Атентат врз Ѓорче Петров

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Атентатот врз Ѓорче Петров бил извршен на 28 јуни 1921 година на улицата „Тробарска“ во Софија. Убиството било спроведено од страна на Турчинот Реџеп, член на ВМРО.

На денот на убиството, Ѓорче Петров по излегувањето од работа свратил во кафеаната на Иван Бандев, која се наоѓала на улицата Егзарх Јосиф во Софија. Таму тој пиел ракија со Петар Чаулев, член на ЦК на ВМРО. Реџеп влегол во кафеаната и останал да пие пиво. Откако Ѓорче Петров ја напуштил кафеаната околу 7 и 30 часот, тргнал дома, при што терористот го следел и пред портата на неговата куќа, го убил. Се претпоставува дека Тодор Александров, лично го повикал кај себе терористот Реџеп и му наложил да го убие Ѓорче Петров, на што атентаторот се согласил.[1]

Предисторија[уреди | уреди извор]

Ѓорче Петров

По завршувањето на Првата светска војна, атентаторското дејствување во македонското револуционерно движење почнало најмногу да се практикува во директните пресметки помеѓу разните македонски организации, струи и фракции и во борбата што се водела за престиж во позициите на македонското национално ослободително движење.

На таквиот начин на дејствување најдобро се приспособила организацијата ВМРО, која подготвила голем број атентати врз припадници од македонското револуционерно движење, без разлика на нивната идеолошко-политичка ориентација и со терористичките методи на дејствување отворила нова страница во историјата на македонското националноослободително движење, со што одиграла клучно место во периодот меѓу двете светски војни.

Причини[уреди | уреди извор]

Зад атентатот на Ѓорче Петров веројатно стоела ВМРО на Тодор Александров, иако последниот тоа го одрекувал, а мотивите биле личната нетрпеливост меѓу двајцата, како и разликите што помеѓу нив постоеле во однос на начините и методите на борба и патиштата за решавање на македонското прашање.

Реакции[уреди | уреди извор]

Атентатот врз Ѓорче Петров предизвикал големи реакции среде бугарското општествено мислење, како и кај македонската емиграција. По повод неговото убиство реагирале голем број на македонски емигрантски организации, меѓу кој бил и Националниот комитет на македонските братства, кој за убиството коментирал и на страниците на својот печатен орган Македонија, каде со пиетет се пишувало за овој македонски револуционер и за неговата ненадоместлива загуба.

Националниот комитет ги надоместил и трошоците за погребот на Ѓорче Петров, додека братствата, од своја страна, издале голем број на некролози со кои ја повикувале македонската емиграција масовно да присуствува на погребот. Во траурната погребна поворка присуствувала речиси целата македонска емиграција од Софија, а последна почит на македонскиот револуционер и деец дошле да му изразат и многубројни емигрантски делегации и од внатрешноста на Бугарија.

На погребот биле присутни и голем број пријатели на Ѓорче Петров од редовите на бугарскиот општествено-политички и јавен живот. Пред неговиот гроб биле одржани голем број на емотивни говори во кои се величело делото на овој македонски револуционер и се осудувал чинот на неговото убиство [белешка 1].

Во медиуми[уреди | уреди извор]

На оваа тема 1965 г. снимен е филмот Денови на искушение во режија на Бранко Гапо.

Извори[уреди | уреди извор]

  1. Виолета Аковска и Никола Жежов „Предавствата и атентатите во македонската историја“, Скопје, 2004.

Белешки[уреди | уреди извор]

  1. Карактеристичен момент претставувал говорот што пред неговиот гроб го одржал неговиот идеен противник Јордан Чкатров, кој исто така ја потенцирал големината на делото на покојниот Ѓорче Петров и ги проколнувал неговите физички убијци, а за да биде парадоксот уште поголем, зад него, во тие моменти на неговиот емотивен говор, стоел никој друг, туку лично самиот Иван Михајлов, кој во тоа време заедно со Чкатров биле пунктови началници на ВМРО.