Мајски манифест

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Мајски манифест

Мајскиот манифест од 1924 година бил манифест на Внатрешната македонска револуционерна организација со нова политичка програма за единство во дејствувањето на македонското ослободително движење. Бил составен по долги преговори на претставниците на ВМРО, Коминтерната и Македонската федеративна организација, потпишан во Виена на 6 мај 1924 година од членовите на Централниот комитет на ВМРО - Александар Протогеров, Петар Чаулев и Тодор Александров.

Со Манифестот кон македонскиот народ и македонската емиграција раководството го запознавало и јавното мислење на Балканот за претстојната борба на Организацијата за ослободување и за обединување на раскинатите делови на Македонија. Апелирало до сите револуционерни сили да се обединат за создавање единствен македонски револуционерен фронт што ќе работи и за единствен балкански револуционерен фронт.[1]

Мајскиот манифест претставувал пресвртница и нова страница во борбата на ВМРО за создавање на обединета и независна македонска држава. Манифестот во својот текст внел сосема нови формулации по однос на решавањето на македонското прашање.

Во документот, македонскиот народ се третира како самостоен народ на Балканот без секакви дилеми и теориски конфузии за неговата самобитност и врз основа на тоа се изведени правото и целите на борбата.[2]

Позадина[уреди | уреди извор]

Димитар Влахов
Тодор Александров

Манифестот произлегол од политиката на ВМРО, односно на Тодор Александров, за успешно завршување на револуционерната борба и остварувањето на замислени цели, како и од заинтересираноста на Коминтерната и Советскиот Сојуз за привлекување на македонското револуционерно движење кон меѓународното комунистичко движење и нивно заедничко делување.

ВМРО и Тодор Александров во периодот помеѓу 1919 - 1923 година, и покрај соработката со бугарските воени кругови, оставиле впечаток кај Македонците во сите делови на Македонија дека тие навистина стоеле на позициите на независност и автономност. Во овој период ВМРО, со мали исклучоци, не се мешала во внатрешниот политички живот на Бугарија, меѓутоа Организацијата имала затегнати односи со земјоделската влада на Александар Стамболиски поради неговите обиди за зближување помеѓу Бугарија и Кралството на СХС. И покрај соработката со бугарските воено-политички кругови, Александров во 1922 година објавил дека ВМРО: не е против комунизмот бидејќи националната револуција не ја исклучува социјалната. Со оваа политика Александров си го отворил патот кон сите делови на Македонија и оставил простор за соработка со комунистичкото движење.

На 24 септември 1922 година во Горна Џумаја, КПБ организирала свој собир на кој таа истапила со политика за признавање и поткрепување на стремежите на македонскиот народ за самоопределеување, слобода и независност. По овој собир во Петрич биле водени разговори помеѓу Димо Хаџи Димов, како преставник на КПБ и Тодор Александров, како претставник на ВМРО. Тогаш за првпат биле воспоставени пријателски односи меѓу двете страни.

Меѓутоа се до убиството на Александар Стамболиски, разговорите помеѓу двете страни не забележале позначајни резултати, а Александров водел тактичка игра. Учеството на ВМРО во државниот преврат ја разнишал положбата на Александров и настапил процес на разочарување што водел кон ерозија на авторитетот на Тодор Александров сред македонскиот народ и револуционерно движење. Оттука Александров сметал дека само преку разговори со комунистите, односно меѓународносто комунистичко движење и соработката со него, ќе ја спаси Организацијата од распаѓање, а и себеси како фактор.

По 9-то јунскиот преврат ВМРО и КПБ започнале разговори за конкретна соработка, а двете страни биле длабоко мотивирани за договор. КПБ се подготвувала за востание против Александар Цанков, а БКП пред почетокот на востанието се обидела да ја привлече на своја страна и ВМРО или ако тоа е невозможно, барем да ја неутрализира. Александров во соработката со комунистите гледал шанса, од една страна, за повторно зацврстување на своите позиции, дотолку повеќе што Коминтерната и БКП му го признавале правото на легитимен претставник на македонското револуционерно движење, од друга страна за притисок врз владата на Александар Цанков за добивање на позиците во Бугарија за кои мислел дека му припаѓаат со активното учество во соборувањето на Стамболиски. Меѓутоа можно е Александров преку Коминтерната да се обидувал да изнајде нов сојузник од кој би добил значајни финансиски средства и оружје и на тој начин би се ослободил од зависноста на бугарските кругови.

Преговори[уреди | уреди извор]

Уште во август 1923 година Михаил Монев, зет на Александров и Димитар Влахов ја посетиле Москва. Во декември Александар Протогеров ја потпишал декларација за соработка со СССР.

Во почетокот на 1924 година во Виена започнале нови тајни разговори помеѓу ЦК на ВМРО, федералистите и претставници на советската влада. Таму македонската делегација се согласила македонската парламентарна група од Пиринскиот крај да настапи како опозиција против владата на Цанков. Била птпишана и декларација за обединување со федералистите. По тој повод ЦК на ВМРО доделува официјален протест до премиерот Александар Цанков, во врска со преземените во март, под притисок на Југославија, апсења на околу 500 дејци на Илинденската организација и на Сојузот на македонските братство.

Јазот помеѓу владата на Цанков и ВМРО довеле до забрзување на преговорите помеѓу Организацијата и претставниците Коминтерната и МФО во Виена. На 9 април 1924 година е потпишана заедничка декларација во која се утврдени основите на идната соработка помеѓу ВМРО, федералистите и советската влада во борбата за ослободување на Македонија и формирање на Балканска федерација.

Потпишување[уреди | уреди извор]

Петар Чаулев
Александар Протогеров

Како резултат на овие активности на 9 април 1924 година во Виена претставниците на ВМРО Петар Чаулев и Александар Протогеров, на СССР и Коминтерната Соломон Голдштајн (Черски), на БКП Никола Харлаков и Филип Атанасов од Македонската федеративна организација потпишаа декларација за соработка.

На 29 април 1924 година тројцата претставници на ЦК на ВМРО, кои се собрале во Виена ја потпишале "Платформната декларација за обединувањето на македонското револуционерно движење". На 30 април ЦК на ВМРО и ЦК на МФО потпишуваат и протокол за обединување на македонското револуционерно движење. Во него се изјавува дека двете организации се помируваат и се ориентираат кон создавање на единствен балкански фронт во соработка со Балканската комунистичка федерација и СССР. Протоколот предвидува обединување на двете организации да стане на заеднички конгрес, свикан според статутот и Правилникот на ВМРО.

Во таа смисла Организацијата ветила дека ќе ги прекине сите врски со бугарската влада и најавила дека ќе води борба против неговата политика. Овие неколку документи создадени од двете организации со активното посредство на советските претставници не биле предвидени за објавување.

Поради тоа ЦК на ВМРО решава да објави Манифест преку кој требало да се престават принципите за помирување. Тодор Александров отпатувал од Виена за Лондон, но во присуство на Димитар Влахов ги овластил останатите двајца членови на ЦК да го потпишат во негово име манифестот.

Прелиминарните текст на манифестот, сепак, е разгледан и одобрен од тројцата членови на ЦК на организацијата уште пред заминувањето на Тодор Александров. Александров го овластил тимот за преговори, но "без да брзаат да потпишуваат". Александар Протогеров и Петар Чаулев како редовни членови го потпишале документот на 6 мај 1924 година, а со полномошно од името на Александров го потпишале и него.

Објавување[уреди | уреди извор]

Меѓутоа Александров и Протогеров почнале да се колебаат дали да се објави манифестот и ги повикале Димитар Влахов и Петар Чаулев да се вратат во Бугарија и да ги прекинат врските со федералистите и комунистите, а паралелно ги известиле членовите на ВМРО за тајните преговори. На 18 јули 1924 година во весникот Балканска федерација е објавен мајскиот манифест, меѓутоа Александров и Протогеров со окружното № 774 официјално признале дека воделе преговори со федералистите и комунистите, но негирале дека некогаш се потпишале на манифестот.

Исход[уреди | уреди извор]

Иако по објавувањето на Манифестот во весникот „Балканска федерација“, исплашен за својот живот, Тодор Александров го прогласил него за комунистичка измислица, фактот што дал согласност за неговото потпишување е извонредно значаен. Тоа покажува дека на Александров му било јасно дека ВМРО може да опстане на политичката сцена во македонското националноослободително движење само доколку нејзините цели кореспондираат со изворните стремежи на македонскиот народ.

Тодор Александров го платил својот потпис на Мајскиот манифест со својот живот. И не само тој. Неговото убиство било прикажано како дело на комунистите, а тоа неговиот наследник на челото на ВМРО, Иван Михајлов, во договор со националистичките кругови во Бугарија, го искористил за масакрирање на идејните членови на левицата во пиринскиот дел на Македонија и пошироко во Бугарија. Со погромот што го извршил врз левицата во македонското националноослободително движење, Иван Михајлов му нанел тежок удар на процесот на обединувањето на силите на ова движење не само во редовите на емиграцијата во Бугарија туку и пошироко во Македонија.

Анализа[уреди | уреди извор]

Манифестот бил преломен граничник во развојот на македонската национална и политичка мисла. За првпат во овој документ македонското национално ослободително движење, вообличено во ВМРО на Тодор Александров, прецизно ги формулирало национално-политичките цели на македонскиот народ чијашто основа била изградувањето на Македонија како самостојна, независна држава на македонскиот народ и другите етникуми што живеат во Македонија.

За прв пат во еден документ на македонското национално ослободително движење е глобално одредена територијата на Македониоја на која врз основа на етничките, економските и географските услови, македонското револуционерно движење полагало право за изградба на македонската држава. Правото на македонска држава на одредена територија од Балканот не било заосновано врз основа на историско право на државна традиција, туку врз основа на отпорот на македонскиот народ против денационализаторската политика на државите што ја владееле Македонија, врз основа на револуционерната борба и бројните востанија, учеството на Македонците во ослободителните борби што ги воделе балканските народи за своето солободување, врз основа на пролеаната крв, стекнатото горчливо искуство на отпорите, борбите, револуциите, аспирациите и поделбите, на традицијата и свеста изградена во нив за единството на македонскиот народ [3].

За националистичката политика на соседните балкански држави и нивниот однос кон Македонија и борбата на македонскиот народ за самостојност и независност во манифестот било јасно истакнато дека:

Ниедна од владите на балканските држави не мисли за ослободувањето и обединувањето па раскинатите делови на Македонија; ниедна од нив не мисли и не дејствува за самоопределувањето на македонскиот народ во самостојна политичка единица; ниедна од нив не сака на поробените Македонци да им ги даде правата предвидени во договорите кои им го осигуруваат културниот развиток како национални малцинства. Поради тоа, ВМРО е принудена да изјави дека политиката на сите сегашни балкански влади е непријателска за слободното и самостојно палитичко постоење на Македонија и дека таа најрешително и со сите средстаа на револуционерната борба ќе се бори против нивната завојувачка политика спрема Македонија и македонскиот народ.[3]

Со Манифестот била дефинирана една нова суштинска национална и политичка платформа за ослободување и обединување на Македонија во една независна и самостојна политичка единица во нејзините природни, географски и етнографски граници.[3] Во овој документ биле набележани и конкретните задачи за обединувањето на македонското револуционерно движење, задачите на револуционерното движење оделно за секој дел од Македонија, изградбата на единствениот македонски фронт и балканскиот револуционерен фронт.

При конкретизацијата на задачите на револуционерното движење во Вардарска Македонија меѓу другото било истакнато дека ВМРО во Југославија се обврзува да застане на страната на сите угнетени народности, што ќе се борат против белградските влади - за демократска децентрализација и федеративна реорганизација на Југославија.[3] Ова значело отварање на нови преспективи за решавање на македонскиот проблем во рамките на една подруга, на демократски изградена, Југославија.

Во Манифестот било јасно и прецизно дефинирани национално-политичките интереси на македонскиот народ на Балканот и поврзување на македонското револуционерно движење со комунистичкото и другите движења. Тоа е израз на една нова свест која во иднина станала основа на борбата на македонскиот народ и основен услов за соработка со другите поробени народи.[3]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Димитар Влахов, „Предавниците на македонското дело“, Култура, Скопје, 1983.
  2. Иван Катарџиев, „По врвците на македонската историја“, Култура, Скопје, 1986.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Мајски манифест

Види исто така[уреди | уреди извор]