Мајски манифест[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Мајски манифест.

Долго време македонскиот народ, верувајќи во ослободителните стремежи на великите европски сили и малнте балкански држави спрема Македонија, ги беше насочил своите погледи кон нив и го очекуваше своето ослободување преку нивна интервенција. Сообразно со тоа, ВМРО ја беше насочила целата своја дејност да го издигне гласот на страдалниот македонски роб до ушите на идните свои ослободители, да го привлече нивното внимание, да го предизвика нивното мешање, да го исползува натпреварувањето на нивната палитика и по тој начин да ја истргне слободата на Македонија...

Мајски манифест [3]
Димитар Влахов

Сложената политичка ситуација во Бугарија и конфликтите со повеќето политички струи го натерале Александров да бара нови сојузници. Во јули 1923 година, ВМРО ги испратила Михаил Монев и Димитар Влахов во Москва на преговори со СССР и Коминтерната за подршка на револуционерното движење во Македонија. Како резултат на овие прегови на 9-ти април 1924 во Виена претставниците на ВМРО, Петар Чаулев и Димитар Влахов, Соломон Голдштајн (Черски) претставник на СССР и Коминтерната, Никола Харлаков претставник на БКП и Филип Атанасов претставник на Македонската федеративна организација, потпишале декларација за соработка.

На 29 април 1924 година тројцата претставници на ЦК на ВМРО ја потпишале Декларација за обединувањето на македонското ослободително движење и присоединување на ВМРО кон балканксиот револуционерен фронт. На 30 април ЦК на ВМРО и ЦК на МФО го потпишале и Протокол за обединување на македонското револуционерно движење. Документите не требало да бидат објавени. Поради тоа ЦК на ВМРО решил преку манифест да објави за помирувањето во македонското револуционерно движење и принципите врз кое тоа е заосновано. Додека се уште се разгледувал конечниот текст на манифестот, Александров заминувал за Лондон, а во негово отсуство го заменувал со право на советодавен глас Димитар Влахов. На 6 мај 1924 година во Виена бил потпишан мајскиот манифест на ВМРО од Александар Протогеров и Петар Чаулев, кои биле овластени да ги водат преговорите и да ја претставуваат организацијата. По неговото потпишување било одлучено тој да биде објавен.

Меѓутоа Александров и Протогеров почнале да се колебаат дали да се објави манифестот и ги повикале Димитар Влахов и Петар Чаулев да се вратат во Бугарија и да ги прекинат врските со федералистите и комунистите, а паралелно ги известиле членовите на ВМРО за тајните преговори. На 18 јули 1924 година во весникот Балканска федерација е објавен мајскиот манифест, меѓутоа Александров и Протогеров со окружното № 774 официјално признале дека воделе преговори со федералистите и комунистите, но негирале дека некогаш се потпишале на манифестот. Георги Димитров и Васил Коларов откако разбрале дека ВМРО се откажала од договореното, решиле да се основа на ВМРО (обединета).

Убиство на Тодор Александров[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Убиство на Тодор Александров.

Репутацијата на македонската револуционерна организација во почетокот на 1924 година си остануваше се така пораснатa, како што ја беше создала борбата во поробена Македонија и таа против, разните странични соработници на поробувачот. Меѓутоа, постепено, една недоверба, една несигурност растеше во нејзините врвови. Широките редици на нејзините членови и истомисленици тоа не го чувствуваа, но од ден на ден стануваше поголем бројот на дејците и од поскромен ранг, кои започнаа да разбираат, дека нешто не е во ред. Многумина брзаа да го споделат со некого од поблиските до Тодор своето неспокојство и да ги соопштат своите впечатоци. Тревожните шепотења и разменување на впечатоци особено се засилија откако од странство се врати Протогеров и стана неразделен сопатник на Алеко и Атанасов. Неговото враќање можеше да има само еден резултат – да му пречи на Тодор. И неговиот престој во странство имаше само едно оправдување - да не му пречи на Тодор, како што се беше изразил пред мене Кирил Прличев, уште по неговото заминување три години порано.

Ванчо МихајловУбиството на Тодор Александров [30]
Поретрет на Александров
Телото на Александров по убиството

На 31 август 1924 година, кај селото Лопово на Пирин Планина бил убиен Тодор Александров. За неговото убиство и нарачателот во историската наука постојат повеќе верзии. Според едната верзија:

На едно планинско изворче, групата застанала да ги освежи своите сили со храна. За цело време на ручекот се воделе разговори по однос на плановите на Организацијата и по однос на борбата на истата со претходната земјоделска влада на Бугарија, при што Александров бил љубезен со сите и на неколку пати ја делел храната со другите негови соборци. По јадењето групата го продолжила патувањето, при што Александров му ја дал на носење својата пушка на Динчо Сугарски, со што останал без оружје. По извесно време, тие пак застанале со цел да ги одморат коњите, а воедно и тие малку да отпочинат, што било искористено од страна на заговорниците, секавично да дејствуваат. Штерју Влахов и Динчо Вретенаров, застанале над Тодор Александров и стрелале со пушките во него, при што разбуден од истрелите неговиот телохранител Панзо Зафиров се обидел да ја дофати својата пушка, но и тој бил застрелан од страна на Динчо Балкански. Александар Протоѓеров изненаден од брзината на дејствијата се онесвестил и со таа своја постапка останала нејасна неговата улога во атентатот врз Тодор Александров. По убиството телата на двајцата убиени набрзина биле закопани во блиската шума [6].

Историчарите водаат полемики околу тоа кој стои за убиството на Александров и истакнуваат: Кој е нарачателот на атентатот врз Тодор Александров? Ако реално се погледнат работите, фактите и развојот на настаните, пред и после атентатот, многу е тешко, речиси невозможно и после толку долг временски период да се даде одговор на ова прашање. Но сепак врз основа на се можат да се посочат два центри кои би можеле да бидат можните интелектуални убијци на Тодор Александров: Комунистичката интернационала заедно со БКП и другите левоориентирани партии, движења и струи во Бугарија и воено-политичките фактори блиски до бугарската влада на премиерот Александар Цанков [6].

Акции и атентати на Ванчо Михајлов 1924-1934 година[уреди | уреди извор]

Секое револуционерно движење, а и секоја легална партија презема мерки и наложува санкции против оние свои членови, коишто не ги почитуваат правилата за однесување. Слични мерки преземаат и сите држави и општествени заедници, посебно во време на војна; ја приложуваат и смртната казна, иако располагаат со затвори. Македонското движење е принудено да води долга одбранбена војна против поробувачот; кога е потребно прибегнува и до строги мерки против одделни родоотстапници, дезертери, поредавници и сл. Во вакви случаи, заинтересираните, пред се поробувачите на Македонија, веднаш дигале врева со цел да го доведат до заблуда јавното мислење дека македонското движење се самоуништувало и сл.

Ванчо МихајловМакедонија Швајцарија на Балканот [31]

Горноџумајските убиства во 1924 година[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Горноџумајски случувања.

Под изговор на одмазада за убиството на Тодор Александров... се организира една Вартоломејска ноќ во Горна Џумаја и по целиот Петрички округ. Беа убиени 160 македонски револуционери, меѓу кои и најактивните работници на ВМРО. Беа убиени: Димо Хаџи Димов, Чудомир Кантарџиев, Ал. Бујнов, Арс. Јовков, Стоју Хаџиев, Славчо Ковачев и други. Тие револуционери беа убиени за да се обезглави, да се скрши движењето што го беше опфатило целиот македонски народ... Тие беа убиени бидејќи новата ориентација на македонското револуционерно движење, високо прокламирано со Манифестот, го застрашуваше постоењето на сите балкански реакционерни и фашистички влади...

Марсел ВалтерПред три години. Колеж во Петричко во 1924 година [32]
Горна Џумаја, денес Благоевград
Петар Шанданов

На 12 и 13 септември 1924 година во Горна Џумаја биле извршени повеќе ликвидации како резултат на длабоката криза и поделбите во македонското револуционерно движење. Новиот член на ЦК на ВМРО, Иван Михајлов за убиството на Александров го обвинил таборот од спротивното течение во револуционерното движење и решил да се пресмета со противниците на ВМРО, првенствено со левицата во Организацијата, предводена од Алеко Василев - Пашата и Георги Атанасов и со раководството на Илинденската организација. Михајлов и групата околу него, Петар Шанданов, Георги Баждаров, Јордан Ѓурков, Панчо Михајлов, почнале да коваат план за предвидените ликвидации, а кон себе успеале да ги придобијат генералот В'лков и Воената лига.

По иницијатива на Шанданов, бил изготвен план според кој Ванчо Михајлов телефонски ги известил Алеко Пашата и Атанасов како и раководителите на Илинденската организација да се одржи заедничка средба во Горна Џумаја, што од нивна страна било прифатено, а во последен момент Михајлов требало да ја откаже средбата и наместо него да заминат Шанданов, Панчо Михајлов и Јордан Ѓурков.

На 11 септември во Горна Џумаја пристигнале луѓето на Михајлов, таму биле пречекани од Асен Даскалов и Борис Тиков, тие ги сместиле во хотел Лондон, заедно со Протоѓеров, додека Пашата и Атанасов биле сместени во куќата на Панајот Рајнов, непосредно до хотелот. Таа ноќ Шанданов заминал во домот на Иван Караџов и било договорено следното утро Краџов да ја подготви милицијата на ВМРО, а убиствата да започнат ноќта на 12 септември.

Следниот ден се одржала средба помеѓу Шанданов, Алеко Пашата, Атанасов и Протоѓеров. Средбата започнала со голема недоверба меѓу присутните од двете групи. Најпрвин зборувал членот на ЦК, Протоѓеров, кој со солзи соопштил дека оваа средба по убиството на Александров била со цел да се зачува единството на ВМРО и таа да се спаси од распаѓање. Откако зеле збор и Шанданов и Алеко Пашата, бил утврден дневниот ред на состанокот по однос на разни тековни прашања, при што и покрај тензиите, разговорите протекле многу мирно. Ноќта на 12 септември пристигнале раководителите на Илинденската организација и Кирил Дрангов кој по наредба на Михајлов го известил околискиот началник на ВМРО, Константин Алексиев за престојната акција.

Ноќта, Шанданов, Иван Караџов, Кирил Дрангов, Панчо Михајлов, Асен Даскалов и Јордан Ѓурков, во куќата на Киро Црниот се договориле да дејствуваат за половина час. Караџов и Даскалов заминале да ги собираат нивните луѓе, бидејќи групата на Алеко Пашата имала силно обезбедување од страна на четата на Штерју Влахов, еден од дирекните убијци на Тодор Александров. Пред почетокот на пресметката, Шанданов куртоазно се поздравил со пристигнатите Илинденци, кои вечерале во една блиска кафеана и заедно со П. Михајлов, Дрангов и Ѓурков се упатил кон куќата на Панајот Рајнов, каде требало да ги извршат убиствата [33].

Кирил Дрангов

Според изработениот план, Шанданов и Ѓурков истовремено требало да стрелаат во Георги Атанасов, а Панчо Михајлов и Дрангов во Алеко Василев-Пашата, по што планирале заеднички да пукаат од револверите кон вратата за да го спречат обезбедувањете да влезе во просторијата. Четворката влегла во куќата, а набргу им се придружиле Александар Протоѓеров и Алеко, кои откако се ракувале ги започнале разговорите на тој начин што Протоѓеров, Панчо Михајлов и Ѓурков излегле на балконот, а во собата останале Алеко Пашата, Дрангов и Шанданов, додека Атанасов се наоѓал во соседната одаја. Во разговорот Алеко го повикал Дрангов да излезат надвор и во моментот кога стигнале до вратата, последниот се свртел и со поглед го прашал Шанданов што да прави, при што со знак добил потврден одговор за акција. Настаните се одвивале со голема брзина: Петар Шанданов и Дрангов исто-времено пукале во грбот и во главата на Алеко, кој паднал мртов. По првите истрели, Панчо Михајлов и Јордан Ѓурков, изненадени од предвремениот почеток на нападот, со своите револвери почнале да пукаат преку прозорците во собата каде што бил Атанасов со обезбедувањето. Протоѓеров, кој не знаел ништо за планираната акција, се скрил во едно ќоше. Во престрелката Атанасов со обезбедувањето се обидел да се пробие со активирање на бомба, но и покрај експлозијата, која не им наштетила на Шанданов и Дрангов, пресретнат од насочената стрелба кон вратата, не успеал. Ѓурков и Дрангов во сета таа мешаница ги насочиле револверите кон Протоѓеров и заповеднички го запрашале, зошто го убиле Александров, на што тој очајнички одговорил дека не знае ништо за убиството на Тодор. Луѓето на Атанасов успеале преку прозорец во соседната соба да побегнат на улица, иако таму излегле да ги пресретнат Ѓурков и Панчо Михајлов [6].

Во собата останале Шанданов, Протоѓеров и Дрангов и откако престанала престрелката со групата на Атанасов, која веќе се извлекла, започнала нова пукотница, која доаѓала од соседниот хотел, каде биле четниците на Штерју Влахов. Во тие моменти пристигнало засилување предводено од П.Михајлов и Асен Даскалов, кои по наредба на Петар Шанданов ја заобиколиле куќата, но при обидот да влезат, бил убиен придружникот на Даскалов од Атанасовата придружба. По извесното прекинување на пукотниците, куќата била прегледана од Шанданов и неговата придружба, при што била констатирана смрт кај Алеко Пашата и му била земена целата архива пронајдена кај него. При излегување од куќата кон Шанданов повторно биле упатени истрели, сега вкрстено и од четата на Штерју Влахов и од Атанасов и неговата придружба, на што тој и Ипокрит Развигоров, кој му дошол на помош, одговориле со стрелба од револвери и фрлање на една бомба кон куќата од каде сметале дека доаѓаат истрелите [6].

Панчо Михајлов
Алеко Василев Пашата, Герорги Атанасов и Aлександар Протоѓеров

Откако релативно се смирила состојбата во Горна Џумаја, Шанданов му наредил на началникот на градската милиција на ВМРО, Борис Тиков да ја опколи и претресе куќата за која имало сомнениј дека Атанасов и неговите пријатели се кријат. Набргу потоа блиските до Иван Михајлов го напуштиле градот, а следниот ден Михајлов го известил генералот В'лков по што Горна Џумаја била блокирана од бугарска војска и полиција кои имале задача да ги уапсат или убијаат сите преживеани приврзаници на Алеко Паша, но и членовите и раководителите на Илинденската организација. Утрото на 13 септември, при обидот да се провлече, бил заробен Георги Атанасов и ликвидиран од страна на Асен Даскалов [34].

Меѓутоа акцијата не застанала тука и во следните денови во Џумајско и пошироко биле ликвидирани повеќе дејци на македонското револуционерно движење. На 17 септември 1924 година на падините на Пирин планина бил убиен Арсениј Јовков, еден од раководителите на Илинденската организација и уредник на весникот Илинден. ВМРО направило обиди за ливидација и врз повеќе членови на Илинденската организација, меѓутоа некои од нив успеале да се засолнаат како Петар Ацев, Владо Георгиев и Георги Занков.

Во близината на селото Покровник, Горноџумајско, бил ликвидиран Методи Алексиев од страна на терористи на ВМРО. Во близина на градот Петрич биле убиени браќата Коста и Нашко Елшански, блиски пријатели на убијците на Александров, Штерју Влахов и Динчо Вретенаров. Во Мехомиско (Разлошко) во септември 1924 година биле убиени Георги Ковачев, Георги Пенков и Александар Бујнов. Во Петрич и Петричко од луѓе на ВМРО биле убиени Георги Манолев, Петар Говедарчето и Петар Балкански. На 13 септември 1924 година од атентатори на ВМРО во Софија бил убиен Ангел Василев, а во септември истата година во Пловдив бил застрелан Чудомир Кантарџиев. Набргу по Горноџумајските случувања, во воз на пат за Пловдив, бил убиен Асен Даскалов најверојатно од терористи на ВМРО.

Во Софија на 13 септември 1924 година бил убиен членот на МЕФО и докторот по правни науки Славчо Ковачев. Убиството го извршил неговиот сограѓанин и припадник на ВМРО, штипјанецот Мирчо Кикиритков. Истиот ден, Димо Хаџи Димов ја разбрал веста за убиството на неговиот пријател Славчо Ковачев. Возбуден од тажната вест тој искоментирал пред неговите другари дека повторно започнале физичките истребувања и изразил жалење поради тој факт. Димо Хаџи Димов во тие моменти се упатил кон кафеаната Галик со цел да се запознае со подробности околу убиството на Ковачев. На улицата Пиротска македонскиот деец бил пречекан од терорист на ВМРО, кој со неколку револверски истрели го соборил на земја, а за да се осигури во неговата смрт се наведнал над трупот на жртвата и пукал уште два пати. Убиството било извршено од страна на терорист од ВМРО, Владо Георгиев - Черноземски.

Атентати врз дејци од македонското револуционерно движење[уреди | уреди извор]

Кирил Глигоров - Келешов

Горноџумајските настани не биле крај на воружените пресметки во македонското револуционерно движење. По смрта на Александров, ВМРО и нејзините раководители, првенствено Михајлов, решиле да се пресметаат со секого кој на каков било начин може да го наруши престижот на Организацијата во целото револуционерно движење, оттука уследиле серија на атентати врз истакнати дејци.

На 24 декември 1924 година во Милано, Италија бил извршен атентат врз членот на ЦК на ВМРО, Петар Чаулев. Тој бил ликвидиран во во пивницата и продавница за тутун број 14, на плоштадот Верциере 4, чијшто сопственик бил извесниот Фермо Гуфанти. Тој ден околу 11 и 30 часот, Чаулев си порачал вермут за пиење, при што редовно по извесно време во локалот доаѓал еден негов пријател, кој му давал знак по што двајцата заедно излегувале. Тоа веројатно било личното обезбедување на Петар Чаулев, бидејќи тој не можел да нема никакви сознанија дека врз него се подготвувал атентат, посебно по последните пресметки што се случувале во редовите на ВМРО. На критичниот ден Чаулев си седел на истото место во пивницата со чашката вермут пред себе, кога внатре влегло едно момче, кое застанало на неколку чекори пред него. Момчето влегло во локалот уште пред 11 часот, но бидејќи тогаш жртвата уште не била дојдена тој се напил кафе и си заминал. Во тој момент Петар Чаулев инстинктивно ја подигнал главата, но веќе било доцна. Атентаторот во раката имал голем автоматски револвер со кого истрелал пет пати во правецот на Чаулев. Погоден од револверските истрели тој паднал меѓу масите, а во тој момент присутните во пивницата се обиделе да го нападнат егзекуторот. Атентаторот успеал да се оттргне, ја приближил цевката од револверот до устата и се обидел да се самоубие, но не успеал, бидејќи при пукањето во жртвата ја потрошил целата муниција. Убиството било извршено од Димитар Стефанов, припадник на ВМРО, а под обвинение дека Чаулев се поврзал со Коминтерната и Советскиот Сојуз, дека добивал пари од болшевиците и дека тие парични средства ги искорио тил во заговорот против Тодор Александров. По извршеното убиство, атентаторот Димитар Стефанов се наоѓал во затвор околу 16 месеци, до 26 април 1926 година, кога започнал судскиот процес во врска со делото, меѓутоа судот донел одлука за ослободување на атентаторот.

На 30 декември 1924 година во Штип бил убиен Стојан Мишев, кој првин бил војвода на ВМРО и близок соработник на Тодор Александров, а потоа преминал во српска служба и станал еден од најважните раководители на т.н. Здружение за борба против бугарските бандити. Атентаторот бил Кирил Глигоров-Ќелешов од Штип, а убиството го извршил по наредба на ВМРО. На 13 февруари 1925 година во Софија бил убиен професорот Никола Милев, интелектуалец од редовите на ВМРО и близок соработник на Тодор Александров. Во Свиленград на 26 февруари 1925 година бил убиен Георги Скрижовски, атентатот бил дело на ВМРО. На 6 март 1925 година во Софија бил убиен народниот пратеник Хараламби Стојанов со еден револверски истрел во главата, на излезот од Народното Собрание. Атентатот го извршил македонскиот терорист од редовите на ВМРО, штипјанецот Ипократ Развигоров.

Менча Карничева

Во Виена на 8 мај 1925 година бил убиен Тодор Паница, македонски револуционер, санданист и член на МЕФО. Атентатот бил извршен од страна на Менча Карничева, а по налог на раководството на ВМРО. На 7 мај 1925 година Менча Карничева ги поканила брачниот пар Бумбарови и Паница наредниот ден да отидат во Бургтеатарот во Виена, на претставата Пер Гинт, од нивна страна тоа било прифатено. Карничева ја презела обврската за купување на билетите се со цел да се осигури дека во критичниот момент Паница ќе биде со неа во истата ложа. На 8 мај, вечерта двата брачни парови, Карничева и Јане Богатинов за време на претставата се сместиле во ложата број 2, од десната страна близу до сцената. По почетокот на претставата, Менча Карничева и го дала резервниот билет за друга ложа на Магдалена Бумбарова што специјално го купила за да ги отстрани Бумбарови од нивната ложа и откако и сопругот на Магдалена по извесно време заминал од таму, Карничева се нашла точно зад столицата на Тодор Паница. Часот бил некаде околу 10, кога користејќи ја темнината во салата, Менча Карничева го извадила револверот од чантата и истрелала два куршуми кон Паница. На излегување од ложата, истрелала уште пет куршуми, со кои покрај убиениот Тодор Паница, ги ранила и жена му и Богатинов. По атентатот Карничева веднаш била затворена, но поради влошеното здравје до судењето била префрлена во еден санаториум. Процесот против Менча Карничева започнал на 30 септември 1925 година, а за нејзини бранители од страна на ВМРО биле ангажирани едни од најдобрите адвокати во Австрија, д-р Рихард Пресбургер и д-р Игнац Курт Розенфелд. На 2 октомври 1925 година била донесена пресудата, а Менча Карничева за стореното дело била осудена на осум години затвор. Меѓутоа од Врховниот суд во Виена таа била прогласена за неспособна да ја одлежи казната и по сила на тоа решение била ослободена и според пресудата и тамошните законски прописи, веднаш била екстернирана од границите на Австрија. По враќањето во Софија во 1926 година, Менча Карничева се венчала со Иван Михајлов. На 15 јуни 1925 година во Софија бил убиен Панчо Михајлов-Чавдар, кочански војвода на ВМРО, интелектуалец и близок соработник на убиениот водач на ВМРО, Александров.

Четнички институт[уреди | уреди извор]

Борбата на револуционерната организација продолжува. Нејзиното водење зависи од околностите. Но таа секогаш располага со неопходниот број на луѓе, слично на една ливада, којашто може да се коси одново. И во повеќето случаи се оправдува последниот дел од лозунгот на ВМРО „слобода или смрт“... Кога ВМРО работи тајно и минуваат месеци пред да пристапи кон една голема акција, тоа не значи, дека ВМРО се откажала од револуционерната борба. Напротив, постојаното зло, кое што ВМРО сака да претставува за противникот, се дава како лек, лажиче по лажиче, но може да дојде денот кога ќе биде дадено целото шише. Изборот на средствата не подлежи на никакво сомнение; нивното делување грижливо се проценува. Сосем погрешен е често пати искажаниот став, дека ВМРО можела да ги постигне своите цели со легални средства. Македонската ослободителна борба е борба, како на одделните личности така и на целиот народ - на живот и смрт и во таа самозаштита, народот и секоја одделна личност го сметаат секое средство, дури и најжестокото, за оправдување.

Kарактер и цели на ВМРОВесник „Слобода или смрт“, Револуционерен лист, 5 ноември 1928 г. [35]

Состојба[уреди | уреди извор]

Антон Попштеријов
Прилепската чета на Петре Пашата

Во почетокот на 1925 година во Вардарска Македонија, ВМРО имала 976 вооружени луѓе кои биле поделени 39 чети и 17 групи, а делувале и 63 курири. Во Пиринска Македонија како резервни сили биле третирани 179 души кои биле активни и 1160 души кои биле неактивни. Во Егејска Македонија организацијата располага со 143 вооружени лица поделени во во 11 чети, 16 групи и 12 курири, нивната замена во Пиринска Макеоднија изнесувала 45 активни и 96 неактивни четници. Четничкиот институт на ВМРО имал околу 15 000 четници [36]. По смрта на Александров организациската работа по окрузите била поделена: Георги Поп Христов - Битолски, Александар Протогеров - Солунски, Струмички и Серски, а Иван Михајлов - Скопски и Петрички [37].

Од 3-ти април 1925 година во Битолскиот револуционерен округ како нелегално раководство дејствувале Алексо Стефанов - претседател, Петар Шанданов - зам. председател и Крум Петишев - секретар. На чело на околискит чети биле: Петар Шанданов бил назначен за битолски околиски војвода со 11 четници, Алексо Стефанов за Демирхисарско со 17 четници, Иван Ѓонев за Крушевско со 25 четници, Тасе Христов за Ресенско со 9 четници, Илија Лерински со 18 четници во Леринско, Андон Попштериов со 11 четници во Костурско, Стефан Алабаков со 20 души во Струмичко, Наум Јосифов со 23 души го обиколувал Охридско, во Прилепско бил Петар Костов со 33 души и Петар Ангелов со 16 четници за Преспанско. Кон нив се приклучиле и Борис Изворски со 23 четници за Охридско и Петар Трајков за Дебарско со 22 четници.

Петар Костов
Четата на Величко Велјанов (во средината) и Крсто Лазаров (втор од лево кон десно)

Во Скопскиот револуционерен округ околиски војводи биле: Дончо Христов со 18 четници за Царево село, денес Делчево, Евтим Полски со 22 четници го обиколувал Кочанско, Крсто Лазаров со 26 души за Кумановско, Мите Опилски со 19 души дејствувал во Кратовско, Стојан Врбанов со 21 четник во Кривопаланечко и Стефан Петков со 27 четници го обиколувал Велешко.

Во Солунскиот револуционерен округ, солунски околиски војвода бил Михаил Шкартов со 11 четници, кукушки бил Иван Марков со 9 четници, а кавалски бил Костадин Ганчев со 10 четници. Таму дејствувал и една група од од три лица на чело со Никола Петров. Во Серскиот револуционерен округ, серски околиски војвода бил Михаил Скендеров со 10 четници, таму биола и четата на Аргир Илиев со 7 четници. Во Демирхисарска околија дејствуваале Мито Илиев со 18 четници и неговиот подвојводата Иван Паскалев со 15. Во Драмската околија главен војвода бил Андон Ботев со 14 четници, а Тодор Чоков и Никола Попов. Во Струмичкиот револуционерен округ, струмички околиски војвода бил Георги Вандев со 23 четници, а дејствувале и војводите Михаил Постуларски со 14 четници и Јосиф Киров со 18 лица. Радовишки околиски војвода бил Константин Поп Атанасов со 16 четници. Таму дејствувале и Ставруш Месаров со 7 души и една група од три души на Бекири Јусеинов. Малешевски околиски војвода бил Евтим Чифлишки со 20 четници. Григор Василев и Евтим Стојчев раководеле посебни групи од 9 и 5 души [38].

Трансформација[уреди | уреди извор]

Иван Михајлов испратил инструкции и правила за сите чети, во кои имало наредби за зајакнување на дисциплината во Организацијата, да се сведат на минимум шипунските дејствија, да се намали на притисокот врз мирното население. Имало строга забрана да не се примаат нови членови, а четите добиле строги упатства да не навлегуваат во внатрешноста на Македонија и да не извршуваат напади без согласност на ЦК на ВМРО.

Сите војводи и четници кои не биле активниу добиле наредба да не носта комистка облека туку да се облекуваат во цивилни алишта, да не носта оружје и на секаков начин да избегнуваат каков било сомнеж дека се комитски луѓе. Голем дел од војводите се спротиставиле на оваа наредба, меѓутоа Михајлов издал наредба за ликвидација на Иван Барлев, Панчо Михајлов и други, со што успеал да ги наметне своите одлуки.

На 25 февруари, Михајлов издал наредба за растурање на четите и нивно трансформирање во терористички групи во т.н тројки и петорки, за изведување на поголема акција било допуштено екипирање на група од 10 души. На оваа наредба се спротиставил Александар Протогеров [39].

Во периодот помеѓу 5 март и 5 мај 1925 година, во кампови на ВМРО биле обучени 500 млади четници и војводи, распределени во 50 чети од по 8 четници и двајца подвојводата за Пиринска Македонија. Во градовите и селата низ Вардарска и Егејска Македонија, требало да дејствуваат т.н тројки кои требало да извршуваат напади врз цели кои претходно биле одбрани, со што постепено се напуштало четничкото војување и се заменувало со терористички акции [40].

Во 1925 година ВМРО од бугарската армија обезбедила оружје, облека и борнеби упатства. Околиските чети биле опремени со униформи и целосна воена опрема. Во јануари 1926 година, ВМРО во Пиринска Македонија располагала со 6 714 вооружени лица, 1 651 локални четници и 8 107 мажи способни за воени дејствија [41].

Масакрот кај Дабница[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Масакрот кај Дабница.

Во мај 1925 година ВМРО на Иван Михајлов презела казнена акција во село Дабница против членови на МЕФО, поради опасноста од истиснување на влијанието на ВМРО во овој крај. По масовните апсења на комунисти, федералисти и приврзаници на земјоделската партија, по наредба на ЦК на ВМРО и Иван Михајлов, во мај и јуни 1925 година биле осудени и убиени 79 луѓе во дворот на т.н. Арнаудова или Крвава куќа во село Дабница. Биле убиени: Георги Папалезов, Георги Килов, Димитар Алексиев, Никола Ушев, Никола Ушев , Андон Донков, Георги Чонев, Димитар Ешков, Стојан Пандуров, Димитар Мутафчиев, Стојан Попиванов, Георги Чанџиев, Крсто Семерџиев.

Бројките за убиените во Дабничките настани се движеле од 30-тина до 100-тина, но најверојатно вистинскиот број на извршените смртни пресуди бил 49, од кои 42 души од Неврокопската околија и 7 души од селото Кремен, Разлошко. Неколку години подоцна, очевидци потврдиле дека локацијата на масовната гробница се наоѓала во близина на селото Хвостјане, Неврокопско. Телата на егзекутираните биле пронајдени во бескрстна гробница во месноста Кавак дере, во нивата на еден селанец, при што со откопувањето се утврдил број на околу 30-тина човечки трупови [6].

Казнени акции на ВМРО во селата Градево и Крупник во 1925 Година[уреди | уреди извор]

Во јули 1925 година ВМРО презела казнена акција над една комунистичка група во селото Градево под обвинение дека групата врши пропаганда и дејност против ВМРО. Организацијата ја презела оваа акција затоа што се сомневала дека комунистичката и федералистичка мрежа од Неврокопско била распространета и во селото Градево. На 13 јули 1925 година во месноста Мадана бил егзекутиран секретарот на комунистичката партиската група Петар Маревски. Другиот ден, на 14 јули во месноста Обесеник, во близина на селото се убиени: Стоил Груев, Благој Мазнеов, Петар Мазнеов, Јане Маламов, Максим Мирасчиски, Асен Пазов, Борис Туфекчиев, Иван Христов, Јордан Цицков и Стоица Цицков.

Во август 1925 година ВМРО презела казнена акција против комунисти во село Крупник. За време на казнената акција на ВМРО во село Крупник, настаните биле набљудувани и координирани од Јордан Ѓурков, Аргир Манасиев, К. Димитров и Г. Талев, кои од своја страна добивале директни наредби од Михајлов, што за таа цел дошол и престојувал во Горна Џумаја. Во текот на физичките измачувања починал Ташко Комитов.Врз основа на донесената пресуда, на 24 август 1925 година во месноста Орловец, североисточно од селото, биле убиени активистите на БКП и БЗНС и тоа: Стојан Газерски, Ангел Кипров, Партени Партениев, Симеон Попов, Костадин Трендафилов, Трошан Трошанов, Крало Цветков, Јосиф Чакалски и Петар Чакалски. Девет години подоцна била пронајдена и откопана заедничката гробница на убиените и при тоа биле пронајдени посмртните останки на деветте жртви. Судско-медицинските испитувања покажале дека на коските и черепите немало траги од употреба на огнено оружје. Според експертизата, смртта кај жртвите била причинета од удари со остро оружје-ножеви и задушување со јажиња и ремени [6].

Атентати на ВМРО врз личности и објекти во Вардарска Македонија 1926 -1927 година[уреди | уреди извор]

Убиството на Иван Михајлов беше само наместена игра, зашто тоа беше единствениот начин Момчилов да стигне до Жика Лазиќ. Но, и Жика Лазиќ само си ја одигра својата ролја, се преправи дека е мртов. Сега додека го пишувам ова, тој е гувернер на српска Македонија. Двајцата божемни покојници повторно се противници. Кога ли ќе се сврши решавачката игра ?

Алберт ЛондрКомитаџии [5]
Камениот мост меѓу двете светски војни
Мара Бунева
Велимир Прелиќ

Во текот на 1926 -1927 година во Вардарска Македонија биле извршени повеќе атентати врз личности и објекти. На 26 јули 1926 година во Битола бил убиен уредникот на српскиот весник Јужна ѕвезда, Спасое Хаџи Поповиќ, кој бил со македонско потекло. Убиството по неколку предупредувања за престанување на неговата просрпска активност, било извршено со пет револверски истрели од терористи на ВМРО. На 3 јуни 1927 година, ноќта, бил извршен атентат на железничката линија Скопје - Велес. Атентатот кој што бил извршен со динамит оставил силен впечаток кај српската власт. Кон крајот на 1927 година во Гевгелија бил кренат во воздух хотелот Белград, во моментот кога таму се наоѓале претставниците на српската власт од тој крај. Повеќе од 15 души биле тешко ранети и убиени. Во 1927 година бил извршен бомбашки напад на хотел и во градот Кочани, каде биле ранети или убиени 7 души српски офицери и цивилни службеници. На 5 октомври 1927 година бил извршен атентат над бригадниот генерал од брегалничката дивизија, Михајло Ковачевиќ, пред портата на куќата во која живеел со семејството во Штип. Во октомври и ноември 1927 година биле направени редица атентати од страна на ВМРО врз железничките пруги на целата територија на Вардарска Македонија. На 11 октомври избувнала експлозија на железничката линија Скопје-Куманово, а целта на нападот бил товарен воз. На 19 ноември била наместена пеколна машина во близина на Скопје, кај станицата Ајватово, при што атентаторите успешно побегнале. Неколку дена подоцна, на 23 ноември во 1 часот по полноќ, чуварот на железничката линија кај селото Соколарци, Кочанско, открил две жици поврзани со две пеколни машини. Возот, благодарение на тоа што доцнел 25 минути, навреме бил запрен и спасен од експлозивната направа. На 4 декември во 8 часот вечерта, во Струмица бил извршен атентат во близина на полициската станица, во кој бил убиен поручникот Јефтиќ заедно со двајца стражари.

На 13 јануари 1928 година во Скопје на мостот на Вардар, бил убиен правниот референт Велимир Прелиќ, кој од страна на ВМРО се сметал за одговорен за судењето на членовите на ММТРО (Младата македонска тајна револуционерна организација), која претставувала подмладок на ВМРО во Вардарска Македонија. За извршувањето на атентатот била задолжена тетовчанката Мара Бунева. На денот на извршувањето на атентатот, на пладне, Бунева според тогашните српски обичаи го затворила дуќанот и тргнала кон мостот на реката Вардар [5]. Во тој момент низ него поминувал Велимир Прелиќ, при што атентаторката истрелала три куршуми во него од кои жртвата веднаш починала. Со четвртиот куршум од револверот, Мара Бунева си го одзела животот.

На 20 јуни 1928 година во Софија, преку дотогаш српскиот агент, Иван Момчилов од Прилеп, бил направен обид за атентат врз Иван Михајлов и други членови на ЦК на ВМРО, а по лично подготвен план од српската разузнавачка служба на чело со Жика Лазиќ, началникот на државна безбедност. Истиот ден бил инсцениран атентат близу фабриката за шеќер во Софија и биле пуштени гласини дека има ранети и убиени членови на ЦК на ВМРО, дури и дека Иван Михајлов бил убиен. Иван Момчилов со големи државни почести, со специјален службен вагон, од Скопје отпатувал за Белград да му ја однесе лично радосната вест на Жика Лазиќ. Во кабинетот на Жика Лазиќ наеднаш се случил неочекуван пресврт, Иван Момчилов со неколку истрели од пиштол пукал во личноста пред него за која сметал дека е шефот на државната безбедност, по што се самоубил [5]. Српските служби не знаеле дека Момчилов бил разузнавач на ВМРО. Неуспешниот атентат на ВМРО врз Жика Лазиќ се случил на 13 јули 1928 година.

Атентат врз Александар Протоѓеров и пресметките помеѓу протоѓеровистите и михајловистите[уреди | уреди извор]

Во дното на листот се наоѓаше и белешката: Од убиството на генералот Протогеров (1928) 193 интелектуалци паднаа како жртви на ривалството помеѓу двете фракции на ВМРО. Но, од убиството на Стамболиски (1923), се убиени од други Бугари 20.000 (дваесет илјади) поради политички причини. Меѓу овие дваесет илјади паѓаат на сметка на ВМРО 4.200. Но тоа треба да се провери... Дали Протогеров, исто така Македонец, генерал на регуларната бугарска војска, беше тој што го прати Алексанрова на небо ? Итоа би можело да се каже. Но, како и да е, Протогеров ја доби во свои раце ВМРО и цели четири години управуваше со неа. Одеднадеж, едно утро на софиските улици во него беа испукани пет револверски куршуми. Кој го уби ? Ванчо. Не треба да го барате убиецот ! Јас сум тој !, напиша тој утрдента во својот весник. Тој ја крена соборената македонска круна и не ја местеше долго, туку едноставно си ја стави на својата глава... Убиен е, на пример, некој интелектуалец, приврзаник на Михајлов. Дружината А за животот на еден свој интелектуалец мора да се одмази со живоите на дваја интелектуалци од дружината Б. Во 1930 година дружината Б имаше пет интелектуалци: Прличев, Попхристов, Кулишев, Томалевски и Баждаров, едниот беше народен пратеник, а останатите - професори и новинари. И кои двајца ги одбра Ванчо? Одлуката секогаш се донесува по четириесет дена. Пете интелектуалци од здружението Б многу добро знаат дека двајца од нив ќе паднат како жртви на одмазда. А тоа го знае и цела Софија... Па зошто тие кутри луѓе не побегнат? Бегството нема да ги спаси. Јунаците на софиската централа ќе ги пронајдат, па макар се преселиле и преку граница... Освен тоа, се работи и за честа! Затоа тие остануваат дома, ќе ја удвојат својата телесна стража и ќе земат најбесни пци. Навистина прекрасен живот за нивните мајки, жени и деца. На софиските улици може да се видат лица, изобличени од страв. На четириесетиот ден сиот град знае кого го одредила судбината: ќе настрадаат Томалевски и Баждаров. Единствено за што треба да се грижат е да побараат поп и нотариус. Тоа и го прват. А зар вие си мислите, подобро ќе сторат доколку ќе побрзаат кај шефот на полицијата? Е, тогаш вие не ги познавате ниту менталитетот, ниту приликите во земјата. Тие и не помислуваат на тоа! И набргу ќе ги најдат на плочникот со издупчена кожа. А потоа? Потоа ВМРО ќе издаде коминике...

Алберт ЛондрКомитаџии [5]
Александар Протоѓеров

На 7 јули 1928 година во Софија бил убиен членот на ЦК на ВМРО, Александар Протоѓеров, од страна на тројца атентатори: Стефанов, Гузданов и Витларев, а под раководство на Кирил Дрангов, во текот на нападот убиен и неговиот телохранител Атанас Гоцев. Наредбата за оваа ликвидација ја дал Иван Михајлов, под изговор дека Протоѓеров учествувал во убиството на Тодор Александров. Суштинската причина за убиството на Александар Протоѓеров била борбата за превласт во редовите на терористичката ВМРО, каде Иван Михајлов решил преку физички ликвидации да ги отстрани сите негови евентуални конкуренти за лидерското место во ЦК [6]. По убиството Протоѓеров дошло дефинитивна поделба на две спротивставени фракции-протоѓеровисти и михајловисти. Набргу двете крила започнале со меѓусебно истребување.

На 25 јули 1928 година од атентатори на ВМРО на Михајлов биле убиени протоѓеровистичките војводи Димитар Димашев и Пандо Струмички. На 21 ноември 1928 година бил убиен претседателот на охридското братство, Наум Белев, кој бил протоѓеровист по убедување. Убиството било извршено со четири револверски истрели во телото на жртвата, при што атентаторот исчезнал без трага. На 30 април 1929 година во Софија бил убиен Димитар (Мито) Ѓузданов од село Сехово, Гевгелиско под обвинение од протоѓеровистичката ВМРО дека учествувал во убиството на членот на ЦК на ВМРО пред нејзиниот расцеп, Александар Протоѓеров. На 26 јуни 1929 година при неуспешниот атентат врз Георги Баждаров, поранешен член на ЗП на ВМРО, протоѓеровист, биле убиени двајца невини граѓани-шивачи по професија, од Софија. При повторниот обид на 19 септември 1929 година во градот Варна бил извршен успешен атентат врз Баждаров. Во меѓусебните борби по расцепот на ВМРО на две фракции, кон крајот на 1929 година протоѓеровистот Тодор Петров-Тошкарот бил убиен во својот дом, во неговиот кревет од атентатор на михајловистичката ВМРО, а на спиење, во своите кревети биле убиени и Спас Калајџиев и Христо Генов Хинов од истата фракција. Во намерата да се ликвидира раководството на протоѓеровистичката ВМРО до кое било тешко да се дојде, припадниците на михајловистичката ВМРО испратиле пакет-книга на адреса на протоѓеровистот К.П.Тодоров, во која била инсталирана бомба, при што во експлозијата полесно биле повредени раководителите на протоѓеровистичкото крило, Пецо Трајков и Петар Шанданов. Како чин на одмазда, атентатори од протоѓеровистичката ВМРО ги убиле михајловистите: Нанчо Витларов, еден од убијците на Протоѓеров, Пандил Шишков, кого го сметале за еден од атентаторите на Георги Баждаров и Георги Дерменџиев, обвинет за атентат врз Стојан Филипов.

Симеон Ефтимов

На 4 март 1930 година бил убиен истакнатиот протоѓеровист и уредник на весникот Вардар, Васил Пундев од страна на атентаторите Димитар Медаров и Никола Стаменов. По убиството на Пундев, за прв пат Иван Михајлов бил обвинет за непосреден извршител, а директните убијци биле осудени на 15 години затвор. За бесплатна одбрана на Михајлов во Софискиот суд се пријавиле 220 адвокати од цела Бугарија, за што Михајлов со писмо на 8 декември 1930 година им се заблагодарил за нивното бесплатно застапништво, судот го ослободил Михајлов од одговорност. На 2 декември 1930 година во Софија бил застрелан долгогодишниот член на ЗП на ВМРО, Наум Томалевски, кој по расцепот во Организацијата станал протоѓеровист. Томалевски бил ликвидран од Владо Черноземски [6].

На 11 јануари 1931 година бил убиен Крстан Поп Тодоров, еден од видните дејци на протоѓеровистичката ВМРО, а другиот ден во центарот на Софија бил убиен Борис Поцков. На 13 јануари 1931 година во Софија биле убиени Никола Бучков и Трајко Мариовчето. На 8 февруари 1931 година во Софија, среде бел ден бил застрелан еден од најблиските соработници на Иван Михајлов, Јордан Ѓурков од Штип, кој по пат кон болницата подлегнал на повредите. На 16 мај 1932 година бил убиен Димитар Михајлов, претседателот на Македонскиот национален комитет во Бугарија. На 25 ноември 1932 година во Софија бил застрелан народниот пратеник Стојан Филипов, близок пријател до Иван Михајлов. Атентатот бил извршен од протоѓеровистот Георги Дерменџиев, при што Филипов бил тешко ранет, но бил убиен неговиот телохранител Анчо Соколов.

На 28 декември 1932 година бил извршен атентат врз Симеон Ефтимов, директор на весникот Ла Маседоан и потоа на весникот Македонија, михајловист по убедување. Атентатот бил извршен пред самиот царски дворец во Софија и со ваквиот чин раководството на протоѓеровистичката ВМРО сакала да го опомене бугарскиот цар за отворената подршка на Иван Михајлов, но и да создаде ефект кај македонската емиграција за нивната силина и способност за спротивставување на Михајлов и неговото ВМРО. Пресметките продолжиле со тоа што Христо Трајанов, протоѓеровист, на 5 јануари 1933 година бил ранет донесен во Александровската болница во Софија, каде по налог на д-р Станишев, хирург, приврзаник на Михајлов, бил убиен од една сестра со употреба на инјекција. Сестрата се викала Екатерина Константинова. Од атентатори на михајловистичката ВМРО бил убиен и Ангел Куртелов, македонски деец од Охрид на 1 јуни 1933 година во градот Видин

Атентати во Вардарска Македонија во 1929 и 1930 година[уреди | уреди извор]

Во текот на 1929 и година, ВМРО продолжила со своите терористички активности во Вардарска Македонија. Група атентатори на ВМРО на чело со Крум Панов на 10 јули 1929 година го кренала во воздух хотелот Шумадија во Штип. Повеќе од 10 души од претставниците на српската локална власт биле убиени или ранети. На 14 јули 1929 година во вечерните часови во Штип се случила вооружена престрелка. Пукотниците се случиле кога кон хотелот што бил во сопственост на еден српски колонист се приближиле двајца непознати луѓе.

На 18 февруари 1930 година во градот Кочани биле фрлени четири бомби во кафеаната Шумадија, во која обично се собирале српски чиновници, офицери, во придружба на нивните жени. Од експлозијата била уништена целата кафеана, а штетите се проценувале во износ од 50 до 100 000 динари. Во Крива Паланка во тоа време на мета на терористите на ВМРО се нашол началникот на српската разузнавачка служба за тој регион, полковникот Мојсиловиќ, врз кого на почетокот на март 1930 година бил направен неуспешен обид за убиство. Во почетокот на март во Струмица двајца напаѓачи најпрвин го усмртиле лицето задолжено за чување, а потоа фрлиле и неколку бомби во една локална кафеана, при што три лица биле убиени, а 15 биле ранети. На 18 октомври 1930 година, во вечерните часови се слушнале силни експлозии и истрели од пушки и во градот Охрид, што предизвикало општа вознемиреност кај населението, додека на улиците од градот цела ноќ се слушале гласови од патролите на српската војска и полиција која ги барала атентаторите.

Афера Алексеев[уреди | уреди извор]

Јасно е дека во случајов станувало збор за некоја опскурна афера. Се знае како постапува државната власт на сите земји во светот, кога ќе открие трага на такво злосторство. Но нема ништо, попиторескно од политичката постапка во Бугарија. Одвај да можев и да насетам почудна глетка. Македонскиот револуционерен комитет реши самиот да ја среди таа афера. Зар е Комитетот влада? Држава? Цар? Се разбира дека не е! Тој е посилен и од владата, и од државата, и до царот. А еве ви доказ дека не зборувам туку-така.

Алберт ЛондрКомитаџии [5]

Во Бугарија во 1930 година се случила една поголема шпионска афера, која му задала силен удар на тамошниот безбедносен систем. Вмешаноста на групи и поединци на ВМРО во неа предизвикала и настани кои предходеле на неколку неразјаснети убиства и обиди за такви на високи воени личности од бугарската воена хиерархија. Во февруари 1930 година, бугарските безбедносни служби дознале дека во шпионажата било вмешано некое цивилно лице од Министерството за војна и еден поручник од армијата по име Крум Алексиев. Разузнавачката служба за да го открие каналот и сите лица кои од бугарска страна испраќале државни тајни на југословенските тајни служби, ангажирала доверливи луѓе од ВМРО.

На 20 август 1930 година, околу 16 часот, поручникот бил повикан во штабот на 1-от софиски полк, каде добил наредба да се упати на аголот од булеварите Витоша и Патријарх Ефтимиј заради средба со командирот на полкот, полковник Здравко Георгиев. Последниот му предал службен пакет, кој поручникот Алексиев требало да го однесе во Ќустендил и оттаму да се врати наредниот ден со одговор. На 4 километри од градот Ќустендил, во близина на една воденица, автомобилот бил заобиколен од неколку вооружени лица, припадници на ВМРО, при што бугарскиот поручник на бил внесен во воденицата и му било соопштено од страна на Марков и полковникот Захов дека тој бил уапсен поради сомневање во шпионска активност.

Утредента на 21 август на Алексиев од страна на иследувачите и еден бугарски капетан, кој пристигнал во т.н. Саријска воденица специјално за таа намена му било наредено да потпише признанија за неговата вмешаност во шпионажа и предавање на доверливи државни документи. На 23 август, иследувачите од ВМРО го врзале поручникот Алексиев за едно дрво, го удирале по стапалата и го заплашувале со вжештено железо, по што под притисок на измачувањата, поручникот го споменал името на извесниот полковник Константин Маринополски, за кого потпишал дека бил исто така учесник во оваа шпионска афера. Признанијата имале за цел да го отстранат Маринополски, ако не со негова физичка ликвидација, тогаш барем од неговата функција, бидејќи бил голем противник на терористичкото дејствување на ВМРО.

Под притисок на жестокото измачување раководено од Наум Марков, поручникот ги посочил како двојни агенти и извесните Нинов и Крушовски, вработени службеници во дирекцијата на бугарската полиција. По ова било наредено полковникот Маринополски, кој бил началник на 7-от пограничен сектор во Русе, да биде повикан во престолнината Софија, каде бил соочен со Алексиев, кој го обвинил дека тој го вовел во сите овие шпионски активности. И покрај негирањето за какво било издавање на државни тајни, заради отстранување на сите сомневања, со веќе осомничениот Алексиев, во посебна ќелија бил затворен и Константин Маринополски.

На 29 август, при проверката на неговата ќелија било утврдено дека безживотното тело на полковникот висело обесено [5]. Јасна била и очигледната вмешаност на ВМРО во можните сценарија за атентат врз полковникот Константин Маринополски, посебно преку својот доверлив човек Наум Марков, а на крајот за да биде парадоксот уште поголем, по сите овие непријатни случувања, Марков си се вратил на своите секојдневни обврски во неговиот дуќан за сончоглед [5].

Атентати на железнички пруги и други објекти во Вардарска и Егејска Македонија 1931-1933 година[уреди | уреди извор]

Во периодот помеѓу 1931-1933 година, ВМРО извршила неколку терористички напади во Вардарска и Егејска Македонија. На 8 мај на самата железничка станица во Скопје експлодирале неколку бомби, при што не биле предизвикани човечки загуби, но била создадена паника, што веројатно била и нивната цел. По неколку месеци во септември и октомври Гевгелија како погранично место на Кралството Југославија со Грција, претставувала цел на терористички акции. Така најпрвин бил извршен напад на хотелот Нови Београд на 16 септември. Терористичките напади продолжиле на 3 октомври, кога цел на истите била железничката линија во близина на Гевгелија. Следната вечер со бомбашки напади бил уништен дел од железничката пруга во близина на Гевгелија, додека во исто време од страна на терористички групи на ВМРО биле фрлени неколку рачни бомби пред касарната во градот и следела стрелба од пешадиско оружје во правец на истата. Сите овие атентати и вооружени судири се случиле веројатно поради најавената посета на југословенскиот крал Александар на Гевгелија, која тој ја остварил на 1 октомври.

На 12 март 1932 година атентаторска петорка на ВМРО извршила напад врз еден грчки ресторан во градот Воден, место каде се собирале претставниците на локалната грчка власт. Со бомби бил разрушен ресторанот, при што биле убиени двајца луѓе, а неколку биле ранети. Атентаторите успеале да побегнат. Од страна на ВМРО бил извршен бомбашки напад со тројца атентатори на полициската станица во градот Костур, еден грчки полицаец бил убиен, а петмина биле ранети.

Атентатите на ВМРО во Гевгелија и Гевгелиско продолжиле и во текот на 1932 и 1933 година, при што најчеста цел на нападите биле железничката линија и објекти во градот. На 27, 28 и 29 април 1933 година терористички групи на ВМРО нападнале и разрушиле повеќе српски жандармериски станици: 3 во Скопско, две во Велешко, една во Кумановско, две во Кривопаланечко, 5 во Брегалничка област, 3 во Малешевско, 2 во Кичевско и една во Охридско. На 27 септември во 8 часот вечерта сопственикот на кафеаната Ослобоѓење, Костадин Целебашевиќ, на влезот на кафеаната забележал некаков предмет, кој му се видел сомнителен. Поради тоа го повикал стражарот Милојко Капларевиќ, со кого се обиделе да го прегледаат сомнителниот пакет. Во тој момент одекнала силна експлозија, која речиси до темел ја разурнала кафеаната.

Атентати и убиства врз припадници на ВМРО (Обединета) во Бугарија[уреди | уреди извор]

Во почетокот на 30 - те години на 20 век, ВМРО на Михајлов започнала борба против новоформираната ВМРО (Обединета). Оваа македонска организација која била поставена на левичарска основа, успеала да ја воспостави својата организациска структура во сите делови на Македонија и постепено да се наметнува сред македонските средини, а сето тоа допринело да се загрозат позициите на Михајлов и неговата ВМРО. Затоа Михајлов започнал да подготвува планови за атентати и убиства и врз членовите на раководството на ВМРО (Обединета) во Пиринска Македонија, која ја сметал за свој бастион и држава во држава.

На 8 јуни 1932 година, околу полноќ, во Софија од страна на терористи на ВМРО бил киднапиран секретарот на Обласниот комитет на ВМРО (об.) под бугарска власт, Симеон Кавракиров. Заложничката драма на Кавракиров траела околу две години, до распуштањето на ВМРО во 1934 година. Но тогаш наместо да биде ослободен, војводата на четата која го чувала раководителот на ВМРО(об.), наредил тој да биде убиен. Неговото убиство се случило на 14 јуни 1934 година на планината Рила, во месноста Семково во близината на селото Белица. На 24 јануари 1933 година околу 6 часот навечер, по излегувањето од бугарскиот парламент, на улицата Дунав, Христо Трајков бил нападнат од атентатори на ВМРО и бил убиен со пет револверски истрели.

Марсејски атентат[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Марсејски атентат.

За главен лидер на групата атентатори, Павелиќ го поставил Еуген Дидо Кватерник. Атентатори се подготвувале на Јанка Пуста во Унгарија, отаму со фалсификувани пасоши преку Австрија и Швајцарија стигнале во Франција. Во Швајцарија им се приклучил и Дидо Кватерник во придружба на Македонецот, член на ВМРО (Внатрешна македонска револуционерна организација), наречен Владо-шоферот. Впрочем, ВМРО одржувало добри односи со усташката организација поради заедничката цел - рушење на Југославија. Затоа (ВМРО б.н) испраќала свои членови како инструктори за диверзански акции. И споменатиот Владо-шоферот бил еден од нив.

Хрвоје МатковиќИсторија на Независна Држава Хрватска[42]
Владо Черноземски во усташка униформа
Александар I Караѓорѓевиќ

На 19 мај 1934 година новата бугарска Влада на чело со Кимон Георгиев законски го забранила постоењето на ВМРО на Иван Михајлов, по што била растурена целата нејзина организациона мрежа на територијата на Бугарија. Поголемиот дел на нејзиното членство било уапсено, додека Михајлов заедно со Менча Карничева и неговио соработник, Петар Ацев, се засолниле во Турција. Со распуштањето на ВМРО, заинтересираните страни за тоа, посебно политичките кругови во Кралството Југославија, мислеле дека ќе престанат терористичките акции на ВМРО, посебно врз Кралството Југославија. Меѓутоа ВМРО неколку години пред нејзиното растурање, а и потоа, се поврзала со некои радикални организации во тогашната Југославија, кои се бореле против нејзиното уставно устројство и за отцепување на територии и формирање на независни држави.

На 20 април 1929 година како гости на Националниот комитет на македонските братства во Бугарија пристигнале водачите на усташката организација од-р Анте Павелиќ и Густав Перчец, и овде со раководството на ВМРО било разговарано за заедничка борба против српската хегемонија во Кралството Југославија, на оваа средба била донесена Декларација за создавање на независна Македонија и Хрватска, а Павелиќ и Перчец биле прунудени да заминат во илегала бидејќи властите во Белград ги осудиле на смрт [42]. Во истиот тој период македонските и хрватските емигрантски организации во Америка постигнале спогодба за соработка за нивна заедничка борба против српскиот режим во Југославија. Во Женева повторно дошло до средба помеѓу д-р Анте Павелиќ и Иван Михајлов, каде покрај разговорите за продолжување на соработката, Павелиќ настојувал да се изврши атентат врз југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ во содејство на усташката организација и ВМРО, меѓутоа Михајлов изразил воздржаност.

Во 1930 година со помош на Анте Павелиќ во арсеналот на ВМРО влегле 1 000 автоматски пушки, кои биле купени од фабриката Хајнрих Фолмер. За возврат од страна на ВМРО на располагање на усташката организација и бил испратен специјалист за употреба и ракување со експлозивни материи, а како инструктор на усташките терористи во нивниот логор за обука кој бил стациониран во Јанка Пуста во Унгарија, во 1931 година отишол Кирил Дрангов. Соработката меѓу двете организации продолжила со тоа што на 12 февруари 1933 година во Горна Џумаја, на Големиот собор на македонската емиграција што тогаш ја истакнал паролата за создавање на независна Македонија и се обратил и пратеникот од усташката емиграција со подршка на таа идеја - Марко Дошен. Сите овие околности во непосредното опкружување на Југославија говореле дека овие две организации се подготвувале за некоја крупна вооружена акција.

На 9 октомври 1934 година во Истанбул, Турција, во домот на бугарскиот митрополит Андреј Велички, по ручекот излегле на терасата за да го испијат попладневното кафе, митрополитот и водачот на распуштената ВМРО, Иван Михајлов. Некаде околу 16 часот, Михајлов погледнал на часовникот и изјавил:

Во овој момент ќе се случи нешто, коешто ќе биде фатално за човештвото! Започна ново броење на годините. Се начнува календарот на...Втората светска војна![43].
Луј Барту
Атентат на кралот Александар

Михајлов му објаснил на бугарскиот митрополит дека бил испланиран атентат врз југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ и дека во тој момент веќе бил убиен во францускиот град Марсеј. Михајлов понатаму дообјаснил дека зад атентатот стоел не само ВМРО, туку и Германија и некои други земји, коишто не ги посочил. Следното утро митрополитот Андреј Велички побрзал да ги купи сите можни весници коишто ги имало во Истанбул. На насловните страни митрополитот го видел и прочитал сето она што претходниот ден му го имал навестено неговиот гостин.

Во октомври 1934 година француската влада го очекувала пристигнувањето на југословенскиот крал Александар во неговата прва официјална посета на Франција. На 9 октомври парабродот Дубровник пристигнал во пристаништето во Марсеј. На палубата на југословенскиот параход се качила француската делегација, која му посакала добредојде на кралот Александар. Југословенскиот крал на брегот бил пречекан од страна на францускиот министер за надворешни работи Луј Барту.

По официјалниот пречек, кралот Александар се качил во подготвениот автомобил за таа цел, до него седнал министерот Барту, а на едно од седиштата на автомобилот седнал и генералот Жорж. Во другиот автомобил се возеле југословенскиот министер за надворешни работи Јефтиќ и францускиот министер Пиетри, позади кои што следувала кралската придружба и луѓето што го организирале дочекот. Југословенската кралица Марија поради тоа што страдала од морска болест кон Франција патувала со воз. Пред посетата на југословенскиот крал службата за државна безбедност на Франција добила анонимно писмо, во кое пишувало дека Александар ќе биде убиен во Франција. Шпекулациите за можниот атентат ги подгреале и натписите во париските весници Пари-миди и Пари-соар, кој на денот на посетата пишувале дека врз југословенскиот крал се подготвувал атентат од страна на терористички организации на хрватската емиграција. Меѓутоа поголемиот број од релевантните безбедносни фактори во Франција не ги сфатиле за сериозно овие закани.

Посетата започнала со бавно придвижување на поворката среде толпата, која се создала за да го види високиот гостин од Југославија. Автомобилите се движеле со брзина од околу 4 км на час, наместо со предвидените по протокол, 20 км на час, што се практикувало при возењето на секој владетел. Однесувањето на луѓето во толпата било смирувачко и не постоеле какви било знаци дека може нешто да се случи. Поворката со автомобилите се движела на средината на улицата помеѓу трамвајските шини. Состојбата укажувала на тоа дека критичните моменти и стравувањата за атентат биле неоправдани.

Меѓутоа кога часовникот покажувал 4 и 20 минути попладне и поворката автомобили веќе се наоѓала пред зградата на берзата во градот од толпата луѓе излегол еден човек. Полковникот Пиоле, еден од обезбедувањето на поворката, во тој момент се обидел да го сврти коњот за да се врати и да го заштити автомобилот во кој се наоѓал кралот Александар од таинствениот напаѓач. Меѓутоа напаѓачот бил побрз од него и успеал да се искачи на платформата на кралскиот автомобил и да се најде непосредно пред самиот крал Александар Караѓорѓевиќ. Атентаторот извадил револвер и испукал два куршуми во градите на кралот, кој паднал на седиштето целиот облеан во крв. Следниот истрел го погодил во раката францускиот министер за надворешни работи, Луј Барту. Револверските истрели го исплашиле возачот Фуасак, кој го запрел автомобилот и побегнал, додека генералот Жорж кој седел пред кралот Александар се обидел да го онеспособи атентаторот, но бил погоден со револверски истрели, два во градите и по еден во секоја рака. Потоа врз терористот скокнал и се обидел да го собори полицаецот Гали, но и тој бил застрелан. Полковникот Пиоле успеал да го скроти својот коњ и да го сврти кон атентаторот на кој му задал два удари со сабјата, додека во исто време кон него започнале да пукаат и другите полицајци од обезбедувањето. Во општата пукотница што настанала биле убиени и неколку луѓе од масата што се собрала да го пречека југословенскиот крал. После овие настани се случило панично бегство на толпата луѓе, при што настрадал атентаторот, а било констатирано дека кралот е мртов. Атентатот врз југословенскиот крал бил погубен и за францускиот министер за надворешни работи Луј Барту.

Атентаторот во тешка состојба бил пренесен во болница и околу 8 часот навечер, без да дојде при свест, подлегнал на повредите. При прегледот на личните работи на атентаторот, полицијата во неговите алишта пронашла чехословачки пасош на име Петер Келеман, како и револвери. од марката Маузер и Валтер и бомба. При аутопсијата на неговата десна рака била пронајдена тетоважа со иницијалите на ВМРО, череп, вкрстени коски и паролата Слобода или смрт. Атентаторот бил погребан на 12 октомври на гробиштата во Марсеј и неговиот гроб не бил одбележан. При обдукцијата на телото на атентаторот има веројатност дека бил пронајден куршум за кој се сметало дека веројатно бил истрелан од неговиот соучесник од усташкото движење, Мијо Крал. Тоа било договорено пред извршувањето на атентатот за да не проговори нешто во врска со неговото планирање во случај да биде фатен од страна на француските власти. Смртта кај атентаторот настанала од тој куршум, без да може да ја голтне отровната ампула која ја имал во неговата уста и која исто така ја чувал за да не биде жив фатен по атентатот.

Автоматскиот пиштол Маузер со кој Черноземски го убил кралот
Моментот кога Полковникот Пиоле го расекува Черноземски

Атентаторот на југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ бил Владо Георгиев-Черноземски, кои во круговите на ВМРО, од каде што потекнувал, бил познат под името Владо шоферот. Всушност, вистинското име на терористот не било ни горенаведеното, туку Величко Димитров-Керин. Черноземски бил назначен од страна на раководството на ВМРО да ја изврши оваа тешка задача поради неговата храброст и големиот број на атентати што пред тоа ги имал успешно извршено благодарение на неговата умешност во ракувањето со оружје. Черноземски ја напуштил Бугарија во летото 1932 година, по наредба на ВМРО и местото на неговиот престој не било познато. Веројатно од тогаш започнале и подготовките за извршување на атентатот врз кралот Александар.

Непосредните соработници на терористот на ВМРО во извршувањето на атентатот биле членовите на усташката организација Мијо Крал, Иван Рајиќ и Звонимир Поспишил, додека непосреден раководител на акцијата бил еден од првенците на оваа хрватска оргагавација, Еуген Кватерник. Завршните подготовки за атентатот започнале во Швајцарија кон крајот на септември 1934 година.

Веднаш по атентатот врз југословенскиот крал, истрагата на полицијата била насочена кон откривање на сите усташки терористички организации на териториите на поголем број европски држави, додека вниманието кон испитување на учеството на ВМРО во атентатот, било многу мало или воопшто никакво поради тоа што уште не се знаел вистинскиот идентитет на атентаторот.

Во сите овие настани неоспорна била улогата што ја имала ВМРО. Колку и да не била насочувана истрагата во правец на откривањето на вмешаноста на оваа македонска организација во подготовката на атентатот, фактите зборувале поинаку. Директниот егзекутор потекнувал од нејзините редови, туку и улогата на нејзиниот водач Иван Михајлов останала вешто прикриена, бидејќи острицата по извршениот атентат била насочена кон хрватската усташка организација, која судејќи по се одиграла епизодна улога. Атентатот врз кралот Александар Караѓорѓевиќ претставувал круна на сите убиства што организацијата ВМРО ги вршела во периодот помеѓу двете светски војни.

Историски погледи[уреди | уреди извор]

Во Македонија[уреди | уреди извор]

... ВМРО на Тодор Александров... била обично орудие на бугарската опозиција, и биле поставени две задачи: едната, на внатрешен план да води борба за уривање на владата на Александар Стамболиски и, другата, да организира четнички влегувања во Вардарска Македонија и да гради мрежа на организации за борба против српската власт... Убиството на Тодор Александров и на водечките личности на левицата, како што се, Димо Хаџи Димов, Арсение Јовков итн. во исто време значело и крај на идеологијата на автономистичката ВМРО. Местото на Тодор Александров, со помош на бугарската влада, го зафаќа Иван Михајлов, на местото на автономистичката - доаѓа михајловистичката ВМРО“ [11]
Речиси севкупната фактографија по 1919-1920 година зборува за самостојност на позицијата и за улогата на ВМРО и на Тодор Александров во однос на бугарските влади и на бугарската државна политика... Тодор Александров, како константа и како приоритетна вредност, ја чувал самостојноста и сувереноста на ВМРО во однос на делото: ослободување на Македонија од власта на балканските држави, нејзино обединување и создавање независна македонска држава – која може да биде членка и на евентуална балканска федерација, но која секогаш се визира како еднаков (рамноправен) субјект со другите балкански држави... во сите други документи на ВМРО по 1919 година, потпишани од Тодор Александров, постојано се укажува дека она што треба да се ослободи и обедини се трите делови на Македонија, кои се под власт на Бугарија, Југославија и на Грција; дека власта на бугарската, југословенската и грчката влада е таа што треба да отстапи од тие делови за конечно да се смири целиот регион [11]

Во Република Бугарија[уреди | уреди извор]

Во односите спрема ВМРО, бугарските влади остануваат верни на традиционалната предвоена линија. Официјалното противење против Организацијата има тактички карактер, не е принципиелно и е родено од коњунктурните меѓународни околности. Дури и при земјоделство влада, кога конфликтот е најжесток, не недостасуваат обиди за взаемно разбирање и помирување... Нејзината бугарска национална природа не се доведува ни најмалку под сомнеж. Но заедно со зајакнувањето на бугарската државност и опаѓањето на европското ревизионистично движење, започнаа да се наметнуваат и прашањата за потребата од нагла промена во дејноста на ВМРО, за историската потребност и политичката целесобразност од револуционерните пројави, организирани во пограничниот округ... Реконструкцијата и растот на ВМРО по војната се во голема мера заслуга на Т. Александров. Неговите напори имаат за цел да се претвори револуционерната организација во самостоен политички фактор при решавање на македонското прашање... За разлика од Т. Александров, Ив. Михајлов никогаш не дозволува "признаци на сепаратизам" во Петричко... Ив. Михајлов има фанатична лојалност кон ослободителната кауза на македонските бугари [44]

Во Светот[уреди | уреди извор]

... Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО) била активна во реонот кој се поклопува со денешната Грција, Србија и Бугарија. Иако Македонците не ја доживеале страшната судбина која им се случила на Ерменците за време на првата светска војна... ВМРО никогаш не успеала да дојде до остварување на својата цел независна Македонија и отука се претворила во злосторничка организација на наемнички насилници и политички атентатори [45]
... се што беше направено во 60-70 години (од 20 век б.н), во најголемиот период на палестинскиот тероризам (киднапирање на авиони, атентати итн.) се дирекно наследство на методите воспоставени од ВМРО и македонските терористички организации од крајот на 19 и почетокот на 20 век... во тероризмот многу нешта беа измислени во Македонија... тероризмот не е карактеристика само на минатото на македонскиот народ, тука се усташките организации, потоа српската терористичка организација Црна рака. Ако во мојата книга (Балкански хаос издадена 1991 година б.н) инсистирав на ВМРО, тоа е поради фактот дека тоа што го правеа усташите или припадниците на Црна рака беше класично, немаше новини... ВМРО покажа многу поголема иновација и беше најмодерна. ВМРО донесе многу новини во тероризмот [46]
ВМРО е приказна за сон што се претворил во кошмар, на апсолутна корупција на апсолутна моќ и на опасностите од поканувањето на лисиците да се борат со волкот [47]


Литература[уреди | уреди извор]

  • Зоран Тодоровски „ВМРО 1924-1934“, РОБЗ, Скопје, 1997.
  • Димитар Влахов „Предавниците на македонското дело“.
  • Предавствата и атентатите во македонската историја, Виолета Аковска и Никола Жежов, Скопје, 2004 год
  • Др. Манол Пандевски, Предговор кон Мемоари огледи статии на Анастас Митрев, Скопје 1974
  • Зоран Тодоровски, ВМРО 1924 - 1934, Скопје, 1997
  • Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава, том два, Униврзитет Кирил и Методиј - Факултет за философско - историски науки, Скопје, 1981
  • Brus Hofman, Unutrasni terorizam, Narodna knjiga, Alfa, 2000
  • Васил Василев, Последният опит за споразумение между правителството на БЗНС и ВМРО през 1923 Г. "Македонски преглед", год.ХIV, кн.З, Софија, 1991
  • Алберт Лондр, Комитаџии, Тероризмот на Балканот, Скопје, Култура, 1996
  • Националноосвободителната борба в Македония, 1919 - 1941 г.“, Колектив, Македонския Научен Институт, София, 2002 г
  • Тюлеков, Димитър. „ВМРО в Пиринско 1919-1934“, Унив. Изд. “Неофит Рилски”, Благоевград, 2001.
  • Силянов, Христо. „Освободителните борби на Македония“, том II, София, 1943.
  • Hrvoje Matković POVIJEST NEZAVISNE DRŽAVE HRVATSKE Drugo, dopunjeno izdanje Zagreb, 2002.

Извори[уреди | уреди извор]

  1. Мајски манифест, 15 мај 1924, Виена, Австрија
  2. Платформна декларација за обединувањето на македонското револуционерно движење
  3. 3,0 3,1 Мајски манифест
  4. Зоран Тодоровски, ВМРО 1924-1934, Скопје, 1997.
  5. 5,00 5,01 5,02 5,03 5,04 5,05 5,06 5,07 5,08 5,09 5,10 5,11 5,12 5,13 Алберт Лондр, Комитаџии, Тероризмот на Балканот, Скопје, Култура, 1996
  6. 6,00 6,01 6,02 6,03 6,04 6,05 6,06 6,07 6,08 6,09 6,10 6,11 6,12 6,13 6,14 6,15 6,16 6,17 6,18 6,19 6,20 6,21 6,22 6,23 6,24 6,25 6,26 6,27 6,28 6,29 6,30 6,31 6,32 6,33 6,34 6,35 6,36 6,37 6,38 6,39 6,40 6,41 6,42 6,43 6,44 6,45 Предавствата и атентатите во македонската историја, Виолета Аковска и Никола Жежов, Скопје, 2004 год
  7. Др. Манол Пандевски, Предговор кон Мемоари огледи статии на Анастас Митрев, Скопје 1974
  8. Иванов, И., Български бойни знамена и флагове, София, 1998, Издателство на министерството на отбраната „Св. Георги Победоносец“, с. 77-78
  9. Протокол на ЦК на ВМРО за востановување на дејноста по Првата светска војна
  10. „Националноосвободителната борба в Македония, 1919 - 1941 г.“, Колектив, Македонския Научен Институт, София, 2002.
  11. 11,0 11,1 11,2 Контроверзиите и вистините за Тодор Александров (1) Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „AIK“ е зададен повеќепати со различна содржина. Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „AIK“ е зададен повеќепати со различна содржина.
  12. Тюлеков, Димитър. „ВМРО в Пиринско 1919-1934“, Унив. Изд. “Неофит Рилски”, Благоевград, 2001.
  13. Националноосвободителната борба в Македония, 1919 - 1941 г.“, Колектив, Македонския Научен Институт, София, 2002 г., стр.164
  14. во унгарскиот Весник, Еко Де Данјуб
  15. Протокол на ЦК на ВМРО за востановување на дејноста по Првата светска војна
  16. „Националноосвободителната борба в Македония, 1919 - 1941 г.“, Колектив, Македонския Научен Институт, София, 2002, стр.96
  17. Огнянов, Михаил. Македония – преживяна съдба, С. 2003 (2 издание), с. 143 – 144.
  18. Националноосвободителната борба в Македония, 1919 - 1941 г.“, Колектив, Македонския Научен Институт, София, 2002 г., стр.102
  19. Националноосвободителната борба в Македония, 1919 - 1941 г.“, Колектив, Македонския Научен Институт, София, 2002 г., стр.140
  20. БОРБАТА ЗА КОНТРОЛ НАД ОСВОБОДИТЕЛНОТО ДВИЖЕНИЕ НА МАКЕДОНСКИТЕ БЪЛГАРИ)
  21. 29. Убийството на Никола Генадиев
  22. Писмо до министерот за внатрешни работи А. Димитров
  23. Дончо Даскалов, Политически убииства...цит., стр.69
  24. 24,0 24,1 Васил Василев, Последният опит за споразумение между правителството на БЗНС и ВМРО през 1923 Г. "Македонски преглед", год.ХIV, кн.З, Софија, 1991,46.
  25. Дончо Даскалов, Политически убийства...цит., 76.
  26. Г. Марков, Камбаните бият сами..., 24.
  27. Убиецътъ на Александъръ Стамболийски..., 47.
  28. 19. Убийството на Райко Даскалов
  29. Трите дела Прага-Таборъ-Виена-Милано, Страници отъ борбата на Македония (По стенограми, отчети, коментари на вестниците и документи на ВМРО), София, 1927,17.
  30. Убиството на Тодор Александров
  31. Македонија Швајцарија на Балканот
  32. Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава, том два, Униврзитет Кирил и Методиј - Факултет за философско - историски науки, Скопје, 1981
  33. Петар Шанданов, Спомени...цит., 149/150.
  34. Петар Шанданов, цит.дело, 152-155.
  35. Карактер и цели на ВМРО
  36. Националноосвободителната борба в Македония, 1919 - 1941 г.“, Колектив, Македонския Научен Институт, София, 2002 г., стр.141
  37. Спомени на Георги Поп Христов [1]
  38. Националноосвободителната борба в Македония, 1919 - 1941 г.“, Колектив, Македонския Научен Институт, София, 2002 г., стр.167-168
  39. Националноосвободителната борба в Македония, 1919 - 1941 г.“, Колектив, Македонския Научен Институт, София, 2002 г., стр.164
  40. „Националноосвободителната борба в Македония, 1919 - 1941 г.“, Колектив, Македонския Научен Институт, София, 2002 г., стр.164
  41. Тюлеков, Димитър. „ВМРО в Пиринско 1919-1934“, Унив. Изд. “Неофит Рилски”, Благоевград, 2001.
  42. 42,0 42,1 Hrvoje Matković POVIJEST NEZAVISNE DRŽAVE HRVATSKE Drugo, dopunjeno izdanje Zagreb, 2002.
  43. Петьр Япов,Пьтуване из дневниците на митрополит Андрей,глава на задграничната Бьлгарска православна цьрква,Ню Юрк,1937-1972,Марскилският атентат с участието на Ванчо Михайлов и ВМРО 9 октомври
  44. ОБРЕЧЕНО РОДОЛЮБИЕ ВМРО В ПИРИНСКО 1919-1934 Димитър Тюлеков (Унив. Изд. “Неофит Рилски”, Благоевград, 2001)
  45. Brus Hofman, Unutrasni terorizam, Narodna knjiga, Alfa, 2000
  46. Ксавие Рофер, експерт за тероризам и криминал, Запалениот фитил не стигна до Бурето Барут, Ексклузивно интервју за списанието Пулс, мај, 1999, Париз
  47. Terrorists And Freedom Fighters 2nd EDITION, Sam Vaknin, Ph.D. A Narcissus Publications Imprint, Skopje 2004 First published by Central Europe Review

Белешки[уреди | уреди извор]

  1. Последното нормативно-правно име на Македонската револуционерна организија било ВМОРО, меѓутоа во новата програма Одринско повеќе не влегувало

Надворешни врски[уреди | уреди извор]



Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Статијата „Внатрешна македонска револуционерна организација (Автономистичка)“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).